Грчките медиуми се поларизирани. Во зависност од тоа какви се нивните врски со „власта“, тие избираат нецелосно да известуваат или воопшто да не известуваат за некое прашање. Секој кој живее во Грција или се занимава со грчките актуелни случувања лесно може да воочи две реалности т.е. два паралелни универзуми кои постјат во земјата.
Откривањето на скандалот со прислушувањето, познат и како Предаторска порта или грчки Вотергејт, беше иницирано од независните грчки медиуми како што се „Inside Story“, „Reporters United“ и про-СИРИЗА (главна опозиција во Грција, инаку левичарска партија) медиумите како што се „Efimerida ton Syntakton“ и „Documento“. Овие медиуми долги месеци се обидуваа да го истакнат проблемот така што постојано известуваа за истиот. Сепак, ова не го претставува целиот дневен печат во Грција.
Другите медиуми, особено оние блиски до власта, известуваа недоволно или целосно избегнуваа да пишуваат/кажат било што. Ова имаше директно влијание врз начинот на кој читателите т.е. грчката јавност генерално, ја согледуваа важноста на темата. Голем број грчки граѓани, меѓу нив дури и новинари, земаа здраво за готово дека биле/се под надзор и дека тоа е нешто што се случува и дека се правело/го прават сите влади.
Предатор гејт
Скандалот со прислушувањето, кој беше главна тема во грчките медиуми од пролетта 2022 година, се однесува на употреба на нелегален предаторски софтвер од страна на грчките тајни служби (EYP) со цел следење или обиди за следење новинари, политичари, воени лица, деловни луѓе, лица од правосудството и носители на државни функции.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, по победата на неговата конзервативна партија Нова Демократија во 2019 година, ја стави EYP под негов директен надзор и под надлежност на неговиот внук и генерален секретар Григорис Димитријадис.
Танасис Кукакис, новинар во Си-Ен-Ен Грција кој покрива финансиски прашања и е дописник на странски медиуми како што се CNBC и The Financial Times, е првата потврдена жртва на овој скандал. Кукакис известувал за контроверзните измени во Кривичниот законик на Грција иницирани од Владата, а поврзано со законодавството за спречување на перење пари и кое ги регулира даночните прашања. Тој бил следен од грчките тајни служби поради „национална безбедност“, но и преку предатор, кој незаконски му бил инсталиран на мобилниот телефон, откако прво кликнал на несоодветен линк што му бил испратен.
Во интервју за Балкан Инсајт, Кукаис посочи дека „прашањата кои треба да се постават се: колку има други новинари како мене? Колку има други политичари како мене? Не сме само јас и Андрулакис“.
По откритијата на Кукакис во април 2022 година, Никос Андрулакис, лидерот на третата по големина партија во грчкиот парламент ПАСОК и европратеник, е втората речиси потврдена „жртва“ на предатор. Во јули 2022 година тој објави дека добил СМС порака со линк на неговиот мобилен телефон на кој никогаш не кликнал.
Дури тогаш мејнстрим медиумите во Грција почнале да известуваат за скандалот.
На почетокот на август 2020 година, по големиот притисок, оставка поднесоа внукот на Мицотакис, Димитријадис, како и шефот на EYP Панајотис Контолеон.
Во телевизиска порака во врска со следењето на Андрулакис, Мицотакис рече дека не знае ништо за тоа: „Она што беше направено можеби беше во согласност со словото на законот, но беше погрешно. Не бев свесен за тоа и, очигледно, никогаш не би дозволил такво нешто!“.
До ден денес, истрагата за овој случај не е затворена а не е покренато ни обвинение.
Медиумите во Грција: паралелни светови
Странските медиуми како што е Балкан Инсајт, меѓународните организации кои ја бранат слободата на печатот, како и надлежното тело на ЕУ [PEGA Комитет формиран за да истражуваат наводни прекршувања или злоупотреби на примената на правото на ЕУ во врска со употребата на Pegasus и еквивалентен софтвер за шпионски надзор] преку континуирани извештаи и истраги, имаа важна улога во изнесувањето на површина на скандалот со прислушување во Грција.
Предатор гејт стана „популарна“ тема на грчките мејнстрим медиуми дури откако Андрулакис објави дека имало обид да биде следен.
Алексис Папакелас, актуелен извршен уредник на грчкиот весник „Катимерини“ на 22 октомври призна дека грчките медиуми и „Катимерини“ биле „бавни“ во истражувањето на скандалот. Сепак, тој додаде дека, откако се вклучи и неговиот весник, „покривањето не е нецелосно“.
Ова не е прв пат за некој проблем недоволно да се известува или воопшто да не се известува од страна на грчките медиуми. Секој кој живее во Грција или се занимава со грчките актуелни работи лесно може да воочи дека во земјата има две реалности т.е. два паралелни универзуми. Од една страна е наративот на власта, а од другата страна се „независните“ и медиумите кои ѝ се спротивставени на владата.
Но, дали е ова новинарство? Читателите, врз основа на своите политички убедувања, ќе изберат да бидат информирани од медиумите што ги застапуваат нивните ставови. Но, дали е ова вистинска информација?
Грчкиот дневен печат е длабоко поделен, исто како и новинарскиот свет – не самите новинари туку и новинарството. Новинарите, во зависност од медиумите со кои работат, знаат за што треба или за што не треба да пишуваат или, конкретно, да се самоцензурираат или не. Во моментов, темите не се забрануваат или, како што ние велиме во грчкиот новинарски сленг, „се ставаат во фрижидер“ од страна на извршните директори, туку од самите новинари. Сè додека оваа поделба продолжува да биде присутна во грчките медиуми, така ќе биде поделено и грчкото општество.
Додека го пишуваме овој текст, новинарската истрага за скандалот со прислушувањето продолжува.
*Елени Стаматуку е новинарка позната по нејзината работа на различни теми, вклучително и миграцијата, политиките за гранична контрола и актуелните настани. Таа има пишувано за публикации како Балкан Инсајт и Соломон, на широк спектар на теми, вклучувајќи прашања поврзани со безбедноста, надзорот, сајбер безбедноста и меѓународните односи.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.