Пишува: Лицето X
Да си трансродово лице во Северна Македонија значи дека за тебе нема заштита. Нема ресурси со кои можеш да научиш да се снаоѓаш во институционалните лавиринти. Нема услови за социјална и/или медицинска транзиција. Се соочуваш со милион пречки, а само сакаш другите да те видат во вистинско светло.
Да си трансродово лице во Северна Македонија значи дека не се зборува за твоите потреби, квалитетот на твојот живот, твојата среќа и успех. Се зборува за тебе со фокус на најдлабоката интима, како се облекуваш, дали се шминкаш, како имаш стигнато од точка А до точка Б, се разбира, со сочни хируршки детали и слики пред/потоа. Не се зборува за тоа колку и кого имаш изгубено, дали имаш каде да живееш, и дека системот те кочи и притиска од сите страни.
Да си транс, значи дека или ќе молчиш и нема да загубиш ништо освен најскапоцените работи – мирот и здравјето, или ќе застанеш цврсто, ќе кажеш кој си и ќе загубиш многу, вклучително и мирот и здравјето. Нив ги губиш што и да одлучиш. Меѓутоа, со тоа што ќе застанеш во своја одбрана, даваш јасна порака дека ќе се бориш.
На тој трнлив пат ќе ги загубиш лажните пријатели, ќе ги задржиш вистинските и ќе најдеш нови. Ќе загубиш години, но ќе стекнеш издржливост. Ќе научиш дека здравјето е кревка работа, но дека е далеку посилно отколку што мислиш. И ќе научиш дека речиси никогаш не треба да прифатиш „не“ за одговор. Ова последново е поврзано со сè останато-тука е просторот во кој твоето лично позитивно влијание може да се шири.
Кога во 2011 првпат го поднесов барањето за промена на име, не бев упатен во институционалните процеси. Бев студент, и имав лош адвокат. Не би рекол дека посакувам да знаев што ме чека, за да си го олеснам патот, затоа што токму процесов, пристапот до моето парче правда во сивилото е она што помогна денес да сум оваа верзија од себе.
Името помина лесно. Следеше авантурата за ознаката за пол и матичниот број. Институциите даваа нелогични и контрадикторни образложенија. Јасно беше: штом за нас тука нема правда, ќе мораме да ја изградиме. Се создаде цело движење. Станавме похрабри и поупатени, а и нашите гледишта кон родот се проширија и доослободија. Битката беше сурово долга. Институциите, водени од трансфобијата, избегнувајќи одговорност, беа решени да одолговлекуваат до крај. Заборавија дека не можат да направат да престанеме да постоиме како заедница; дека надвор од нивното тесно гледиште, постои правен систем и повисоки институции; и дека нивната тврдоглавост секогаш значи наша упорност. Никого нема да натераат да се откаже доколку даваат негативни решенија. Само нè мотивираат уште повеќе.
Не можам да зборувам за емоциите на другите, меѓутоа мене ме држеше инает. Знаев дека успех пред Европскиот суд ќе донесе придобивки за сите. Решив да бидам упорен до крај – ниту една пречка, никакво спогодување, ништо нема да ме натера да отстапам. Денот кога ја добивме пресудата беше уникатен и емотивно турбулентен. Реакции од пријатели, статии во медиумите, се’ и сешто. Пресудата јасно констатираше кои се повредите и дека има потреба од законска регулатива, што е одлично. Меѓутоа, пресудата се потпира на идни процеси во нашиве институции, а со тоа на совеста на административците и законодавците. Уште од првиот момент знаев дека процесот уште ќе се тегне. До денот кога го добив решението поминаа речиси две години, односно над 9 години од почетокот на постапката. Управата за водење на матичните книги остана на своето, покажувајќи директно непочитување кон Европскиот суд. Арогантноста со која својот личен став, кој не се базира на закон, го ставија над мислењето на Европскиот суд е ужасна. Но, како што кажав, од секоја нивна негативна постапка, ние вадиме уште повеќе мотивација.
Го добив новиот извод, и оттука процесот течеше нормално. Навистина можеше ова да се случи уште во 2011. Ни тогаш, ни сега немаше да има никаков ефект врз животите на другите граѓани. Но сепак, во јавноста има толку многу омраза и презир, како ние да навлегуваме во нивната интима, а не тие во нашата, а не тие врз нашето достоинство, а не тие повикувајќи на наше исчезнување од лицето на Земјата.
Сега сме октомври 2022. Во процесот на ажурирање со новиот ЕМБГ, некои институции навистина го отежнаа процесот, и покрај тоа што немаа ниту еден аргумент туку само молчеа. Но бев упорен, па еве, деновиве конечно успеав да ги исчистам и последните трошки. Можеби делува олеснително, но ова е само почеток на една следна фаза.
Пресудата нема да биде целосно спроведена сè додека не се донесе соодветна законска рамка. Ова е само еден дел од тоа што ни треба нам, како луѓе, како граѓани на ова општество, кое тврдоглаво ни го наметнува проблемов иако очигледно не мора. Фактот што сепак и покрај толку противење на крајот промената ми беше одобрена пред да се донесат законски измени е доказ дека може. Ми беше одобрено и сега имам нормален живот. Значи дека може! И како што успеав јас, ќе успеат сите. Нема никаква причина да си ги трошиме годините на шалтер, а државата да да губи други случаи и да плаќа отштети и повторно и повторно да се срами на меѓународно ниво. Дали веднаш, дали по влезот во ЕУ, законската рамка ќе мора да се донесе.
А додека чекаме, додека си поминуваат годините, приморани сме да се снаоѓаме. Имаме проблем со документите каде и да отидеме, одвај наоѓаме живеалиште, работиме што ќе стигнеме ако не нè одбијат целосно поради документите, а на лекар не одиме затоа што сме мета на потсмев. Пред неколку години преживеав сериозен, животнозагрозувачки здравствен проблем поради недостигот од соодветни медицински процедури кај нас. Така што, да сумирам, без средени документи, живееме во катастрофални материјални и здравствени услови. Останува прашањето зошто државата нè остава во таква ужасна ситуација, меѓутоа очекува да ги плаќаме даноците и сметките и да не бараме ништо? Нели државата е само алатка за подобрување на животот на луѓето? Зошто да морам да се борам за документи усогласени со мојот идентитет, кога сите останати граѓани веќе ги имаат?
Силата која ја стекнував постепено сите овие години ја делам безрезервно, особено на луѓе од заедницата, а тие се веќе неверојатно силни и издржливи сами по себе. Затоа сум сигурен дека ќе успеат, дури и со милион сопки по патот. Се сеќавам дека кога првпат го поднесов барањето во 2011, службеничката рече, цитирам, „Што ќе ти еадвокат? Не ти треба адвокат. Нема проблем“ за потоа нејзиниот потпис да стои на неколку негативни решенија по ред. Денес нема простор некој неупатен службеник да каже нешто надвор од етичкото и законското и тоа да помине само така. Заедницата е добро поврзана и си дава меѓусебна поддршка.
Адвокатката Наташа Бошкова, благодарение на која беше направен целиот овој напредок, и натаму неуморно работи за оваа кауза. Никогаш нема да успеам во целост да изразам колку сум ѝ благодарен. Со ваква нераскинлива обединетост и упорност која ја црпиме едни од други, можам да гарантирам дека ќе продолжиме да туркаме напред. Законските измени неизбежно ќе се донесат, и медицински услови во нив не смее да има. Предлог-законот кој владата го повлече беше целосно во согласност и со пресудата, и со Уставот, и со почитувањето на идентитетот, добро спакувани во едноставна постапка. Никогаш нема да престанам да бидам револтиран од тој чекор, ниту од останатите недостоинствени постапки кои заедницата ги претрпе сите овие години. Остануваме со крената глава, како што и секој граѓанин има должност кон себе да застане пред остатокот од светот.
Колку и да се преработуваат предложените измени, доколку не се испочитуваат горенаведените сегменти, прашањето ќе остане отворено, реакции ќе има од секаде, и нема да застанеме. Не смее да се наметнуваат медицински услови, и нашето достоинство и идентитет мора да се испочитуваат. Зборуваме за нашите животи, а за тоа компромис не смее да има.
*Колумната е напишата од трансродовото лице Х. кое го доби случајот против Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права. Пресудата наложи на земјава да се променат податоците во документите за лична идентификација на апликантот и да се донесе административна постапка за правно признавање на родот со цел заштита на човековите права на трансродовите луѓе.