Текстот е одговор на блогот „За обединувањето околу нашата заедничка историја – Цар Самоил erga omnes (II)“ од Наум Кајчев, објавен на 21 мај, 2021 година на блогот Республика.
Повторно ќе нагласиме дека ние нашиот мандат не го гледаме како „Комисија за историската вистина“ туку како Комисија која треба да даде препораки до владите на двете земји за заедничко чествување на одредени настани и личности заради подобрување на меѓусоседските односи, а не заради потврдување на нашата заедничка, „бугарска“ историја.
Господинот Наум Кајчев повторно ја носи дискусијата во круг околу толкувањата за средниот век сакајќи материјалната расправа за Самоиловото царство да ја изнесе во медиумите, и притоа, повикувајќи се на западни студии, да остави впечаток дека сите во регионалната и во светската медиевистика се едногласни дека средновековните царства, (Првото бугарско царство, Второто бугарско царство и Царството на Самуил) се третираат како бугарски во народносна (етно-национална) смисла.
Толкување на студии, а не на факти
Притоа, во врска со толкувањата за карактерот на бугарските средновековни држави и етничкиот идентитет на населението во нив, вклучително и на населението во Македонија која била во повеќе наврати во нивни состав, според членовите од бугарската страна на Комисијата се случил „процес на трајна етничка хомогенизација“, а во претходниот напис г. Н. Кајчев наведува дека се консолидирала „средновековната бугарска народност“. Да сме сосема начисто. Тука станува збор за толкување на студиите, а не за некакви неспорни факти.
Проблемот со таквиот пристап е што „средновековната бугарска народност“ се поима како логичен и директен предок на современата бугарска етно-нација во чиј дел влегуваат и Македонците. Господинот Н. Кајчев вели дека никаде не тврдел оти се работи за „десетвековна етничка хомогенизација“, но самото инсистирање за „трајна етничка хомогенизација“ на консолидирана бугарска народност е тврдење за етно-национален континуитет на населението кое е именувано како Бугари во тој период, па низ целиот среден век сè до средината на 20. век, а Македонците, произлегува, дека се само еден дериват (настанат во 1944 година) на тој единствен заеднички бугарски идентитет до 1944 година.
Впрочем, копретседателот на Комисијата од бугарска страна, г. Ангел Димитров деновиве и токму тоа го изјави за медиумите — дека тие можат да признаат македонски народ и јазик од 1944 наваму. Тоа значи дека целото културно-историско наследство од минатото на просторите на Македонија е наследство на бугарскиот народ од деветтиот век па до 1944 година. Тоа е токму тезата за „десетвековна етничка хомогеност“ на народноста на просторите на денешните држави Бугарија и Македонија (и пошироко).
И токму затоа излишно е да се зборува за тоа како се карактеризираат тие средновековни царства во литературата бидејќи сите тие студии зборуваат за византискиот период и различните царства во средновековен контекст, не занимавајќи се притоа со конструкција на митови за етно-национални историски наследства од тој период па до денес. Именувањето на царствата како бугарски е навистина од второстепено па дури и третостепено значење. Ние како членови на Комисијата воопшто не спориме со именувањата на тие царства во различните студии. Ниту пак сметаме дека тоа треба да биде прашање што ние како Комисија го утврдуваме.
Но, ние никако не можеме да се согласиме таквото именување да се врзува со еден етно-национален континуитет на бугарски народ во Бугарија, Македонија и пошироко од деветтиот век па до денес и посебно не тоа така да биде претставувано во македонските учебници. Ние секако препорачуваме тоа така да не биде претставувано ниту во бугарските учебници. Господинот Н. Кајчев и другите членови од бугарска страна посочуваат цитати како доказ за тезата што тие ја конструираат, со која ние не се согласуваме и нема да може да се согласиме и во иднина. И тоа не е несогласување од некаков каприц, туку принципиелна позиција на македонскиот дел од комисијата.
Повторно ќе нагласиме дека ние нашиот мандат не го гледаме како „Комисија за историската вистина“ туку како Комисија која треба да даде препораки до владите на двете земји за заедничко чествување на одредени настани и личности заради подобрување на меѓусоседските односи, а не заради потврдување на нашата заедничка, „бугарска“ историја.
Во процесот на градење заемна доверба во духот на Договорот за добрососедство меѓу двете земји и словото на европските вредности, двете страни треба и мора да се пронајдат себеси. Доколку тоа не се случи, овој процес ги губи европските вредности, и како што веќе препорачаа неколкумина европски еминентни авторитети од сферата на проучувањето на политиките на сеќавања, тоа би значело само заменување на еден со друг колективен начин на сеќавање кој нема да ги разреши проблемите ниту внатре во нашите општества, ниту пошироко.
Сведоци сме сите дека овој процес не ги унапреди односите помеѓу двете земји, напротив стана камен на сопнување, инструментализирање и преточување на политичките ставови во ултиматум на една наспроти друга соседна држава во процес во кој таа бара поддршка за започнување преговори за полноправно членство во ЕУ. И подобрувањето на учебниците по историја, согласно со сите препораки на меѓународните експерти, како и позитивното европско и светско искуство, треба да се направи на начин кој треба да ги намали конфликтите меѓу двете општества околу толкувањата на минатото, а не да се направи замена на националните, односно на националистичките дискурси и притоа да се преслика националниот историски наратив на една современа европска нација врз друга современа нација.
Сметаме дека тезите кои ги застапува господинот Н. Кајчев придонесуваат токму за зголемување и зацврстување на конфликтот меѓу двата народа и држави. Тезите и пристапот на господинот Н. Кајчев придонесуваат за нови тешко премостливи недоразбирања и меѓу идните генерации Бугари и Македонци.
Неодржливата теза за „консолидирана бугарска народност“
Тука е битно да објасниме зошто сметаме дека е крајно спорна, контроверзна и неодржлива тезата за бугарска народност која се консолидирала од 9-11 век и е основа на еден наш заеднички историски идентитет кој насилно бил разделен во средината на 20. век поради заговор било на комунистите, Коминтерната и Тито, било на Србите, и слично.
Во историската социологија речиси е консензуално прифатено дека нациите се производ на општествените и политичките процеси во најголем дел од крајот на 18. век, потоа во 19. и 20. век. Процеси на создавање нации има и ден денес. Мал број историчари и социолози го поместуваат почетокот на нациите нешто пред тој период (17. век) барем за некои нации, но ниту еден не зборува за „консолидирани средновековни народи“ бидејќи речиси е неможно да се определи етнички и идентитетски континуитет на денешните популации со популациите од минатото.
Тука е битно да се потенцира дека кога г. Н. Кајчев зборува за „консолидирана народност“ тој свесно или несвесно користи коценпти што се користат за дефинирање на нациите. И дури и да имала некаква „консолидирана бугарска народност“ (а тоа е крајно спорно во секој случај) во 9-11 век, што со неа? Тоа мора да значи нешто и да има некаков контекст. Дали таа народност е директен предок на денешните Бугари (и Македонци)?
Со оглед дека колегите од бугарска страна тврдат дека македонска народност не постоела пред 1944 година, треба да заклучиме дека нашите народи имаат едно заедничко потекло, а тоа е бугарското кое се создало во 9-11 век. Таквото тврдење не може да се поткрепи ниту јазично, ниту институционално, па ниту според некакви други етнички маркери може да се зборува за такви народносни (односно етно-национални) континуитети. Приказната станува особено комплицирана во словенскиот свет со оглед на блискоста на јазиците и културите како и дијалектните континууми во најголем дел од просторите населени со народи што зборуваат словенски јазици. Не е многу поразлично и во германските и романските групи народи, секако со специфичните контексти за секој од нив.
Попрво се зборува за радикални дисконтинуитети и промени, отколку за континуитети, дури и за држави со континуирана средновековна државна и институционална традиција како, на пример, Франција (за ова одличен пример е книгата на Еуген Вебер, „Од селани во Французи“). А камо ли за држави чии претпоставени средновековни претходници биле во голем дел и на сосема други територии од сегашните.
Современите држави се токму алатките за создавање и консолидирање етно-национални идентитети. Тоа значи дека идејата за идентитет на еден народ според некои карактеристики кои се определуваат како автентични и автохтони во најголем дел се резултат на процеси што државите ги воспоставуваат, а не обратно. Понекогаш се појавуваат движења за национална еманципација како одговор на создавање на одредени држави. Каква и да е конкретната ситуација, сосем е јасно дека етно-националните идентитети се создаваат токму во контекст на сопоставени етно-национални идентитети, најчесто веќе воспоставени во одредени државни рамки, како модели за нови држави и самоопределувања.
Светските авторитети кои го проучувале и проучуваат создавањето на нациите, национализмите како и етно-националните идентитети низ огромни емпириски и споредбени истражувања уверливо ни покажуваат дека денешните етно-национални идентитети се конструкција на модерното време. Се разбира, има разлики во конструкцијата на националните идентитети во различни региони и контексти поради различни влијанија и фактори.
Исто така, се разбира дека најголем број национални идентитети се потпираат на некакви претходни традиции (било државни, било културни, религиски, усни преданија, итн.). Но сите тие конструкции за „приказната за потеклото“ на нацијата се случуваат во рамки на државни контексти или во контексти на аспирации за нови држави или аспирации за културна и/или територијална автономност. И идеите за етно-национален континуитет во текот на илјадници години се токму идеи создавани од образовните и културните институции на новите држави, а не обратно. Или пак тоа се идеи создавани наспроти постојни и доминантни наративи. По принципот на домино ефектот, кога една држава еманира извесни вредности за тоа што значи национален и јазичен идентитет, државите што се создаваат по неа (а некогаш и како одговор на неа) ги имитираат таквите принципи на поставување на сопствените национални идентитети и јазични стандарди. И тоа е веќе сосема добро обработено и познато во историската социологија и политичката наука воопшто.
Национализмот е оној што ги измислува нациите
Ернест Гелнер, кој денес се смета веќе за еден од класичните теоретичари на нацијата, во своето капитално дело „Нации и национализам“ за предмодерните политички ентитети (кои тој ги нарекува аграрни општества, наспроти модерните индустриски) вели дека биле транс-етнички и транс-политички. Популациите во таквите општества главно биле врзани за вера, црква или династија, а не за држава и сеприсутна култура. Па така, средновековните царства на овие простори (и не само на овие) биле токму такви општества.
Не може да се зборува ниту за Н од средновековна консолидирана народност, а ниту за Х од хомогенизација во такви општествени поставености. Ако веќе и има смисла да се зборува за културна диференцијација во средниот век, таа попрво би се поставила на ниво на јазична диференцијација (словенски наспрема грчки, латински и хебрејски), отколку на некаква етничка бугарска наспрема македонска или српска или хрватска или словенечка или полска или словачка, итн. Ваквите етнички категории се развиваат многу подоцна од 9-11 век, а и во текот на подоцнежните векови нема секогаш еднозначни и силно утврдени етнички идентификации или именувања како на Балканот така и низ Европа се до создавањето на националните држави. Токму затоа Гелнер вели дека национализмот не е „будење на нациите и нивната самосвест“ како што често се верува, туку национализмот е оној што ги измислува нациите.
Бенедикт Андерсон, кој исто така веќе се смета за класичен теоретичар на нациите и национализмот, кој бил истовремено и политолог и историчар, во своето дело „Замислени заедници“ вели дека сите заедници поголеми од примордијални села (па дури и самите тие понекогаш) каде што луѓето имале контакт лице в лице, се замислени односно конструирани. Тој смета дека еден од најсилните фактори за создавање националната свест е развојот на капитализмот и печатниците (тој го нарекува тоа печатен капитализам). Тој всушност и смета дека првите национални идентитети не се создаваат на европско тло туку кај креолските заедници во латиноамериканските земји.
Научниците сè уште дебатираат за тоа кои се главните фактори кои довеле до развој на нациите и национализмите како и за точниот период или за т.н. „прва нација“, и за тоа нема општ консензус (има доминантни и недоминантни погледи), но има речиси универзален консензус во историската социологија дека националната свест и идентитети се конструкти на модерното време, а дека предмодерните идентитети (од средниот век и претходно од антиката) се базираат на сосема различни општествени односи кои се тешко споредливи или речиси неспоредливи со денешните.
Дури и најновите студии за потеклото на нациите и национализмот не откриваат нешто спектакуларно ново, но даваат повеќе увид и теоретски нијанси врз основа на пообемни емпириски и квантитативни анализи. Така, на пример, еден од денешните врвни теоретичари на нациите и национализмот, Андреас Вимер, професор по социологија на Колумбија универзитетот во САД, во својата книга издадена во 2013 година под наслов „Бранови на војната,“ вели дека пред ерата на нациите кои почнуваат да се формираат од крајот на 18. век, луѓето немале посебен концепт за сопствена етничка припадност или етничката припадност на нивниот владетел.
Луѓето се идентификувале пред сè со локалната заедница—селото или градот, со клан, со црква или џамија. Тој исто како и неговите претходници вели дека национализмот е нов легитимирачки принцип на државите. Имено, зголемената државна централизација и воена мобилизација поради модернизацијата довела до нов општествен договор меѓу владетелите и владеаните за редистрибуција на ресурсите. Според него, етничките групи и нациите се еквилибриумски резултат на процесот на модернизација. Тој својата комплексна теорија за односот меѓу национализмот и војните ја базира на емпириска анализа на создавањето национални движења во Франција од ренесансата па до Третата република и во Османлиската империја од класичното време до младотурската револуција.
Има уште десетици врвни социолози и историчари кои објавиле и сè уште објавуваат научни студии за појавата на нациите како на макро ниво, така и на микро и нема простор тука да се наведуваат сите.
Но, мора да нагласиме дека кога се има предвид доминантната светска современа наука за појавата на етно-националните идентитети и нивната консолидација, не можеме да прифатиме тези и теории за „консолидирана средновековна бугарска народност“ која треба да биде основа за „нашата заедничка историја“. Како што кажавме и погоре, тоа не го правиме поради некаков каприц туку токму во име на современата светска наука.
Токму еден од најпознатите европски историчари и политички теоретичари, Мирослав Хрох (професор на Карловиот универзитет во Прага) во своето дело „Европски нации“ (англиското издание е објавено во 2015 година) вели дека какви било институционални или културни остатоци на политички врски меѓу современата бугарска нација и средновековните држави на овие подрачја биле комплетно уништени или заборавени. Затоа, не може да се прифати теоријата дека некаква наводно консолидирана бугарска народност од 9-11 век може да биде основа за разбирање на „заедничка историја“ на денешните Бугари и Македонци.
Слично може да се прочита и во студијата на Катрин Абази која ги анализира создавањето на српскиот и бугарскиот национален идентитет. Таа вели дека бугарскиот национален идентитет не претходел на создавањето на современата бугарска држава туку дека токму државата го создала таквиот идентитет. Концептот на нацијата морало да биде раширен меѓу обичните луѓе преку масовните медиуми, модерниот образовен систем, верските институции како и преку воената мобилизација. Низ нејзината темелна анализа на создавањето на државите Србија и Бугарија во 19. век таа доаѓа до заклучок дека кога се создава Кнежевството Бугарија во 1878 година огромен дел од популацијата немал јасна идеја за етно-национална припадност, за веќе во 1914 година националните идентитети како во Бугарија така и во Србија да бидат сопоставени и антагонизирани меѓу себе.
Ова се денес доминантните ставови во светската наука за создавањето на етно-националните идентитети, а ниту Македонија ниту Бугарија се некаков исклучок од тие општи процеси. Токму тоа ни дава за право и понатаму да инсистираме на нашиот принцип на работа и методологија во Комисијата, а тоа е дека, според нас, единствен излез од спротивставените идентитетски прикази за историјата на овие простори е историјата да се учи критички и повеќеперспективно.
*Д-р Огнен Вангелов е доцент по политички науки на УАКС и истражувач при Центарот за демократија и разновидност на Квинс универзитетот (Queen’s University), Канада. Тој е член на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Д-р Љупчо Ристески е редовен професор на Институтот за етнологија и антропологија при УКИМ. Член на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.