Падот на власта на Башар ал Асад отвори можност за политичка и економска обнова на оваа клучна арапска држава. Сепак, ако се осврнеме на тоа какви биле претходните напори за стабилизирање на пост-конфликтните општества на Блискиот Исток, ќе забележиме дека тие изобилуваат со неуспеси, а следниве неколку месеци најверојатно ќе ја одредат политичката траекторија на Сирија.
Брзиот пад на сирискиот претседател Башар ал Асад е одраз на драматичните промени што го зафатија Блискиот Исток во изминатава година. По избувнувањето на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, Асад се задржа на власт повеќе од една деценија, и покрај тоа што се соочуваше со коалиција на сили поддржани од Соединетите Држави и од Турција. Меѓутоа, само 11 дена откако бунтовничката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) ја започна својата офанзива, Асад побегна во Русија и се стави крај на 50-годишното владеење на неговото семејство.
Ваквиот исход е резултат на долгогодишно неефикасно владеење и на економските и социјални тешкотии, при што дури и Алави заедницата, која му беше основна поддршка на Асад, избега без да пружи отпор. Крајот дојде тогаш кога беше напуштен и од неговите главни надворешни поддржувачи, Русија и Иран, што е одраз на големото слабеење на овие две земји. Војната на Русија против Украина продолжува да ги исцрпува ресурсите и да го преокупира Кремљ а израелската кампања покрената по 7 октомври против Хамас, Хезболах (кои му дадоа значителна поддршка на режимот на Асад) и против Иран ѝ нанесоа сериозни проблеми на „оската на отпорот“ предводена од Иран.
На Сиријците нема да им недостига Асад. Тој беше брутален владетел кој го порази својот народ. Многумина слават на улиците, а бегалците кои се засолниле во странство или во малубројните „џебови“ на опозиција во Сирија, почнуваат да се враќаат во своите домови.
Падот на режимот на Асад исто така може да резултира и со пошироки регионални придобивки. Режимот на Асад овозможи полесен проток на оружје од Иран до Хезболах а новото раководство во Дамаск би можело дополнително да го намали иранското влијание и да одигра конструктивна улога во обликувањето на постабилен регионален поредок.
Но, надежта е неопходно да се ублажи со одреден степен на претпазливост. На Блискиот Исток, отстранувањето на оние кои се на власт, генерално, доведе до насилен хаос, а не до стабилно и инклузивно владеење. За време на ерата на Асад, малцинството Алави беше тоа кое владееше над сунитското мнозинство, па во таа смисла може да се очекува одмазда. Поопшто земено, различните етнички групи во Сирија лесно може да станат плен на политиката која се стреми кон етничка и секташка поделба.
Всушност, многу долг период пред да се случи бегството на Асад, Сирија беше држава само по име. Граѓанската војна ја подели оваа држава на бројни феуди кои беа под ефективна контрола на честопати непријателски настроените ривалски групи. Една од тие групи – сириските Курди – е на иста линија со Курдистанската работничка партија (ПКК), која е терористички субјект и тоа ја натера Турција да преземе контрола врз поголемиот дел од северот на Сирија.
Во услови на вакви постојни фракции, екстремистичките групи се оние кои би можеле да профитираат од падот на Асад и од турбуленциите кои се случуваат, а во насока на зајакнување на нивното територијално владеење и моќ. Тоа е она што се случи во 2014 година, кога Исламската држава успеа да преземе контрола врз значаен дел од Ирак и Сирија, и тоа како резултат на политичкиот хаос во двете земји. Екстремистичките групи сега би можеле да ја предводат истата претстава, поради што Израел ги помина последниве неколку дена во изградба на „безбедносна зона“ која се наоѓа надвор од границата со Сирија и во уништување на резерви оружје во земјата со цел да спречи истите да паднат во погрешни раце.
Еден таков пример е самата ХТС, која започна да постои како огранок на Ал Каеда и, како и ПКК, сè уште е означена како терористичка група од страна на Соединетите Држави и другите земји. Лидерите на ХТС ветија умереност и инклузивност додека истовремено се обидуваат да формираат национална влада, но оваа група има историјат на репресија. Во поширока смисла, спорните фракции во Сирија сакаат меѓусебно да се пресметаат а не да соработуваат. Влијанието на Иран во Сирија се намали, но Исламската Република ќе се обиде да ја задржи својата моќ додека нејзини поранешни прокси претставници (особено обесправените Алави, кои се шиитска секта) се борат со своите соперници за позиција.
Накратко, има многу работи кои може да тргнат наопаку.
Гледајќи во перспектива, траекторијата на Сирија ќе зависи пред сè од способноста на нејзините бројни играчи да постигнат инклузивна политичка транзиција. Обновата во функционална држава ќе бара обновување на територијалниот интегритет на Сирија, што пак ќе зависи од подготвеноста на повеќето територијални чинители да ја споделат моќта и да ја жртвуваат својата автономија во интерес на националното единство. Другиот клучен предизвик ќе биде воведувањето на нов социјален договор кој ќе обезбедува соодветни нивоа на безбедност и економски можности на Сиријците.
Самите Сиријци ќе мора да го спроведат најголемиот дел од оваа напорна работа, но тука важна улога има меѓународната заедница. За почеток, потпирајќи се на суровите лекции научени во Ирак, каде што големото разбивање на режимот на Ба’ат доведе до насилен хаос, неопходно е надворешни сили да ги притиснат опозициските групи да се воздржат од насилното ставање на страна на Алавите, кои претставуваа ‘рбет на режимот на Асад.
Изгледите за трајно решение значително ќе се подобрат доколку алависката елита адекватно се интегрира во една широка владина коалиција. Покрај тоа, Турција и САД треба да ги притиснат своите сириски прокси (Сириската национална армија и Сириските демократски сили) да бидат конструктивни играчи и да работат со преодната влада а не против неа.
Надворешните сили, исто така, можат да помогнат да се спречи понатамошниот колапс на сириската држава и на нејзината економија. Постигнувањето постконфликтно решение ќе стане уште потешко ако квалитетот на животот продолжи да се влошува, а основните услуги како што се здравствената заштита и образованието, бидат недостапни. Токму во такви услови, промената на режимот во Ирак предизвика радикализација и неуспех на државата.
Од тие причини, меѓународната заедница треба да започне мултилатерална програма за помош која ќе претставува комбинација од хуманитарна и финансиска помош и мерки за градење на капацитетите. Како домаќини на голем број сириски бегалци, Турција и Европската Унија имаат голем интерес за побрза имплементација на мултилатерална стратегија за подобрување на социјалните и економски услови за безбедно и доброволно враќање на раселеното население.
Падот на Асад создаде можност за политичка и економска обнова на оваа клучна арапска држава и преобликување на нејзината регионална улога. Меѓутоа, критични ќе бидат наредните неколку месеци. Историјатот на активностите за стабилизирање на пост-конфликтните општества во регионот покажува дека многупати биле неуспешни. Пример за тоа во изминативе 13 години се Сирија, како и Авганистан, Ирак и Либија. Време е нештата да си дојдат на своето место.
*Пишуваат Чарлс Купчан и Синан Улген.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.