Падот на трошоците значи дека во Македонија се’ повеќе се исплати да се следи трендот на инвестирање во соларна енергија. Меѓутоа, за да има пораст на производството на електрична енергија од обновливи извори треба не само поддршка од државата со стимулации туку и функционален пазар.
Искористувањето на обновливите извори на енергија (ОИЕ) во Македонија е занемарливо во споредба со производството од лигнит и големите хидроцентрали. Во претходниот блог беше посочено дека Македонија се’ уште се потпира на своето производство од РЕК Битола како и делумно на хидропотенцијалот, додека, на пример, фотоволтаиците во производството на соларна енергија придонеле со само 0,32 отсто од вкупното производство на електрична енергија во 2016 година. Во моментов новиот Закон за енергетика, кој доцнеше со своето усвојување, предвидува нови механизми за поддршка на искористувањето на обновливите извори на енергија кои би го надополниле или замениле застарениот систем на повластени тарифи кој, пак, полека се напушта во Европската Унија како несоодветен на развојот на технологиите и пазарите на електрична енергија. Имено, повластените тарифи ја изгубија предноста затоа што не стимулираа намалување на оние трошоци кои се потребни за да ја направат соларната енергија конкурентна со други извори на производство на електрична енергија.
Отворање на пазарот на електрична енергија
Македонија со усвојувањето на новиот Закон го пресликува Третиот енергетски пакет од ЕУ и со тоа ќе ги отвори пазарите на енергија што во моментов ги регулира Регулаторната комисија за енергетика. Исто така, со Законот за енергетика се воведува и премијата како поддршка за производителите на струја од обновливи извори на енергија (ОИЕ). Тоа е форма на финансиска поддршка што се доделува на повластен производител на електрична енергија од обновливи извори како дополнителен износ на цената која ја остварил со продажбата на произведената енергија на пазарот на електрична енергија.
Во насока на поддршка на реформите во развојот на ОИЕ на Западен Балкан, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Секретаријатот на Енергетската заедница (ЕЗ) објавија заеднички упатства за да им помогнат на земјите да дизајнираат и спроведат конкурентни постапки за избор за поддршка на обновливите извори на енергија. Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) им помогна на Секретаријатот на ЕЗ и ЕБОР во дизајнирањето на заедничките упатства. Нацрт политиките и насоките за воведување аукции за обновливи извори на енергија беа презентирани во ноември 2017 година. Според Секретаријатот на Енергетската заедница, се` повеќе земји користат компетитивни методи за да ги постават условите за избор на корисниците на поддршка за производството од ОИЕ. Овие компетитивни методи ги намалуваат трошоците за обновлива енергија со голем успех, во многу случаи и под трошоците за конвенционалните методи на производство на струја. Овие Упатства се наменети првенствено за земјите кои се потписнички на Договорот за Енергетската заедница и земјите каде што ЕБОР има свои активности. Упатствата веќе се рефлектираат во работата на ЕБОР и Секретаријатот на ЕЗ, особено во Албанија и Македонија, каде што ЕБОР им помага на властите, што е поткрепено со овие упатства. Ваквата помош за одржување на аукции е повеќе од добредојдена за Македонија која допрва треба сосема да го либерализира пазарот на електрична енергија.
Меѓутоа, за да може овој механизмам да функционира потребно е да се има функционален либерализиран пазар на електрична енергија со што би било овозможено компетитивното наддавање (премиум цена над цената што струјата произведена од ОИЕ би се постигнала на пазарот). Слика 1 покажува како изгледаат компонентите од големопродажниот пазар на електрична енергија. Цената на електричната енергија се формира на т.н. спот пазар кој вклучува неколку компоненти, „дневен пазар“ или „ден претходно пазар“ – 24 часа пред да се случи тргувањето и „часовен пазар“, во текот на денот. Останатиот дел е „моментален пазар“ – за балансирање на струјата што се тргува, како и „иден пазар“, односно месеци или години претходно се склучуваат договори за откуп на струја по одредена цена.
Таканаречениот „ден претходно“ пазар е главната арена за тргување. Овде се склучуваат договори помеѓу продавачот и купувачот за испорака на електрична енергија наредниот ден, се утврдува цената и зделката е договорена. Таков пазар има, на пример, во рамките на EPEX SPOT, заедничката берза за тргување помеѓу Германија, Франција, Велика Британја, Холандија, Белгија, Австрија, Швајцарија и Луксембург. На овој пазар дневните тргувања се водени од планирањето на учесниците. Купувачот, обично дистрибутерот, треба да процени колку енергија (‘количина’) ќе треба за да ја задоволи побарувачката следниот ден, и колку е подготвен да плати за овој волумен, час по час. Продавачот, на пример сопственикот на соларната централа, треба да одлучи колку може да предаде во системот и по која цена, час по час. Овие потреби се рефлектираат преку налози што ги внесуваат купувачите и продавачите во системот на тргување на берзата. 12 часот на пладне е крајниот рок за доставување на понудите за енергија што ќе се испорача следниот ден. Од 00:00 часот централно европско време наредниот ден, енергетските договори се физички испорачани (што значи дека енергијата се доставува до купувачот) час за час според договорите.
Зошто е крајно време за отворање на пазарот на струја?
За премин од јаглен кон обновливи извори потребно е многу време, солидно планирање, како и финансиски средства. Државата игра голема улога со тоа како ќе ги постави легалните основи за да може да се развие конкурентен пазар на електрична енергија каде што би доминирале обновливите извори на енергија. За да се привлечат инвеститори во ОИЕ најважно е прво да има функционален пазар на кој тие би биле конкурентни со традиционалните извори како јагленот. Во моментов, со фиксираната субвенционирана цена што РЕК Битола ја добива, обновливите извори на енергија не се во можност да се натпреваруваат бидејќи почетниот капитал што инвеститорот треба да го вложи е голем и тој не може да си дозволи да тргува со таква цена.
Ова е контрадикторно на фактот што на светските пазари ОИЕ се евтини и ќе бидат најевтините технологии за производство на електрична енергија во блиска иднина, особено кога станува збор за соларната и ветерната енергија (ИРЕНА, 2017).
На сликата се гледа драстичниот пад нa глобалните порамнети трошоци и трендовите на тендерските цени за некопнени ветерни централи и соларна енергија од проектните и аукциските податоци, 2010-2020. Според ИРЕНА, ваквиот драстичен пад на цените на чинење на соларната и ветерната енергија всушност истакнува колку биле погрешни претходните претпоставки и анализи за производстовото од овие два ОИЕ. Во 2017 година, глобалната пондерирана просечна инсталирана цена за соларни фотоволтаични централи беше 1.388 долари/kW. Таа беше околу 30 отсто пониска од проценетата вредност за 2050 година што во 2004 година ја објави Соларната фотоволтаична индустрија на САД и само малку повисока од модуларниот патоказ за 2030 година (Монер-Жирона, Каммен и Марголис, 2018).
Што понатаму
Падот на цените значи дека во Македонија се’ повеќе се исплати да се следи трендот на инвестирање во соларна енергија. Меѓутоа, за да може да има пораст на производството на електрична енергија од обновливи извори потребна е не само поддршка од државата со одредени стимулации туку и функционален пазар каде што таа струја може да се продава и да биде конкурентна со производството од конвенционални извори, како лигнитот, бидејќи почетните капитални инвестиции во овој сектор се се’ уште високи, не поради чинењето на технологиите (што и беше презентирано) туку поради други фактори. Тие фактори во Македонија се прво и пред се’ малиот и нефункционален пазар. Од многу причини за успешен продор на ОИЕ потребно е регионално поврзување за баланс и флексибилност на системот. Меѓутоа, пред воопшто да дојде до формирање на некаков регионален пазар на електрична енергија државата мора да се справи со внатрешните бариери кои го кочат развојот на обновливите извори, како што се:
- Разни административни бариери, како и неспремност на институциите да се имплементираат новите регулативи и правила. Проблеми со издавање дозволи, воведување на пазарни правила, немање искуство и знаење како да се овозможи средина каде ОИЕ ќе можат да се пробијат на пазарот, итн.
- Корупција, енергетска сиромаштија и енергијата се третира како социјално прашање наместо како комодитет.
- Проблеми со мрежата (немање инфраструктура, немање средства за модернизација на инфраструктурата, трошоци за поврзување, технички барања за поврзување итн).
- Услови за пристап до пазарот, дизајнирање на пазарот, ограничувања и правила за испорака на електричната енергија, итн.
- Легислативни бариери, немање на функционални стратегии за развој на енергетиката, политики за поддршка на развојот на ОИЕ, дизајн на цени, политики за борба против енергетската сиромаштија, скриени субвенции за фосилни горива, немањето на строги закони за заштита на животната средина итн.
Сите овие бариери на свој начин ја креваат цената на чинењето на инвестирање во обновливи извори на енергија во Македонија, но и во целиот регион на Југоисточна Европа. И покрај поволните климатски услови за искористување на сончевата енергија, таа сепак чини повеќе отколку истата инвестиција кога би се направила во Германија, на пример. На сликата 3 се гледа дека цената на капиталот за инвестирање во офшор (надвор од копно) ветерна енергија и соларна во Грција е многу повисока отколку во Словачка, на пример, иако Грција има многу поповолни климатски услови. Сепак, погоре споменатите бариери ја креваат цената на инвестирање, а со тоа и Балканот останува едно од неразвиените подрачја во областа на обновливите извори на енергија.
Оттука, фокусот на Република Македонија во следниот период мора да биде дизајнирање на пазарот, цените, условите за пристап до него, учесниците на кои ќе им биде дозволено да земат учество, како и конкурентните постапки на акуции и давање премии за производство на соларна енергија. Без овие чекори, новиот Закон за енергетика ќе биде тешко да се имплементира, но и да има влијание врз развојот на енергетскиот сектор, а Македонија ќе продолжи да каска зад останатиот дел од Европа во користењето на обновливите извори на енергија.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.