УКИМ не требаше да ги укине хартиените пријави ако истите кои сега се генерираат автоматски и дигитално преку Iknow (како што патем и претходно се генерирале, бидејќи во системот нема апсолутно никаква промена) се десет пати поскапи! Студентите не треба да плаќаат за подобрување на факултетот, тоа е нешто што самиот факултет и државата МОРА да го овозможи и дури да им го ВЕТИ на студентите ако има за цел да достигне повисок стандард и поголем број на студенти.
Повеќе никој не се запишува на повеќето катедри (особено на филозофски и филолошки) и УКИМ секоја година праќа по милион анкети да праша зошто, што наликува баш на едно големо подбивање со достоинството на студентите. Со години се нема случено никаква суштинска промена, а трошоците на студентите само се зголемуваат наместо да се направи некакво преиспитување за што се случува со веќе постоечките трошоци (кои се превисоки за она што УКИМ навистина го нуди). Јавна тајна е дека плаќаме безброј работи за кои ниту сме слушнале, ниту ги имало во наставата, ниту пак имаме некој бенефит од нив, ниту пак знаеме зошто ги плаќаме но приморани сме ако сакаме да запишеме семестар.
Трошоците за овој семестар (напоменувам! Само семестар) се следните: 100 евра – студенти државна квота или 200 евра – приватна квота, 750 денари – ИКСА (Информативни, информатички, културни и спортски активности на студентите), 100 или 150 денари за запишување и заверување семестар (хартиените потврди кој наводно ги укинаа, кои имаат две различни цени на нивниот „професионален“ iknow систем и во официјалното соопштение испратено на мејл), 2000 денари – Онлајн ресурси (?), и 800 денари за набавка на материјални ресурси(?).
До сега сме плаќале само ИКСА, иако не сме имале ниту една спортска, културна или каква било вонредна активност. Од годинава плаќаме и дополнителни 3000 денари (заокружена цена заедно со провизијата која ќе не стигне) за онлајн и материјални ресурси. Онлајн ресурсите се наводно за ставање подобар интернет на факултетот и дигитализација на учебниците за да не мора да плаќаме физичка форма. Материјалните ресурси не ми е познато за што се наменети. Но за онлајн ресурсите има неколку точки што сакам да ги нагласам. Првично – зошто студентите да плаќаат за побрз интернет на факултетот? Тоа е нешто што во оваа доба веќе треба да се подразбира дека еден факултет треба да го има, друго нешто што е факт е дека студентите и наставниците не го ни користат интернетот од факултетот, веќе сите имаат интернет на нивниот телефон. Друго – дигитализацијата на учебниците треба да е финансирана од други институции не од студентите. Срамота е што Македонија не дава инвестиции за промоција на научните трудови на професорите! Тоа не се „учебници“ и „книги“ што само на студентите им се од корист, туку тоа е клучот за нашиот просперитет во научните полиња на меѓународно па надежно и светско ниво (ако некогаш се добие и инвестиција за превод, ако не пак удрете по грбот на студентите на УКИМ). Трето е изборот на зборовите – „за да не морате да плаќате учебници“… Од каде доаѓа тоа „мораме“? Зошто да „мораме“? Зарем не постојат библиотеки? И кои се тие „книги“ кои ќе се дигитализираат? Со каква содржина се? Дали мене лично ќе ми користат во моето студирање за јас да ги платам? На институтот на кој што јас сум студент – Филозофија, не постои само една книга или прирачник од каде целиот материјал се учи. Материјалите кои ни се потребни нашите професори веќе се имаат посветено и ги имаат дигитализирано (кадарот на институтот за филозофија е единствената причина поради која УКИМ вреди), а за останатите 40 книги кои ги проаѓаме во текот на семестарот се снаоѓаме – или си ги купуваме од книжари или ги читаме онлајн на англиски или од библиотека. Така што не гледам зошто дигитализацијата која користи само за една група студенти треба да ја плаќаат сите (или повоторно), зошто воопшто студентите да го плаќаат ова?
Но оваа одлука е ова лето изгласана во тајност и за овој семестар „финална“. Што ми е нејасно како при толку студентски здруженија и собранија никого од нив не поканија кога носеа одлука што нас студентите најмногу не засега.
Да се навратиме сега на двете ливчиња хартија (потврда за упис и заверка на семестар) кои УКИМ ги укина и со тоа стана „најдигитализираниот факултет во светот“ (бидејќи оваа „предност“ по таа цена ја наплати). Нема да ве разочарам и ќе ви кажам нешто многу очекувано – нема никаква промена. Повторно треба да одиш во студентски прашања, да чекаш ред за потпис и печат, да однесеш потврда дека си платил во банка и згора на се ако не дојдеш на точниот датум да си платиш казна за задоцнето запишување семестар! Каква дигитализација!
А она што најмалку ми е јасно е што се случува со парите за партиципација ако се останато плаќаме дополнително? Каде одат тие пари? Зошто тие пари не се наменети за ресурси? Што ли УКИМ прави со 200 евра и 400 евра што ги добива од секој студент по година? Студирањето во државна квота повеќе не се разликува од студирањето во поранешната приватна квота. Државната квота овој семестар изнесува 10.000 денари! (потенцирам – семестар!) А, да се потсетиме – УКИМ не е рангиран на ниту една ранг листа на универзитети! Можеби ќе биде само ако направат некоја за најлошите. А ќе се воздржам и од тоа да споменам и за некои други најосновни работи кои УКИМ не ги поседува… Така што по кој основ се накачуваат трошоците? УКИМ првично треба да поработи да си го крене стандардот поради студентите, а единствената помош што треба да ја добие од нив за да го стори тоа НЕ Е финансиска, туку е онаа нематеријалната – да им даде на студентите насока и идеја – само тоа ќе го направи добар универзитет. Од кога УКИМ ќе овозможи повеќе и подобри можности, е тек тогаш ќе може да РАЗМИСЛИ за кревање на трошоците.
Срамота е што го оцрнивте образованието и го донесовте до овој степен. Да си студент на УКИМ во денешно време е презир, а како што тргнала работата, само подолу и подолу тоне. Се каам што не се отселив, и не нема повеќе да пополнам ниту една анкета која никој нема да ја прочита, и знаете зошто.
А сите студентски организации и студенти ги повикувам да свикаат ПРОТЕСТ. Нема потреба да молчиме, доволно се срамевме.
Анастасија Саздовска, студентка на Филозофски факултет при УКИМ
*Ставот е првично објавен на социјалните мрежи, но е реобјавен со согласност на авторката