Честопати, зборуваме за „задоцнетото“ финансиско, па и станбено осамостојување на децата од родителите кај нас, но како да ја подзабораваме редицата на други фактори кои имаат крупно влијание врз сето ова, пишува во младинската колумна на Радио Слободна Европа, Иван Дургутов, млад европски амбасадор.
Младите со нивните очекувања и надежи за 2023 година не се разликуваат многу од очекувањата и надежите кои тие ги имаа за изминатата 2022 година. Тие ги вклучуваат поканата и учеството на младите во дискусиите каде што се креираат политики кои се однесуваат на нив, подобро платените работни места и вистинската борба против толку широко распространетата корупција.
Новата година за секого, па и за оние кои милуваме да ги сместуваме во категоризираме како млади, секогаш означува нов почеток и нови 365 дена. Солидна бројка на денови која очигледно е обременета со исто толку планови, но и грижи и неодговорени прашања. А, верувам и не постои млад човек во Македонија кој не бил исправен, најмалку, пред прашањето поставено од пријателите, роднините, соседите – размислуваш ли да се отселиш? Зошто не остана таму?
Човековите надежи за подобро утре постоеле отсекогаш и се неприкосновено поврзани со самото егзистирање на индивидуата и желбата за себеподобрување, но и подобрување на окружувањето и контекстот во кои се егзистира. Овој први јануари, беше подобар од претходните, ако ништо друго, по фактот дека истиот го дочекавме без заштитна маска на лицето и без дискусија дали хируршката, односно маската за еднократна употреба воопшто штити или не или штити од зараза, но многу помалку од онаа КН95 маската.
Очекувањата на младиот човек во македонското општество, покрај просторот кои истите го добиваат во колумните како оваа за Радио Слободна Европа, дефинитивно треба бидат адресирани како легитимни очекувања и од сите други релевантни чинители, вклучувајќи ги државните претставници, наставниот кадар, но и семејството како примарна клетка за социјализација и изградба на вредносниот компас на младиот поединец.
Токму нужноста од вклучување на младите во дискусиите и програмите на претставниците на државните институции алармира дека досегашните очекувања и заложби на младите, од година во година, продолжуваат да се пресликуваат и како „резолуции“ за следната. Да се биде млад најчесто значи да се биде и флексибилен и прилагодлив, но тоа никако не значи да се биде неслушнат и не подразбира да се биде маргинализиран.
Економската состојба на младиот граѓанин во земјава и понатаму продолжува да биде загрижувачка, а воедно и да биде една од причините поради кои сведочиме и за масовна внатрешна миграција и урбанистички бум во главниот град, но и за „големата преселба на (младите) народи(те)“ и кон надвор. Ако се погледнат државните статистики, факт е дека младите имаат солиден удел и застапеност во оние највисоко платените професии кај нас.
Меѓутоа, истовремено она што не смееме да го заборавиме дека не секој млад човек е и не мора да биде информатичар, програмер, комуниколог, за да може да живее пристојно. Оттаму, огромната инфлација со која ја заокруживме 2022 година и тоа како влијаеше на стандардот на младиот човек и доведе до уште понеповолен негов економски статус.
Честопати, зборуваме за „задоцнетото“ финансиско, па и станбено осамостојување на децата од родителите кај нас, но како да ја подзабораваме редицата на други фактори кои имаат крупно влијание врз сето ова. Имајќи ги предвид почетните плати со кои своите врсници ги започнуваат брзорастечките кариери во повеќето од земјите на ЕУ, не може, а да не се запраша младиот човек во Македонија зошто е тоа така дека тој мора да се дообучува волонтерски и „приправнички“ и по оформувањето на своето високо образование.
Од друга страна, последните случувања во правосудниот сектор ја прават уште поразбирлива поддршката кон изјавите на странските дипломати поврзани и проследени со рекордно ниската доверба на даночните обрзници кон институциите (од судството) кои тие ги финансираат. Ова дополнително го разгорува прашањето дали младиот човек долгорочно сака и може да очекува да живее во систем во кој правото недоволно владее.
Без разлика дали се работи за млади кои доаѓаат од полето на општествените науки или тоа се луѓе од техничките или природните науки, млади со едно или друго живеалиште, сепак општа е констатацијата дека постои многу голема разочараност и многу мала верба во скорешно подобрување на состојбата со корупцијата на домашен терен.
Како правник, секогаш сум се трудел да се едуцирам во духот на човековите права, но и сум растел во семејна средина која силно го поддржувала антикорупциското поведение и која гласно ги преиспитувала подароците за 8 Март, пијалаците за одбраната на дипломскиот и магистерскиот труд, бонбониерата за успешно завршениот лекарски преглед, сите како можни никулци на еден сериозен проблем. Токму затоа, верувам дека треба да се потсетиме на основната максима дека „криминалот не смее да се исплати“, што ќе рече дека потребен е длабок рез и генерално преиспитување на тоа дали навистина сакаме компромитирани луѓе да продолжат да правораздаваат и да ја дразнат дури и онаа лаичката јавност.
Генерално, младите сакаат и очекуваат неколку работи по патот низ годината која ни следи. Да започнеме со панел дискусии и форуми на кои сесијата за и со млади нема да биде ставена последна на агендата и која нема да се одржи пред полупразна конференциска сала. Да продолжиме со поттикнување на младите во походот за заштита и остварување на сопствените работнички права, но и за размислување надвор од кутијата – по факултет и не мора да се вработам кај друг, туку може и да се самовработам, да отпочнам свој бизнис.
Крајно, очекуваме амбасадори кои ќе го познаваат барем англискиот јазик и судии кои ќе знаат дека на правни лица не може да им досудат казна затвор и дека од сторител на кривични дела за кого и птиците на гранките знаат, жртва и оштетен, едноставно, не може да се направи.
Извор: Радио Слободна Европа