Во Европската унија се погласни се барањата за отстранување на ветото на земјите-членки во сферата на надворешната политика, главно поради прием на нови членки во Унијата. Дали ова значи побрз начин за членство на Македонија во ЕУ?
Соочена со новите предизвици од војната во Украина, на Европската унија и е тешко да се одлучи како да се справи со нив. Тензијата меѓу земјите-членки постојано се заканува со пропаѓање на иницијативите и со носење на болни компромиси, но и со екстремни барања на некои од нив, кои ја користат шансата да ги остварат своите интереси. Затоа Унијата размислува за менување на правилата во решавањето на важни прашања, пред се, геостратешките, како што се воените закани или проширувањето со нови членки.
Руската инвазија на Украина веќе го стави на тест системот на едногласност при одлучување, во време кога е неопходна брза акција.
Германскиот канцелар Олаф Шолц цврсто застана зад укинувањето на ветото во ЕУ во надворешната политика и за даноците, за да се забрза процесот на заедничко донесување одлуки. Но, онаму каде што сега е потребна едногласност, ризикот – една земја да ги спречи сите други да напредуваат со своето вето се зголемува со секоја нова земја-членка. Да се верува поинаку, значи да се негира европската реалност.
Германскиот канцелар изјави дека на овој начин ќе им се олесни патот на земјите кои се обидуваат да станат дел од европското семејство. „Јас сум посветен на проширувањето на Европската унија – со земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија – Европска унија со 30 или 36 земји, но различна од нашата сегашна Унија“, нагласи Шолц. Тој вети силна поддршка за овие земји кои се надеваат да се приклучат на Европската унија, нагласувајќи сепак дека проширувањето на блокот на „30 или 36 земји“, ќе бара реформи.
Чешкото претседателство со ЕУ ќе подготви „Божиќен пакет“ предлози за реформирање на блокот, со цел да ги убедат членките кои не се убедени дека реформите се неопходни. Останува нејасно каква ќе биде судбината на пакетот, изјави чешкиот министер за европски прашања Микулас Бек и додаде дека неговата земја ќе инсистира на флексибилност во процесот на проширување. Во јуни, европратениците, исто така, ја поддржаа резолуцијата со која се повикуваат владите на ЕУ да донесат уставна конвенција, а од земјите-членки се бара истата да ја изгласаат до крајот на годината.
Коментирајќи го пакетот, Бек нагласи дека тој може да вклучи, на пример, промена во гласањето со квалификувано мнозинство или договор за свикување конвенција. Тој додаде дека по завршувањето на чешкото претседателство ќе се донесат многу важни одлуки. Прага се надева дека секоја членка во „Божиќниот пакет“ ќе најде предлог со кој се согласува, зголемувајќи ја веројатноста за поддршка на целиот пакет.
Кога станува збор за гласањето со квалификувано мнозинство, особено во надворешната политика, Бек рече дека експлицитно ја поканил Унгарија да ги претстави своите предлози со цел реформирање на ЕУ. „Во спротивно, нема да одиме напред“,изјави Бек.
Што значи ова за Македонија?
На својот пат кон ЕУ, Македонија првично се соочи со вето од Грција, а спорот беше решен со промена на името на државата во Северна Македонија. Земјата потоа се соочи со уште една блокада, овој пат од Бугарија, иако ЕУ во март 2020 година одлучи дека Македонија може да ги започне преговорите. Тоа беше надминато со „Францускиот предлог“, со кој дел од бугарските барања влегоа во преговарачка рамка, по што на 19 јули во Брисел се одржа првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со Европската унија. Дали евентуалното отстранување на ветото на земјите-членки во надворешната политика би значело побрз пат за членство на Северна Македонија во ЕУ?
Извор: eeas.europa.eu
Донесувањето одлуки со квалификувано мнозинство во надворешната политика се почесто се спомнува како една од опциите, иако тоа е тема што веројатно постои уште од основањето на ЕУ, особено по последното проширување. Меѓутоа, во овие констелации е исклучително тешко да се постигне таков консензус за отстранување на ветото како инструмент на ЕУ, бидејќи тоа директно влијае на основните документи на ЕУ. За тоа дали би се забрзал нашиот пат кон Унијата, никој не може прецизно да одговори.
Но, тоа апсолутно зависи од подготвеноста на државата во која живееме да ги спроведе реформите што се бараат за членство во ЕУ, реформи кои беа нагласени и во последниот извештај на Европската комисија за Македонија. Доколку се спроведат овие реформи, тогаш можеме да очекуваме до 2030 година дека ќе станеме полноправна членка. Во спротивно, ќе чекаме уште долго.
Сепак, сметам дека земјите-членки на ЕУ не би прифатиле редефинирање на правилата за вето за одлуките за проширување, дури и кога тие се злоупотребуваат за тесни национални интереси. Правото на секоја од земјите поединечно да се изјасни за прием на нови членки во Унијата, за нив претставува основен симбол на еднаквоста и суверенитетот на ЕУ. Проблемите со кои се соочува Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ го покажуваат суштинскиот проблем со проширувањето. Поголемиот дел од овој процес е технички поврзан со исполнувањето на условите од поглавјата за членство во ЕУ и усогласувањето со европското законодавство. Но, има случаи кога тоа се користи за тесни национални интереси.
Таква ситуација веќе видовме со Грција во однос на прашањето за името. Сега тоа го гледаме со Бугарија во однос на историјата. Но, тоа не е случај само со Македонија. На пример, на патот на Албанија застанаа мал број земји, како Франција, која имаше резерви.
Сепак, евентуалното отстранување на ветото за време на проширувањето би било големо олеснување за Северна Македонија, но и за идното проширување на ЕУ со Косово или со Босна и Херцеговина, бидејќи на овој начин земјите-членки нема да имаат право на блокирање на членството. Од друга страна, со право се тврди дека влијанието во светот е поголемо кога одлуките се носат едногласно од сите членки на ЕУ. Ако малите држави како Северна Македонија, Албанија или во иднина дури и Косово, нема да имаат право на вето, тогаш нивната тежина и улога во Унијата би била мала.
Меѓутоа, што се однесува до процесот на проширување, со правото на вето, се докажува дека многу земји треба да „жртвуваат многу“ додека не станат членки на ЕУ, а тоа често доведува до одложување на интегративните процеси, очај и евроскептицизам. Македонија најдобро го знае тоа.
По првата меѓувладина конференција на Северна Македонија и ЕУ, започна скрининг-процесот, кој и овозможи на земјата да се запознае со правата и обврските во ЕУ. Скринингот се одвива во две фази. Првата фаза е објаснувачкиот скрининг, што е еден вид работилница каде што тимот на ЕУ и „покажува“ на македонската администрација што содржат поглавјата во преговорите. Во втората фаза или билатералниот скрининг, македонскиот тим ќе биде подиректно вклучен и ќе покаже што направиле, каде има разлики и што планираат да направат. Исто така, може да има прашања или забелешки од секоја земја-членка.
Членка на ЕУ до 2030?
Вклучувањето на Бугарите во Преамбулата зависи од тоа дали земјата ќе почне преговори со поглавја или ќе се најде во статус кво ситуација во евроинтеграцискиот процес. Но, ВМРО-ДПМНЕ е против усвојувањето на уставни измени, а гласовите на опозициските пратеници се неопходни. Премиерот Димитар Ковачевски неодамна изјави дека според темпото со кое се работи, реално е до 2030 година земјата да стане членка на Европската унија.
Според него, во моментов, 45 проценти од македонското законодавство е усогласено со законодавство на ЕУ, Владата подготвила преговарачка структура и назначила главен преговарач, а во преговорите се вклучени и академската заедница и невладиниот сектор. „Сметам дека е реално за период од 14 месеци да заврши процесот на скрининг и да започне отворањето на поглавјата. До 2030 година, според темпото со кое се работи, мислам дека е реално Северна Македонија да стане членка на ЕУ.”, изјави премиерот Ковачевски.
Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, ако навистина сакаме 2030 да биде годината во која ќе станеме членка на ЕУ, власта и опозицијата мора да соработуваат за да ја тргнат оваа тема од политичките несогласувања и натпреварувања.
Според него, потребен е нов „рамковен договор за ЕУ“ со кој политичките партии ќе се обврзат меѓусебно да се поддржуваат за прашањата поврзани со ЕУ. „Мораме да ја споделиме и одговорноста и заслугите за овој процес. На крајот, победници во овој процес треба да бидат граѓаните и државата“.
Важно е да се нагласи дека секој изгубен ден е дополнително одложување на членството во ЕУ.
*Џенур Исени е политиколог и магистер по дипломатија и меѓународни односи. Студиите ги завршил на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Негови истражувачки интереси се меѓународните организации и политичката ситуација во Македонија. Тој е главен уредник на КОХА.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.