Длабоката поделеност околу учеството на Горан Бреговиќ на фестивалот во Корча ја отсликува на најдобар начин поделеноста која владее кон проектот „Отворен Балкан“. Моментално има поддршка само во Албанија, а силно се спротивставуваат политичката елита на Косово, албанската опозиција во Македонија, како и владата на Црна Гора.
По долгата историја на конфликти, нетрпеливост и омраза меѓу балканските народи, во октомври 2019 година се роди идејата за приближување и меѓусебна соработка меѓу државите на Западен Балкан. По аналогија на слободната зона во Европската унија, новата соработка презентирана во Нови Сад беше наречена Мини Шенген, која има за цел да ги „укине“ границите меѓу државите, а со тоа да се зголеми и олесни економската соработката и слободното движење на луѓето, идеите, капиталот и стоката.
Но, новиот модел на соработка сепак не беше прифатен од граѓаните на сите земји како добро решение за побезбеден и поразвиен Балкан. Ова се должи, пред се, на пандемијата, но и на фактот што идеите за меѓусебна соработка не се баш популарни во политичка и медиумска смисла.
„Мини Шенген“ стана „Отворен Балкан“
Имајќи предвид дека и името кое беше избрано, не беше најсоодветно, на Економскиот форум во Скопје проектот беше преименуван во Отворен Балкан. Вучиќ, Рама и Заев се заложија дека до 2023 нема да има граници меѓу овие држави и движењето на граѓаните ќе биде слободно. Тројцата имаат индивидуални специфики како лидери во нивните земји, но ги обединува стремежот за популизам.
Сепак, Отворен Балкан не е толку популистичка идеја и без разлика на критиките кои ги трпат, лидерите покажуваат храброст за да ја остварат. Ова особено важи за Рама, кој и покрај фактот што идејата наидува на жесток отпор меѓу дел од Албанците, особено во Косово, не се откажува од неа, обидувајќи се да покаже дека минатото треба да се остави на историјата и дека треба да се гледа кон иднината.
Но, Косово, заедно со Црна Гора и Босна и Херцеговина, не гледаат кон „Отворен Балкан“ со голем ентузијазам.
Косово се сомнева во искреноста на иницијативата
Владата на Косово, на чело со Албин Курти, повикувајќи се на фактот дека Србија не ги признава грешките од минатото, не е спремна по секоја цена да ја поддржи иницијативата за Отворен Балкан. Курти оцени дека иницијативата претставува обид на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да го отвори Балканот кон Русија и Кина. Курти не се гледа во друштво со Србија, и покрај фактот што во тоа друштво се наоѓа и Албанија. По последната средба меѓу Курти и Вучиќ во Брисел во рамките на дијалогот со Србија, косовскиот премиер дури најави дека ќе ја тужи Србија за геноцид.
Според партијата на Курти, Албанија требаше претходно да се договори со Косово околу регионалните иницијативи. Еден од поистакнатите членови на владејачката партија во Косово, Арбер Заими го истакнува фактот дека премиерот Рама во текот на годината се сретнал три пати со Вучиќ, а немал ниедна средба со косовскиот премиер Албин Курти.
Во иднина ќе се докажува дали „тврдоглавиот“ премиер на Косово ќе подлегне на притисоците од меѓународната заедница за да биде дел од оваа регионална иницијатива. Првите впечатоци се дека тој ќе остане на своите позиции.
Адри Нурелари е поранешен советник на претседателот на Косово, Хашим Тачи. Тој откри дека влегувањето во Мини Шенген е дел од обврските на договорот од 4 септември 2020 година, потпишан од страна на косовската влада во Белата куќа. „Одбивањето на Курти да биде дел од инцијативата е повлекување од преземените обврски со овој меѓународен договор. Овој став покажува голема институционална неодговорност затоа што е закана за правната безбедност и правниот континуитет, спротивно на договорените обрвски и го навредува главниот американски сојузник, кој беше поттикнувач на договорот“, смета Нурелари.
Имено, во договорот за соработка меѓу Косово и Србија потпишан во Вашингтон стои децидно „дека Косово ќе се придружи на Мини Шенген“. Овој договор иако формално – правно е на сила, сепак по смената на администрацијата во САД и по смената на косовската влада како да доживува фијаско.
Според ваквите постапки на косовската влада, Отворен Балкан се чини дека и нема да биде толку отворен.
Во Македонија, власта за, опозицијата против
Под влијание на ставот на Курти, кој е многу популарен меѓу Албанците во Македонија, албанската опозиција во земјава е против „Отворен Балкан“. Иако реакциите на албанската опозиција беа оскудни, сепак дел од албанските медиуми ги пренесуваа ставовите на Алијанса на Албанците и на Алтернатива против оваа инцијатива. „Проблемот на оваа инцијатива е дека не се отварува паралелно со Берлинскиот процес и дека не е координирана со сите земји на Западен Балкан. Што се однесува до Северна Македонија, сметаме дека владата е приклучена без план и има за цел да ги камуфлира големите неуспеси во делот на европските интеграции. Многу е вознемирувачки молкот на албанските партии во власта, особено на ДУИ, која го раководи министерството за надворешни рабои кон овој проект, кој го исклучува Косово“ е ставот на Алијанса на Албанците, кој за медиумите на албански јазик го пренесе Арбен Фетаи, раководител на партискиот оддел за меѓународна соработка.
Но, во ДУИ не молчат! Напротив, како партија цврсто застанаа зад иницијативата. „Партиските ставови не се разликуваат од државните околу продлабочената соработка во регионот“ истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи.
По инерција на влијанието од ставовите на косовската влада и дискурсот на спротивставување кон иницијативата во Приштина, против неа излегоа и голем број на албански интелектуалци во земјата. Поранешниот министер за европски интеграции на Косово, Блерим Река, кој беше претседателски кандидат на албанската опозиција смета дека „Ниту Црна Гора (последниот конституент на последната Југославија), па дури ниту Босна и Херцеговина (заедно со Република Српска), не беа „привлечени“ од понудата на Белград. Косово пак, категорично ја одби, не само затоа што не беше поканета како суверена и независна држава, туку и поради ризикот на замената на членството во ЕУ со „регионална интеграција“ под „српско туторство“, посочи Блерим Река.
Дел од албанската интелектуална елита на Балканот смета дека без признавање на Косово не може да се зборува за Отворен Балкан и се додека ова не се случи инцијативата нема никаква смисла. Противниците на оваа иницијатива, кои во албанскиот политички и медиумски простор се во голем број, цитираат и медиуми кои велат дека лидерите на трите земји бидејќи не сакаат да ги европеизираат нивните земји, се обидуваат да претставуваат алтернативни понуди.
Негаторскиот однос кон Отворен Балкан, кој владее во дел од албанскиот јавен и политички дискурс веројатно ќе влијае и кај премиерот Еди Рама, наместо проактивен, да има понеутрален однос кон иницијативата.
Уметност и политика
На годинешниот фестивал на пивото во Корча (Албанија) беше поканет за учество српскиот пејач, Горан Бреговиќ. Ова предизвика лавина реакции во албанската јавност, поради сомнежите дека неговото гостување е тенденциозно – да придонесе кон развивање на идејата за регионална соработка и на културно поле. Голем број на уметници од Косово, Албанија и регионот сметаат дека Бреговиќ бил инспиратор на масакрите на Косово и српските митови. Како аргумент за тоа се нуди песната „Калашников“.
Длабоката поделеност во албанскиот етно – политички кампус кон учеството на Бреговиќ на фестивалот во Корча ја отсликува на најдобар начин поделеноста која владее кон проектот Отворен Балкан. Моментално тој има поддршка само во Албанија и од партиите на Албанците во земјата, а силно се спротивставуваат политичката елита на Косово, албанската опозиција во Македонија, а против него е и владата на Црна Гора, во која клучен „играч“ е Дритан Абазаовиќ, кој иако албанец по етничка припадност, промовира космополитички концепти.
Според ова, кај дел од Албанците, Балканот ќе се гледа како отворен простор за соработка, а кај дел од нив ќе продолжува да владее концептот дека прво треба да има помирување меѓу народите а потоа економска соработка и движење без граници, што во суштина е доволна пречка за да проектот ги даде очекуваните ефекти.
Балканот можеби нема да биде „минирано поле“ како што беше низ историјата, но илузија е дека одеднаш тој ќе го копира моделот на ЕУ за соработка. Во меѓувреме, во албанската јавност Еди Рама ќе се прогласи за предавник, Албин Курти за патриот (косовски се разбира), Али Ахмети и Билал Касами за опортунисти, а Зијадин Села и Африм Гаши за добронамерни албански националисти.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.