Пишува: Даниел Евросимоски
Ако некој ви каже дека 200 илјади луѓе секој ден вдишуваат смртоносен воздух и не преземаат ништо околу тоа, првото што би го помислиле сигурно е „Што не е во ред со овие луѓе?“. Ете ние сме тие луѓе. Жителите на Тетово и околината – светскиот шампион во загаденост на воздухот.
Ние сме тие кои гледаме по бандерите и слушаме во кафеаните на која возраст и на каков начин ни умираат нашите роднини, соседи, пријатели и непријатели. Муабети како „умре, а ништо не му беше“, „си беше човекот здрав и прав“, или „го видов пред некој ден“.
Ние сме тие кои се жалиме на постојаните главоболки, кашлањето и песочниот вкус во устата.
И најпосле, ние сме тие кои ги дигаме рамениците за ова.
Вознемирува таа невознемиреност. На последниот протест за загаденоста на воздухот имаше повеќе новинари од демонстранти. Луѓето ја одминуваа малата група насобрани на тетовскиот плоштад со морбидна ноншалантност. И на сите претходни протести за воздухот, собрани заедно, немаше толку луѓе колку што има на митинг на некоја од политичките партии. Сфаќам дека голем број граѓани не сакаат да бидат видени како протестираат поради страв за својата егзистенција – но, овде токму егзистенцијата е во прашање. Нашата и егзистенцијата на нашите поколенија. Кој е поголемиот страв?
Голите факти се доволни. Сите релевантни светски здравствени институции ги посочуваат вдишливите суспендирани честички во воздухот како најсмртоносна форма на аеро-загадувањето. Бројни научни студии докажуваат поврзаност помеѓу количината на овие честички и белодробните и кардиоваскуларните заболувања. Во Тетово количината на овие честички во воздухот редовно е 10 до 20 пати повисок од највисокиот дозволен стандард кој е релативно безбеден по здравјето. Направете ја математиката. Дали е тоа доволно страшно?
Ни на крај памет не ми паѓа да го бранам Југохром (чии сопственици дрско прекршуваат договори кои ги потпишале). Ниту палењето депонии и кому што ќе му текне (за кое никој не е санкциониран). Ниту да го бранам безредието во сообраќајот, или актуелната и претходната државна и локална власт (кои се мајтапат со овие прашања). Единственото нешто кое го бранам е моето и твоето право на живот и правото на живот на моето и твоето дете. Да се стави крај на ова колективно самоубиство.
Да ги отфрлиме искривените тези и да го ставиме фокусот на она што е важно. Наместо да зборуваме за тоа дали некој ќе остане без работа, дали некој ќе остане без функција и дали некој ќе остане без профит, да зборуваме за тоа дека секој ден, секој час по илјада пати ние вдишуваме воздух кој полека но сигурно не убива.
И кога веќе треба да се посочат виновниците, да ги бараме во врвот на синџирот на одговорност. Во општинските и државните власти. Тие се таму за да ни обезбедат здрава, безбедна и регулирана средина, во која ние ќе живееме добро, ќе градиме вредности и ќе ги правиме вистинските пари. Не обратно.
Тетово повеќе не е шарениот град по Шара. Денеска тој е сива и тмурна сенка на тоа што некогаш бил. Град каде замаглен е воздухот но замаглен е и човечкиот однос кон општеството и околината во која живее.
Одговорите „не се мешам во политика“, „има кој да му ја мисли“ и „тоа не е мој проблем“ е односот кој не доведе до оваа ситуација. И ајде да си признаеме – сите размислуваме така. Го разбирам тоа чувство на безизлез и немоќ.
Тогаш, можеме ли некако да почнеме да се занимаваме со овој проблем? Ајде малку повеќе да зборуваме за загадувањето, да говориме и пишуваме за овој проблем. Да ја подигаме свеста во нашето опкружување, да ги контактираме нашите претставници во локалната власт, Собранието и централната власт. Можеби, само можеби, нешто ќе се промени ако илјада, пет илјади или десет илјади писма, пораки и повици ги затрупаат надлежните? Најпосле, ако мислите дека сè тоа е залудно. Можеме барем гласно да викнеме – Ова мора да престане!
Канцерогениот воздух влегува во сечиј дом. Влегува и додека ја гледаме нашата омилена турска серија и додека си играме со нашите деца. Влегува и во „нашиот“ и во „вашиот“ штаб. Влегува и кај политичарите, градоначалниците, лекарите, професорите, бизнисмените, сиромашните и болните… Влегува и кај тебе и кај мене. Влегува и не убива.
Пасивноста по ова прашање ни го ускратува правото да се нарекуваме луѓе. Од еволуцијата до егзистенцијата смислата секогаш била борба. Ако сега кажеме „не ни е гајле за ова“, утре го губиме правото да кажеме дека сме сториле сè.
Заслужуваме чист воздух. Гарантиран ни е и во Уставот и во Декларациите за човекови права. Гарантиран ни е и со здравиот разум.
Зимата доаѓа. Сè уште се свежи сеќавањата на ланската. Уште не боли главата и уште не пецка во градите. Доколку не го промениме нашиот однос, нема да биде далеку времето кога од смогот нема да можеме да ги видиме амбулантните возила кои доаѓаат по нас.