Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. Тие дури и не ги прифаќаат веќе ретките шанси за вакцина што им се нудат. Како да сакаат да чекаат за да видат кој е во право – анти-ваксерите или лекарите и како ќе заврши целата драма околу набавката на вакцини. Големи се шансите дека тогаш ќе биде доцна.
Од март 2020 година до денес, повеќе од 7.500 граѓани починаа во Босна и Херцеговина поради Ковид-19. Според податоците на Џонс Хопкинс, БиХ е прва во регионот и осма во светот по смртност од Ковид-19. Болниците и клиниките се преполни. Работниците на гробиштата се жалат дека не успеваат да постигнат поради толку многу работа, бидејќи нивните капацитети одамна се преоптоварени.
Административен хаос
Во исто време, сè уште не е спроведена масовна имунизација и не е познато кога ќе започне. Тековните обиди за вакцинација и набавката на неколку илјади дози не може да се наречат масовни. Босна и Херцеговина не можеше да ги остави настрана партиските препукувања и националните поделби, дури и за доброто на нејзините граѓани. Како и да е, веќе комплицирана поради своето административно уредување (два ентитети, областа Брчко и десет кантони), Босна и Херцеговина ја префрла одговорноста од едно ниво на власт на друго. Така, Советот на министри на БиХ, како институција на државно ниво, ја пренесува одговорноста на едно ниво под себе, односно на ентитетите. Претседателот на Советот на министри Зоран Тегелтија тврди дека ова тело е најмалку виновно за ненабавување вакцини. Тој исто така ја префрла вината на механизмот COVAX, велејќи дека побогатите земји ги презедоа сите вакцини, така што за овие посиромашни не останува ништо. Имено, на крајот на 2020 година БиХ уплати 13 милиони долари преку COVAX-от за 1,2 милиони дози вакцина. Првата испорака се случи на 25 март, кога во БиХ пристигнаа 23.400 дози.
Во паралелен универзум, а во иста држава, луѓето на високи позиции јавно ја признаваат својата неодговорност. „Ако сакавме да глумиме држава, вакцината ќе ја добиевме во декември, но не е важно“, Премиерот на ФБиХ Фадил Новалиќ изјави во средината на март, алудирајќи на Република Српска, која одлучи сама да започне со набавка на вакцини.
Токму кога јавноста малку се смири од коментирањето на оваа изјава, Новалиќ јавно ги покани сите што имаат идеја како да набават вакцини да го контактираат со што тој всушност јавно призна дека институциите не знаат како да се справат со моменталната состојба.
Секретарот на Партијата за демократска акција (СДА) Халид Гењац во разговор за агенцијата Фена ја обвини Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД) за „попречување на набавката на вакцините, со што се обиде да го обесмисли државното ниво на влада и да ја зајакне улогата на ентитетите“. Така, партиските препукувања продолжија и во време на криза, кога сè друго требаше да се остави настрана, а здравјето на граѓаните да биде апсолутен приоритет.
Кривични пријави против службени лица
Докторот во пензија, Бакир Накаш од Сараево, поднесе кривична пријава против Зоран Тегелтија, претседател на Советот на министри на БиХ, Анкица Гудељевиќ, министерката за граѓански работи на БиХ, Вјекослав Мандиќ, министер за здравство на ФБиХ, и Фадил Новалиќ, премиер на ФБиХ. Причината е недостаток на вакцини, што директно ги загрозува животите на граѓаните на БиХ. Во интервју за Deutche Welle, Накаш вели дека државното ниво немало интерес да се вклучи во набавките, па затоа префрлиле сè на ниво на ентитет.
Откако државното ниво не успеало да ги набави потребните вакцини, ентитетите и кантоните се вклучија во процесот на набавки преку посредници на почетокот на оваа година.
Пропаднати се 1.300 дози
Иако во БиХ нема ни приближно доволно вакцини и луѓето секојдневно умираат од последиците на заразата, во Приједор оваа недела пропаднаа 1.300 дози. Тие требаше да се искористат за повторна вакцинација на лица постари од 65 години, а беа уништени поради прекин на електричната енергија, со што нивното ладење беше прекинато. Овој случај го истражува Окружното јавно обвинителство во Приједор, со цел точно да се утврди што се случило и кој е одговорен.
Граѓаните спасот го гледаат во Србија
Разочарани и обесхрабрени, граѓаните се свртија кон соседна Србија за вакцинирање. Прво отидоа оние граѓани на БиХ кои имаат државјанство и на Р. Србија, а неодамна соседната земја јавно ги покани сите заинтересирани да дојдат по својата доза. Државјанството не беше услов, ниту закажан термин. Само појавете се и разголете го рамото. Само за еден викенд, Србија вакцинираше околу 20 000 странски државјани.
Откако ги вакцинираше своите граѓани, но и граѓаните на соседните земји, Србија започна да ги имунизира луѓето во транзит. Сфаќајќи дека програмата за вакцинација е важна за да ги вклучи сите оние што се на територијата на земјата, било да се тоа домашни или странски државјани, Србија направи потег вреден за пофалба.
Од друга страна, освен тоа што БиХ нема доволно вакцини дури ни за сопствената популација, институциите воопшто не ни ги споменуваат мигрантите и бегалците како потенцијална група за вакцинација, и покрај тоа што во оваа земја ги има десетици илјади. Илјадници од нив живеат во шуми во напуштени објекти, и немаат ниту основна медицинска нега.
Невидливите жртви на пандемијата
Сараевскиот кантон неодамна започна со електронски пријавувања на граѓаните за вакцинација. Но, за да се регистрирате, мора да го внесете бројот на вашата електронска здравствена книшка. Огромен број на граѓани немаат здравствено осигурување ниту здравствена книшка. А за електронски пристап да не зборуваме. Властите на Сараевскиот кантон го објаснија ова како начин да ги принудат граѓаните да добијат пристап до своите е-книшки, на кои чекаат веќе долго време. Сепак, податоците потребни за апликацијата се однесуваат исклучиво на БиХ граѓани. Странците што живеат во Сараевскиот кантон се исклучени. Странските амбасади и седиштата на меѓународните организации се наоѓаат во главниот град на БиХ. Каде ќе се вакцинираат странски државјани? А што е со луѓето кои немаат ЕMБГ, којшто е исто така потребен да се аплицира за вакцинација? Што треба да сторат илјадници Роми кои немаат ниту еден единствен документ и се невидливи за државата? Дали вредат нивните животи?
Другите кантони добиваат апликации за вакцини преку тимови за семејна медицина. Сите возрасни граѓани можат да аплицираат, додека лекарите составуваат списоци според приоритетните групи. На пример, во Унско-санскиот кантон вакцината досега ја примиле 3.500 лица. Во Тузланскиот кантон, најнаселениот дел на ФБиХ, размислуваат за употреба на спортски сали за целите на вакцинација. Во помалите општини, локалните здравствени центри ќе им служат за овие цели. Досега во оваа област вакцинирани се околу 4.200 граѓани. Во Зеничко-добојскиот кантон својата доза ја добија 5.200 граѓани, од вкупно 400.000.
Според информациите објавени од Радио телевизијата на Република Српска на 25 март, во овој ентитет досега се вакцинирани околу 15 000 граѓани. Нема достапни понови податоци. Апликациите се прават преку тимови за семејна медицина, а приоритет им се дава на граѓаните постари од 65 години и други ризични групи.
Антиваксерите стануваат се посилни
Додека граѓаните ја чекаат својата доза, антиваксерите во БиХ стануваат се посилни. Никој не ги санкционира. Тие не претставуваат опасност за институциите. Известувањата во медиумите за бројот на мртви и заразени сега, по правило, се придружени со обиди за хумор, кои всушност се претвораат во навреди. Првенствено за починатите и нивните семејства. БиХ сè уште нема единствена кампања за промовирање на вакцинацијата. Граѓаните се информираат преку медиумите, во кои и така немаат голема доверба.
Медиумите кои разоткриваат лажни вести и прават натчовечки напори од почетокот на пандемијата да го намалат бројот на дезинформации во јавноста, редовно се изложени на навреди и закани од оние што не веруваат во вирусот и уште помалку во ефективноста на вакцините. Жално е што токму овие групи доминираат во дискурсот на социјалните мрежи.
Во една таква атмосфера, на страв за сопствениот живот, гнев поради потезите на службените лица, но и збунетост околу различните, првенствено ултра-анти-ваксерски информации што ги добиваат, граѓаните на БиХ се чини дека решија да се држат настрана. Веројатно се премногу навикнати на вакво однесување на политичарите, како да не очекуваат ништо подобро. Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат на институциите и не бараат одговорност. Тие дури и не ги прифаќаат веќе ретките шанси за вакцина што им се нудат. Како да сакаат да почекаат, да видат кој е во право: антиваксерите или лекарите и како ќе заврши целата таа драма за набавка на вакцините. Големи се шансите дека тогаш ќе биде доцна.
*Вања Стокиќ е дипломиран новинар, којa живее и работи во Бања Лука, Босна и Херцеговина. Таа е специјализирана за известување за човекови права и права на маргинализирани групи. Таа е дел од тимот на eTrafika.net, и соработува со неколку медиуми кои известуваат за прашања поврзани со ранливи категории на општеството. Добитник е на неколку награди, како што се наградите „Срѓан Алексиќ“ и УНИЦЕФ. Неодамна беше прогласена за шампион за родова еднаквост во БиХ.
Текстот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Не давимо Београд), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Црна Гора (PCNEN), Бугарија (Sega.bg), и Грција (Macropolis). Оригиналната објава може да ја најдете на следниов ЛИНК.