Заскитан куршум од ловечка вечера заврши директно во срцето на правната држава. Куршумот ги онеспособи напорите државата да се ослободи од влијанието на партиите.
Оваа мала метафора одлично го отсликува последниот случај со изборот на нов главен обвинител за гонење организиран криминал и корупција. Изборот на обвинителот Ислам Абази, кој победи во трката, од процедурален аспект заврши успешно, но од општествен аспект доживеа фијаско. Само неколку часа откако пристигна веста дека тој ќе седне на жешкото столче во најважното обвинителство, медиумите почнаа да објавуваат фотографии од ловечка вечера, на кои обвинителот се забележува во друштво со поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, и со Фекри Ахмети, брат на претседателот на ДУИ Али Ахмети.
Јавна личност, како што е еден обвинител, може во својот албум да има фотографии со политичари, бизнисмени, уметници и други, и би било евтин спин да се градат теории за партиска блискост само поради некакви фотографии. Но, изненадувачката победа во обвинителската трка на досега анонимниот Абази поттикна многу прашања – дали добил ветер во грб од партиите на власт? И бездруго, неговото негирање дека е близок со водечката партија од албанскиот политички камп, наспроти фотографиите што го докажуваа спротивното, даде сосема поинаква слика за неговата независност. Што би рекле, една слика – илјада зборови.
Така се урнаа сите надежи за обвинителска независност, не само при изборот, туку и при вршењето на функцијата, која требаше да ја обезбедат измените на Законот за јавни обвинители од 2020 година. Токму за таа цел беа донесени и измени во тој закон, според кои обвинителот го избираат сите обвинители со гласање. Барем така вели членот 66 од тој закон.
Се разбира, ова не е единствен пример за илустрација на длабоко вкоренетата партизација во сите функции на општеството. Низата можеме да ја продолжиме со конкурсот за обука на контролори на летање што предизвика бура во јавноста, откако беше обелоденето дека на членовите на Управниот одбор на М-НАВ не им се допаднале селектираните осум кандидати од стручната комисија од странство, бидејќи на листата не се нашле „нивните деца“.
И последниот случај, којшто може да има понатамошен домино-ефект во безбедносните служби, е давањето државјанство на Олександр Онишченко, надвор од сите безбедносни, стратешки и стручни критериуми, што доведе до „земјотрес“ во политичките и во безбедносните структури во државата.
Нема никакви дилеми дека за секој од овие случаи може да се најдат и спротивни аргументи: дека обвинителот Абази ќе се покаже на ниво на задачите, дека менаџментот на Акционерското друштво во државна сопственост за давање услуги на воздухопловната навигација М-НАВ имал легитимни забелешки на процесот на селекција на идните контролори на летање, или дека во случајот Онишченко не била пресудна моќта на владејачката партија во чии раце е Владата и сите органи кои имаат надлежност во издавањето државјанства на личности од странство…
Констатации наместо одговорност
Меѓутоа, заеднички именител на трите еклатантни случаи е дека партиската пропулзивност ги ставила во аут процедурите и критериумите што се заштитен механизам од самоволија и партиски протекции. И веднаш да додадеме дека одземањето на државјанството на Онишченко кое го започна Владата не може да биде чин на функционалност на државата, туку е само контрола на штетата и изнуден потег за власта да се спаси од политичка одговорност.
Фактот што високи политички функционери отворено си разменуваат обвинувања за партизација или ја констатираат, небаре се само посматрачи во процесите а не главни актери, е во најмала рака обесхрабрувачки бидејќи укажува на отсуство на одговорност. Во продолжение, само неколку од многуте примери што покажуваат како одговорните само покажуваат со прст едни кон други, наместо да преземат одговорност и да стават крај на партизацијата.
„Државата и законот сторија сè што треба за да нема партиски влијанија, но се покажа дека нема закон и нема реформа низ кои партиите не можат да се протнат. Значи, не е ниту до законот, ниту до реформата, туку е до свеста и до отсуството на волја да се изгради вистинска правна држава“, рече премиерот Димитар Ковачевски во Собранието, како одговор на пратеничко прашање во врска со изборот на Абази.
„Градоначалничката Арсовска ќе остане запаметена по 109 партиски вработувања во Град Скопје, по партизација на Јавните претпријатија и установи во надлежност на Градот“, обвини во партиско соопштение СДСМ.
„Директорот на ‘Водовод’ си вработил над 100 луѓе, над 100 партиски војници“, рече градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Македонските граѓани се иселуваат поради претераната партизација, рече и претседателот Стево Пендаровски пред три години. Пендаровски изрази загриженост за податоците од Обединетите нации и од Светската банка дека во изминатите децении од Северна Македонија се иселиле повеќе од 500 илјади луѓе. Според Пендаровски, „Сите политичари ја имаме вината за иселувањето, треба да му се извиниме на македонскиот народ за лошите политики во овој дел.“
Но, ако оние кои треба да ја прекинат спиралата на партизација само ја констатираат, тогаш од кого треба да се бара одговорност за партиските влијанија? И дали некој конечно ќе се одважи да преземе одговорност, наместо само да се даваат ветувања дека партиите ќе го напуштат теренот каде што треба да бидат професионалците и експертите.
Како до развод меѓу партиите и администрацијата?
Уште пред речиси деценија и пол се слушаа ветувања дека на партиското мешање ќе му дојде крајот. Во 2008 година се скицираа, а подоцна и се донесоа, законски решенија што требаше да бидат во функција на ослободувањето на државата од партиските стеги. „Новите законски решенија ќе бидат основа за департизација и за деполитизација на државната администрација и за нејзино преструктурирање во професионален и ефикасен јавен сервис на граѓаните“, беше најавено на страницата на Транспаренси.
Сепак, и тоа, како и сите понатамошни законски решенија, останаа само пуста желба. До развод на партиите и администрацијата никогаш не дојде. Не само што „разводот“ не е на повидок, туку партнерството сè повеќе се зацврстува, а на Македонија веќе може да ѝ се додели „титулата“ шампион и по фантомски вработувања.
Медиумски извештаи обелоденија фрапантен податок дека државата издвојувала секоја година над осум милиони евра за 1349 вработени административци според Рамковниот договор, кои воопшто не доаѓале на работните места. Вработувањето било во периодот 2008 – 2015 година, а дури во 2021 беше донесена одлука за нивно распоредување на работни места – процес за којшто сè уште нема завршни согледувања дали е успешен, или пак само темата е успешно отстранета од јавноста.
Не помалку разочарувачка беше и информацијата дека имало околу 600 вработени во Генералниот секретаријат на Владата кои исто така земале плата без да доаѓаат на работа, или веста дека градоначалник на Чашка издал решенија за вработување на 40 луѓе кои никој не ги видел да доаѓаат на работа, а договорите им се продолжувале секој месец и им се исплатувал надомест од општината.
Сето тоа значи дека политички неутрални менаџери, директори на јавни претпријатија, судии, обвинители, сè уште ќе бидат во дефицит во нашата држава. Неутралноста и професионалната култура, пак, претставуваат главна вредност во државната администрација во развиените земји.
Останува надежта дека преговорите за членство во ЕУ, доколку продолжат, со оглед на условот за додавање на бугарското етничко малцинство во Уставот, ќе го неутрализираат партиското влијание. Отпорот несомнено ќе биде голем бидејќи партискиот клиентелизам и „купувањето“ политичка наклонетост преку партиски аранжмани е дел од нашето секојдневие, не со денови, туку со години. И тоа си зема данок. За партиските кадри не е императив професионалноста, туку заштитата на личните или партиските интереси, при што не ретко страда јавниот интерес и новинарите што го застапуваат.
Таков е случајот со недоличното однесување на директорот на скопска Топлана Север, кој надвор од секакви професионални норми и стандарди, вербално нападна новинарка која се интересираше за работењето на овој важен капацитет за граѓаните.
Тоа е само еден сегмент што ја илустрира опасноста во кој правец може да се движи Македонија доколку партиите не покажат волја да ја ослободат државата и нејзините институции од партиско заробеништво. Тоа, секако, не треба да биде во зависност од преговарачкиот процес со ЕУ, туку треба да дојде како израз на зрелост на државата, меѓутоа, за жал, однесувањето во тој дел е „тинејџерско“ со одбрана на личниот и партискиот, наместо јавниот интерес.
Дополнително, ова движење наспроти европските вредности не дава основа за оптимизам дека патот кон ЕУ ќе го (из)одиме лесно. За тоа не може да обвиниме ниту една соседна држава или историски недоречености, туку адресата е дома, во апетитите да се консумира власта по сопствена мерка, а не според утврдени професионални критериуми и стандарди.
Навистина е штета, во ера на толкав технолошки, политички, економски и секаков друг напредок во светот, во Македонија и понатаму да се молиме за наклонетост од партиски богови.
*Соња Крамарска, е новинар, автор на повеќе фељтони и други публикации, поранешен главен уредник на „Утрински весник“ и на порталот НоваТВ. Во моментов работи како новинар и член на редакцискиот колегиум на НоваТВ. Во својата кариера е наградувана со награди новинар на годината и со највисоката награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Има поминато една академска година на универзитетот Оклахома во САД во рамки на програмата за професионален развој. Работела и како советник за политички прашања и комуникации на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
**Блогот е дел од серијата текстови „Соседска сопка на патот кон ЕУ“ на Республика и Само прашај за актуелниот миг во односите меѓу Македонија и Бугарија, по уценувачката блокада на официјална Софија за македонските евроинтеграции. Оригиналната објава може да ја прочитате ТУКА.