Оваа година Грција ќе го прослави својот 40-годишен јубилеј како членка на еден од најсилните клубови на светот, Европската Унија. Европското патување на Грција напати беше тешко и ја доведе земјата до работ на излез од Унијата. Учејќи од своите грешки, Грција можеби ја обезбеди својата позиција во Унијата, но сè уште не успева како давател на суштинска помош или покажување солидарност кон земјите аспиранти за влез во ЕУ.
„Европа е грчки збор“ – се зборовите што грчкиот државник Константинос Караманлис, кој аплицираше за пристапување на Грција во Европската економска заедница во 1975 година, честопати им ги нагласуваше на своите европски колеги. Поентата му беше јасна: дека неговата земја, родното место на демократијата и на европската цивилизација, природно припаѓа на унијата составена од европски земји.
Караманлис сметаше дека мора да ги убеди оние кои се сомневаа дали Грција припаѓа кон европскиот клуб. Секое проширување на европскиот клуб отсекогаш било тешко прашање, дури и во раните денови на Унијата, а и сега случајот е таков со Западниот Балкан.
Ексклузивните клубови секогаш наметнуваат некакви критериуми за новите членови. Во случајот на Грција, тогашниот германски канцелар Хелмут Шмит беше загрижен за неефикасната јавна администрација и неможноста да собира даноци од богатите граѓани. Всушност, кога слушнал за желбата на Грција да аплицира за ЕЕЗ, тој славно извикал „само преку мене мртов“.
Сепак, Караманлис – со мала помош од неговиот пријател, францускиот претседател Валери Жискар Дестен – успеа да ги убеди скептичните европски лидери да ги тргнат настрана сомнежите и да дозволат Грција да се приклучи на нивниот клуб во 1981 година.
Две децении подоцна, Грција – тогаш сè уште со нестабилна економија – успеа да влезе и во еврозоната. Четиринаесет години подоцна, „најслабата алка“ во зоната со единствена валута се соочи со најтешката криза во односите со ЕУ, тетеравејќи се на работ на банкрот, соочена со можен излез од еврозоната, озлогласениот „Грегзит“.
За време на оваа криза, Грција немаше многу пријатели во ЕУ. Дури и човекот кој се заложи за нејзиното пристапување, Жискар Дестен, овој пат пропагираше за Грегзит.
Солидарноста на Европа опстојува како слоган
Иронично, за време на првите европски избори во 1979 година, Шмит испрати апел за „Солидарна Европа, во која земјите ќе си помагаат меѓусебно“. Околу 40 години подоцна, оваа идеја опстојува главно како симбол, може да се рече и слоган. Има само мал број примери кога членките на ЕУ покажале солидарност, основната европска идеја, особено за време на економската и мигрантската криза. Можеби ова е причината зошто Грците, кои главно се „за“ ЕУ, најчесто сметаат дека Унијата не покажува солидарност.
Ова јасно се гледа во анкетата каде што се анализира односот помеѓу ЕУ и Грција, спроведена од МРБ во име на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Атина во 2019 година. На прашањето „со еден збор да ја опишaт ЕУ денес“, 33,5 % од учесниците одговориле: „недостиг од солидарност меѓу земјите членки на ЕУ/наметнување на моќните“.
Во исто време, 64,1 % од учесниците сметаат дека Грција имала корист од членувањето во ЕУ во изминативе четири децении, додека само 33,4 % веруваат во спротивното. Од овие наоди, економската криза и тешките програми за спасување низ кои Грција мораше да мине за да го задржи своето место во еврозоната ја имаа најзначајната улога во тоа како Грците во моментов ја перципираат ЕУ.
Подобра иднина во ЕУ
По речиси една деценија економски тешкотии, Грција почнаа да ја надминува затегнатоста во односите со ЕУ, а фрустрацијата кон Унијата почна да се намалува. Всушност, според анкета спроведена од „Капа Рисрч“ за Фондацијата „Фридрих Науман“ во ноември минатата година, 75 % од испитаниците веруваат дека Грција ќе има подобра иднина во Унијата.
Некои неодамнешни примери служат како потврда на горенаведеното.
Една од главните грижи во моментов за грчкото општество се последиците од КОВИД-19 врз реалната економија. По подолг период на жртвувања, новата криза во јавното здравство сериозно влијае врз нивното секојдневие. Всушност, 42% од Грците сметаат дека најзначаен проблем е пандемијата предизвикана од коронавирусот, наведувајќи ја економијата како втора со 32 %, додека на трето место е невработеноста со 8%, според анкетата спроведена за Metron Analysis за Mega TV пред само неколку недели.
И покрај сите неодамнешни проблеми со процесот на вакцинација во Европа, 55% од испитаниците веруваат дека најлошото поминало, според истото истражување. Овој оптимизам секако произлегува од сигурноста дека Грција ќе ги добие вакцините против КОВИД-19 обезбедени преку договорите на ЕУ со „Фајзер/Биоентек“, „Модерна“ и „Астразенека“. Грција се очекува да прими 1,4 милиони дози од вакцината на „Фајзер“ до крајот на март, според претставници на Министерството за здравство.
Во исто време, оптимизмот може да се оправда и со 32 милијарди евра што Грција успеа да ги добие од фондот за закрепнување на ЕУ наречен „Следната генерација на ЕУ“, не сметајќи ги средствата од структурните и земјоделските фондови на ЕУ, што значи дека Грција треба да добие 70 милијарди евра од ЕУ во текот на следните седум години. Дополнително, Грција е меѓу седумте земји на ЕУ што доставија целосно развиен план за употреба на средствата од фондот „Следната генерација на ЕУ“.
Со тоа што учеше од своите грешки, се чини дека Грција, земја која порано беше во позиција на отпадник во Унијата, сега ќе има шанса да го врати својот имиџ и позиција.
Благосостојбата на соседите
Во секој случај, благосостојбата на една земја во голема мера зависи од благосостојбата на нејзините соседи. Некои од соседните земји на Грција, како Албанија, добија само мал број вакцини, додека други, како Македонија, сè уште немаат добиено вакцини.
И покрај тоа што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и министерот за надворешни работи Никос Дендиас, во бројни разговори и состаноци со официјални лица од Западен Балкан (ЗБ), изразија заложба да му помогнат на регионот да се справи со пандемијата, Грција не беше во можност да помогне ниту во првата фаза на кризата ниту сега, кога земјите во регионот очајно бараат начини да ги обезбедат потребните вакцини за нивното население.
Може да се постави прашањето што можела да стори Грција. На почетокот од кризата, кога земјата доби меѓународни пофалби за начинот на којшто се справи со првиот бран на пандемијата, можеше да ги сподели своите знаења и искуства со соседните земји.
Покрај тоа, Грција не испраќаше медицински материјали, како маски, дури ни како симболичен гест, кога други земји како Турција и Кина реагираа веднаш, побрзо дури и од ЕУ. Атина дури не се ни пожали во име на ЗБ кога Унијата првпат одлучи да воведе ограничувања на извозот на медицинскиот материјал во трети земји.
Може да се каже дека Грција е дел од ЕУ и во таа смисла му помогна на ЗБ, дури и ако тоа било подоцна од другите. Сепак, Грција исто така не беше дел од неодамнешната иницијатива на 13 министри за надворешни работи на ЕУ, кои преку заедничко писмо побараа од Европската комисија „да ги сподели вакцините од доделените договори со најблиските соседи на ЕУ, како што е Западен Балкан“.
Се чини дека има земји од ЕУ кои не се подготвени да се скријат зад иницијативите на Унијата и релевантните механизми, туку истовремено се залагаат за повеќе акции и солидарност кон Западниот Балкан, иако некои од нив не се ни близу до регионот.
Недостиг од солидарност
Грција, најбогатата и најстарата земја членка на ЕУ во Балканскиот Регион, која секогаш се жали на недоволната солидарност на Унијата, се чини дека научила само половина од лекцијата од нејзиното патување во ЕУ.
Земјата ужива во привилегиите од членувањето во овој силен клуб, како што се гледа во обезбедувањето вакцини или парите што ќе ги добие од Фондот за закрепнување, но не презема доволно чекори за да ја покаже истата солидарност што вообичаено ја бара кога таа се соочува со проблеми. Од минатата година, грчката влада ја зафатија голем број домашни проблеми (вклучително и кризата во нејзините односи со Турција) и последиците од пандемијата дома.
Нејзината неодлучност во давањето помош за соседните земји може да биде резултат на фобија, особено затоа што повеќето гласачи на владејачката партија Нова демократија сè уште не го признаваат Договорот од Преспа со Македонија, додека владата исто така натежнува поради популистичките медиуми коишто секогаш изразуваат сомневање за тоа дали Грција може да ѝ верува на Тирана во процесот на градење поблиски односи.
Освен тоа, владата се обидува да ја зајакне соработката со земји кои успеаја успешно да се справат со пандемијата, како Израел, што беше и причина за неодамнешната посета на Киријакос Мицотакис таму, можеби веќе барајќи начини да ги зголеми изгледите за прилив на туристи оваа година.
Но, вистината е дека Грција зависи и од соседните земји во однос на странски работници, особено од Албанија, на трговијата, па дури и на туризмот од Македонија или Србија. Доколку сака да ја врати својата „нормалност“ и повторно да ги отвори своите граници, треба да разгледа начини за да им помогне на соседите. Аспирантите членки на ЕУ на кои Европа им сврти грб, вклучително и нивната најблиска земја членка на ЕУ, оправдано бараат вакцини од Русија и Кина. Ова треба да биде знак за Унијата и за Грција да преземат чекори, оти нивните клучни стратешки интереси се поврзани со пристапување на Западниот Балкан во ЕУ.
Грција, која тврди дека е пионер на проширувањето на ЕУ со својата историска иницијатива – Солунската агенда 2003 – треба да размисли за бројните последици од дозволувањето нејзините соседи да бидат изолирани од ЕУ, и покрај тоа што некои од нив дури и значително се жртвуваа за да се приклучат на Унијата. Апсолутно е потребно Атина што побрзо да преземе значајни иницијативи за да им обезбеди на соседите од Западен Балкан барем јасен временски рок од ЕУ за многу посакуваните вакцини.
Дополнително, сериозно земајќи ги предвид огромните последици од натамошното одложување на процесот на ЕУ за ЗБ, Грција исто така треба да преземе поактивна улога. Ги има потребните дипломатски алатки, знаењето и искуството за да го води регионот – не само со реторика туку и преку споделување практични знаења, па и да посредува кога е потребно, за да им помогне да се приклучат на блокот.
Европа навистина е грчки збор. Но, идејата за ЕУ е изградена со значајни дела на солидарност, добра волја, добрососедски односи и со внимание на ситуацијата надвор од домашните проблеми и грижи. Таа е изградена од силни пријателства. Ако Грција ја научила својата лекција, сега е времето да го покаже тоа.
* Овој блог е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведува Рес публика во соработка со HAD (Словенија), Анализирај.ба (БиХ), Sbunker (Косово) Не давимо Београд (Србија), Макрополис (Грција) PCNEN (Црна Гора) и Lupiga (Хрватска).
** Александра Вудури е новинарка, родена во Атина. Додипломските студии ги завршила на Националниот универзитет во Атина (БА), а постдипломските студии на Факултетот за новинарство, медиуми и културолошки студии – Универзитет во Кардиф, Велика Британија (МА). Во доменот на својата работа, таа ги покрива дипломатските и европските прашања, додека се фокусира на случувањата во Југоисточна Европа, воглавно на Балканот. Таа во моментот е аналитичар за надворешни работи на новинската служба „Macropolis.gr“, водејќи дневна емисија посветена на дипломатските и меѓународните работи на Атинското радио, Атина 9,84fm.
*** Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.