По промената на составите на парламентарните мнозинства и кај нас и во ЕУ, препреките на патот кон членство во Унијата остануваат исти. Сега кога топката е фрлена, движењето на нејзиниот правец во голема мера ќе зависи и од рацете на ЕУ и насоката која ќе ја фати Европското лидерство. Во овластувањата на ЕУ е да ѝ овозможи непречен евроинтеграциски пат на Македонија, но сè додека опстојува позицијата на релативна индиферентност, Западниот Балкан ќе продолжи да биде проголтан од внатрешните борби и алтернативи преку можноста за зголемено кинеско и руско влијание.
Македонија аплицираше за членство во ЕУ уште во 2004 година, доби статус на земја кандидат во 2005 година, а првата Меѓувладина конференција за пристапни преговори се одржа дури 17 години подоцна, во 2022. По решавањето на долгогодишното попречување на Европскиот пат поради спорот со Грција, процесот е повторно во застој поради спорот со Бугарија, но овој пат се чини дека досега договореното и прифаќањето на „Францускиот предлог“ не придонесуваат за приближување на ставовите, туку напротив во најмала рака за стагнација, окарактеризирана и со предизвици кои произлегуваат од промената на политичката слика на сите страни во изминатиов период.
Факт е дека политичкото расположение и кај нас и кај јужниот сосед, како и атмосферата во таа насока беше многу поразлична пред потпишувањето на Договорот од Преспа во 2019 година. Во тој период сведоци бевме на засилено присуство во двете земји на голем број високи претставници за средби, како и напори за медијација и од ЕУ, САД, НАТО и ОН, што беше јасен показател за интересот кој тие го имаа за брзо решавање на долгогодишниот спор со Грција, што всушност беше предиспозиција конкретно за полноправно членство на Северна Македонија во НАТО. Ваквиот развој на односите значеше недвосмислен показател за геополитичките интереси за членството во НАТО, а самото тоа може да се толкува како двигател на брзината на решавањето на спорот.
Но како во надворешниот, така и многу повеќе во домашниот контекст, решавањето на спорот со нашиот јужен сосед се продаваше не само како трајно рушење на главната бариера која води кон членство во НАТО, туку и за полноправно членство во Европската Унија. Дури и во формулацијата на референдумското прашање во Македонија за промената на името беше вметнато членството во ЕУ и НАТО. Таквиот пристап (требаше да) предизвика одредено чувство дека по решавањето на ваквиот спор, зачленувањето и во НАТО и во ЕУ ќе се случи за релативно краток временски период.
Македонија, сега Северна, се зачлени во НАТО, но потоа покрај сите ветувања, кога конечно требаше да се прооди и патот кон Брисел, набрзо следеше Француското вето кое го блокираше почетокот на пристапните преговори на Албанија и Северна Македонија. Ваквиот потег наиде на низа критики како во самата ЕУ, така и кај стратешкиот партнер САД, и беше опишан како „историска грешка“, што би можела да остави можност, вакуум просторот во земјите од Западен Балкан да биде пополнет од други страни со геополитички интерес во регионот, односно со Руско и Кинеско влијание.
Се разбира, кога правиме споредба помеѓу ЕУ и НАТО, важно е да се напомене дека тие доста се разликуваат, а со тоа и поставените критериуми за зачленување во нив. Па така, покрај решавањето на билатералниот спор со Бугарија, една од главните задачи за новата Влада во Македонија ќе биде реформскиот процес и исполнувањето на Копенхашките критериуми, што всушност би бил главниот фокус во отстуство на вето од било кој од соседните земји.
Но дали по молчаливите дилеми кои беа озвучени преку Француското вето, а во однос на подготвеноста на ЕУ за ново проширување во постоечкиот систем, и евидентните измени во преговарачката рамка (вклучително и на билатералните прашања со Бугаргија), можеме да гарантираме дека во Унијата постои одлучна подготвеност за проширување? Пасијата и чувството на ургентност во таа насока се особено видни и изразени со брзата промена на кандидатскиот статус и најавите за почеток на преговорите со Босна и Херцеговина, Молдавија и Украина. Ваквите нови контури може да се толкуваат како препознавање на геополитичкиот момент особено по почетокот на војната во Украина. Сепак, вистинското прашање кое се поставува е колку ваквата пасија за проширување е симболична и декларативна, а колку постојат реални шанси за нов блок земји членки во скора иднина, бидејќи како што идентификуваме забрзување на процесите во едни земји, истите се во застој и пасивност на пример во земјите од Западен Балкан.
Постојат сериозни внатрешни дискусии за подготвеноста, и промените кои ЕУ треба да ги направи во своето функционирање пред да си дозволи ново проширување, како и анализи за влијанието кое би го имало особено во однос на системот на носење одлуки со консензус и за потенцијалното воведување на квалификувано мнозинство. Згора на ваквата ситуација, според анализите на Евробарометар, само 53% од луѓето во ЕУ се расположени за проширување.
Од друга страна пак, убедливата победа на опозицијата на парламентарните и претседателските избори оваа година, се показател дека мнозинството население бараат различен пристап и во надворшената политика на земјата, која и покрај фактот што е проевропски ориентирана, се однесува далеку порезервирано кога се во прашање отстапките во однос на националните прашања и црвените линии.
Европската Унија во една ваква ситуација не може да си дозволи чекајќи да се надева дека проблемите на Балканот сами ќе се решат, бидејќи праксата го говори спротивното. Особено интересни за анализа се и толкувањата за руско влијание во Бугарија, како единствена земја која стои на Европскиот пат на Македонија, а било какви влијанија во регионот не треба да бидат изненадување. Токму ваквите теории се причина плус за демонстрирање на одлучно лидерство од страна на ЕУ, и искористување на моментот за политички притисок насочен не само кон Македонија туку и кон Бугарија, со цел отстранување на сите пречки на патот кон полноправно членство во Унијата.
Какви чекори ќе преземе Владата и каква алтернатива ќе претстави доколку патот остане заглавен се легитимно право на новоизбраната власт во Македонија, но реакцијата на ЕУ ќе биде исто така клучна за идниот развој на оваа ситуација. На потег е лидерството на ЕУ, а прашањата дали ќе го стави регионот повторно во приоритет и дали ќе успее да ги приближи ставовите на двете земји, во голема мера ќе одговорат за тоа дали истата ќе го задржи своето влијание во регионот, или ќе остави простор за создавање на нови алтернативи колку истите да ги има или нема во овој момент.
Бојан Лазаревски
*Бојан Лазаревски е политиколог по меѓународни и интеркултурни студии. Бојан е, исто така, соработник за пишување на Young Voices Europe, и активист и истражувач.
**Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.