Во недела, македонските граѓани ќе излезат на референдум. Околку референдумот, како никогаш досега, се кршат копјата во академската заедница. Консензус тешко да се постигне околу било што: природата и карактерот на референдумот, цензусот, последиците од одлуката која ќе се донесе. Многу работи остануваат недоречени и создаваат заблуди. Петте што следат, ги издвојувам како најважни:
Заблуда број 1: Неуспешниот референдум ќе го „погребе“ Преспанскиот договор
Референдумот по својата природа е консултативен и правните последици од референдумот не се конечни. Ова не е уште една „замка“ за електоратот, туку правна и фактичка реалност која произлегува од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Имено, член 8 од споменатиот закон вели дека „Референдумот се распишува заради одлучување на граѓаните или за консултирање на граѓаните. Одлуката донесена на референдумот за одлучување е задолжителна. Одлуката донесена на референдум за консултирање не е задолжителна.“
Одлуката за распишување референдум за договорот со Грција можеше да се однесува единствено на консултативен референдум, согласно истиот закон и Уставот на Република Македонија. Токму затоа и во самиот договор референдумот не е предвиден како задолжителен механизам. Имено, законот во член 23 предвидува дека „Референдум на државно ниво задолжително се распишува за усвојување на одлука на Собранието за менување на границата на Република Македонија и на одлука за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави.“ Уставот, пак, во член 74 вели дека „Собранието донесува одлука за менување на границата на Републиката со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Одлуката за менување на границата на Републиката е усвоена на референдум, доколку за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи“ додека, пак, во член 120 вели дека „Предлог за стапување во сојуз или заедница со други држави или истапување од сојуз или заедница со други држави можат да поднесат претседателот на Републиката, Владата или најмалку 40 пратеници. Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.“
Важно е да се нотира дека кај задолжителниот референдум, во поглед на цензусот, одлуката се смета дека е донесена доколку за неа гласало мнозинството од ВКУПНИОТ број избирачи. Во врска со цензусот за консултативниот референдум, апликабилен е член 30 од Законот кој вели дека „Одлуките на референдумот на државно ниво се сметаат за усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список, освен во случаите кога за одделни прашања со Уставот и со овој закон поинаку не е утврдено.“ Затоа, единствената работа што може да ја „погребе“ неуспешниот референдум е меѓународната репутација на земјата која конечно почна да оди во нагорна линија. Спроведувањето на референдум по сите прописи е од највисок интерес на државата и на сите нејзини граѓани, вклучително и на опозицијата.
Заблуда број 2: Македонскиот Устав не познава консултативен референдум
Тоа што во Уставот не се споменува консултативниот референдум, не значи оти Уставот не познава консултативен референдум. Имено, Уставот ги регулира случаите во кои референдум мора да се организира, но не го ограничува организирањето на референдум и во други случаи. Член 2 од Уставот вели дека „Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.“ Прашањата со изборите, референдумот и другите облици на непосредно изјаснување понатаму се допрецизираат на ниво на закон, како логична последица на хиерархијата на правните норми и правната архитектура на секое државно уредување.
Тоа што референдумот е консултативен, не смее да биде изговор за бојкот, односно за неизлегување на гласање, особено за оној дел од електоратот кој е против договорот со Грција затоа што иако одлуката не е обврзувачка, ниту една влада не би се осмелила да се спротистави на одлука што ќе ја донесе големо мнозинство на гласачи, без оглед на исходот.
Заблуда број 3: Референдумското прашање е нејасно
Една од првите лекции за методи на правно толкување која се учи во првиот семестар на Правен факултет на часовите по предметот „Вовед во правото“, јасно посочува дека примарен метод на правно толкување е јазичниот метод, а доколку јазичнто толкување буди несигурност, треба да се гледа во контекст со другите методи на толкување, пред се со телеолошкиот или со методот на целесообразност. Дополнително, и Виенската конвенција за договорно право која во голем дел го кодификува меѓународното обичајно право, во член 31 го потврдува истиот начин на кој се врши правно толкување – преку јазичниот и телеолошкиот метод. Затоа, вака поставеното прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, преку прифаќање на Договорот помеѓу Македонија и Грција“ јасно укажува дека само преку прифаќањето на договорот може да се стигне до одблокирање на евроатланстките интеграции за Македонија и е нејасно само за оној што не сака да чита, особено меѓу редови.
Заблуда број 4: Референдумското прашање во себе содржи три прашања
Референдумското прашање е само едно и се однесува исклучиво на прифаќањето на Договорот со Грција, од причини кои се погоре елаборирани: методите на правно толкување и случаите во кои се распишува задолжителен референдум. Уставот изрично нагласува дека за стапување во сојузи со други држави референдумот е задолжителен, и цензусот е повисоко поставен отколку за консултативниот референдум. Тоа значи дека граѓаните ќе треба да се изјаснат поединечно за влезот во Европската Унија и НАТО, односно да гласаат на засебни референдуми за пристапување кон секој од сојузите, а сега треба да се изјаснаст исклучиво за прифаќање на договорот со Грција.
Заблуда број 5: Бојкотот е единствено решение
Бојкотот не е решение во ниту една функционална демократија и како таков е спротивен на европските вредности. Оние кои се повикуваат на Кодексот на добри практики за референдуми на Венецијанската комисија, треба да го прочитаат докрај и да се осигурат дека го разбрале преводот, бидејќи во објаснувачкиот меморандум на Кодексот под точка 51 се вели дека „охрабрувањето на или апстинирањето од гласање или наметнување на перцепцијата на малцинството не е здраво… Дополнително, истото ја зголемува можноста за фалсификување“. Затоа, во оваа ситуација бојкотот може да се перцепира единствено како политички интерес на поединци.
Наместо заклучок
Погоре изнесените аргументи воопшто не се лесни за македонската страна во приказната, но се реалност која ја живееме и која не смее да биде запоставена или да се изгуби во мноштвото диверзифицирани гласови кои се мултиплицираат во ехо. Колку и да се тешки некои одлуки за донесување, тие се единствениот начин да се покаже зрелост и државотворност. Ако во бучавата не успееме да го издвоиме гласот на разумот и словото на законот, евтиниот популизам ќе ни испорача висока фактура, која ќе ја исплаќаме со децении потоа.
Весна Попоска
* Колумната е објавена како дел од акцијата „Мисли на глас“ на Младински образовен форум во рамки на граѓанската иницијатива „Зачекори напред! Изборот е твој“. Објавените содржини не секогаш ги одразуваат ставовите на Радио МОФ и Младински образовен форум.