[Став] Планетата по пандемијата

Andre Hoffmann 200x250

Пишува: Андре Хофман (André Hoffmann)

За разлика од претходните избивања на зарази, кои се случија во поскорешната историја, КОВИД-19 поттикна досега невидени државни интервенции, со тоа што владите ширум светот развиваат и спроведуваат сеопфатни стратегии за закрепнување. Ова претставува одлична можност да се обезбеди сигурно место за заштита и зачувување на животната средина во нашите економски системи.

Кај научниците нема многу простор за сомнеж: уништувањето на природата го прави човештвото сè поранливо на избивања на зарази како што е пандемијата со КОВИД-19, од кој милиони луѓе заболеа, стотици илјади починаа и се уништија безброј извори на живеачка низ целиот свет. Тоа ќе претставува и пречка за долгорочно економско закрепнување, бидејќи повеќе од половина од светскиот БДП на некој начин зависи од природата. Може ли кризата од КОВИД-19 да огласи аларм за будење, односно дали е ова можност да го промениме правецот на движење?

Додека некои политичари тврдат дека пандемија од ваков размер била непредвидена, многу експерти сметаат дека таа била речиси неизбежна, со оглед на размножувањето на зоонозните заболувања (предизвикани од патогени кои се пренесуваат на луѓе од други животни). Повеќе од 60% од новите заразни болести што постојат во моментов потекнуваат од животни.

Овој тренд е директно поврзан со човековите активности. Од интензивно искористување на земјоделските ресурси, уништување на шумите, до рударство и експлоатација на дивите животни, деструктивните практики со кои упорно продолжуваме и покрај сите негативности, нè ставаат во сè поблизок контакт со животните, создавајќи идеални услови за прелевање на болестите. Во оваа смисла, ебола, ХИВ, тешкиот акутен респираторен синдром (САРС) и Блиско источниот респираторен синдром (МЕРС), сите со зоонозно потекло, беа предупредувањата што светот не успеа да ги послуша.

Но, КОВИД-19 би можел да биде поинаков. На крајот на краиштата, овој вирус, повеќе од кој било од неговите претходници покажа колку фундаментално се поврзани човековото здравје и просперитет со добросостојбата на нашата планета и колку ранливи нè прави тоа. Тврдењата дека заштитата на животната средина би можела да ги уништи економиите не само што беа кратковиди, туку и контрапродуктивни. Уништувањето на животната средина е всушност она што ја сруши светската економија.

Згора на тоа, за разлика од скорешните избивања на зарази, КОВИД-19 предизвика досега невидени државни интервенции, при што владите ширум светот развиваат и имплементираат сеопфатни стратегии за закрепнување. Ова претставува одлична можност да се обезбеди сигурно место за заштита и зачувување на животната средина во нашите економски системи.

Два принципи треба да бидат водечки во обликување на стратегиите за закрепнување. Прво, не е доволно само да се обезбедат стимулации; туку исто така се клучни и подобри регулативи за животната средина, подготвени со активно учество на бизнисот и на инвеститорите. Второ, јавниот буџет треба да се распредели така што ќе се овозможи подобра рамнотежа помеѓу здравјето на општествата, економиите и животната средина. Ова значи инвестирање во зелените индустрии, особено во оние кои нè приближуваат кон циркуларна економија.

Водечки економисти како нобеловецот Џозеф Стиглиц и Николас Стерн откриле дека зелените пакети за закрепнување би понудиле многу повисоки стапки на поврат, поголем број краткорочни работни места и подобра долгорочна заштеда на трошоци отколку традиционалното фискално стимулирање. На пример, градењето инфраструктура со чиста енергија, што е нешто што изискува навистина многу труд, би создало двојно повеќе работни места по долар споредено со инвестициите во фосилни горива.

Другите приоритети вклучуваат инвестирање во природен капитал, како на пример масовно обновување на шумските екосистеми. Ова ќе донесе многу вредни придобивки, почнувајќи од зајакнување на биодиверзитетот и ублажување на поплавите до апсорпција на јаглерод диоксид од атмосферата. За да се надополнат ваквите напори, банките и другите финансиски субјекти треба да одговараат при примена на практики со кои се влошуваат природните и климатските кризи.

Дел од оние кои се на одлучувачки позиции се свесни дека ова е од исклучителна важност. Меѓународниот монетарен фонд објави широки насоки за зелено закрепнување, а извршниот директор на ММФ, Кристалина Георгиеваповика условите за животната средина да бидат составен дел од финансиската помош. Француската влада веќе зазеде таков пристап.

Дополнително, Европската унија подготвува зелен план за закрепнување од КОВИД-19 кој ќе го надополни нејзиниот Европски зелен договор, чија цел е да се обнови биодиверзитетот и да се забрза преминувањето кон економија со нула јаглеродни емисии. Група од 180 европски политичари, компании, синдикати, кампањски и експертски групи неодамна објавија писмо во кое ги повикуваат водачите на ЕУ да усвојат зелени стимулативни мерки.

Но, за да се постигне одржливо глобално закрепнување, многу повеќе влади ќе треба да ги прифатат политиките за еколошко закрепнување. Засега многумина го прават спротивното, односно ги насочуваат ресурсите кон еколошки деструктивни индустрии и активности.

На пример, според истражувањето во кое биле вклучени Стиглиц и Стерн, безусловните мерки за помош за авиокомпаниите покажуваат најлоши резултати во однос на економско влијание, брзина и климатска метрика. Сепак, милијарди и милијарди се насочуваат кон авиокомпаниите, честопати со само малку обврски и услови што треба да бидат исполнети.

Всушност, според неодамнешниот извештај за Индексот на еколошки стимулации, повеќе од една четвртина од трошоците за стимулации дадени досега во 16 големи економии најверојатно ќе предизвика значителна и трајна штета на животната средина. Некои, како што е владата на американскиот претседател Доналд Трамп, исто така ги олабавија постојните правила за животна средина, со цел да им помогнат на поголемите загадувачи да закрепнат.

Станува сè потешко да се оправда овој пристап. Да не заборавиме, непосредно пред пандемијата, различни земји доживеаја невидени пожари и погубни поплави. Како што напредуваат климатските промени, екстремните временски настани што создаваат вакви катастрофи ќе станат почести и посериозни.

Политичарите и личните интереси можат да се обидат да го одвлечат вниманието од предизвиците што се пред нас. Но, ова нема да ги спречи идните кризи и сигурно нема да ги натера да почекаат додека да заврши закрепнувањето од КОВИД-19. Напротив, враќањето на претходните животни практики може да го забрза нивното пристигнување.

Наместо да продолжиме да преминуваме од една криза во друга, веднаш мора да изградиме поотпорни системи. Одличен начин да започнеме со тоа е зачувувањето и обновувањето на животната средина го ставиме центарот на закрепнувањето од КОВИД-19.

*Андре Хофман, бизнисмен и филантроп, е претседател на Фондацијата „МАВА“ и Потпретседавач на „Хофман-Ла Рош“.

Авторски права: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.