Градот убав пак ќе никне. Скопјани се горди на овие стихови, ги потпевнувавме како деца, ги користиме како возрасни. Главниот град бил синоним на зеленило и квалитетен урбанизам, барем така ми кажувале родителите. Преку 2.000 велосипеди „закачени“ пред Градскиот стадион пред натпревар, по натпревар сите во Градски парк, на дружење. Скопје може да се пофали и со импресивни архитектонски дела, говорам за поштата, студентскиот дом Гоце Делчев, просторот на УКИМ и многу други. Главното прашање што треба да си го поставиме е што е тоа планирање на просторот? Не треба да си архитект или премногу стручен за да си одговориш, логично е. Хумано планирање на просторот е одржлива и функционална инфраструктура, плански изградени објекти со пропишани параметри и нормални, зелени површини. Што се случува со градов? Каде е зеленилото од сеќавањата на повозрасните и каде е планирањето на просторот што го говорат експертите?
По скандалозните државни проекти пред 7-8 години кои го уништија срцето на Скопје, градскиот плоштад, објектите, текот на Вардар, институциите и зеленилото почна неумешно да се става плочата на градот. Што е плоча? Тоа е она кога неплански на секој слободен простор му се поставува арматура со добиена дозвола за градба. Зграда или згради со огромни висини. Тоа е плоча. Плоча се става и кога на секое постоечко зеленило преку кое градот „диши“ се носи багер, да копа дупка за арматура, за година дена станува подземна гаража на 30 катница. Тоа е плоча.
Дозвола за плоча се дава, ја даваат институции и локални власти. Посебно ме вознемири можна дозвола за една нова плоча, таму, кај паркингот на Холидеј Ин. Најава за неколку 30 катници на површина некаде околу 6 хектари. 5-6000 илјади граѓани би се вселило во тој нов град. Ако малите градови во Македонија се со околу 15.000 жители, еве цело мало градче би се изградило во центарот на градот. На тие граѓани на кои би им биле потребни градинка, училиште и сообраќајна инфраструктура. Замислете, таму каде што сега неможе да се разминат 10 тина коли, би требало да се разминат околу 2.000 возила. Чудно.
Мојата визија за тоа парче простор е парк. Голем парк. Голем колку градски парк, нека биде поголем, ете себичен сум. Нешто во стилот на Централ Парк во Њујорк, во сред урбана џунгла шума. Со куп дрва, со клупи со простор за миленичиња, со јавни тоалети (за луѓе со попреченост, со услови за менструална хигиена со сите салтанати, но ај за ова подоцна) Парк каде што секој ќе си го најде „ќошот“ на пауза, за викенди. Па направете го ова, едноставно е. Обештете ги граѓаните кои имаат претежно стари живеалишта, наместо плоча направете парк. Со многу зеленило. Згради не смеат да бидат опција, ако се случи тоа ќе му ја ставиме последната плоча на Скопје, а после тоа…Градот убав, нема повеќе да никне.
Бојан Петровски, граѓански активист