Победата на ДУИ во 11 општини e засенета од фактот што не успеа да победи во Тетово и Гостивар, битни политички градови за Албанците. Изненадувањето на овие локални избори го приреди Беса, која освои 25 илјади гласови.
За разлика од македонскиот политички блок, во кој сликата е јасна и недвосмислена, во албанскиот блок не може со прецизност да се определи победникот и губитникот на неодамнешните локални избори.
Пирова победа на ДУИ
Демократската унија за интеграција (ДУИ) на овие избори е победник само по бројот на гласовите. Со освоените 105 илјади гласови, ДУИ го задржа идентичниот број на гласови освоени на предвремените парламентарни избори во 2020 година.
Но, ако резултатот на овогодинешните локални избори се споредува со резултатите од локалните избори во 2017 година, ДУИ бележи пораст од 15 илјади гласови, бидејќи тогаш освои „само“ 90 илјади гласови.
Со овој резултат ДУИ победи во 11 општини. Во седум победи во втор круг и тоа во: Арачиново, Чаир, Струга, Кичево, Боговиње, Теарце и Долнени, а уште во првиот круг победи во три општини: Сарај, Липково и Пласница. ДУИ победи и на локалните избори во Дебар, кои дополнително се одржаа на 14 ноември, 2021 година.
Победата е засенета од фактот што ДУИ не успеа да победи во Тетово и Гостивар. Токму во нив, како дел од изборната единица 6 се концентрирани најголемиот број гласови на Албанците, од кои се избираат најголем број на пратениците од редовите на партиите на етничките Албанци.
Колку се битни овие два градови покажува и фактот што Партијата за Демократски Просперитет својот политички пад го доживеа токму по губењето на локалните избори во 1996 година. Победник на тие избори беше Демократската Партија на Албанците, предводена од Арбен Џафери. По овие избори ДПА бележи голем раст, а по изборите во 1998 година стана дел од владата на Лубчо Георгиевски.
Поразот во Тетово и Гостивар, ДУИ се обидува да го амортизира со конвертирање на освоените гласови во пратеничките места што тие очекуваат да ги добијат. Заменик премиерот од редовите на ДУИ, Артан Груби, на својот личен Фејсбук профил ја објави оваа симулација, според која неговата партија би освоила 18 пратеници, Алијанса на Албанците и Алтернатива 8, Движењето БЕСА би освоила 3 пратеници, а Демократската Партија на Албанците не би освоила ниту еден пратеник.
Албанската опозиција со незадоволителен резултат
Албанската опозиција не може да биде задоволна од освоените гласови на локалните избори. Во првиот круг на листите за советници коалицијата составена од Алијансата на Албанците (АА) и Алтернатива освои 56 илјади гласови. Како споредба, на локалните избори во 2017 година, кога АА не беа во коалиција со Алтернатива, тие освоија 49 илјади гласови. На парламентарните избори во 2020 година, оваа коалиција освои 81 илјади гласови, односно 12 пратеници наспроти 15, колку што освои ДУИ.
Алијанса на Албанците ја обвинуваат партијата на Ахмети дека ги искористила сите државни расположливи ресурси за да победат на изборите. Генералниот секретар на Алијансата и новоизбраниот градоначалник на општина Гостивар, Арбен Таравари во дебатната емисија на ТВ 21 „Клик плус“ обвини дури дека дома му дошле вооружени луѓе од ДУИ, а тој немал каде да ги пријави, бидејќи полициската станица во Гостивар била претворена во штаб на ДУИ.
Таравари не ја обвини само ДУИ, туку и ИВЗ, кон која упати сериозни обвинувања. Тој обвини дека реисот Шаќир Фетаху работел за ДУИ и агитирал за гласови во нивна полза. „Ја злоупотреби својата позиција како реис и во име на Господ барал да се гласа за ДУИ. Тој требаше да остане неутрален. Тој се „топи“ кога ќе го види Ахмети. Сите на куп ги победивме во Гостивар“, вели Таравари.
И покрај незадоволителниот резултат, лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села сепак не размислува за оставка.
БЕСА изненади, го доби Тетово
Изненадувањето на овие локални избори го приреди Движењето БЕСА, која освои 25 илјади гласови. Оваа партија најголемиот број на гласовите ги освои во Тетово, каде го доби градоначалничкото место и со тоа предвремено политички ја „пензионираше“ Теута Арифи, потпретседател на ДУИ и градоначалник на овој град во изминатите два мандати. Но, БЕСА го доби Тетово и со поддршка на дел од гласовите на Алијанса на Албанците и Алтернатива, а партијата на Касами за возврат го поддржа Таравари во Гостивар.
Освен Тетово, Беса го освои и општина Желино и со овој резултат покажа дека има иднина на политичката сцена во земјата. На резултатот на оваа партија воопшто не и влијаеше фактот што на минатите парламентарни избори Беса беше во коалицијата „Можеме“ заедно со СДСМ.
Беса полека се етаблира како силен трет политички субјект, имајќи предвид дека албанската политичка сцена е окупирана од едната страна од ДУИ, а од другата страна од Алијансата на Албанците и Алтернатива.
Позиционирањето на партиите по локалните избори
ДУИ ќе продолжи да се претставува како победничка партија, но нејзината позиција многу ќе зависи од начинот на кој ќе продолжи владината коалиција по евентуалната (во најава) оставка на Заев. Оваа партија сака да го зацврсти својот политички статус во владината коалиција со СДСМ, иако ќе има нов мандатар за формирање на новата политичка влада.
Судејќи според бројките на овие избори, на ДУИ им одговара одржување предвремени парламентарни избори. Но, тие сметаат дека предвремени избори не се потребни, можеби поради фактот што веќе се профилираат два политички блокови на етничка основа, а победничката ВМРО – ДПМНЕ не гледа во ДУИ како нивни иден коалициски партнер.
Албанската опозиција ќе продолжи да се етаблира на политичката сцена, но попрво се ангажира за ново парламентарно мнозинство а дури потоа за предвремени избори, бидејќи смета дека изборите со ДУИ на власт се безмислени.
Од друга страна, ВМРО – ДПМНЕ бараше итни предвремени избори, но во петок (4 ноември, 2021 година) заедно со БЕСА и Левица тие прогласија ново парламентарно мнозинство. Ова мнозинство не успеа да изгласа недоверба на владата, бидејќи пратеникот на БЕСА, Кастриот Реџепи на денот на гласањето не се појави во Собранието и со еден потег ја уништи иницијативата на опозицијата за формирање на нова влада. ВМРО – ДПМНЕ ќе продолжи да турка за предвремени парламентарни избори. Албанската опозиција е претпазлива, бидејќи сметаат дека власта ги заплашува граѓаните на секои избори.
Оваа коалиција не покажува единство пред јавноста, особено по шпекулациите дека еден од партнерите на албанската опозиција, партијата Алтернатива е во преговори за вклучување во сегашната власт, со што би се зголемило нивното парламентарно мнозинство.
Позицијата на БЕСА во власта и нејзиното приклучување кон „коалицијата“ предводена од ВМРО – ДПМНЕ ја разниша одлуката на Државната изборна комисија за прегласување во општина Желино, што можеше да го смени и кормилото на оваа општина. По оваа одлука на ДИК, министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа испрати политичка порака преку својот Фејсбук профил. „Желино, во кое се роди една партија (движењето БЕСА), може да биде и Желино кое растура една Влада“ – напиша Хоџа.
Локалните избори произведоа резултат кој очигледно предизвика политичка криза, а можеби ќе предизвика и предвремени парламентарни избори.
*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.