Во моментов на многу места во светот бегалците и мигрантите се најранливи и затоа се на мета, но истовремено се првата група која е на удар, а по нив ќе дојде и втората и третата. Ако пораснат авторитарните тенденции, секој може да стане мета. Затоа треба да се шири идејата за солидарноста, за луѓето да сфатат што е се во прашање кога велиме дека мора да се бориме против ксенофобијата и почитувањето на сите човекови права.
Последниве години ги живееме во време на светската пандемија, но, тоа не ги спречи ниту миграциските движења ниту ни масовните протести против системите и државните апарати кои дури ни денес немаат еднаков третман на луѓето, овдека мислам на движењето Black life maters и на протестите кои се случија низ целиот свет. И покрај децениската борба, човековите права не им припаѓаат на сите подеднакво. Правото на живот не им припаѓа на околу 22.000 бегалци кои до сега се удавија во Медитеранот, одредени земји од ЕУ ги криминализираа спасувачките мисии на невладините организации, им ставија „колено“ на вратот на бегалците и ги оставија без воздух, ги оставија да се удават. Земјите на балканската рута исто така ставија колено на животите на стотици бегалци. Гледајќи како бегалците не можат да дишат под овие „колена“, со последните напори повторуваме дека и правата на бегалците се човекови права, повторуваме дека правото на азил и безбеден живот се права дадени на секој поединец, дека државата треба да го тргне „коленото“ од правото на азил и да го остави да „дише“.
Политиките за бегалците мора да започнат со почитување на човековите права, а управувањето со границите и самата миграција мора да се заснова на зачувување на човечкото достоинство. Но за жал денес сме сведоци дека миграцијата се „менаџира“ со насилство. Amnesty International објави извештај за ужасното наводно малтретирање на бегалците и мигрантите од страна на хрватската полиција во нивните нерегуларни обиди да ја преминат границата. Затоа што овие луѓе се исклучени од регуларен влез но и на правото на безбеден живот. Начинот на кој денес се третираат бегалците и мигрантите е криминализирање на правото на азил. Мора да се направат напори да се најде легално решение за нивното движење со цел да се минимизираат жртвите на опасното патување на кое бегалците се принудени.
Живееме во време на изразен и систематски расизам, ксенофобија и исламофобија. Но, за жал, кај бегалците имаме мултисекторски пристап, а тоа ја прави нивната борба значајна, а нивните права приоритет за државите. Во текот на мојата работа посветив премногу енергија во борбата со лажните вести насочени кон ширење на омразата кон бегалците и криминализирање на солидарноста на луѓето. Болно е што лажните вести влијае и врз политиката на државата кон бегалците. Од 2017-та година, кога тогашната опозиција целата кампања за локалните избори, ја засноваше на ширење страв и паника, за изградба на мигрантски кампови во Македонија, и за бегалците зборуваше низ обични бројки, калкулирајќи со наводни стотици илјадници бегалци и мигранти кои чекаат на нашата граница, за жал ја дефинира иднината на ова прашање во Македонија. Од тогаш сите прогресивни процеси за бегалците се застанати, Стратегијата за интеграција на бегалците и мигрантите 2017-2021, никогаш не се изгласа од Собранието, дури не се ни дебатира за неа. Македонија има најмала стапка на одобрени барања за азил и заштита. Не се говори за присуството на бегалците и мигрантите од страна на нашите власти. Не се зборува за човековите права и достоинството на овие луѓе. Надлежните власти говорат само за безбедноста на границите, за спречување на движења на ирегуларните мигранти, криумчари, и сличен говор. Се креира политики и пракси кои се под влијание на лажните вести и мислам дека „му ставија колено“ на азилот и не му дозволуваат да „дише“.
За жал, земјите на балканската рута, која ја опфаќа и Македонија, имаат систем за азил кој ги дискриминира и ги исклучува бегалците од системот за заштита. И како што борбата за правда за Џорџ Флојд почна да се шири преку Атлантскиот Океан сè до Медитеранот, а се осврнува на прашањето на систематскиот расизам и дискриминација, така се зголемува и потребата за правда за сите човечки суштества. Државите се тие кои имаат обврска да градат инклузивни политики во кои нема место за дискриминација и расизам.
Ова не е само проблем за бегалците и мигрантите „заробени“ на Балканот, и покрај сите постулати на владеењето на правото, туку се менува и концептот за тоа што државата може да им го направи на сопствените граѓани. На мета е целото општество, сите негови демократски основи. Во моментов на многу места во светот бегалците и мигрантите се најранливи и затоа се на мета, но истовремено се првата група која е на удар, а по нив ќе дојде и втората и третата. Ако пораснат авторитарните тенденции, секој може да стане мета. Затоа треба да се шири идејата за солидарноста, за луѓето да сфатат што е се во прашање кога велиме дека мора да се бориме против ксенофобијата и почитувањето на сите човекови права.
На крајот треба да ни биде јасно дека дискриминацијата е слабост на државниот апарат да обезбеди еднаков третман и почитување на човековото достоинство, ако не укажеме и не протестираме поради таа слабост, тогаш во истиот државен систем човековите права ќе го изгубат своето значење.
Да застанеме на страната на правдата и човековите права, ако не сега, КОГА?
***Објавата е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Нејзината содржина е одговорност на Младинскиот образовен форум и не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.