ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.
Падот на Милошевиќ, односно на недемократскиот режим во 2000 година, ја стави Србија на пат кон европска интеграција. И покрај растечкиот евроскептицизам на Демократската партија на Србија. предводена од Воислав Коштуница (претседател на Сојузна Република Југославија од 2000 до 2003 година и премиер од 2004 до 2008 година) и силната опозиција во форма на екстремно десничарската Српска радикална партија, континуитетот на европската интеграција не беше доведен во прашање во државната политика на Србија. Истата тенденција продолжи и по 2012 година, кога Српската напредна партија дојде на власт.
Од своја страна, ЕУ веќе 19 години ја „охрабрува“ Србија во реформскиот процес, доделувајќи ѝ, во меѓувреме, статус на кандидат, а во 2014 година официјално започнаа и пристапните преговори. Но, доволна е површинска анализа да укаже на тоа дека односот меѓу Србија и ЕУ е противречен, односно не е целосно искрен и тоа во двете насоки. Она што особено ги разочара и стручната и пошироката јавност беше токму ставот на ЕУ, од која особено се очекува да ги чува и шири слободата и демократијата.
Овде треба да се забележи дека споменатата „неискреност“ во односите помеѓу Србија и ЕУ се зголеми во последните години. Власта до 2012 година, со Демократската партија како нејзин стожер, навистина се бореше за влез на Србија во ЕУ и тоа беше нејзиниот основен идентитет – како контраст на стариот режим од 90-тите години на минатиот век и на евроскептичната опозиција, но таа сепак не беше подготвена да се откаже од клиентелистичките практики кои спречуваа порешителен напредок. Од друга страна, новата власт со Српската напредна партија (брзо потоа) со Александар Вучиќ на чело, отиде чекор понатаму и не само што не се откажа од клиентелизмот, туку сериозно ги поткопа демократските институции, во таква мерка што веќе не беше можно да се зборува ни за минимална демократија, туку за натпреварувачки авторитаризам, како што веќе образложив во мојот претходен текст.
Европската унија, мета на критики – стабилократија наместо демократија
Иако може да се очекува ЕУ да има одредена воздржаност во коментирањето, заземањето страни и „навивањето“ кога станува збор за внатрешно-политичката динамика на одделните земји кои се дел од ЕУ или се аспиранти кон ЕУ, основната противречност може да се воочи во премолчувањето, охрабрувањето и фалењето на режимот, кој по својата суштина е спротивен на фер избори и политичко натпреварување, како и на систематската заштита на човековите права. Во стручната литература, но и во поширока примена, во последните години се одомаќини поимот „стабилократија“, како вид режим што има формални демократски институции, но недемократски практики, а сепак има компонента на надворешна легитимизација. Поточно, ЕУ го прифаќа режимот во Србија, но и во другите земји од Западен Балкан, како демократски (со други зборови, како легитимен), а за возврат очекува лојалност во решавањето на важни прашања за ЕУ, формална посветеност на европската интеграција и стабилност. Со други зборови, стабилократијата е еден вид режим што „внатрешно“ им служи на недемократските практики (натпреварувачки авторитаризам), а „надворешно“ е прифатен како легитимен и (барем минимално) демократски. Ваквиот став на ЕУ, разумно гледано, всушност долгорочно води кон нестабилност и незадоволство на набљудуваните општества, а емоционално гледано, доведува до разочарување од европската интеграција.
Кога станува збор за првиот аспект (нестабилност и незадоволство), политичките и општествените услови во Србија во последните години укажуваат на сериозни проблеми. Највпечатливи примери се јавното незадоволство и протестирање против ад хок урбанистичките решенија во корист на инвеститорите (Белград на вода), како и системската корупција, протестите „против диктатурата“ по претседателските избори во 2017 година, масовните протести „1 од 5 милиони“ низ цела Србија на крајот на 2018 и почетокот на 2019 година, бојкот на парламентот од страна на поголемиот дел од опозицијата во текот на 2019 година (со претходни примери за напуштање на парламентарни седници), а досега, повеќе опозициски актери најавија и бојкот на редовните парламентарни и локални избори во 2020 година. Ако додадеме дека овие политички настани се одвиваат во контекст на низок животен стандард, големи социо-економски нееднаквости и масовна емиграција, може да се каже дека оваа „стабилократија“ со себе носи многу работи (особено негативни), но не и стабилност.
Кога станува збор за втората проблематична последица на односот на ЕУ кон режимот во Србија (разочарување од евроинтеграцијата), и таа може да се види преку анализа на ставовите на јавното мислење, но и на опозициските актери. Поддршката од граѓаните за пристапување на Србија во ЕУ во текот на првата деценија од овој век се движеше помеѓу 60% и 70% (73% во ноември 2009 година), но од 2012 година таа се движи (само) помеѓу 41% и 55%. Не тврдам дека падот на поддршката за европска интеграција е експлицитно и јасно поврзан со попустливиот тон на ЕУ кон колапсот на демократските институции (не треба да се заборави дека Српската напредна партија и Александар Вучиќ сепак имаат значителна поддршка), но тоа секако укажува на заситеност на јавноста од истите и никогаш исполнети ветувања и мантри за подобар живот и функционални (демократски) институции и на општ пад на верувањето дека ЕУ е „клуб“ со добри вредности и интереси.
Европската унија критикува – не се толерира сè и секогаш
Критиките на сметка на ЕУ се јасни и јас генерално се согласувам со нив. Сепак, треба да се напомене дека не е точно дека ЕУ премолчува за сè и дека целосно некритички ги бодри претставниците на српските власти. Во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Србија јасно се потенцирани проблемите во областа на демократијата. Меѓу другото, се забележува политичката поларизација, несоодветното работење на парламентот (надзорот над извршната власт, ставот кон опозицијата), недостатокот на напредок во подобрување на изборните услови, корупцијата како значаен проблем во повеќе сфери и се нагласува дека отсуството на напредок во областа на слободата на изразување е „сериозно загрижувачки“. Зад очекуваниот „бирократски“ речник сепак се крие значајна критика. Претставниците на власта во Србија во јавноста изразија несогласување со овој дел од извештајот, но сепак разбраа дека мора да преземат нешто доколку сакаат да одржат добри односи со ЕУ. Претседателката на парламентот изјави дека се работи на подобрување на работата на парламентот (на пр. Намалување на бројот на закони донесени по итна постапка), а со најавите за можен бојкот на опозицијата на следните избори, владата се согласи на преговори и одредени отстапки во сферата на изборните услови.
ЕУ, исто така, ја гледа својата улога во дијалогот преку посредување во иднината, а Тања Фајон, новата претседавачка на Делегацијата на Европскиот парламент во Парламентарниот одбор за стабилизација и асоцијација помеѓу Србија и ЕУ, при неодамнешната посета на Србија без двојба ја изрази својата загриженост за политичката клима, односот на власта кон опозицијата и состојбата со медиумите. Сè на сè, можеби можеме да кажеме дека заклучоците дадени од институциите на ЕУ и нејзините претставници и натаму се благи, но проблемите сепак не се занемаруваат, барем не целосно. ЕУ можеби не гледа со широко отворени очи на фактичкото функционирање на режимот во Србија, но не е ни со целосно затворени очи.
Приемот на држави со недемократски режими во Европската унија како конечен тест
Приемот на недемократски режими во ЕУ би имал значително лоши последици. Прво, тоа дефинитивно би дало надворешен легитимитет на недемократските режими, бидејќи би биле признати како демократски, но и успешни, затоа што „не може тукутака“ да се влезе во клубот на „успешни и демократски“ земји. Второ, про-демократската опозиција во овие земји би била изневерена и ослабена. Трето, ЕУ би ги изгубила алатките што ги имала за време на преговорите, со кои можела да принуди одредени промени и напредувања, со оглед на важноста, но и политичките поени што со себе ги носи приемот во ЕУ. За Србија, ова би значело дека режимот на чело со Александар Вучиќ добива „орден“ за демократија и успех, опозицијата (моментно) во форма на Сојузот за Србија, Движењето на слободни граѓани, граѓанските (локални) движења и другите партии би биле оставени на цедило, со што се ризикува пораст на евроскептицизмот кај нив, а ЕУ би ги загубила претходните механизми за условување, не сакајќи со остри критики да ја расипе „идилата“ и ентузијазмот создаден од новото проширување.
Но самиот факт дека земји со недемократски режими досега не биле примени во ЕУ (ставајќи го настрана прашањето на ерозија на демократските институции во некои земји што веќе се во ЕУ), укажува на одредена дистанца и на вредностите до кои ЕУ сепак се придржува, и покрај формално добрите односи. Последниот случај во кој ЕУ стави „рампа“ на напредокот во евроинтеграциите, и покрај добрите односи, се Македонија и Албанија. И покрај решавањето на значајниот и долготраен спор за името на државата, почетокот на пристапните преговори со Македонија не беше одобрен. Албанија, која е неспорен сојузник на Западот и членка на НАТО, исто така, не доби датум за почеток на преговорите.
Свесни за застојот во европските интеграции, двете држави, заедно со Србија, планираат „мал Шенген“, односно слободно движење на луѓе, стоки, капитал и услуги меѓу себе, а и други земји од Западниот Балкан би можеле да им се придружат. ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западен Балкан (како и другите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но специфични односи со овој регион без полноправно членство. Од своја страна, земјите (поточно, режимите) од Западниот Балкан, свесни за намерите на ЕУ, сфаќаат дека меѓусебната соработка е најдоброто решение во економска, но и во политичка смисла – на овој начин, ни ЕУ нема да има лост со кој поцврсто би барала почитување на демократските норми. со оглед на оддалеченоста на полноправното членство.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.