Пост-КОВИД училиштето е иднината што ни се случува сега. За само еден миг, таа со себе ги донесе најголемите предзвици со кои се соочува човештвото на овој век. Нема уникатен модел за целосна безбедност и учење, но има причини за активен пристап кон сите проблеми.
Долгорочните ефекти од КОВИД-19 – пандемијата сѐ уште се непознати, но искуствата од сличните пандемии потврдуваат дека тие ќе бидат трајни. Кризата остави последици по социо-економската, емоционалната и менталната состојба на цели заедници. Економските статистики пак, веќе ги регистираа големите загуби во економијата, дури и во најразвиените земји.
Во својот Извештај, користејќи ги податоците од 157 земји, Светска Банка потврди дека глобалното ниво на квалитет на школување на децата ќе опадне. Со затворањето на училиштата, најпогодени ќе бидат ниските и средноразвените земји, каде сѐ поочекувано е песимистичко сценарио и пад на многу вредносни параметри. Се разбира, доколку не се превенираат проблемите и посебно, последиците од овој процес.
Сите овие состојби ги алармираа владите да пристапат кон креирање стратегии за ефективно учење на далечина, користејќи притоа повеќестрани образовни солуции, како телевизија, мобилни/ дигитални алатки, наставни планови, принт- материјали за поддршка на родителите и наставниците, обуки за дигитална настава и професионална поддршка на наставниците.
Внимателно отворање на училиштата
Соочени со состојба што можеби ќе трае подолго од сите предвидувања, голем дел од земјите пристапија кон отворање на училиштата. Досега, повеќе од 70 земји ги објавија плановите за враќање на децата во училиште, притоа потенцирајќи ги неколкуте сценарија што би се активирале во евентуална промена на здравствената состојба во соодветната земја. Организацијата на тој процес се покажа како многу комплексен и тежок предизвик, но користејќи ги ресурсите на развиени држави, тие засега одржуваат некаков континуитет. Во тие модели (физичко присуство, комбинирана настава и сл.) акцентот беше ставен на развојот на психолошките и социјалните аспекти на наставата и емоционалната и ментална поддршка на децата и родителите.
Пристапот за отворање на училиштата во развиените земји се креираше како еластичен модел на учење, со комбинирање на модели – учење од дома и учење со физичко присуство. Сите овие пристапи беа внимателно планирани со соодветни протоколи, планови, безбедносни услови, организација на движењето, трансформација на просторот и санитарни процедури.
Но, се потврди дека овој комплексен сет- мерки не може да се примени подеднакво во сите земји, поради огромните разлики во инфраструктурата, економските услови и посебно, во колективната свест, култура и однос кон соочувањето и справувањето со заразата.
Ако се вкрстат плановите за отворање на училиштата низ земјите од регионот (Грција, Бугарија, Албанија, Србија) и ширум светот, речиси не постои земја која на национално ниво целосно го усвои моделот на учење на далечина подеднакво за сите генерации ученици. Во сите национални планови, се акцентира проблемот со неможност за интеграција на сите деца во целосен процес на онлајн учење, но и разликите и приоритетите за развојот на децата на различни возрасти. Секоја од земјите поаѓа од здравствените статистики на земјата и врз таа основа отворањето на училиштата се прави парцијално, по региони и според бројките на заразени. Сето ова се поткрепува со почитувањето на меѓународните права на децата на безбедност и здравје, но секако и на еднаков пристап на образование.
УНЕСКО, УНИЦЕФ и Светска банка објавија дека отворањето на училиштата треба да се направи безбедно и конзистентно во секоја земја, но според условите и одговорот на земјата на корона – вирусот. Одлуките ги прават националните влади, во координација со локалните институции, но и самите училишта според условите и бројноста на учениците.
Северна Македонија на глобалната мапа
На светско ниво, враќањето во училиштата ќе биде поразлично и недоследно, затоа што се очекува тие да бидат времено затворани поради варијациите на состојбите и бројките на заболени. Пандемијата создаде ситуација којашто постојано се менува, па оттука, стратегиите за училишно образование се очекува да бидат флексибилни и подготвени за брза адаптација.
Извор: samoprasaj.mk
Според здравствените статистики, до 11 август, нашата земја беше на 11 место на европската листа по број на заболени на 100.000 жители. Пред нас се земјите како Белгија, на седмо и Шведска, на третото место. Овие земји, ги отвораат училиштата со целосна превентивна програма и во насока на враќање на децата во физички простор за учење. Ова нѐ води кон фактот дека долгогодишните инвестиции во нашата земја, во тој и таков обем – не успеале да обезбедат услови за имплементација на мерките.
За учениците и земјата генерално, ова е показател дека ќе се соочиме со зголемување на т.н. „образовна сиромаштија“ (зголемување на сиромаштијата во капацитетот за учење и знење). Со растот на неписменоста, пропорционално расте и уназадувањето на развојот на земјата на сите нивоа.
Учењето на далечина е привилегија на економски поподготвените семејства и групи и отвора огромен јаз и сериозни проблеми за децата што ќе останат неинтегрирани во образовниот и социјалниот систем. Оттука, во носењето на одлуките треба да се тргне и од овој факт.
Со овој модел и ваква инфраструктура ќе кулминира нееднаквоста. Зад придобивките на учењето на далечина (онлајн настава), на општествените маргини ќе останат многу социјални групи деца што немаат услови за активно вклучување во овој процес. Причините се од техничка, социјална и психолошка природа: од немање интернет-конекција, недостаток на технички уреди во домот (десктоп/ лаптоп), потоа разлики во психолошката и емоционалната поддршка при учењето, семејните услови (структура на просторот во домот, семејство со брат/ сестра, повеќе генерации во домот, самохран родител и сл.)
Уште позагрижувачка е состојбата со инклузијата на децата со попреченост, затоа што за нив, токму физичката социјализација е најважен предуслов за напредок и развој. Ова не е само наш, национален проблем, ова е глобален проблем со кој се соочуваат и многу поразвиени земји. Разликата е само во последиците.
Земајќи ги предвид актуелните состојби, македонското образование сега е пред изборот на помалата штета. Национална поддршка (материјално-техничка и психолошка) за семејствата, учениците и наставниците ќе биде неопходна и итна. Секој субјект треба да покаже лична и општествена одговорност и поширока свест за постоењето на различни социјални групи во општеството.
Училиште на иднината
Пост-КОВИД училиштето ја стави на прв план потребата од индивидуализиран пристап кон секое дете, затоа што во тој процес на комуникација, сега се вклучени и многу други елементи (структура на домот, социјалниот амбиент, личните комуникациски вештини за интеракција на интернет, менаџмент на време и работа, истовремено извршување повеќе операции, дигитална писменост, психолошка подготвеност на наставниците за јавна интеракција ,,пред камера“ и сл.). Виртуелната училница станува елементарен комуникациски простор и мултимедијална платформа за дигитализирано учење.
Традиционалната училница мора да продолжи да живее, но целосно трансформирана во креативен простор за физички, социјален развој и психолошки развој на децата. Пандемијата во таа смисла, само го забрза процесот на реструктуриање на класичниот модел на училницата, давајќи простор за нови, креативни модели.
Пост-КОВИД училиштето е иднината што ни се случува сега. За само еден миг, таа со себе ги донесе најголемите предзвици со кои се соочува човештвото на овој век. Нема уникатен модел за целосна безбедност и учење, но има причини за активен пристап кон сите проблеми.
Веќе е јасно дека во оваа нова нормалност, стариот модел на образовен систем станува неодржлив. Креативноста и разновидноста во пристапот треба да бидат основни алатки на „училиштето на иднината“, а еднаквоста и инклузивноста негови најголеми приоритети .
Еден ден, пандемијата ќе заврши. Ќе останат можности и драгоцени искуства за создавање подобро општество и поквалитетен живот за здрав развој на новите генерации деца.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.