Дигиталната дипломатија, доколку соодветно се користи, е убедливо и навремено дополнение на традиционалните форми на дипломатија. Земјите што не ја користат и кои не ја совладале едноставно ќе имаат намалено влијание и моќ на светската сцена.
Начинот на кој луѓето меѓусебно комуницираат брзо се менува во Југоисточна Европа, но, она што е најважно, се менува и начинот на кој државните институции комуницираат со граѓаните. Преку користењето на Интернет и други технологии за поврзување, министерствата за надворешни работи на земјите од Југоисточна Европа имаат нова можност да ги постигнат своите надворешно-политички цели преку промовирање и брендирање на нивната земја и подобрување на нивната видливост и присуство на светската сцена.
Според Стејт департментот на САД, дипломатијата претставува „уметност и практика на водење преговори и одржување односи меѓу нациите; вештина за одржување односи без да се предизвика непријателство“. Дигиталната дипломатија, едноставно кажано, претставува користење Интернет и други технологии за поврзување за да се постигнат овие цели. Оваа нова форма на дипломатијата се базира на постоечките форми на традиционална дипломатија, со искористување на технологиите за поврзување, мрежите и демографијата на дигиталната ера. Се наоѓаме во период на промени кои во целост ќе го сменат текот на нештата, и во пресрет на оваа промена начинот на кој се управуваат помалите земји во регионот не може да остане статичен, туку треба од корен да се измени и да се приспособи на промените во светот. Дигиталната дипломатија се обидува да го стори токму тоа.
Државната институција со најмногу следбеници во светот и првата која воспостави единица за дигитална дипломатија беше Стејт департментот на САД, според една студија за „Твипломаси“ (Twiplomacy). Соединетите Американски Држави се водечка земја во светот посветена на идејата за државништво од дваесет и првиот век, предводено од Алек Рос, поранешен виш советник за иновации на државниот секретар Клинтон, и Џаред Коен, нејзиниот соработник за планирање на политиките. И други земји од Северна Америка и западна Европа го следеа овој пример, бидејќи измените во природата на глобалната политика, глобализацијата, новите технологии за комуникација и демократизацијата, вклучувајќи го и порастот на популизмот го намалија растојанието помеѓу земјите и помеѓу лидерите и јавноста. Овие промени допреа и до југоисточниот раб на Европа.
Дигиталната дипломатија не е минлива новина, туку трајна и се шири заедно со ширењето на Интернетот низ светот, особено кај младите. Пред нешто повеќе од една деценија се појави Твитер, а денес тој привлекува 330 милиони месечни активни корисници. Скоро 80 проценти од корисниците не се од САД. Дополнително, Фејсбук има 1,4 милијарди дневни активни корисници. Повеќе од 80 проценти од корисниците на Фејсбук не се од Северна Америка. Дигиталниот јаз меѓу развиените земји и земјите во развој се стеснува. Корисниците на Интернет и други технологии за поврзување од земјите во развој се почести корисници на каналите на социјалните медиуми како што се Твитер и Фејсбук, споредено со корисниците од Северна Америка и Западна Европа.
Ако општо ја погледнеме Југоисточна Европа, користењето на Интернет и другите технологии за поврзување е сè поприсутно кај граѓаните, особено кај младите. Овие технологии за поврзување ќе ги зајакнат вредностите на отвореност меѓу граѓаните и владите, меѓу лидерите и нивните гласачки тела, што ќе доведе до градење дигитална демократска култура. Времето на пренесување порака само преку мејнстрим медиуми е минато. Слично на тоа, дипломатијата веќе не е под контрола само на владини претставници и дипломати и не е нешто што се прави на старомодни коктел забави, туку таа е и обврска на граѓанското општество и на поединците. Треба да се направат уште напори бидејќи владите во регионот треба да ги обучуваат новите генерации на дипломати кои се вешти за технологија за тоа како да користат интернет и други технологии за поврзување за да ги прошират своите активности. Навистина малите земји, како оние во Југоисточна Европа се оние кои се борат за внимание и признание на светската сцена.
Твитер се смета за најчесто користената алатка за дигитална дипломатија, бидејќи има 951 профил на државни претседатели, премиери и министери за надворешни работи од 187 земји од светот, но само малкумина – претседателот на САД, Доналд Трамп, претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Таск, премиерот на Данска, Ларс Локе Расмусен, министерот за надворешни работи на Данска, Андерс Самјуелсен, министерот за надворешни работи на Летонија Едгарс Ринкевикс, премиерот на Норвешка Ерна Солберг итн. – лично пишуваат на Твитер, според студијата од „Твипломаси“. Регионално гледано, највлијателниот лидер во Југоисточна Европа кој одржувал најчеста интеракција на Твитер минатата година бил претседателот на Србија Александар Вучиќ, додека профилот на Твитер на Министерството за надворешни работи на Косово се покажало дека е најповрзан, со најголем број заемни следбеници. Откако дојде на чело на најмоќната земја на светот, претседателот на САД Доналд Трамп стана лидер со најголем број следачи на светот, повеќе и од Папата Францис кој е втор светски лидер по број на следачи, според истата студија. Кога претседателот на САД пишува твитови од неговиот личен профил на Твитер на неговите 60 милиони следачи, на пример во 03.00 часот по полноќ, најавувајќи санкции или тарифи, светот слуша. Дали им се допаѓа тоа што тој го кажува е друга работа, но во секој случај пораката е примена.
Традиционалните форми на дипломатија ќе продолжат да доминираат, но дигиталниот аспект на тоа ќе претставува промена во формата и во стратегијата. Дигиталната дипломатија вклучува начин за интензивирање на традиционалните дипломатски напори и развој на политички решенија базирани на технологија. Наместо да се создаваат одделни структури и работни процедури за дигиталната дипломатија во министерствата за надворешни работи и истата да се смета како посебна и одвоена, треба да ја вградиме во традиционалната дипломатија, користејќи дигитални алатки во дипломатијата.
Еден дипломат од дигиталната ера не треба да има посебна страст кон технологија за да биде експерт во надворешна политика, туку да ги претставува интересите за надворешна политика на својата земја. Меѓутоа, ако дипломатот се грижи за унапредување на интересите на надворешната политика на својата земја, подобро е да внимава на она што е најреволуционерната и геополитички моќна структура на дигиталната ера, а тоа е Интернетот и другите технологии за поврзување. Затоа, дигиталната дипломатија треба да се институционализира.
Сегашниот меѓународен систем подлежи на брзи промени, каде земјите и недржавните актери се натпреваруваат за доминантност и влијание во истиот дигитален простор. Тој простор во моментов е домаќин на повеќе од три милијарди луѓе, а повеќето од нив пристапуваат на Интернет прекунивните мобилни технологии за комуникација. Дигиталната дипломатија, кога се користи соодветно, е убедливо и навремено дополнение на традиционалните форми на дипломатијата што може да ѝ помогнат на една земја да ги напредне своите цели на надворешни политики, да го прошири досегот глобално и да влијае врз домашните и странските публики. Со доаѓањето на инстантната комуникација, алгоритамската дипломатија и вештачката интелигенција, оние кои не ја користат и не ја совладале дигиталната дипломатија, едноставно ќе заостанат зад другите. Некои земји ќе се вклучат во дигитална дипломатија порано и поагресивно од другите, додека оние што апсолутно одбиваат да се впуштат во неа ќе имаат намалено влијание и моќ на светската сцена.
*Сабин Селими е роден во Словенија на денот кога падна Берлинскиот ѕид. Како корисник на Претседателска Стипендија тој ги завршил своите додипломски студии по економија и меѓународни студии на американскиот универзитет во Вашингтон. Тој ги завршил своите магистерски студии по меѓународна јавна политика на Универзитетскиот колеџ во Лондон, во рамки на Шевенинг програмата за стипендирање. Има долго работно искуство во јавниот сектор а во моментов е ангажиран како консултант. Неговите области на интерес вклучуваат дигитална дипломатија, трансатлантски односи и европски прашања особено поврзани со Балканот.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава на македонски и албански јазик можете да ја прочитате ОВДЕ.