Ќе започнам на сократовски начин и ќе речам дека луѓето грешат од незнаење, а не од злонамера, затоа што не можам да прифатам дека ваква концепција – укинување на предметите Филозофија, Логика и Етика од гимназиското образование, произлегла од некој што разбира што е филозофијата.
Самата расправа (и покрај тоа што е навистина навредлива) за тоа дали филозофијата е корисна (во образованието и општо), е во суштина филозофско прашање. Било кое запрашување со цел да се дојде до некаков заклучок или дефиниција е во суштина филозофско. Другите науки – од кои што произлегуваат гимназиските предмети (математиката, јазиците, историјата и др.) не можат ни да се дефинираат или вреднуваат себе си без да навлезат во полето на филозофијата. Бидејќи вие кога објаснувате што е математиката, или која/каква е нејзината вредност, тој одговор не може да ви го даде самата математика, туку филозофијата на математиката (бидејќи математиката работи со формални системи, не со дефиниции за себе си). И така, ниту една дисциплина не може да се „самопрашува“, без да премине во доменот на филозофијата.
Понатаму ќе преминам на поопшто ниво, но конкретно со тоа што реферира на практичен проблем– Како, било што, воопшто би можело да биде идентификувано, без да се знаат можностите за идентификација? На ова прашање не може да се одговори без да се навлезе во гносеологијата, онтологијата, логиката, филозофската антропологија, филозофијата на религијата, историјата на филозофијата (за да се запознае генезата на човековата мисла), филозофијата на јазикот, етиката, естетиката, аксиологијата, филозофијата на политиката… – и сите останати дисциплини кои филозофијата ги истражува.
Нејасно ми е како може инаку (без филозофија) да се дефинира било што, кога ако си поставите најконкретни, базични прашања како на пример прашањето: „Како знаеме нешто?“ вие навлегувате во доменот на гносеологијата; ако се запрашате „Што постои?“ вие навлегувате во онтологијата; ако се запрашате „Што е добро и што е правилно?“ вие навлегувате во етиката; ако се запрашате „Што значи да бидеш човек?“ вие навлегувате во филозофската антропологија; ако се запрашате „Што е Бог и како се спознава?“ вие навлегувате во филозофијата на религијата; ако се запрашате „Како функционира јазикот?“ навлегувате во филозофијата на јазикот; ако се запрашате „Што е убаво?“ навлегувате во естетиката; ако се запрашате „Што е вредност?“ навлегувате во аксиологијата; ако се запрашате „Како треба да биде организирано општеството и властите?“ или „Што е право?“ навлегувате во филозофија на политика и филозофија на право… Па дури не би можеле ниту да одредите вистинито од лажно без да навлезете во полето на логиката. А сега одговорете ми, ако филозофијата се „укине“ (што не само што е смешно, туку невозможно), како вие воопшто ќе разговарате?
Укинувањето на филозофијата не е загрижувачко само од аспект на критичко мислење, туку од аспект на базично мислење. Без неа нема никакво мислење.
Со ова најстрого ја осудувам дури и концепцијата во која Филозофија е предмет само во четврта година во средните училишта, со толкав мал фонд на часови, а не па изборен предмет!
Во денешницата, децата немаат основна мотивација, ниту пак концентрација да ги следат часовите (и општо, затоа што децата ни се важни и надвор од образовниот контекст!), а во нивната околина има прераст на насилство. Константно сме сведоци на секакви наслови – булинг, мобинг, самоубиства, па дури и убиства меѓу ученици. На што мислите дека укажуваат овие појави? Од каде мислите дека потекнуваат? Зошто да ги игнорираме овие теми наместо да го анализираме нивното потекло и нивното потенцијално решение? Дали е сега (или било кога) вистинскиот момент за укинување на предметот Етика?
Филозофијата е единствениот предмет што на учениците може да им овозможи да дознаат кои се, да се преиспитаат, да се воспитаат, да научат да мислат – зарем има нешто друго попрактично од тоа или некое друго решение за ваквите проблеми? Секој проблем со насилството е проблем со идентитетот, односно егзистенцијален проблем. А како инаку би се решил овој проблем, како човекот би открил „кој е“ доколку не се запраша „Кој сум?“, и второстепено како е возможно тоа да го праша на друг не-филозофски начин? Ако се укине филозофија – тогаш се укинуваат и основните права на човекот! Правото учениците (кои се пред сѐ луѓе) да се оспособат да дознаат кои се, какви се и зошто се. Филозофија е единствениот предмет каде ученикот нема да се ограничи со една дефиниција, една теорија или едно гледиште, на тој час ниту една перспектива нема да остане занемарена. Во филозофијата се содржат сите возможни поставени прашања со потенцијални отворени одговори, а со тоа се дозволува и слободата ученикот самиот да научи да размислува и да одлучува. Филозофија е единствениот предмет каде нема поделби, предрасуди и каде на прашањата се реагира позитивно со ентузијазам, наместо на ученикот да му се намалува вредноста бидејќи прашал.
Филозофијата учи на највисокиот степен на мислење – аналитичко синтетичко, ги учи децата да не паметат сувопарни податоци на памет, туку да ги разбираат, анализираат, употребуваат, поврзуваат, споредуваат, менуваат. Ги учи на индуктивно и дедуктивно расудување. Ни помага да се ослободиме од противречности, да увидиме каде имаме логички грешки во расудувањето, или при аргументирањето. Таа ни дава принципи на однесување, на живеење, на постоење. Дава потенцијални решенија за прашања чииј одговор во „практичниот“ свет е често одбегнат. Таа е огледало на можностите на човекот, на се што тој успеал да праша и открие, сето тоа се содржи во неа. Без филозофијата идните генерации не ќе знаат да препознаваат! Ќе ги уназадите доколку им го ускратите знаењето до кое човештвото стигнало. Ќе немаат никакво чувство за што е веќе кажано, докажано, побиено, оригинално (ако тоа воопшто постои, но без филозофија не ќе можат да увидат), старо или ново. Ќе бидат убедени дека сме многу над првиот човек, дека не го живееме тотално истото, дека не ги прашуваме истите прашања, не ги имаме истите мисли, стравови или соништа. Ќе ги изнесете надвор од реалноста и ќе биде невозможно да се приземјат. Ќе ги онеспособите до степен каде што нема да гледаат никаква смисла во постоењето! А од тоа не постои ништо пострашно и позаканувачко.
Укинувањето на филозофијата не е само укинување на еден предмет – тоа е удар врз способноста на идните генерации да поставуваат прашања, да се преиспитуваат себе си и другите авторитети и да размислуваат длабоко за светот во кој живеат па и она надвор од него. Без филозофија, образованието станува техничка обука, а општеството ризикува да стане агресивно, депресивно, некреативно и несвесно. Прашањето не е дали филозофијата е „потребна“, туку дали можеме да си дозволиме да ја изгубиме?
Пишува: Анастасија Саздовска, студентка на Филозофски факултет при УКИМ
**Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.