[Став] Правдата се буди во Албанија

Пишува: Алис Тејлор

До општите избори во земјата остануваат уште неполни два месеци, при што опозицијата е во неред а бројот на политичари до кои сè уште не допрела раката на правдата е сè помал. Сето ова доведува до стравувања за тоа каква ќе биде состојбата на демократијата во земјата.

Специјалниот антикорупциски суд на Албанија имаше мошне интензивна година со апсењето на двајца поранешни претседатели и премиери како и на актуелниот градоначалник на главниот град Тирана. Заклучно со 2024 година, вкупно 61 висок функционер биле гонети за корупција а 70% одат на суд, вклучувајќи поранешни и сегашни градоначалници и министри, генерални секретари на министерства и пратеници.

За време на конференцијата на СПАК организирана во месец декември по повод нејзината петта годишнина, нејзиниот лидер, Алтин Думани, ги истакна непристрасноста и посветеноста на оваа институција на правдата.

„Нашата мисија не завршува со следниот случај. Тука сме за да овозможиме еден силен правосуден систем каде што законот ќе се почитува и нема да биде привилегија за некои а товар за други“, изјави тој.

До општите избори во земјата остануваат уште неполни два месеци, при што опозицијата е во неред а бројот на политичари до кои сè уште не допрела раката на правдата е сè помал. Сето ова доведува до стравувања за тоа каква ќе биде состојбата на демократијата во земјата.

Што е СПАК?

Специјалниот суд против корупција и организиран криминал, колоквијално познат како СПАК, е формиран во 2019 година како независен судски субјект задолжен за истражување корупција на високо ниво и организиран криминал. Во негов состав се Националното биро за истраги, Специјалното обвинителство и Судот, при што СПАК истражува, гони и осудува поединци во систем кој е паралелен на редовното судство.

Неговото формирање и функционирање се поддржани од Европската Унија и Соединетите Американски Држави како дел од тековните реформи во правосудството кои значеа вистински ремонт на правдата во Албанија, и тоа на секое ниво. Само во процесот на судски ветинг беа отпуштени вкупно 268 членови а дополнителни 100 превентивно поднесоа оставки – што е речиси половина од вкупниот број на лица (805) кои работат во правосудниот сектор.

Претходни случаи процесуирани од СПАК

Еден од првите случаи кој беше предмет на интерес на СПАК беше таканаречениот скандал со печките за согорување, за кој првпат беше објавено од Exit.al на почетокот од октомври 2020 година.

Почнувајќи од 2015 година, албанската влада им плаќала 72 милиони евра на тројца концесионери за изградба и работа на три печки за согорување, од кои две сè уште не биле изградени а третата работела со половина капацитет. Планот бил во овие печки да се согорува отпад со цел да се добива енергија, да се овозможи прилив на приходи а истовремено тоа би значело и справување со проблемот на депонирање на отпадот во државата.

Сите три печки за согорување беа дадени на иста група луѓе, со што практично се создаде монопол. Како одговор на голем број поплаки добиени од Демократската партија, СПАК почна да го разгледува договорот уште истиот месец при што голем број високи функционери, меѓу кои и поранешниот министер за животна средина Лефтер Кока и неговиот поранешен генерален секретар Алќи Блако беа, на крајот, обвинети за корупција и злоупотреба на овластувањата.

Еден од нив беше поранешниот вицепремиер Арбен Ахметај, кој сè уште е во бегство и за кого се смета дека е во Швајцарија. По направените истраги, СПАК кривично гонеше 21 физичко и 12 правни лица. Има и неколку други осомничени кои сè уште се во бегство а кои се процесуирани и осудени во отсуство.

Перцепцијата на јавноста за СПАК

Според анкетите кои беа спроведени од „Barometeri“ за Еуроњуз Албанија, може да се забележи дека СПАК е институција во Албанија која има најголема доверба, поточно 32% од граѓаните на Албанија ѝ веруваа на нејзината работа на крајот од мај 2024 година. Таа има поголема доверба од претседателот, владата, полицијата, медиумите, граѓанското општество и верските институции.

Што се однесува до другите судови во државата, граѓаните двојно повеќе ѝ веруваат на СПАК. Нивото на доверба што го ужива оваа институција забележа голем раст во споредба со нивото на доверба во месец ноември 2022 година кога истото беше само 14,2% и во месец ноември 2023 година кога беше 16%. Околу 54% се изјасниле дека имаат позитивно или многу позитивно мислење за работата на СПАК, додека околу 20% имаат негативно мислење.

Во декември 2024 година, евроамбасадорот Силвио Гонзато ги пофали достигнувањата на институцијата, велејќи дека: „СПАК е синоним за успех во Албанија. Тоа е нешто што граѓаните го препознаваат и на неа гледаат како на институција која има најголема доверба во државата. Процесот на пристапување во ЕУ ќе продолжи да зависи од капацитетот на Албанија да се бори против организираниот криминал и да покаже видливи резултати, истраги и заплени на средства.“

Заклучно со крајот на минатата година, СПАК конфискуваше средства во вредност од 182 милиони евра кои беа стекнати на незаконски начин.

Светото Тројство на политиката

Во октомври 2023 година, политиката во Албанија беше шокирана од апсењето на личност со највисок профил досега во поновата историја на државата. Сали Бериша, поранешен претседател и премиер, основач на Демократската партија и моќник од Тропоје, инаку еден од најруралните региони во Европа, беше предмет на истрага од страна на СПАК поради обвинувања за корупција кои се однесуваа на измени на закон кои беа направени додека тој беше премиер а со кои се дозволи приватизација на спортскиот објект во Тирана.

Обвинителите тврдеа дека промените биле направени во корист за развој од страна на неговиот зет, Џамарбер Малтези, при што двајцата примиле мито од околу 5,4 милиони евра. Откако одби да ја почитува мерката за појавување пред судот, Бериша беше ставен во домашен притвор во декември 2023 година.

Тој остана дома и од својата тераса им држеше проповеди на партиските следбеници кои се наоѓаа улицата долу речиси секоја ноќ, сè до ноември 2024 година. СПАК го укина домашниот притвор и го прифати аргументот на адвокатите на Бериша дека, со оглед на тоа што истрагата сега е затворена, Бериша повеќе не може да манипулира со доказите. Случајот против Бериша, сепак, и понатаму трае.

Во интервју дадено во декември 2024 година за Еуроњуз Албанија, Бериша негираше дека направил нешто лошо и изјави дека СПАК не успеал да најде докази за обвиненијата против него.

Во октомври 2024 година, поранешниот претседател, премиер и лидер на Партијата на слободата, која е уште една опозициска партија, беше уапсен од страна на СПАК. Кога се враќал од прес-конференција на Косово, неговиот автомобил бил запрен а група полицајци од специјалните сили го извадиле од возилото.

Тој беше уапсен и затворен под сомнение за корупција, перење пари и прикривање средства. Неговата сега поранешна сопруга, Моника Кримади е исто така под истрага за слични обвиненија, но таа не беше затворена. И двајцата негираат дека направиле недозволени работи.

Меѓутоа, „рингишпилот“ од високи политичари кои се соочуваат со можноста да бидат осудени од СПАК не заврши тука. На крајот на 2024 година излезе на виделина дека и градоначалникот на Тирана од Социјалистичката партија, Ерион Велиај, бил исто така предмет на истрага. Тој и неговата сопруга, Ајола Џоџа, излегоа да сведочат, а голем број нивни пријатели и соработници исто така беа предмет на испрашување.

На 10 февруари беше уапсен во неговата канцеларија во Општина Тирана по основ на девет обвиненија за корупција и перење пари. Откако судот пресуди дека Ерион мора да остане во притвор, беше префрлен во Драч а неговите приврзаници бдееја и протестираа пред затворот во Тирана.

Обвиненијата се однесуваат на проектот за печки за согорување во Тирана и на таканаречениот 5Д скандал со наводни нерегуларни државни тендери. СПАК, исто така, покрена обвинение дека сопругата на Ерион Велиај извршила голем број онлајн набавки на луксузни предмети во вкупна вредност од речиси 900.000 евра користејќи, наводно, приходи стекнати со корупција.

Реакции на партиите

Реакциите на сите партии беа мошне гласни додека траеја истрагите, апсењата, затворањата и додека се изрекуваа пресудите.

Кога Бериша беше уапсен, тој и поддржувачите на неговата Демократската партија го осудија апсењето како политички мотивирано а го обвинија и лидерот, Думани, за корупција и незаконско богатење. Во февруари 2025 година, Бериша рече дека, ако победи на изборите на 11 мај, ќе ја распушти СПАК и ќе формира „Комисија на вистината“ за откривање на наводните политички и криминални врски.

„Ќе ја разбиеме оваа криминална организација и ќе ја вратиме независноста на судството“, изјави Бериша.

Во меѓувреме, премиерот Еди Рама цврсто го поддржува СПАК уште од неговото основање, а истовремено ги пофали ЕУ и САД за нивната поддршка. Ова беше случај дури и кога членови на неговата партија беа апсени па дури и затворани по истрагите на оваа институција. Сепак, неговиот тон се смени по апсењето на Велиај, човек за кого на големо се навестуваше дека ќе го замени Рама во иднина.

Рама изјави дека нема доволно докази за апсење на Велиај и ја доведе во прашање независноста на некои од судиите на СПАК. Неговите критики доведоа до тоа Високиот судски совет да излезе со изјава во која се осудуваат ваквите коментари и во која се тврди дека тие влијаат на тоа како функционираат владеењето на правото и демократијата.

Меѓутоа, неколку дена подоцна, тонот на Рама омекна. Тој изјави дека Велиај сè уште е осомничен, но не и обвинет, бидејќи нема доволно докази за може да се покрене обвинение.

Рама, исто така, праша дали обвинителството има докази за да се продолжи постапката на суд и дали требало да биде изнесен од неговата канцеларија само врз основа на сомневања. Рама изјава дека ова не е напад на СПАК, туку дека укажува на проблемот, нешто на што има право како премиер и лидер на владејачкото мнозинство.

Љуљзим Баша, поранешен лидер на ПД и актуелен лидер на Евроатлантските демократи, ги нападна коментарите на Рама во врска со СПАК, велејќи дека тие се „тврдоглав доказ дека Еди Рама повеќе не може да биде на власт. Албанија заслужува правда“, напиша тој на социјалните мрежи.

Но, веќе се почувствуваа позитивните ефекти од активностите на СПАК. Во февруари оваа година, Транспаренси Интернешенел го објави Индексот на перцепција на корупцијата на кој Албанија се искачи за пет места (80-то место) со оценка 42 од 100.

Според координаторката за Југоисточна Европа, Лидија Прокиќ, перцепцијата кај бизнисмените, експертите и другите засегнати страни е дека СПАК ја намалил корупцијата во земјата во текот на 2024 година.

„Според наше мислење, подоброто позиционирање на Албанија во најголем дел се должи на успехот на реформите во правосудството кои беа спроведени во изминативе години, како и на зголемувањето на довербата во судството и способноста за борба против корупцијата“, изјави таа за Еуроњуз Албанија.

Прокиќ исто така додаде и дека зголемувањето на бројот на истраги и судски одлуки од страна на СПАК, особено против лица на моќни позиции, се нештата кои овозможија да се оформи ваквата перцепција.

Општи избори во државата

Албанија треба да излезе на гласање на 11 мај. Рама комотно ќе обезбеди четврти мандат на власт а анкета на Еуроњуз Албанија укажува на тоа дека 40,5% од граѓаните би гласале за неговата партија, за ПД би гласале 25,9% а за независните партии би гласале помеѓу 1,4% и 6,4%. Околу 19% од анкетираните изјавија дека се неопределени или дека нема да гласаат.

Сепак, со оглед на тоа што Бериша сè уште бие битка во однос на неговиот правен случај, Мета е зад решетки и со едноцифрена доверба во независните кандидати, мали се можностите за избор кога е во прашање опозицијата во Албанија.

Прокиќ изјави дека ситуацијата е сложена, но народот е оној кој треба да избере лица кои не се соочуваат со законски постапки или проблеми.

„Ако корумпираните политичари бидат отстранети од системот, тоа отвора простор за други поединци да влезат во истиот и да владеат со поголем интегритет“, додаде таа.

Лидија Прокиќ исто така додаде дека, ако го погледнеме Западен Балкан во целина, политичките партии не посветувале големо внимание на изборот на кандидати врз основа на нивниот интегритет и способност да се борат против корупцијата, и тоа е нешто што граѓаните треба да го препознаат.

„Доколку судството биде во можност и понатаму самостојно да ја врши својата работа и ако се спроведат и постигнат амбициозните цели предвидени со новата антикорупциска стратегија, мислам дека ќе имаме една значително подобра состојба. Се надеваме дека ова ќе се случи“.

*Алис Тејлор е новинарка родена во Британија која од 2017 година живее и работи во Тирана, Албанија. Пишува за Exit.al/en, уредничка е на вести и дописник од Албанија и Косово за ЕУ политика и за EURACTIV. Алис го покрива регионот за медиуми како што се DW, BBC, а повремено и за The Times, The Lead, Vice, Open Democracy и Byline Times. Покрај тоа што е новинар, таа е избрана и во Одборот на Сојузот за етика на медиумите во Албанија, и тоа со втор мандат во 2022 година. Својата кариера ја започна во Малта како политички и општествен колумнист пред да работи со истражувачка платформа The Shift News која има добиено бројни награди. Фото од авторката: Јута Бензенберг

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.

***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.