Жално е што мора да се констатира дека и по три и половина години од легализацијата на канабисот за медицински цели, наративот кој може да се чуе од правните ентитети, надлежните ресорни министерства и Владата е исклучиво со бизнис нота, додека болните и пациентите се оставени надвор од законот (extra legem).
Изминативе неколку месеци во македонската јавност актуелни се предложените измени на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци кои беа доставени до македонското собрание во октомври, тивко и на мала врата, без помпа, што секако не е случајно.
Иако декларативните заложби беа поинакви, предложените измени се порестриктивни и од првичните донесени во март 2016 година, а со кои за првпат се дозволи одгледување канабис за медицински цели.
Лошо законско решение
Првичните законски измени на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци беа свесно дизајнирани со цел бизнисот да го приграби една домашна веледрогерија, преку поставување непотребни и екстремно високи услови за добивање лиценца за одгледување канабис за медицински цели. Одредбите од овој закон ВООПШТО не ги таргетираат потребите на пациентите бидејќи сите правни ентитети се извозно сконцентрирани. Ова е очекувано, имајќи предвид дека сме земја со исклучително мал пазар, но ова не е непознаница и законодавецот требаше да го предвиди.
Доколку целта навистина беше сузбивање на црниот пазар и овозможување легален пристап до канабис и екстракт од канабис за оние кај кои третманот со канабисот е применлив третманот, уште при самото носење на првичните измени ќе беа имплементирани нашите забелешки, тогаш како поединци а сега како Здружение за канабис и зелени политики БИЛКА.
Предлозите на здружението, кои се уште не е доцна да се имплементираат, во овој дел беа прилично едноставни: законски да се задолжат правните лица кои имаат лиценци за одгледување на канабис во медицински цели да одвојуваат пет до десет проценти од своето производство, но во канабис или екстракт, и тие производи понатаму да се трансферираат до болните и пациентите, а кои немаат финансиски можности самите да го набават. Секако, предлагавме и државата да овозможи даночни олеснувања за компаниите во висина на издвоеното за пациентите, бидејки така налага бизнис логиката.
Полошо законско решение
Иако декларативно сегашната извршна власт кога беше опозиција тврдеше дека несоодветниот закон ќе биде променет, како што често бидува кај нас политичарите едно говорат кога се во опозиција, сосема друго кога се на власт. Секако, не е за занемарување и фактот дека дел од политичарите или нивните блиски роднини го запоседнаа медицинскиот канабис и го деградираа единствено на бизнис, без нималку сенс за она што самиот назив кажува – МЕДИЦИНСКА употреба на канабис, која кај нас и во залезот на 2019 година е непостоечка.
Во јули, 2019 година во Единствениот национален регистар на прописи на Република Македонија беше објавен предлог законот со измените на Законот за контрола на дроги и психотропни супстанци со скандалозни одредби.
Како услови за добивање лиценца правното лице треба да изјави дека ќе уплаќа 10 отсто од добивката во буџетот на државата кои ќе се користат по дополнително донесена програма. Вака поставениот норматив има повеќе цел да ги набрка потенцијалните инвеститори отколку да ги привлече. Ниту еден сериозен инвеститор нема да се сложи да вложи дополнителни 10% ПОСЛЕ оданочување, од сопствениот профит а за возврат да не добие никакви бенефиции. Дополнително, крајно е неортодоксно да се бара половина милион банкарска гаранција за ваков тип на бизнис, но и е дополнителен товар на правен ентитет кој евентуално сака да се занимава со овој бизнис. За лиценца се бара банкарска гаранција од половина милион евра. Ваквиот услов ќе предизвика никој да не дојде да отвори фирма за канабис во Македонија. Таков тип гаранција обично се бара за банки, осигурителни компании, обложувалници и правни лица кои евентуално ќе треба да исплаќаат одредени големи исплати за осигурување, камати или добивки. И понатаму се форсира јавното здравство. Односно, само лекари од јавното здравство може да препишуваат лекови од канабис во услови кога кај нас јавното и приватното здравство се изедначени.
Нашите официјални забелешки како здружение на граѓани кое се залага за легализација на канабисот подробно може да се проучат на фејсбук страницата на БИЛКА. Но она што лаичката јавност би требало да го знае е дека во предлог измените постои и одредба која бара согласност од Владата доколку сакате да отуѓите сопственички дел од компанија која има лиценца за канабис. Како во најмрачните комунистички времиња, извршната власт преку законска одредба се обидува да задира во уставно заштитената категорија – сопственоста. Мое лично длабоко убедување е дека ваквата одредба е, inter alia, во насока на сузбивање и набркување на конкурентите фирми со цел да се овозможи простор за владините деца.
Самиот претседател на Владата призна дека неговото најблиско семејство има бизниси со канабис. Истражувањата на Фокус не информираат и дека заменик министерот за економија има своја фирма за медицински канабис. Ова е во директна колизија со Законот за спречување на судир на интереси и Законот за спречување на корупцијата, бидејки токму Владата го има последниот збор при доделувањето лиценци. Народски речено, премиерот и заменик министерот ќе си доделуваат лиценци самите на себе.
Идеално законско решение
Моделот за кој се залага БИЛКА не го занемарува бизнис интересот кој е неспорен и мора да го има, но става акцент на овозможување легален пристап до соодветно квалитетен производ од канабис, по реални цени.
Предлагаме модел кој првенствено ќе го пренесе фокусот на контрола од Министерството за здравство кај Министерството за земјоделство. Канабисот е доволно долго сатанизиран со лажна црна пропаганда, и воопшто не претставува опасно растение. Законските обврски за дваесетичетиричасовно обезбедување, камери, четириметарски огради, најмалку петнаесет вработени и сл. чија намера е создавање екстра трошоци, се тенденциозни и имаат цел да одвратат потенцијални инвеститори кои не се политички подобни.
И јас лично и здружението Билка се залагаме државата со регулатива да опфати поширок круг граѓани, бизниси на микро и на семејно ниво, со задолжителна регистрација и контрола од Министерството за земјоделство. Дополнително се залагаме и за измена во Законот за високо образование со цел основање Институт за канабис кој ќе се занимава со научна работа поврзана со билката, бидејки ниедна нова гранка не може да прогресира без поддршка од експертската фела.
Од медицински аспект, потребно е проширување на листата на Правилникот на Министерството за здравство кој детерминира во кои области канабисот може легално да се употребува, а кои кај нас од самиот старт заглавија на само четири: ХИВ, канцер, мултиплекс склероза и епилепсија кај деца , иако канабисот има многу поширока употреба. Самиот факт што правилникот не е прошируван и три ипол години по неговото донесување, ниту ревидиран, јасно покажува колку државата има интерес за пациентите, а колку за бизнисот.
Јанаки Митровски
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.