Пишува: Дејан Сламков, Студент на 4-та година студии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ)
Воздухоплов без екипаж, или уште познат како “дрон” е летало кое, како што и самото име кажува, нема екипаж, односно нема пилот кој го управува неговото движење од внатрешноста на леталото [1], како на пример што има во комерцијалните летови со авиони. Но, сепак треба некој човек да го управува неговото движење, така? Зависи.
Неговото движење, да, може да биде управувано од страна на човек со помош на контролер кој комуницира со дронот преку радио бранови и му дава инструкции. Контролерот може да биде посебна направа која комуницира со дронот преку одреден фреквентен опсег, или да биде телефон, таблет [2], итн. Но, постои и алтернатива: дронот може да биде во “autopilot” режим во кој има способност да се движи без надгледување од човек. Заради тоа што немаат потреба да сместат човек, зависно од нивната употреба, нивните должини и висини можат да бидат и до неколку метри и да тежат до неколку килограми [3], што за возврат ги прави многу практични и лесни за користење.
Поради нивната природа, дроновите имаат широка употреба во воената индустрија [4] [5]. Слично како и Интернетот [6], така и дроновите својот најголем развој го доживуваат поради воени потреби [1], помагајќи им на американците во војните на блискиот исток. Дроновите најчесто се користат за надгледување [7], набавка и откривање на некоја мета, напади [8]… Нивното користење за напади стана контроверзна тема во денешно време [9] поради грижата дека службениците (пр. војници) ќе ги гледаат луѓето (целите) како карактери од видео игри, со што го губат чувството на одговорност при преземањето на одредени одлуки. Воената индустрија беше, и ќе биде еден од најголемите поттикнувачи за откривање на нови технологии. Но, сето тоа е возможно бидејќи светските, а и домашните влади вложуваат огромна сума на јавни пари во таа индустрија, ставајќи ја пред образованието и здравството [10] [11], под закрилата на оправдувањето – “безбедност”.
Уништувачките моќи на страна, дроновите може да се користат како помош во работата на полицијата при нивните истраги [12], како надгледување, следење и пристапување до места каде човек не би можел итн. Заради тоа што нудат птичја перспектива врз настани, тие можат да ги заменат хеликоптерите во денешните истраги како нивна поевтина верзија. Исто така, тие може да се користат и за мониторирање на сообраќајот [13] и надгледување на гранични премини. Дроновите можат да понудат и брз одговор во кризни ситуации, како на пример природни непогоди, при барање на исчезнат човек [14], итн. Тие можат да се користат и за еколошки цели [15], односно правење на одредени мерења на не толку достижни места, или пак во земјоделството [16], како евтина верзија на авионите. На крај, мора да го спомнеме и користењето на дроновите за приватни цели, како фотографирање (со користење на дрон со камера), видео, рекреација итн.
Од претходно наведеното, очигледно е дека примената на дроновите е огромна. Но како што гласи една изрека популаризирана од стрипот Спајдермен [17]: “With great power, comes great responsibility” (Со голема моќ, доаѓа голема одговорност), што значи дека посебен акцент треба да се стави на безбедноста на дроновите и нивната заштита од физички и логички напади [18] од страна на луѓе со лоша намера. Но, исто така се поттикнува и една поинаква дискусија: нарушување на приватноста на луѓето.
Зошто се грижиме за приватноста? – Приватноста, иако комплексен термин во денешно време (податоци, online присуство, телефон), е гарантирано човеково право од Универзалната декларација на човекови права [19] и не смее да биде загрозено. Како ќе биде загрозено? – Дроновите се нова технологија која е опремена со камери, сензори, микрофони или било каква друга направа која може да се интегрира со дрон и лесно да собира податоци, дури и без дозвола. Како ќе се заштитиме? – Со законски регулативи. Но, големата примена на дроновите и големата палета на технологии кои може да се интегрираат со дронот доведуваат до различни ситуации за кои може да бидеме загрижени, со што станува тешко да се воспостави универзална регулатива која ќе не штити од сето тоа.
Летајќи и до стотици метри во височина, дроновите стануваат незабележливи за човековото око и уво, при што практично индивидуа не би знаела дали е следена од некој дрон. Тој дрон може да има различни намери: прибирање информации, сликање на двор, куќа, регистарски таблици или било какви други информации кои човек би сакал да ги задржи како приватни. Настрана од опасноста за протекување на приватни информации, ваквото однесување на дроновите може да има “big brother” [20] психолошки ефект врз човекот: луѓето ќе бидат под впечаток дека во секој момент некој (невидлив) ги надгледува, па тие соодветно ќе го прилагодуваат своето однесување во одредени ситуации и нема да се чувствуваат удобно во својата кожа [21]. Природата на дроновите (управувани од делеку, автоматизирани, недостаток на законска регулација) и нивната достапност [22] [23] доведуваат до мачнини при решавање на проблем кој вклучува инвазија на приватност. Овие мачнини некогаш оставаат критични проблеми (кои инволвираат дронови) како нерешени, како што е случајот со летањето на не регистрирани дронови околу нуклеарна централа во Франција [24].
Следбено, време е да ги погледнеме законските регулативи кои би требало да не заштитат од горенаведените ситуации. Во продолжение ќе се фокусираме на законите во Република Македонија, како Законот за заштита на личните податоци [25], кој е базиран на европскиот GDPR [26], воедно најрестриктивниот закон за заштита на лични податоци во светот [27], и Законската уредба [28], како и нејзиното дополнување [29], во кои се дефинираат услови под кои дрон може да егзистира во македонскиот воздушен простор.
Законот дефинира дека личен податок е секој податок, или комбинација од податоци која може единствено да идентификува една личност. Оваа дефиниција опфаќа (податоци кои ни се од интерес во овој случај): слики од лице, локација, гласовна снимка преку која може да се идентификува личност (спомнува лични податоци), регистарски таблици, итн… Во Законот стои дека за секое користење на лични податоци (обработка, чување), “обработувачот” мора да добие експлицитна дозвола од страна на личноста за чии лични податоци станува збор и јасно да ги наведе целите за кои се собираат. Личноста, доколку се согласи, го задржува правото во иднина да побара соодветните податоци да бидат избришани (“right to be forgotten”). Што се однесува за користењето на дронови, заради широката дефиниција на “личен податок”, приватноста на индивидуата е заштитена. Со снимање на луѓе (идентификувачки податоци) во јавност со дрон (зачувување/преработка) без нивна експлицитна дозвола, се крши Законот. На пример, се прави прекршок доколку се снима (без дозвола) како луѓе поминуваат низ некоја улица и подоцна се користат тие снимки за тренирање на “face recognition” алгоритам кој ќе се продаде. Зошто? – Снимките (личните податоци) биле зачувани, па и подоцна обработени без дозвола, со цел профит. Доколку се снима на јавни места, се препорачува да се замаглуваат лицата, регистарските таблици или пак да се снима кога нема тек на луѓе. Собирање на лични податоци без дозвола е прекршок и кога тоа се прави кога личноста е на место каде има разумно очекување за приватност, како приватниот имот (пр. неговиот дом). Со соберени лични податоци без дозвола, и следбено нивно зачувување/обработување не се прекршува Законот само ако: податоците не се споделат со друг со цел нарушување на угледот/приватноста на нивниот сопственикот, не се профитира од нив или не се прекрши некој друг закон. Со ова се дава можност приватните снимки со дрон направени на пр. на планинарење или прошетка да не претставуваат прекршок. ЕУ со овој Закон препорачува приватноста на луѓето да се земе во предвид кога се дизајнираат технологии и решенија (“data protection by design and default”). Соодветно, авторите во [30] претставуваат дизајн на дрон кој по default ќе биде во склоп со GDPR, воедно и со нашиот Закон за заштита на лични податоци.
Уредбата [28], и нејзиното дополнување [29] се повеќе насочени кон безбедноста и регулацијата на воздушниот сообраќај при користење на дронови. Со уребата, пилотот (на дрон) ќе има потреба од посебна дозвола издадена од Агенцијата за цивилно воздухоплодство доколку сака да лета дрон во населено место. Летање на дронови е дозволено само денски и, доколку е во населено место, треба да е пријавено најмалку 24 часа пред тоа за дозвола. Секој пилот (на дрон) ќе треба да поседува посебна дозвола за летање (како возачка) која се добива после успешна помината обука (теорија и практика) во организација (како авто школа) одобрена од Агенцијата за цивилно воздухоплодство. Секој дрон треба да биде регистриран од страна на Агенцијата за цивилно воздухоплодство за да биде одобрено за користење. Во Уредбата се дефинираат класи на дронови според нивната тежина кои повлекуваат различни максимални брзини на движење, максимални висини во движење, дополнителни дозволи, итн…
Со спроведеното истражување ја увидовме широката упореба на дроновите, проблемите кои може да ги нанесат на нашето општество, но и како нашето општество реагира на тие проблеми. Што се однесува на загрозената приватност од дроновите, може да испуштиме една олеснета издишка бидејќи таа е добро заштитена од страна на Законот за заштита на лични податоци, но и дополнително од Законската уредба со која се наведува дека е потребна посебна дозвола за летање на дрон во населено место. Безбедноста на дроновите пробува да се регулира преку Законската уредба [28], но ќе постојат ситуации како таа во Франција и нуклеарната централа што ни укажуваат дека ни е потребно и нешто плус, како анти-дрон опрема [31].
Користени извори:
[1]https://epic.org/privacy/drones/
[2]Irizarry, Javier & Gheisari, Masoud & Walker, B.N.. (2012). “Usability Assessment of Drone Technology as Safety Inspection Tools”. Electronic Journal of Information Technology in Construction. 17 (pp. 194-212), https://www.itcon.org/paper/2012/12
[3]https://en.wikipedia.org/wiki/Unmanned_aerial_vehicle
[4] K. L. B. Cook, “The Silent Force Multiplier: The History and Role of UAVs in Warfare,” 2007 IEEE Aerospace Conference, Big Sky, MT, 2007, pp. 1-7, https://doi.org/10.1109/AERO.2007.352737
[6]https://www.theguardian.com/technology/2016/jul/15/how-the-internet-was-invented-1976-arpa-kahn-cerf
[7]https://www.airspacemag.com/flight-today/ukraines-drones-180967708/
[8]https://www.bbc.com/news/world-latin-america-45077057
[9]https://ecfr.eu/wp-content/uploads/ECFR84_DRONES_BRIEF.pdf
[10]https://www.finance.gov.mk/mk/node/4105
[11]https://www.nationalpriorities.org/analysis/2020/militarized-budget-2020/
[13]Rosenfeld A. “Are drivers ready for traffic enforcement drones?” Accid Anal Prev. 2019 Jan;122:199-206. https://doi.org/10.1016/j.aap.2018.10.006. Epub 2018 Oct 31. PMID: 30388575
[14]Sven Mayer, Lars Lischke, Pawel W. Woźniak. “Drones for Search and Rescue”. 1st International Workshop on Human-Drone Interaction, Ecole Nationale de l’Aviation Civile [ENAC], May 2019, Glasgow, United Kingdom. https://hal.archives-ouvertes.fr/hal-02128385
[15]Oscar Alvear, Nicola Roberto Zema, Enrico Natalizio, Carlos T. Calafate, “Using UAV-Based Systems to Monitor Air Pollution in Areas with Poor Accessibility”, Journal of Advanced Transportation, vol. 2017, Article ID 8204353, 14 pages, 2017. https://doi.org/10.1155/2017/8204353
[16]https://www.radiomof.mk/agrobiznis-komora-da-se-ovozmozhi-primena-na-dronovi-vo-zemjodelstvoto/
[17]https://en.wikipedia.org/wiki/With_great_power_comes_great_responsibility
[18]Yaacoub, J. P., Noura, H., Salman, O., & Chehab, A. (2020). “Security analysis of drones systems: Attacks, limitations, and recommendations”. Internet of Things, 11, 100218. https://doi.org/10.1016/j.iot.2020.100218
[19]https://www.un.org/en/universal-declaration-human-rights/
[20]https://en.wikipedia.org/wiki/Big_Brother_(franchise)
[21]Finn, Rachel & Wright, David. (2012). “Unmanned Aircraft Systems: Surveillance, Ethics and Privacy in Civil Applications”. Computer Law & Security Review. 28. 184–194. https://doi.org/10.1016/j.clsr.2012.01.005
[22]https://www.anhoch.com/category/1028/dronovi
[23]https://setec.mk/index.php?route=product/search&search=dron
[25]http://www.slvesnik.com.mk/Issues/606043d405e847ee92c7eaed5c8bd389.pdf
[27]https://gdpr.eu/what-is-gdpr/
[28]http://www.slvesnik.com.mk/Issues/b3c8684ddb374b3fae3d35c5a51cf805.pdf
[29]http://www.slvesnik.com.mk/Issues/d8cd274617e4482a8f383af679c7f6b1.pdf
[30]Bassi, Eleonora & Bloise, Nicoletta & Dirutigliano, Jacopo & Fici, Gian & Pagallo, Ugo & Primatesta, Stefano & Quagliotti, Fulvia. (2019). “The Design of GDPR-Abiding Drones Through Flight Operation Maps: A Win–Win Approach to Data Protection, Aerospace Engineering, and Risk Management”. Minds and Machines. 29. https://doi.org/10.1007/s11023-019-09511-9
[31]https://www.robinradar.com/press/blog/9-counter-drone-technologies-to-detect-and-stop-drones-today