Дали на олтарот на развојот (читај: профитот) ќе биде жртвуван цел еден регион и неговите потенцијали за производство на храна, додека државата неуверливо ќе го убедува локалното население дека рудниците нема да му го уништат животот?
Само еден ипол час возење од главниот град, на топлиот југоисток на Македонија, тмурните есенски пејсажи неосетно ги заменува топлото сонце, насади од винова лоза, оранжерии и полиња со раноградинарски култури. Во струмичкиот, како и во дојранско-валандовскиот и гевгелискиот регион, успева речиси се` што можете да замислите дека расте во Македонија, патлиџаните пословично се најсочни, краставиците најголеми, пиперките – таа магична состојка за најдобриот ајвар – најцрвени, а феферончињата најлути.
Но, посетата на регионот на југоисточна Македонија, каде што се наоѓа овој македонски земјоделски рај носи разочарувачко сознание за тоа колку мал удел во економскиот опстанок на месното население игра земјоделското производство. Се` помалку селани денес ќе сретнете наведнати над родот на своите ниви, копајќи, плевејќи, берејќи ги плодовите. Соочени со децениските проблеми на откуп и несигурниот пласман на своите производи, со високите цени на горивото и другите трошоци на производство, голем дел од жителите на овој некогаш доминантно земјоделски крај иднината веќе подолго време ја бараат во вработувања во други сектори. И во иселување, кога тоа нема да им успее. Во некогаш богатите рамничарски струмички села денес само потсмешливо ќе одмавнат со рака кога ќе ги прашате зошто не ги обработуваат нивите, како да е тоа одамна апсолвирана работа. Во нивниот случај, државата никогаш не го одработила својот дел, а тоа е да им обезбеди стабилни услови за опстанок и одржлив развој на земјоделците од овој потенцијален мотор на производство на храна. Ветувањата за помош во пласманот, фер откупни цени, зелена нафта, бенефиции за производителите, зголемени субвенции се во изборните програми на сите политички партии кои досега побарале гласови од ова население, но помошта со децении никако да дојде.
Рударството – развој или профит на сметка на екологијата
Во такви услови „некој паметно се сетил“ дека југоисточна Македонија, меѓу другото, лежи и на богати резерви на метални суровини, факт впрочем познат со векови наназад и дека рударството е одговор за сите пречки во развојот на овој дел од државата. Само во 2014 година државата издала 22 концесии за истражување на метално рудно богатство во Македонија. Најголем дел од нив се наоѓаат токму на југоистокот. Стратегијата на претходната влада, онаа на ВМРО-ДПМНЕ, беше отворање на што е можно повеќе рудници, откако беше констатирано дека бил „зголемен интересот на странските инвеститори“ и дека тоа ќе ги зголеми економските приходи на државата и ќе отвори многу нови работни места. Со образложение дека е потребно „целосно искористување на рудните потенцијали“ на земјата и со тоа отворање на нови работни места“, патот беше отворен со владината одлука во 2012 година за формирање на Геолошкиот завод, во 2013 се дадени концесии за детални геолошки истражувања за минерални суровини на 50 локации. Беше донесен и Законот за минерални суровини, скроен токму по мерка на странските инвеститори, а не во најдобар интерес на државата, додека рударското лоби држеше клучни позиции во Министерството за животна средина.
Според овој закон, концесионерот на државата ѝ плаќа само „2 проценти од пазарната вредност на соодветниот метал, кој е добиен од експлоатираната минерална суровина или концентрат од страна на концесионерот“, но овој нималку ласкав податок тогашниот министер за економија Ваљон Сарачини успешно го забошоти со наративот „при распределбата на концесискиот надоместок, 78 проценти од средствата ќе одат на сметка на општините, а 22 отсто во државниот буџет што ќе придонесе за позабрзан локален и регионален развој“. Така, јавноста, која не ги чита деталнозаконите, не стаса да дознае дека се работи за 78-те (односно 22 проценти) од веќе спомнатите фамозни 2 проценти од профитот! И дека останатите фрапантни 98 проценти од профитот на концесионерите оди не за развојот на Македонија, туку за „туѓи бели дворови“. Па, капитализам е, ќе речете, зарем странскиот инвеститор ќе инвестира во Македонија затоа што е убава?! Нормално е дека ќе сака профит! Проблемот е, само што се работи за нешто што во владиното соопштение од јуни 2012 убаво се нарекува „минерални суровини како необновливи природни извори“. Акцентот е, секако, на она – „необновливи“.
Будење од „рударскиот сон“
„Рударската идила во најава“ на Македонија со странските инвеститори први ја прекинаа граѓаните на југоисточна Македонија, чиишто соништа за повисок стандард и подобар живот паднаа во вода откако поубаво ги погледнаа концесиските граници на идните рудници во својот крај. И видоа дека идните концесии само во нивниот крај ќе зафаќаат преку 300 квадратни километри површина, од кои, да речеме, 30 км2 отпаѓаат на рудникот на Кожуф, 15 км2 на рудникот Иловица итн. И дека локациите на рудниците се во густо пошумените предели на планините на југоистокот, а дел од нив и сосема блиску до населените места. Некои, како Казандол или Иловица – на само неколку стотици метри од нивните куќи. И од нивните ниви, бавчи и акумулации за наводнување (Мантово).
Она што го видоа во плановите за развој на рударството во нивниот крај, на многумина им ја исправи косата на главата: рудници со отворени копови, големо уништување на шумите, почвата, прашина од минирањето на земјината утроба, огромни јаловишта со високи брани, но и она што најмногу ги вознемири, користењето на сулфурната киселина и на цијанидот во процесот на обработка на рудната суровина, нешто што фамозниот Закон за минерални суровини им го дозволува. Па се потсетија, на пример, на големите рударски катастрофи како романската Баја Маре од 2000, кога преку 100 тони отров – цијанид, се слеаја во реките кои гравитират кон Дунав, труејќи го целиот еко систем кој со години не заздрави. И на попуштената брана од јаловиштето над гратчето Бенто Родригез во Бразил, која попушти убивајќи 17 луѓе и девастирајќи 650 квадратни километри со отровна кал.
Алармот кој го запалија еколошките активисти, собрани зад иницијативите со предзнак „спас за..“ резултираше со три успешни локални референдуми – во Гевгелија, Дојран и Богданци (и три неуспешни, главно поради притисоци и опструкции на локално ниво – во Босилово, Ново Село, Валандово). На нив граѓаните ѝ порачаа на власта: Не, за рудниците! Токму на крилјата на незадоволството на жителите на југоистокот и долета убедливата победа на локалните избори за Социјалдемократскиот сојуз, чијшто лидер, премиерот Зоран Заев во предизборието вети дека ќе ги затвори „рудниците на смртта“, како што веќе беа нарекувани од незадоволното население од тој крај.
Каква е сегашната состојба со концесиите за нови рудници? Од доделените концесии во источна Македонија, актуелни се 12 концесии за експлоатација на рудата. Најголем отпор на локалното население против новите рудници, во моментов постои против рудникот Иловица, чијшто отворен коп е сместен во атарот на селата Штука и Иловица, а браната на идното хидројаловиште планирана да биде висока речиси 300 метри и тоа на само 500 метри од првите куќи.
Кој ќе ги купува пиперките од Иловица?
Но, неволјата да биде поголема, технолошкиот процес предвиден во Иловица подразбира испирање (лужење) на рудата за вадење на бакар и злато со сулфурна киселина и со цијанид, два ужасни отрова, за нус-продуктите од тој процес потоа да бидат складирани во веќе споменатото хидројаловиште. Чистотата на подземните води, а со тоа и безбедната иднина на жителите на целата струмичка котлина, и покрај изработените студии за влијанието на животната средина, уредната проектна документација на концесионерот и декларираната обврска за редовен мониторинг од страна на надлежните државни институции, засега никој категорично не им ги гарантира. Се плашат за себе, за своите деца, се плашат за иднината. Розовите ветувања за стотици нови вработувања не можат да им ги избришат сомнежите дека отровите низ почвата ќе стасаат во нивната вода за пиење, во нивната храна, во земјоделските производи кои се` уште ги одгледуваат. Нема да ја купуваат нашата зелка, нашиот пипер, патлиџан, велат земјоделците од Штука, Иловица, Босилово. Како да им се лутиме кога и ние стравуваме дали ќе јадеме отрови, прашуваат тие. Или, како што велат постарите жители на овој крај: Сите не` знаат како производители на здрава и квалитетна храна. Рудниците се отвораат и се затвораат после неколку децении работа, а никој не ни кажува што потоа. Вредат ли нашите жртви за нешто што нема иднина?
Ако се прашуваат пропонентите на рударската експанзија во Македонија, одговорот веројатно е едно големо – ДА! Тие веќе на јавноста ѝ плетат приказна за астрономски 3 милијарди евра отштета кои Владата требало да им ги плати на концесионерите доколку Собранието ги усвоеше предложените измени на ноторниот Закон за минерални суровини, со кои ќе им се ограничеше употребата токму на сулфурната киселина и на цијанидот во технолошките процеси во рудниците, што секако не е точно. Дека не е точно се виде и од потегот на Еуромакс Рисорсис, концесионерот на Иловица, коj номинално се откажа од користењето на цијанид во своето работење само за да го подобри својот имиџ во јавноста. Тоа значи две работи: прво, дека притисокот на јавноста помага во воспоставувањето на подобри практики и, второ, дека профитот од рударењето за странските концесионери е огромен, кога така лесно се откажуваат од еден негов дел.
Случајно или не, кога требаше да се гласа за измени на овој закон со кои на идните рудни концесионери ќе се ограничеше употребата на отровни супстанци во технолошкиот процес на рудниците и ќе им дадеше надеж на сите сегашни и идни соседи на рудници дека нема туку така да му бидат предадени на милост и немилост на профитот, во собраниската сала наеднаш снема кворум и тие не беа изгласани. „Цијанидната коалиција на дело!“, извикаа струмичките екологисти. „Наместо поддршка на благороден закон кој ја штити животната средина и здравјето на граѓаните, се случи тивок бојкот“, обвини ДОМ. И никој во државава не се потресе…
Во вакви околности, реално е прашањето: Дали на олтарот на развојот (читај:профитот) ќе биде жртвуван цел еден регион и неговите потенцијали за производство на храна, додека државата неуверливо ќе го убедува локалното население дека рудниците нема да му го уништат животот? Проблемот со рударската експанзија во југоисточна Македонија е всушност проблем на недоверба на граѓаните кон институциите на државата, кои досега, место да ги штитат нивните интереси и да ги помачат коцесионерите со строги услови за експлоатација на рудното богатство и високи еколошки стандарди, за нив се засекирале како за ланскиот снег. Стравот дека се оставени на милост и немилост засега е најсериозниот аргумент против отворањето на новите рудници во источна Македонија. Има ли јунак да ги разубеди и зошто нема?
Југослава Дуковска
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.