Како изгледа кариерниот пат на еден машински инженер, на еден економист, на еден земјоделец, на еден психолог, на еден правник или доктор дознаваме предоцна, никогаш или во пак во странство, пишува Ивана Велковска, докторантка по економски науки во младинската колумна на Радио Слободна Европа.
Тоа што го сакаме, тоа што добро ни оди и тоа што добро се плаќа – трите критериуми по кои се водиме при изборот на професија. Поради разни лични и системски причини, ретко кога кумулативно се исполнети сите три критериуми. Затоа голем дел од младите лутаат обидувајќи се да се пронајдат во систем кој е длабоко партизиран, каде владее непотизмот и непрофесионализмот.
Тинејџерските години колку што се убави, толку може да бидат и бурни и не секој во овој период успева решително и промислено да одлучи каде понатаму на професионален план. Во средно, а и на факултет кариерното советување сериозно недостасува, па младите интуитивно го одбираат својот пат без реално да знаат што ги очекува понатаму – какви работни позиции, каква работна атмосфера, какви плати, можности за развој.
Како изгледа кариерниот пат на еден машински инженер, на еден економист, на еден земјоделец, на еден психолог, на еден правник или доктор дознаваме предоцна, никогаш или во пак во странство.
Дополнително, поради лошиот квалитет на образовниот систем младите практично без вештини ги напуштаат училиштата и факултетите. Од друга страна, пазарот на труд диктиран од ниското ниво на развој на економијата не го дава потребниот стимул како би можеле младите да добијат навремена информација што се бара на пазарот и под кои услови.
Во моментот, исклучок е можеби ИТ индустријата. Овој сектор под влијание на светските трендови веќе подолго време бележи континуиран раст и нуди плати со кои добро се живее. Во овој сегмент пазарот испраќа јасна порака за висината на платите. Затоа редицата на студенти за уписи пред ФИНКИ овој септември беше најдолга (друга причина е ироничниот недостаток на дигитализација на процесот на запишување на овој факултет).
Но овој пазарен стимул недостасува во другите сектори. Во развиените економии каде нашите млади се иселуваат, повеќето индустрии се развиени, обезбедуваат добри плати и услови за вработените, додека образовниот систем вистински ги припрема младите за идните професионални предизвици.
Друг системски фактор кој е клучен во процесот на образование и професионалниот развој е социо-економскиот статус на индивидуата. Во земји со висока стапка на сиромаштија како нашата, ова е една од клучните пречки за развој. Не е исто да се образова и да успее дете од сиромашна средина и дете од богато семејство. Исклучоци секако има, но искуството на мнозинството, а не на исклучоците е показател дали системот функционира.
Социјалната мобилност е проблем дури и во богатите земји. Американскиот економист Joseph Stiglitz, саркастично забележува дека „најпаметната одлука што децата може да ја донесат е да си ги одберат родителите“.
За промена на ова status quo потребни се долгорочни системски промени, а за нив потребна е визија, стратегија и политичка волја која не завршува на хартија или во некој банален политички говор. Без решавање на проблемот на сиромаштија, развој на економијата и реформи во образованието нема никогаш да се поместиме од мртва точка.
Реалноста е дека Македонија е мала земја без многу ресурси, но забораваме дека токму знаењето може да биде нашиот главен адут. Примарните дејности поврзани со експлоатација на суровини одговараат на земји со големи територии, а со тоа и обемни ресурси. Секундарните дејности, односно мануфактурата одговараат на земји кои имаат ресурси или се во близина на пазар со ресурси, имаат ефтина работна рака и голем пазар како би оствариле економија на обем.
Постиндустриското општество е фаза од општествениот развој кога во економијата доминираат терцијарните дејности односно услужниот сектор каде главен инпут е човечкиот капитал и знаењето. Овој сектор носи највисока додадена вредност и зазема сè поголем дел од бруто домашниот производ во развиените економии. Финансиски услуги, медицински услуги, истражување и развој, информатички услуги, инженерски услуги, образование, транспорт, туризам, угостителство се терцијарни гранки кои заземаат дури 70% од оутпутот на развиените економии.
Според последниот попис од 2021 година, во Македонија процентот на граѓани со завршено високо образование изнесува околу 17 отсто. Иако сметаме дека сме земја каде сите завршуваат факултет, сепак сме далеку од просекот на високо образовани во развиените ОЕЦД земји, кој изнесува околу 37 отсто. Доколку се земе предвид квалитетот на образованието т.е. колку од нашите кадри имаат вештини и квалитети кои ќе може да ги применат на работното место, ситуацијата е уште полоша.
Додека просечната месечна нето плата достигна ниво од 500 евра, треба да се прашаме колку е оваа бројка реален показател за платите во Македонија, имајќи предвид дека постои висока нееднаквост на платите, при што оние на врвот го изместуваат просекот. Дополнително, поради високата инфлација доаѓа до ерозија на реалните плати кои не растат во чекор со номиналните плати.
Иако далеку повисока од европскиот просек од 6 отсто, невработеноста во земјава се намалува и во моментот изнесува 14,5 отсто. Меѓутоа, и оваа бројка како и податокот за просечната плата не ја отсликува реалната ситуација. Голем дел од населението се иселува, има краткорочни и неодржливи вработувања како последица на активните мерки за вработување, но и корективни статистички операции во системот за податоци. Младинската невработеност пак е доста повисока и изнесува алармантни 24,3 отсто.
За системските промени веќе одамна е време. Засега, нема професионализам каде што има непотизам и партизираност, нема плати каде што нема развој, а просперитетот се гледа само надвор од државата. Нека им е со среќа и со лесно на бруцошите кои го започнаа своето високо образование овој октомври!