Оваа војна ќе ги зафати не само завојуваните страни, туку тектонски ќе ги помести економските и политичките односи на планетарно ниво. Економската и хуманитарната криза ќе се почувствуваат повеќе или помалку низ цела Европа.
По руската инвазија на Украина, именувана од официјална Москва како „специјална воена операција“ и разрешувањето на поранешниот министер за одбрана во соседна Бугарија заради користење на истиот термин, не стивнува вербалната војна за правната категоризација на ситуацијата.
Не е докрај јасно зошто руската страна избра да се држи до ваквата терминологија, но причините може да варираат од обид за политичка коректност, до неочекувана ескалација на употребената сила, како резултат на силниот отпор на украинската влада. Категоризацијата на конфликтот некако неформално доведе и до тоа да преку употребата на термините се покаже поддршка или пристрасност кон едната или другата страна.
Иако терминолошката војна не и помага многу на ситуацијата на терен, категоризацијата на конфликтот е важна за да се определат правата и обврските на државите и граѓаните, и можностите за потенцијална разрешница.
Војна или специјална воена операција?
Нејсе, одговорот е многу едноставен – како и да се нарече, на украинска територија моментално се одвива активен меѓународен вооружен конфликт или еквивалент на војна. Оваа правна категоризација се базира на фактичка состојба и не зависи од искажаната еднострана волја на страните, ниту од времетраењето на вооружените дејствија.
Одговорот на прашањето дали употребата на сила ќе се категоризира како акт на војна или не, се наоѓа во јуриспруденцијата на Меѓународниот суд на правдата како врховен судски орган на Обединетите нации, кој во пресудата во случајот за воени и паравоени активности во Никарагва (спор помеѓу Никарагва и САД), вели дека употребената сила ќе конституира вооружен напад (еквивалент на војна) врз основа на интензитетот и ефектите од воените дејствија. Истата правна логика беше употребена по нападот на светскиот трговски центар, за кој се сметаше дека конституира акт на војна, што го активира инхерентното право на самоодбрана, а потоа и член 5 од Вашингтонскиот договор.
Ова значи дека согласно постоечкото меѓународно право, Русија ја нападна Украина и започна војна, без оглед како ја нарекува и колку планира да се задржи таму.
Кое право е применливо?
Следствено, со ваквата квалификација, започнува примената на меѓународното право за вооружен конфликт односно меѓународното хуманитарно право-два термина кои најчесто се употребуваат како синоними. Иако, вообичаено под меѓународно хуманитарно право се смета дека потпаѓа „женевското право“ односно принципите и правилата кои произлегуваат од женевските конвенции и дополнителни протоколи, додека меѓународното право за вооружен конфликт е малку поширока категорија каде влегува и „хашкото право“, регулирањето на употребата на сила и методите и тактиките на војување.
Ова значи дека, двете страни кои се во војна се должни да се придржуваат до правилата и принципите на војување, во ситуација кога тоа е предоминантниот правен режим под кој потпаѓа заштитата.
Што значи ова во теорија и пракса?
Употребата на сила во меѓународното право, спротивно на општоприфатеното мислење, не е забранета помеѓу државите, само е ограничена. Исправноста или дозволеноста на употреба на сила во случајот треба да биде предмет на посебна анализа, но во секој случај исходот од таа анализа не го менува фактот дека без оглед кој прв употребил сила и зошто, и двете страни се должни да ги применуваат правилата на меѓународното право кои важат за вооружени конфликти.
Четирите принципи, наместо четирите јавачи на апокалипсата
Овој огромен сет на правила за специфични ситуации може да се симплифицира преку примената на четирите витални принципи на меѓународното хуманитарно право: принципот на хуманост, принципот на пропорционалност, принципот на дистинкција и принципот на воена потреба. Овие принципи се воспоставени за да се ограничи страдањето и на цивилите и на бојното поле, а притоа да се овозможи постигнувањето на целта на војувањето. Затоа овие принципи се ограничуваат и се дополнуваат едни со други и мора да се согледаат во даден контекст.
Наједноставно кажано, принципот на хуманост подразбира дека треба да се постапува хумано, колку што е тоа возможно и со цивилите и со борците, односно да се ограничи непотребното страдање. Заради овој принцип во текот на еволуцијата на војувањето е забранета употребата на определени типови на оружје.
Принципот на пропорционалност значи дека употребената сила за да се возврати на нападот е соодветна на силата која била употребена во определен напад (на пример, на куршум истрелан од пешадиски војник, не му се возвраќа со ракетен минофрлач). Но, принципот на пропорционалност мора да се земе во контекст со принципот на воена потреба, односно да го одбие не само непосредниот напад и непосредната опасност туку и потенцијалниот иден напад кој е извесен дека ќе се случи или ќе и овозможи предност на спротивната страна. На тој начин вообичаено се оправдува употребата на сила која на прв поглед се чини непропорционална.
Принципот на дистинкција се однесува на дистинкција помеѓу цивили и борци, односно цивилни и воени објекти – цивилните објекти во никој случај не смеат да бидат третирани како легитимна воена цел. Во овој контекст, нападите не смеат да имаат недискриминирачки ефект, односно ефектот на нападите не смее да ги зафати цивилите и цивилните објекти, што генерално е базичен аргумент против употребата на нуклеарното оружје.
Нападите врз цивили и цивилни објекти вообичаено се правдаат од државите во случај на пренамена на објектите (односно ако типичен цивилен објект како што е на пример културен центар почне да се употребува како објект за складирање или склопување на оружје и муниција) со што се овозможува значителна воена предност за другата страна во контекст на принципот на воена потреба, како колатерална штета.
Дополнителна заштита
Постојат посебни правни правила за заштита на различни сегменти како што се на пример културното наследство и животната средина.
За објектите кои можат да ослободат опасна сила, во случајот борбите околу нуклеарните централи Чернобил и Запорожје, постои посебен сет на правила кои се применливи и врз основа на кои може да се постави воената стратегија за освојувања. Од нив посебно се издвојува потребата за предупредување на цивилното насление и обезбедување на можност за непречена евакуација пред да се случи планираниот напад, за што немаше информација, или барем не беше пренесена медиумски.
По многу основи, оваа војна ќе креира преседани што ќе генерираат и нови правни правила, или во најмала рака ќе доведат до толкување на постоечките во сосема ново светло. Тука е, пред се, улогата на приватниот сектор и развојот на технологијата, криптовалутите и вклученоста на различни актери во сајбер просторот, со отворена и своеволна атрибуција на дејствијата кон двете завојувани страни.
Крај на војната или војна без крај?
Втора недела по ред, на територијата на Украина се случува војна. Обидите за мировни преговори не резултираа со прекин на огнот и ситуацијата за цивилите е особено тешка. Обвинителството на Меѓународниот кривичен суд во Хаг најави отворање на истрага за можни воени злосторства во Украина, без оглед која страна ги извршила. Русија, исто како и САД, не го има ратификувано Римскиот Статут, а меѓународното право е хоризонтално поставено и генерално нема принцип на принуда.
Во услови на колективен систем за глобална безбедност, согласно Повелбата на Обединетите нации, сила може да се употреби на два начини: за индивидуална односно колективна самоодбрана, или со одлука на Совет за безбедност за одржување или наметнување на мирот.
Во ситуација во која Русија е постојана членка на Советот за безбедност, а Украина не е членка на НАТО, извесно е дека за жал војната ќе потрае, со можност за ескалација.
Оваа војна ќе ги зафати не само завојуваните страни, туку тектонски ќе ги помести економските и политичките односи на планетарно ниво. Економската и хуманитарната криза ќе се почувствуваат повеќе или помалку низ цела Европа. Од друга страна, ништо не го обединило светот одамна како резолуцијата на Генералното Собрание на Обединетите нации со која се осудува „руската агресија“ , а нападот на Украина ја оживеа идејата за европско обединување како мировен проект зачнат од Моне, Черчил, Шуман и Аденауер.
Смислата на постоењето на НАТО алијансата исто така доживеа реанимација. Мирот е единствена исправна опција, но за жал, со оглед на моменталната ситуација, опциите за мир изгледаат прилично исцрпени, а потребата од реформа на системот за глобална безбедност – се поизвесна.
*Доц. д-р Весна Попоска е универзитетска професорка, независна експертка и долгогодишна активистка. Докторската дисертација под наслов „Меѓународно-правни аспекти за заштита на критичната инфраструктура од современи безбедносни закани“ ја одбранила на Воената академија во Скопје во 2019 година. Магистрирала на катедрата за меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и е авторка на повеќе научни и стручни трудови во нејзината област. Таа е алумни на Школата за политика на Советот на Европа. Работи на Меѓународниот универзитет Визион од неговото основање во 2015 година, каде во март 2021 е избрана за деканка на правниот факултет.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.