Во мултиполарниот свет, како „поле на цивилизациски натпревар и соработка меѓу народите и државите“ може и треба да се вклучи само Република Македонија преку возобновувањето на АСНОМ-ската државност на македонскиот народ, откако ќе бидат укинати распаднатата квазидржавна творба „северна“ Македонија, како и „добрососедските договори“ со Бугарија и Грција.
Со започнувањето на воените дејства на Русија во Украина започна и судирот меѓу Русија и „колективниот“ Запад, предводен од САД и Англија. Оружјето, што и го даваат САД, Англија и други држави на Украина, како и економските санкции против Русија, укажуваат дека е започнат тој глобален судир. Во колумната со наслов „Конфликтот Русија-Украина: забрзување на мултиполарниот свет“, објавена во „Ал Џазира“ Јуџин Чосовски (Eugene Chausovsky), аналитичар од „Њулајнз Институтот за стратегија и политика“ од Вашингтон, констатира дека во светот се случуваат „пошироки промени во архитектурата на глобалната моќ“.
Но, светот веќе навлегол во состојбата на мултиполарност, категорична е д-р Каролине Ејкхоф (Karoline Eickhoff), експерт за политички науки и меѓународни односи од Слободниот универзитет од Берлин и истражувач во „Бергхоф фондацијата“ од Германија.
„Преспанска Македонија“ како пример на „распадната држава“
Мултиполарниот свет е светската реалност, во која опстојува и Македонија, односно квазидржавната творба со „Преспанскиот договор“ наречена „северна“ Македонија. Се повеќе мали и големи држави се посилно ги изнесуваат своите барања самите да ги одредуваат правците на својот политички и економски развој, да располагаат со својот внатрешен и надворешен суверенитет, надвор од „прегратките“ на „големите сили“ од Западот, а други подалеку и од Русија, или и Кина.
Каде е во овој глобален контекст Македонија? Што (не) презема како држава? Таа засега нема никакво позиционирање во настапената мултиполарна реалност, ниту определени приоритети, кои ќе бидат усогласени со автентичните државно-национални интереси на македонскиот народ и на интересите на сите други граѓани на Македонија.
Во политичките науки постои поимот „ефективна држава“. Такви се државите, (1) кои имаат суверенитет и контрола врз своите територии, (2) со одговорни политички институции, што ги вклучуваат граѓаните во политичкото одлучување, (3) кои имаат напредни економии, (4) ниски нивоа на корупција, (5) владеење на правото и (6) борба со сиромаштијата и дискриминацијата.
Дали „северна Македонија“ ја контролира сопствената територија? Дали политичките институции се раководат од интересите и потребите на граѓаните? Владее ли во неа правото? Дали има ниска корупција? Очигледно е дека „северна“ Македонија е пример на она што во политикологијата се означува како „распадната држава“ („collapsed state“).
Во својот научен труд со наслов „Неуспешни држави, распаднати држави, слаби држави: причини и показатели“, политикологот-историчар Роберт И. Ротберг (Robert I. Rotberg) од Американската академија на науки и уметности вели дека „распаднатата држава’ е само ‘црна дупка’ во која упаднала пропаднатата политика“. „Распаднати и неуспешни – тоа се последиците од колапсот на нацијата-држава. Тие држави се закржлавени, не функционираат во полза на своите граѓани.“ – појаснува Ротберг. Така „функционира“ и „северна“ Македонија, „црната дупка“ во светската мултиполарност.
Укинување на „добрососедските договори“ и борба за името Македонија во ООН
Заради „влегување“ во мултиполарниот свет првиот приоритет е возобновувањето на вистинската македонска државност, односно, враќањето на Македонија како унитарна, суверена и независна држава во системот на меѓународните односи, по укинувањето на веќе распаднатата „северна“ Македонија. Ова ќе биде можно само откако ќе бидат поништени „Преспанскиот договор“ и Договорот со Бугарија.
За тоа се потребни соодветна внатрешна и меѓународна политичка клима и политички актери со волја и решеност неотстапно да се тргне во таа насока.
Експертите посочија кои се реалните основи за поништување на двата договора. Во научниот труд со наслов „Преспанскиот договор, етницитетот и националноста“ проф. д-р Билјана Ванковска посочува дека Преспанскиот договор навлегол во колективните и индивидуалните права и слободи на македонскиот народ. „Државите не можат да имаат ‘идентитетски спорови’ со други држави. Ниеден меѓународен правен акт не смее да навлезе во определување нечиј идентитет. Националните и државните идентитети се внатрешни прашања и секое наметнато ‘решение’ е правно неважечко.“.
„Со Преспанскиот договор се врши именско, историско и идентитетско редефинирање на македонскиот народ. Тој треба да се раскине, бидејќи повеќе одредби во него се спротивни на темелните принципи на меѓународното право. Нелегален е и нелегитимен!“ – нагласува проф. д-р Наташа Котлар во анализата со наслов „Антиподите на Преспанскиот договор“.
Борбата за враќањето на името Македонија мора да се води директно во Советот за безбедност и во Генералното собрание на Организацијата на Обединетите Нации. Заради тоа, во духот и на новата мултиполарна реалност, следната Влада на Македонија би требало да им се обрати за таква поддршка на САД, Јужна Африка, Индонезија, Франција, Бразил, Кина, Мексико, Русија, Индија, Италија, Турција, Австралија, Германија, Јапонија, Велика Британија, Египет, Канада и Шпанија, како и на релевантните меѓународни организации и форуми.
ЕУ и другите „спонзори“ на „северна“ Македонија бездруго ќе се спротивстават на враќањето на името Македонија. Но, колку и да биде тешка и долготрајна, таквата борба може да биде добиена.
Укинувањето особено на „Преспанскиот договор“ е потребно час поскоро и затоа што тој е геополитичкиот урнек, според кој е замислено да се укине и Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Случувањата со неа се дел од борбата меѓу Цариградската патријаршија и Руската црква кој ќе биде „главниот“ во православниот свет, како дел од геополитичкиот судир меѓу Русија и западните центри на глобалната моќ.
Тие центри стојат зад црковен Цариград и и ги исполнуваат желбите на Грција, како столб на јужното крило на НАТО, да го „доврши“ „незавршеното“ со Букурешкиот договор од 1913 година во врска со Македонија и Македонците.
Владиците на МПЦ-ОА го примија од самопрогласениот „вселенски патријарх“ „Патријаршискиот акт за примање на Охридската архиепископија во богослужбено и канонско единство“. Ова прво претставување на новосоздадената „Православна црква“ на „православниот народ од северна Македонија“ е и првата фаза од укинувањето на автентично-автокефалната Македонска православна црква како еден од најважните темели на македонскиот државно-национален идентитет.
Но, засега не успева „автокефалната авантура“ во Цариград, бидејќи „таткото Вартоломеј“ под влијание на Грчката црква не им дава „Томос за автокефалност“ на владиците од Синодот на МПЦ-ОА се додека не се „ампутира“ идентификациската одредница „Македонска“ од црквата.
Македонските владици, кои ги предадоа вистинската автокефалност на МПЦ и томосот што им го даде македонскиот народ во 1945 и во 1967 година, формално повеќе не се архиереи на македонската православна црква, туку на новата „Охридска архиепископија“, која нема никаква врска ниту континуитет со древната и вистинска Охридска Архиепископија. Создадена е сложена и неизвесна ситуација, по која Стефан и сите владици во Синодот ќе мора да понесат одговорност за своите постапки и да поднесат колективна оставка.
Во спротивно, народот ќе мора сам да ги разреши на нов Македонско-црковен собир, на кој најитно мора да се донесе и Резолуција за отфрлање на сите геополитички игри и удари врз МПЦ-ОА, напоредно со избор на целосно нов Синод со македонски народни владици.
Вториот приоритет, кој мора да се реализира, поврзано и со уривањето на „Преспанскиот договор“, заради градење македонска позиција во новата геополитичка и мултиполарна стварност, е елиминирањето и на „северномакедонскиот идентитет“ и „северномакедонскиот јазик“, кои циркулираат се повеќе согласно со „Преспанскиот договор“ во меѓународната комуникација, дури веќе и во Обединетите Нации, наместо изворните термини македонски идентитет и македонски јазик.
Сега во „светската геополитичка џунгла“ македонскиот народ мора самиот да си ги заштити колективното македонско самочувство и идентификациско самоопределување, својот јазик и историја. Во мултиполарниот свет нема место за една безначајна група на апатриди – луѓе без своја држава и татковина, кои не се повеќе народ со корени и идентитет, со минато и иднина.
Илузија е патот кон новиот светски поредок без внатрешно-консолидирана држава
Која било држава тешко дека би можела да почне да обликува свои позиции во претстојниот нов светски поредок, ако дозволи да ја „распарталуваат“ одвнатре преку спроведување етничко-политички агенди, како што е внесувањето на „државотворниот албански“ и фантомскиот „бугарски државотворен народ во Македонија“ во Уставот.
Тоа е дел од тековниот процес за целосно „исчезнување“ на овие преостанати остатоци од Република Македонија и за конечно претворање на „северна“ Македонија во територија без држава и без постоење на македонскиот народ како единствен носител на вистинската, АСНОМ-ска државотворност.
Третиот приоритет е одржувањето час поскоро предвремени парламентарни избори, заради конституирање нова извршна власт, која веднаш би започнала со спроведување на набележаните приоритети, но и со ефективни подготовки за соочување со енергетската и социоекономската криза, кои ќе „експлодираат“ наесен. Потребна е и сеопшта рационализација во трошењето на јавните финансии од државниот буџет.
Без внатрешна консолидација на севкупниот политички и економски систем во Македонија, заради спречување на целосниот распад на државата, илузија е осмислувањето каков било сопствен пат како држава во новиот светски меѓународен поредок.
Мултиполарниот свет, АСЕАН, Арапската лига, БРИКС, како алтернативи за ЕУ
Заради суверено преориентирање во новите мултиполарни простори на соработка со државите во светот, многу важен е и четвртиот приоритет: преосмислувањето на постојната евроинтеграција на Македонија. Усвојувањето на извештајот за Македонија за 2021 година во Европскиот парламент со бугарските амандмани го запечати безизлезот во кој се најде евроинтеграција на „северна“ Македонија. Зарем да продолжат „преговорите“ отсега врз основа на преговарачка рамка, со која Македонија би станала втора бугарска држава на Балканот, a Македонците „самоосвестени Бугари“?
Годинашниов јуни ќе потврди дека нема да има „датум на датумите“, во ситуација кога и ЕУ е во длабоки превирања, покрај „заморот од проширувањето“.
Затоа, логично е да прекине, или привремено да се „замрзне“ евроинтеграциската политика и Македонија да пристапи најпрво кон „внатрешно европеизирање“, отфрлајќи го и папагалскиот рефрен „Нема алтернатива за евроинтеграцијата“. Алтернативите се директната политичка и економска соработка со државите од Западот и од европскиот континент без „туторство“ на Брисел, со мултиполарниот свет, Арапската лига, АСЕАН-групата на земји, со земјите од БРИКС-групата, Движењето на неврзаните.
Светот веќе се „расцепува“ на блокови и на нови сфери на интереси и влијанија. Среде Европа започнува да се повлекува „железна завеса“ меѓу државите, кои се против Русија, и државите што соработуваат барем на некои полиња со неа. Македонија е засега во „прегратките“ на „колективниот Запад“ и е членка на НАТО. Но, заради постапното осмислување на сопствениот пат кон новиот поредок и мултиполарноста потребно е да се „изнедри“ една нова класа на македонски политичари, кои чекор по чекор, мудро и со промакедонска ориентација, нема да дозволат македонската држава да остане од „оваа“ или „онаа страна“ на таа „железна завеса“.
Новите промакедонски политичари треба да настојуваат да ја држат Македонија настрана и подалеку од судирот меѓу Западот и Русија, применувајќи одредена политичка неутралност, како еден од првите принципи на македонската позиционираност во светската мултиполарност. Но, притоа соработувајќи колку ќе биде можно повеќе и со едните и со другите, пред се во економската сфера. Дали е ова можно?
Турција е членка на НАТО, но застапува и свои засебни позиции и интереси во таа воена алијанса. Унгарија е членка на ЕУ, но има свои засебни позиции и интереси наспроти диктатите на Брисел.
Територијално-географски, Македонија е мала како држава, но нејзиниот опстанок ќе зависи и од способноста да не заврши како тревата, која ја газат слоновите во меѓусебната борба.
*Свето Тоевски е долгогодишен новинар и независен социоекономски и политички аналитичар, магистер по политички науки и самостоен истражувач во политичките науки и лингвистиката и македонистиката.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.