Независноста на кандидатот е предуслов за успешно извршување на претседателската функција. Таа е на прво место а на второ се знаењето и политичкото искуство на кандидатот. Независноста треба да биде барем на нивото на претседателот Киро Глигоров, ако сакаме да имаме корисен шеф на државата во наредниот период. И обратно, без таков степен на независност, избраниот кандидат може лесно да прерасне во партиски активист, со готовност да се втурне во кршење на Уставот и законите, секогаш кога тоа ќе му го наложи партијата што му дала поддршка на изборите. Тоа е кристално јасно од десетгодишниот мандат на сегашниот претседател, од чии недела општеството долго време тешко ќе може да излезе на крај.
Сите партии сакаат независните кандидати да ги стават под своја контрола, ако овие официјално побараат партиска поддршка. Затоа ги промовираат гламурозно за свои кандидати на конгреси или партиски конвенции, сакајќи да и стават до знаење на јавноста дека станува збор за нивен кандидат, без оглед што кандидатот собрал и потребен број потписи од граѓаните. Безрезервно се вклучуваат во изборната кампања со целиот кадровски потенцијал и не избираат средства за победа на нивниот кандидат. По изборот, кандидатот станува нивен заложник на претседателската функција, без можност да ја одбегне партиската стега и партиското опкружување. На прво место е партијата, а на второ кандидатот.
Секоја партија сака кандидатот да го стави под своја контрола
На дело е вистинска драма помеѓу партијата од една, и кандидатот што сака да биде независна личност, од друга страна. Тоа е видливо од разговорот на Киро Глигоров и Стојан Андов, воден за време на претседателските избори во 1994 година: „Доста ми е веќе тоа чудно присвојување упатено кон мене, особено од раководството на СДСМ. Да ти кажам отворено, некои работи веќе не можам да ги поднесувам. Во 1992 година, кога се подготвував за тој познат самит на ЕЗ во Лисабон, измачуван од многу неизвесности, слушам на радио што рекол Бранко Црвенковски на некој собир во Штип. Тој, имено, рекол дека претседателот Глигоров е најголемата инвестиција на СДСМ. Тоа длабоко ме навреди. Си помислив: каква инвестиција јас можам да бидам на 72 години? Што понатаму јас треба ново да учам од нив? Таа изјава ја проголтав некако, иако си мислев дека е искажана за да ми се даде до знаење дека јас сум нечија инвестиција и треба да водам сметка за тоа, т.е. да бидам послушен“ вели Стојан Андов за тоа во својата книга „До атентатот и по него“.
Ова е редок пример кога кандидатот сака да ја одбрани својата независност и кога држи повеќе до себе, отколку до претседателската функција. Во клучни моменти, независност покажаа и Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Првиот за време на воениот конфликт во 2001, а вториот за време на уставните промени во 2005 година. Го користеа и правото на суспензивно вето против законите донесени од пратениците што беа избрани на предлог на нивните партии. Случајот со независноста на сегашниот претседател е трагикомичен. Во кампањата за првиот мандат во 2009 година, пред јавноста настапуваше како независен кандидат, а по изборот за претседател веднаш се стопи со партијата. Се откажа од советничкиот тим, Кабинетот исцело го препушти на партијата и не употреби ниту едно вето во период од осум години, иако беа донесени голем број неуставни закони. Се чувствуваше задоволен што е претседател по мерка на партијата и што со злоупотреба на функцијата може да ги брани нејзините недела, во судир со законите и опозицијата. За време на неговиот втор мандат земјата остана и без држава и без претседател.
Џонатан Свифт е во право кога тврди дека моралните вредности на кандидатите што се натпреваруваат за јавни функции се позначајни од степенот на нивното образование и стекнатото искуство. Тоа треба да се има предвид кога се оценува независноста на сегашниве кандидати за претседателската функција: „Грешките што се прават со чесни побуди од незнаење, никогаш немаат толку кобни последици за општото добро, како што има препреденоста на еден расипник кој располага со широки можности да ги врши, да ги умножува и да ги брани своите недела“.
Претседателот мора да стои над партиите
Претседателот е софистицирана институција која зазема свое место и во државната власт и во граѓанското општество. Преку неа доаѓаат до израз и единството на државата и единството на нацијата. Поради тоа, правата и должностите на претседателот се од правен, политички и морален карактер. Има и арбитражна улога кога се пореметуваат односите меѓу органите на власта и кога општеството запаѓа во подлабока криза.
Станува збор за специфична „претседателска власт“ која не може да се врами целосно во поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. Таа не припаѓа само на една од нив, ниту се врзува само за една област од општеството. Присутна е во сите три гранки на власта, а најмногу во извршната, поради индивидуалниот карактер на претседателската функција. Со трите гранки на власта не се натпреварува, ниту пак ја ограничува нивната работа. Напротив, со нив соработува и во целост ги почитува нивните овластувања. Погрешно е кога претседателската власт се третира исклучиво како дел од извршната власт. Таквото третирање е неприфатливо, особено кога станува збор за парламентарна република.
Според формулата на Монтескје, претседателската власт може да биде ограничувана од другите власти, но и таа може нив да ги ограничува и да влијае врз нивната работа. Тоа го прави со суспензивното вето и со редица други инструменти што и стојат на располагање. Многу е важно ограничувањето да се остварува на начин кој не создава впечаток дека претседателската власт се меша во другите власти или дека сака да ги сведе на нула. Претседателот не е потчинет на ниту една од властите, но и не стои над нив како тутор.
Она што е од особено значење за претседателската функција е „арбитражната улога“ на претседателот, која изречно не е запишана во Уставот, но не е во спротивност со него. Ако е неспорен авторитет, тогаш тој може да влијае врз трите власти, да ја урамнотежува нивната работа, да ги смирува нивните страсти и да влијае споровите да ги решаваат со правни средства, а не со самоволие. Тоа може успешно да го прави само ако неговата власт е „неутрална“, односно ако се постави над партиите, ако делува непристрасно и ако не е дел од политичките превирања во општеството. Ако така се постави, тогаш претседателската власт може да биде „модераторска“, односно власт што обединува и што овозможува претседателската функција да се воздигне на ниво на „ремек дело на политичкото уредување“.
Неутралната власт е можна само ако претседателот има неспорен морален интегритет, ако располага со богато политичко искуство и ако покажува толеранција кон опозицијата. Таква личност не ја сака измамата, не ја поднесува лагата и не се служи со лицемерие. Не прифаќа да биде послушник на ниту еден фактор во земјата или странство. Држи повеќе до јавното добро, отколку до привилегиите што му ги нуди претседателската функција.
До таков профил на претседател тешко се доаѓа. Сепак, може да се дојде, ако се следи примерот на Жељу Желев, избран на непосредни избори во 1992 година за претседател на Бугарија. Тој ја прифати кандидатурата под одредени услови, поставени лично од него. Тоа се гледа од Отвореното писмо што го испрати до органите на Сојузот на демократските сили кои одлучија да го кандидираат за претседател на Бугарија на непосредните избори од јануари 1992 година.
Во писмото побара по изборот да биде независна личност и да не биде заложник на политичката партија што го поддржува на изборите: „Кандидат за претседател може да промовира некоја политичка организација, но веднаш по изборот тој е должен да ги изразува интересите на целиот народ. Апсурдно е секое барање кандидатот да се обврзува или да и ветува на одредена политичка партија дека ќе ја поддржува само неа, дека ќе биде нејзин заложник и дека кон другите ќе се однесува како кон туѓи елементи. Никој кој себеси се смета за човек не може тоа да го прифати“.
Писмото е испратено 45 дена пред почетокот на претседателските избори, како ултиматум за партијата што го предлага. Во вториот круг, одржан на 19 јануари 1992 година, Жељу Желев е избран за претседател на Бугарија со 44,63 отсто гласови наспроти 30,44 отсто на Велко Влканов, кандидат на Бугарската социјалистичка партија. Привлече поголем број гласови затоа што пред изборите побарал од партијата да го третираат како независен кандидат, одбивајќи да биде обичен државен службеник, како Акакие Акакиевиќ, човекот што се чувствувал угодно во „Шинелот“ на Николај Василевич Гогољ.
Пожелно би било сегашниве кандидати за претседателската функција да постапат слично на Желев. Нека повелат јавно да се обврзат дека по изборот ќе бидат независни личности и дека нема да бидат партиски послушници, како сегашниот претседател. Тоа може да биде од полза за кандидатите, под услов да не се служат со измама на избирачкото тело. Жителите на Лилипут измамата ја сметале за потешко дело од кражбата и предвидувале смртна казна за измамниците. Знаеле дека чесноста во општеството не може да биде заштитена ако јавните функционери се измамници или лукави луѓе.
Претседателот е избран функционер, а не претставник на граѓаните
Претседателот е шеф на државата. Од таа позиција се грижи за граѓаните, има увид во работата на јавните институции, командува со вооружените сили и води сметка за безбедноста на земјата. Симболично се смета за татко или за мајка на нацијата. Тоа е наследство од минатото, од времето на апсолутната монархија, кога монархот бил во исто време и Бог и крал и татко (Un Dieu, Un roi, Un pere). Зарем ова не опоменува сериозно кога некој одлучил да се натпреварува за претседателската функција.
Мора да знае дека е прв државен функционер и „лице“ на државата во земјата и во странство. Неговата власт е персонализирана, во рамките на уставот и законите. Затоа остава или не остава личен белег за време на своето владеење. Тој е секогаш претседател, независно дали настапува јавно или приватно. Тој никогаш не делува инкогнито.
Тој не е претставник на граѓаните, туку е избран носител на државна функција. Ја претставува државата, а не нејзините граѓани. Фактот што го избираат граѓаните не го прави да биде нивен претставник, бидејќи со непосреден избор не се менува карактерот на неговата функција, ниту се менуваат смислата и целите на неговите надлежности. Оттука, не е важно прашањето дали го избираат граѓаните или пратениците во Собранието.
Единствен претставник на граѓаните е законодавниот дом. Во него се претставени сите граѓани, преку пратениците од парламентарното мнозинство и од опозицијата. Собранието е претставник на целото избирачко тело. Тоа е израз на вкупните интереси на граѓаните. Зад претеседателот стои волјата на само еден дел од избирачкото тело. Оттука, греши сегашниот претседател кога својот легитимитет го одмерува со Собранието, потенцирајќи го фактот дека на последните претседателски избори добил 535.000 гласови.
Грешел и Наполеон Бонапарта кога во 1814 година пред францускиот парламент тврдел дека има посилен легитимитет од легитимитетот на пратениците: „Дали сте вие претставници на народот? Не. Јас четири пати ја повикував нацијата и четири пати ги добив гласовите на четири милиони луѓе. Јас го имам титулусот на легитимитетот, а вие го немате. Вие сте претставници само на департманите на империјата“.
Наполеонски дух владее и во Палатата на Водно. Наместо да постапува како избран државен функционер, претседателот се однесува како претставник на граѓаните. Се натпреварува со Собранието и ја ограничува неговата дејност. Како резултат на тоа, суспензивното вето го трансформира во апсолутно вето. Го прави тоа што не го прават монарсите, ниту помоќните претседатели од него. Згора на тоа, не ги потпишува ни указите за прогласување на законите што се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови за кои Уставот не предвидува вето.
Во овој случај, самоволието на претседателот може да го запре само Собранието. По исполнувањето на условите за потпишување на указот од страна на претседателот, Собранието има право „да донесе одлука таквите запрени закони да се прогласат само со потписот на претседателот на законодавниот дом“.
Одлуката за прогласување на таквите закони треба да ја донесе Собранието на пленарна седница, а не собранискиот спикер. Станува збор за нужна одбрана на законодавната власт, во услови кога Уставниот суд не може да го заштити законодавниот дом од противуставните дејства и акти на претседателот. Личната власт на претседателот, Уставниот суд не може да ја запира со правни средства што сега му стојат на располагање, ниту може да ги поништува нејзините последици. Пропустот од 1991 година може да се надомести само со нови уставни промени со кои под уставно-судска контрола ќе се стават сите дејствија и правни акти на претседателот. Треба да се постапи на ист начин како што е постапено со уставно-судската контрола на претедателската власт во Бугарија.
Ако, пак, не се обезбеди цензус за вториот круг на претседателските избори, во тој случај треба да се создаде нова уставна основа за избор на претседател во Собранието, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Со таквиот избор нема да се промени карактерот на претседателската функција. Сегашниот модел е направен на предлог на претседателот Глигоров. По неговото заминување моделот стана непродуктивен, а во последно време и неподнослив за граѓаните и за парламентарната демократија.
проф. д-р Светомир Шкариќ
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава на македонски и албански јазик можете да ја прочитате ОВДЕ.