[Став] Се сеќавам на Јовица

Денеска навршуваат пет години од смртта на прерано починатиот македонски џез музичар Јовица Јовановски. Преку текст на Радио МОФ, неговиот помлад колега Владимир Ботев, се потсетува на човекот кој беше пример за многу џез музичари. 

Пишува: Владимир Ботев, џез музичар

Повеќе години наназад Јордан ми ја даваше својата гратис карта, па ретко пропуштав концерти на Македонска Филхармонија. Таа зима (2014-15) најголеми симфониски фанови беа професорот Д-р Марјановиќ и Игор (со родителите); ми се чинеше дека луѓево живеат во Домот на АРМ.

Тој период, Марија и Јовица свиреа во МКЦ ресторанот (секогаш во ист ден со Филхармонија, т.е. секој четврток). На нивните свирки понекогаш „знаеше да има“ народ, а понекогаш бев само јас. И Игор. Да, истиот, кој не пропушта концерт на Филхармонија, со родителите. Секогаш со нив, зашто не може сам; Игор е лице со посебни потреби. Секако – имаше и други луѓе; никогаш само „јас, Игор и неговите“, ама „така иде зборот“, де. Контрастот меѓу симфониската рафинираност и спонтаноста на џез дуото на Марија и Јовица ЕПТЕН ми се допаѓаше. Што „помрсна“ оркестрација ваму – тоа поголема спонтаност чувствував таму, едвај чекајќи да дојде на ред нешто од Малер, со 15 француски хорни и 5 англиски рога во оркестрацијата. :)

Јовица (лично) го запознав околу 3 години претходно, една вечер кога бевме со Бодин кај Мето, да повежбаме џез (кобајаги); „од извиџење“ го знаев од доста порано. Мето имаше уште тогаш многу продлабочени познавања, но се чувствуваше кај него неискуството во пракса. Бодин свиреше супер, само тогаш се уште рокерската страна му беше поизразена. Јас бев в.д. басист… дибидус… „од сите вери надвор“, ко што викаа старите, а освен тоа немав ни инструмент, па Бодин донесе и појачало и бас гитарата на жена му.. каков џентлмен!!. Енивејс.

Јовица „улета“ негде на пола „проба“ и „фати позиција“ на каучот и многу заинтересирано следеше што се случува (небаре свириме нешто кохерентно). Потоа „се уморивме“ и „ај пауза да праиме“ (ќути, се утепавме од вежбање) па си поправивме муабет со Јовче. Беше суперпозитивен и ултрадругарски (да не речам – татковски) настроен, а како прилично постар и неспоредливо поискусен од нас, ни даде и совети и насоки во правец на одлучност, истрајност и дисциплина (баш тоа што ни фалеше…). На крај пробавме да „поџемаме“ со него; пробувавме најстандардни стандарди (Елингтон, Керн), па сепак јас и тука се давев… Јовица меѓутоа не изреагира лошо, дури „ни фаца не направи“ што би се рекло, само ги повтори и прошири претходните совети! Цар!! Работејќи како келнер по скопскиве кафани неколку години претходно, бев навикнат на негативни критики дури и кога се е ко што треба, а ако нешто баш не чини (како моето свирење бас) очекував најмалку остри критики „по дифолт“… но ништо од тоа; Јовица просто беше цар! Друга класа, неспоредливо повисока од онаа на просечниот скопски кафански гостин.

Крај на февруари, 2015-та, четврток. Кој ќе се сети што имаше во Филхармонија; знам само дека таа вечер врнеше дожд онака као „иглици“ – ситен а густ (и прилично непријатен). Имаше и ветер; дефинитивно е попријатно коа баш „истура“ во споредба со ова. По концертот, по обичај тргнав кон МКЦ ресторанот. Стигнав до автобуската кај „Судска“ и си реков „ај најарно овој пат да не одам“; бев прилично покиснат, а освен тоа аргументот „има и други Четвртоци“ ми се виде прилично разумен. Испадна дека донесов правилна одлука, зашто потоа дознав дека свирката била откажана. Она што во тој момент не знаев, беше дека за Јовица нема да има повеќе Четвртоци…

Многу народ се собра во и околу капелата: цело Драчево, тон музичари, роднини, пријатели и неговите колеги од ЈСП. Да, Јовица беше шофер во ЈСП; мора да се живее од нешто. Сакаше тој да живее од музика, но од убава музика, што е прилично тешко. Затоа реши да живее за (убава) музика, а да „рани фамилија“ работејќи како шофер, при што џез свирките му доаѓаа како неопходен „вентил“, а и како дополнителен приход. Времето дента беше „така-така“; на почетокот малку тмурно, па потоа малце се „подотвори“ – битно не заврна. Кал на гробиштата во Драчево, тешко беше човек да се движи. Не сфатив дал е тоа стандарден проблем, или пак беше резултат на обилните врнежи претходните денови. Мене ми се чинеше како и земјата да даваше отпор, делејќи го мислењето со сите нас дека Јовица едноставно прерано и прененадејно си замина. Го „пререди“ својот сакан Бенсон, но се пресели сепак меѓу своите колеги, чија музика ја свиреше и чии дела бескрајно ги почитуваше. Ме тешеше помислата дека таму горе, меѓу нив, се наоѓа на подобро место… Некое време потоа, бевме со Мето пак; запаливме свеќа, испивме по пиво. Јас, кој не бев посебно близок со Јовица чувствував празнина – а како ли му беше на Мето, кому Јовица му беше како втор татко (татко му на Мето беше одамна починат; не стигнав да го запознаам…).

2020. Пак е Февруари. Вчера му се јавив на Мето „…дојди брат коа сакаш; ќе отидеме обавезно до горе, да го посетиме Јовче“. 5 години без Јовица. Марија сега свири со Виктор, Киро и Гордан; секој од нив виртуоз на својот инструмент. Животот оди понатаму; познавајќи го Јовица знам дека не би сакал некој „да сече вени“ по него. Прости ми, читателе, ако те растажив – не ми беше тоа целта! Сакав само да те потсетам на (или запознаам со) големиот Јовица, човечиштето, кој освен прекрасен човек беше истовремено и врвен музичар и гитарист, и како таков имаше безброј настапи со најдобрите џезери од регионов. И како што џезерите во ’50-те на минатиот век се „сеќаваа на Клифорд“, така и ние во 2020-ве должни сме да го зачуваме споменот на Јовица. Фала ти, читателу, на вниманието и преку тоа: на учествотото во зачувувањето на споменот на Јовица! Секое добро!!

Владимир Ботев

Јовица Јовановски (03.07.1964-26.02.2015) e роден во Скопје, каде завршил основно и средно образование. Како гитарист бил активен во повеќе ансамбли и жанрови, подоцна фокусирајќи се исклучиво на џезот. Неговите настапи претежно се врзани за вокалистката Марија Димитријевиќ, со која често настапувал во џез дуо формација. Познат по својот широк џез репертоар, а популарен како версатилен гитарист, настапувал со најдобрите џез имиња од регионот. Во 2010 со Димитријевиќ го издаваат албумот “Make Someone Happy” во издание на Скопски Џез Фестивал, со Иван Бејков на контрабас, Александар Секуловски на тапани, а како гостин на албумот се јавува трубачот Џемал Цекиќ. Во издание на Џез ФМ пак, снимки од негови живи настапи се наоѓаат на колажното издание “Dal Met Fu Sessions” каде покрај триото на Димитријевиќ и  Јовановски (со Зоран Павлоски на контрабас), сместени се и снимки од бендовите на најдобрите македонски џез имиња (Тони Китановски, Дамир Имери, Георги Шарески и Оливер Дуев).