Грчките медиуми и новинари кои го обелоденија скандалот со прислушување беа во улога на сведоци на судското рочиште кое се одржа на 25 јануари, а во однос на тужбата покрената од SLAPP поднесена од внукот на грчкиот премиер и поранешен секретар.
Грчки новинари и медиуми кои известуваа за скандалот со прислушувањето сведочеа на судското рочиште кое се одржа на 25 јануари, во Атина, Грција, а во однос на Стратешката тужба против учеството на јавноста (SLAPP) поднесена од Григорис Димитријадис, поранешен секретар и внук на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Димитријадис досега има поднесено две SLAPP тужби, и тоа против грчкиот весник Efimerida ton Syntakton, EFSYN и медиумот кој се занимава со истражувачко новинарство Reporters United и неговите новинари Николас Леонтопулос и Тодорис Хондројанос, но и против новинарот Танасис Кукакис, кој е првата потврдена жртва на користење на нелегалниот шпионски софтвер Predator.
На првото рочиште кое се одржа на 25 јануари, Димитријадис ги обвини медиумите и новинарите за нанесување на морална штета затоа што во нивните извештаи објавени во август 2022 година е обелоденета неговата наводна вмешаност со Intellexa, израелска компанија која го продава Predator софтверот во Грција. Григорис Димитријадис бара отштета од 250.000 евра од страна на весникот EFSYN, 150.000 евра од Reporters United и неговите новинари и 150.000 евра од Кукакис. Вкупната барана сума е 550.000 евра.
Скандалот со прислушувањето познат како Predator Gate го окупира вниманието во Грција уште од 2022 година и се однесува на употребата на нелегалниот софтвер Predator од страна на грчките тајни служби, EYP, за следење на новинари, политичари, деловни луѓе и други поединци.
Прво судење за скандалот со прислушување
Balkan Insight извести дека голем број на луѓе, меѓу кои и пратеници од опозициските партии СИРИЗА, ПАСОК, Нова левица и грчката комунистичка партија ККЕ, потоа новинари, припадници на граѓанското општество и читатели, дојдоа на судењето кое беше закажано за 25 јануари со цел да ги поддржат медиумите и новинарите.
Потребно е да се додаде и тоа дека господинот Димитријадис не беше присутен на рочиштето.
Сведоците од страната на грчките медиуми, грчкиот правник и академик Никос Алевизатос и истражувачкиот новинар Тасос Телоглу, документираа дека публикациите не само што не биле клеветнички, туку сосема спротивно – му служат на јавниот интерес.
Ова беше првпат скандалот со прислушување да се анализира во судница.
„За прв пат, луѓето од правната фела и новинарите кои го истражуваа скандалот можеа да се произнесат пред судот за што точно се случило со софтверот Predator, а сето тоа ќе биде запишано во записникот од судењето“, изјави Кукакис за Balkan Insight.
Одлуката на судот се очекува да биде објавена во наредните месеци или за четири години, во зависност од бавното темпо на грчкиот правосуден систем.
SLAPPs: обид за заплашување и замолчување на новинарите
По објавувањето на информациите од страна на новинарите во август 2022 година, Димитријадис поднесе оставка и ја покрена својата прва тужба против медиумите и новинарите. На крајот на ноември 2023 година, тој исто така покрена нова серија тужби против нив во кои побарува вкупно 3,3 милиони евра и ги обвинува за нарушување на моралниот углед од причина што има нова истрага која го доведува во врска со скандалот со прислушувањето.
Во официјалното соопштение од месец декември, Синдикатот на новинари на дневните весници на Атина (ЕСИЕА) објави дека тужбите на Димитријадис имаат за цел да ги заплашат новинарите и да го ограничат пристапот до информации.
SLAPPs, кој уште се нарекува и Стратешка тужба против учеството на јавноста, се однесува на правни дејствија кои најчесто се користат од страна на големи корпорации или моќни поединци со цел малтретирање, заплашување и финансиско или психичко исцрпување на новинари, активисти, академици и бранители на човекови права.
Меѓународните медиумски организации како што се Меѓународниот институт за печат (IPI), ARTICLE 19 Europe (A19), Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите (ECPMF), Европската федерација на новинари (EFJ), Free Press Unlimited (FPU), OBC Transeuropa (OBCT), Репортери без граници (RSF) и Организацијата на медиуми од Југоисточна Европа (SEEMO) ја осудија тужбата на Димитријадис која ја карактеризираа како „застрашувачки обид да се попречи истражувачкото новинарство за врските кои ги има Димитријадис со скандалот со шпионски софтвер во Грција“.
Во соопштението објавено на 18 јануари 2024 година, тие ја повторија својата „осуда на неоснованата тужба за клевета поднесена против грчките новинари и медиуми“ од страна на Григорис Димитријадис, внук на премиерот, и го повикаа тужителот „итно да ја повлече тужбата пред претстојното рочиште.“
Регулативата на ЕУ за SLAPPs и нејзината проблематична имплементација
Советот на ЕУ и Парламентот на ЕУ во ноември постигнаа политички договор за донесување на директива која ќе ги заштити новинарите и бранителите на човековите права од SLAPP.
Претставниците на земјите-членки во Советот (Coreper) мора да ја поддржат новата директива. Доколку биде одобрена, текстот на директивата ќе треба формално да биде усвоен и од Советот и од Европскиот парламент.
Грчките новинари стравуваат дека феноменот на SLAPP ќе ескалира во 2024 година. Грчките медиуми и новинари кои зборуваа за Balkan Insight, изјавија дека не е јасно како ќе се применува новиот закон во Грција, каде владините претставници и големите компании честопати користат SLAPP за да ги заплашат и замолчат новинарите.
„За жал, начинот на кој се формулирани одредбите во директивата им остава дискреција на земјите-членки во однос на тоа како ќе донесуваат закони, изјави за Balkan Insight, Јанис Кимпуропулос, уредник и директор на грчкиот медиум Efimerida ton Syntakton, EFSYN.
Фондацијата „Дафне Каруана Галиција“, која е невладина организација во Малта формирана по убиството на истоимениот истражувачки новинар на Малта, изјави дека предложената antiSLAPP директива треба да има текст кој ќе содржи ефективен механизам во однос на предвременото отпуштање и широко инклузивна дефиниција за прекугранични случаи, и да го поставува стандардот за надоместување за жртвите на SLAPP.
Дополнително, оваа Фондација нагласи дека „90% од идентификуваните случаи на #SLAPP нема да бидат опфатени со предлогот за општ пристап поднесен од страна на Советот. Ваквата статистика може и треба да биде обратна. Ставањето крај на SLAPP е прашање од јавен интерес. Кога се злоупотребува законот имаме прикривање на клучните информации, со што се крши правото на тоа секој да биде информиран “.
*Елени Стаматуку е новинарка позната по нејзината работа на различни теми, вклучително и миграцијата, политиките за гранична контрола и актуелните настани. Таа има пишувано за публикации како Балкан Инсајт и Соломон, на широк спектар на теми, вклучувајќи прашања поврзани со безбедноста, надзорот, сајбер безбедноста и меѓународните односи.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.