Не сум елитист. Не сум сноб. Јас сум обичен доцент на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ на УКИМ во Скопје. Во овој град сум подолго отколку во Охрид кадешто се родив. Потекнувам од скромно, обично (што и да значи тоа) семејство, без ниедно звучно име во него. На етнологија се запишав затоа што така сакав, и тоа е мислам најважниот мотив. Моите совршени родители ме поддржуваа до таму што при крајот на студирањето ја продадоа колата (а татко ми беше зависен од тоа југо корал 45) за да можам да плаќам стан во Скопје. Не сакам вакви патоси, ама морам да потенцирам дека ние бевме од оние семејства што тешко ги преживеаја првите долги години на транзицијата. Како и да е, решив дека треба да продолжам понатаму, да магистрирам и да докторирам. Моето образование траеше петнаесетина години. Тоа беше ужасно многу за баба ми која на секоја средба ме прашуваше – Ишче ќа учиш бабе? – на сочен октишки дијалект. После еден месец откако докторирав, ја родив Илина. Штом ми заврши породилното боледување бев избрана за доцент.
Живеам во стан под кирија во скромни услови. Во моето тричлено семејство јас сум вработената. Платата ни трае 15-16 дена, а до следната плата ни помагаат родителите на мажот ми. На море не сум била со децении. Не одам на скијање. На работа се возам во автобус и на точак. Немам кола.
Новите измени на Законот за високо образование ме обврзуваат до 2017 (кога треба да биде мојот реизбор) да објавам најмалку 5 труда во списанија од фамозната база. Тоа е секако невозможно. Но да речеме дека е возможно. За да го исполнам овој услов треба да земам кредит од околу 2000 евра за да можам да платам превод, влез, рецензенти во некое списание од некоја си база за трудовите со кои ме условуваат. Значи, за да земам плата во наредните пет години после реизборот, треба да земам кредит што ќе го отплаќам со таа плата, за таа тогаш да трае помалку од 15 дена во месецот. Кутро мое дете!
Пред да се случат овие неприлики, многу сакав време за да напишам еден текст за доживувањето на староста според компаративни примери од Мариово и Залошче во Словенија, каде што бевме на теренско истражување. Логично дека треба да аплицирам во некое словенечко списание. Сега прво треба да проверам дали некое од соодветните словенечки списанија се наоѓа на фамозната база или не. Ако не, материјалите одат во фиока.
Многу сум несреќна заради овој наметнат калкулантски концепт. Таму кајшто почнува калкулацијата, задоволството завршува. Ова е спротивно на сè што нè учеле и на сè што ги учиме студентите: не калкулирај, избери тема што ќе те забавува и возбудува ако сакаш добро да ја завршиш работата! Ние веќе нема да уживаме во работата, нема да има тука никакво задоволство зашто ќе бидеме зафатени со пресметки. Истовремено со размислувањата за староста ми се врати една подзаборавена тема почната, а незавршена, што сигурно подобро ќе се вклопи во овие околности: изживувањето со Пуфчани од страна на сите политички структури, а секако најмногу од власта и злоупотребата на луѓето од општина Пустец, Република Албанија за изборни цели. Баш ме интересира што имаат Пуфчани да кажат за нивното горливо искуство со изборите во 2013 година.
Она што досега сме сработиле на ИЕА, особено кога станува збор за нашата издавачка дејност не се брои, не е важно, не е релевантно според новиот закон. Во меѓувреме ние работиме како грешници обидувајќи се по секоја цена да го одржиме излегувањето на институтското списание, без никаква поддршка од соодветните институции. Понекогаш мислам дека сите книги и сите броеви на списанието излегоа со помош на магија. Ова секако го правам без пари, зашто мислам дека е многу важно. Не сум глупав ентузијаст. Признавам дека е многу тешко да се одржува човечноста во вакви налудничави околности. Затоа ќе продолжам со истиот ентузијазам да го работам она што новиот закон не го смета со поени. Не од инает. За мое добро. На ова место такви сочни зборови ми стојат на врв на јазик, ама велат дека не и доликува таква сочност на една наставничка.
На последниот состанок на ИЕА (сместен во две преостанати трошни бараки од студентскиот дом Стив Наумов познати како катакомби или катанги – сеедно) во една френетично-хистерична атмосфера одлучивме да се посветиме на нешто што е за нас многу важно, настрана од новиот закон – 10 години од постоењето на Институт за етнологија и антропологија. Одбележувањето на јубилејот ќе вклучува конференција со гости странци, главно од Балканот, кои ќе дискутираат за статусот на овие дисциплини на овие простори. Ние ќе имаме многу што да кажеме. Според досегашното искуство за поддршка на „небитни“ работи од страна на соодветните министерства одлучивме дека конференцијата ќе ја одржиме по секоја цена. Тоа значи: бидејќи веројатно нема да имаме средства за хотели, храна, превоз… гостите да ги примиме кај нас дома додека трае конференцијата. Од она што ние имаме да го презентираме за статусот на етнологијата и антропологијата во Македонија и за проблемите со кои се соочуваме ќе излезе зборник на трудови, којшто веројатно е најсоодветно да го носи насловот Impact FUCKtor. Ова е последното нешто што ќе го направам со голем мерак.
Треба да се смирам. На мојата ќерка и треба помирна и поприсутна мајка. Ќе треба да одиме на друго место, некаде на планина, некаде кајшто ќе може да се занимаваме со „понормални“ нешта. На пример собирачко стопанство – берење печурки на Бигла. Што било, само да го сведеме контактот со државата на минимум. До некои подобри времиња. Сигурно ќе сме посреќни и помирни отколку што сме сега тука.
Ана Ашталковска Гајтаноска
Извор: Професорски Пленум