Забрзано се работи на полето на вештачката општа интелигенција (AGI). Сепак, етичките и правните дилеми се наѕираат како што се зголемува влијанието на вештачката интелигенција.
Kако што влегуваме во 2024 година, вештачката интелигенција (АИ) продолжува со својата брза еволуција, носејќи возбудливи случувања и предизвици, од генеративната АИ и нејзините апликации во генерирањето видео, музика и глас, до зголемената употреба на генерирани содржини во политиката и медиумите.
На полето на јазични модели во 2024 година се очекува големите гиганти (како Google и OpenAI) да продолжат да развиваат попаметни модели на АИ попогодни за корисниците, со можност за креирање сопствени приспособени чет-ботови без вештини за кодирање. Ова веќе се случи со GPT store. АИ ќе биде достапна и корисна за пошироката јавност. Мултимодалноста ќе има предност, како во случајот на Gemini. Но, ќе продолжат да се развиваат и независни модели како LLaMA, Pythia, Falcon и други. Вториот бран на генеративната АИ ќе биде фокусиран на генерирање видео. Runway и PikaLabs предничат, но другите апликации ги достасуваат. Главните тешкотии се во конзистентноста на ликовите и стиловите кои се очекува да бидат надминати и наскоро генерираните видеа да не се разликуваат од реалните. Големите филмски студија веќе ја користат генеративната АИ. Тука треба да се спомене и генерирањето музика и глас кои се веќе достапни. Ќе се појават алатки кои ќе им помогнат на дизајнерите со поедноставен, побрз и поефикасен процес на создавање сложени прототипови и материјали. Deepfakes ќе бидат голем предизвик на изборите во САД во 2024 година. Политичарите веќе користат содржина генерирана од АИ за да ги нападнат противниците. Лажните вести се во подем, а правењето разлика помеѓу нив и вистинските е сè потешко. Веќе е возможно да се создадат цели функционални сајтови со тековни вести со помош на АИ. Исто така, се предвидува дека 2024 ќе биде година на АИ инфлуенсери.
Се очекува претпријатијата да се концентрираат на развој на генеративни модели на АИ кои се прилагодени за специфични индустрии и барања на корисниците. Ова произлегува од потребата за поспецијализирани и поефикасни модели кои можат да одговорат на уникатните предизвици и нијанси на различни сектори, како на пример во здравството, финансиите, правото, итн.
АИ во интернетот на работите и АГИ (Artificial General Intelligence) На CES 2024 (Consumer Electronics Show) од 9-12 јануари беа претставени најновите примени на АИ. Не само во компјутерите, телефоните и автомобилите, што и не е ново, туку беше јасно дадено до знаење дека наскоро ќе нема потрошувачки предмет кој ќе нема некаков вид АИ во него. Од перници, душеци, фрижидери, машини за перење и сушење алишта, скари и апарати за подготвување храна, телескопи, стетоскопи, ролерки и многу друго! Ќе се појават роботи за општа намена способни да извршуваат поширок опсег на задачи. Минативе години се работеше напорно на надминување на парадоксот на Моравец (она што е лесно за нас е тешко за AI/роботите и обратно) и конечно влеговме во новата ера. Хуманоидните роботи се на повидок! Новите архитектури на невронски мрежи како Mamba и невросимболичката АИ веќе ги подобруваат когнитивните способности на АИ, потенцијално приближувајќи се до постигнување на вештачка општа интелигенција (AGI). Можеби е сè уште рано, но секако треба да се мисли на порамнувањето со човечките вредности! Дали и Марк Зукенберг мисли на тоа?
Најголемата пречка за демократизацијата се трошоците за тренирање на АИ моделите, како и ризикот за нарушување на приватноста. Трошоците веќе се намалуваат (како што демонстрираше LLaMA), но безбедноста е отворено прашање. 2024 година, наспроти предвидувањата за генерализација и доближување кон AGI, можеби ќе биде година на мали базични модели. Овие специјализирани, наменски изградени модели на АИ можеби ќе заземат централно место.
Примена на АИ во здравството, образованието и наукатa
Генеративната АИ ќе игра значајна улога во здравствената заштита со креирање лични планови за лекување, подобра дијагностика и грижа за пациентите. АИ веќе откри нова класа на антибиотици против отпорни бактерии. Ќе се појават нови уреди и примени за подобро клиничко одлучување, документација и здравствена заштита – ова е особено значајно за помалку развиените земји како нашата каде што има сѐ помалку професионалци. Вештачката интелигенција ќе им помогне на наставниците во генерирање белешки, извештаи, планови за часови и персонализирани искуства за учење, но и на учениците да ги совладуваат материјалите полесно. Ова е повторно значајно за Македонија каде образованието е на ниско ниво.
АИ веќе се покажа како клучна во научните истражувања. Како пример за тоа е способноста да ја револуционизира биологијата со прецизно предвидување на протеинските секвенци или откривање нови лекови, како што е примерот со супстанциите како INS018_055 и абауцин. Се очекуваат уште вакви и поголеми откритија во иднина.
Иднината на трудот со вештачка интелигенција
АИ ќе ги оптимизира софтверските процеси, ќе го подобри собирањето податоци, ќе ја олесни комуникацијата помеѓу аналитичарите и клиентите и ќе го поедностави создавањето фрагменти од код на различни јазици, зголемувајќи ја продуктивноста на програмерите и квалитетот на софтверот.
Професионалците вешти во машинско учење ќе бидат од суштинско значење за распоредување, следење и одржување на системи. Но, од друга страна, бидејќи начинот на кој се развива технологијата подразбира поприроден јазик, можеби сè повеќе ќе бидат потребни креативни луѓе кои знаат да ги постават вистинските прашања и да ги насочат АИ системите во правилна насока. Голем број на работни места ќе бидат заменети со АИ, но ќе се отворат и нови. Ова е промена која настанува со секоја појава и масовно усвојување на нови технологии. Се предвидува дека во 2024 АИ ќе биде „совозач“ на работните места. Во секојдневниот живот сè повеќе алатки ќе бидат достапни на сè повеќе уреди, што ќе влијае и на личните и на професионалните аспекти од секојдневниот живот.
Закони, криминал и етика
Брзото усвојување на АИ заради продуктивноста може да доведе до безбедносни пропусти и потенцијални кибер напади. Проектите со отворен код се соочуваат со безбедносни предизвици (пример GPT на OpenAI). Слепите точки во употребата на АИ создаваат корпоративни ризици.
Ќе има повеќе закони поврзани со употребата на АИ во различни сектори и развивање стандарди и упатства за етичко користење и обезбедување приватност при обработката на личните информации. Се очекуваат мерки за регулирање во 2024 година, но да не се сопрат иновациите и технолошкиот развој. Ова нема да биде лесна задача и законодавците ќе се соочат со многу пречки.
Се очекуваат повеќе пријави за патенти и авторски права и повеќе спорови околу интелектуалната сопственост. Веќе неколку автори и уметници чии стилови биле копирани или програмери и компании за база на слики имаат поднесено тужби против Midjourney и Dall-e. Тужбата на New York Times против OpenAI и Microsoft за кражба на милиони страници од нивната содржина крена прашина.
Но, тука се поставува една дилема. АИ (како и секоја нова технологија) е поврзана со напредокот. Дали би се откажале од напредокот ако некој ве тужи, а имате моќ и влијание? Се разбира не. Освен ако (како дел од „Западниот“ свет) не сакате Кина да ве претекне во борбата за глобална доминација!
Иако е невозможно да се набројат и предвидат сите полиња на кои вештачката интелигенција ќе има влијание во 2024 година, иднината ветува голем потенцијал и трансформација во различни сектори. Од здравството до образованието, науката и иднината на трудот, АИ ќе изврши револуција на начинот на кој живееме и работиме.
Сепак, среде овој брз напредок, мора да се решат предизвиците поврзани со етиката, приватноста и безбедноста. Развојот на АГИ и неговото усогласување со човечките вредности ќе остане клучна грижа. Бидејќи АИ станува составен дел од нашиот секојдневен живот, од клучно значење е да бидеме упатени и да ги искористиме добрите нешта на одговорен и креативен начин.
*Бранко Прља е член на ДПМ (Друштво на писатели на Македонија) и на ЗНМ (Здружение на новинарите на Македонија). Дипломирал на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет. Како писател има објавено повеќе од 15 дела, а пишува и под псевдонимот Берт Стајн. Основач е на порталот arno.mk, како и на групите „Дај, не фрлај“ и „Не фрлај, не загадувај“ преку кои работи на ширењето на свеста за рециклирањето, реупотребата и намалената употреба со цел зачувување на околината.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.