Останува да видиме дали ситуацијата ќе се промени по 8 октомври. Или, пак, во Србија ќе се случи подобрување дури откако ќе ја решиме дилемата дали треба да му подигнеме споменик на четничкиот војвода и квислинг Драгољуб Дража Михаиловиќ и да го иселиме Тито од Куќата на цвеќето.
Предлозите на 18 невладини организации кои беа дадени пред да се направи ажурирање на Зелената агенда оваа година, имаат за цел да обезбедат поголем фокусот на иницијативата, транспарентноста и резултатите од Зелената агенда за Западен Балкан, соопшти Bankwatch мрежата за Централна и Источна Европа (CEE Bankwatch Network). Еден од предлозите се однесува и на преиспитување на доброволната природа на Зелената агенда и бара од владата јавно да се обврзе на одредени активности.
Невладините организации го повикаа Советот за регионална соработка (RCC), кој е главен регионален партнер во однос на координацијата на Зелената агенда, да го подели акцискиот план на чекори кои ќе имаат временска рамка, со јасно потенцирање на тоа кој е одговорен за нивното спроведување, како и основни информации за да се овозможи ефикасно следење на напредокот.
Зелената агенда за Западен Балкан која беше започната од Европската комисија во октомври 2020 година, е главна иницијатива за поттикнување на државите во регионот да ги користат фондовите на ЕУ за декарбонизација, намалување на загадувањето, циркуларна економија, одржлив рурален развој и заштита на биолошката разновидност.
CEE Bankwatch посочи дека четири години од неговото воведување и три години откако лидерите од земјите од Западен Балкан го усвоија Акцискиот план 2021-2030 во октомври 2021 година, непостоењето на јасна структура, временска рамка и соодветно известување се нешта кои и понатаму го оневозможуваат граѓанското општество да врши ефективен надзор.
Предлозите, меѓу другото, беа поддржани од Мрежата за климатска акција (CAN Europe), Отворената школа од Белград, ресурсните центри за животна средина од Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Северна Македонија.
Зелената агенда за земјите од Западен Балкан ќе биде тема на министерскиот состанок во рамките на Берлинскиот процес кој ќе се одржи на 8 октомври.
Зошто има критики?
Република Србија е еден од потписниците на Софиската декларација за зелена агенда за земјите од Западен Балкан. Документот беше усвоен на Самитот за Западен Балкан одржан во Софија на 10 ноември 2020 година, како дел од иницијативата на Берлинскиот процес.
Накусо кажано, во овој документ од шест страници лидерите на земјите од овој регион изразија желба и се согласија дека регионот треба побрзо да се движи кон Европската Унија, при што акцент се става на решавање на еколошките проблеми кои се поделени во пет столба на таквиот иден развој, и тоа:
- Клима, енергетика, мобилност
- Циркуларна економија
- Намалување на загадувањето
- Одржливо земјоделство и производство на храна
- Биодиверзитет
Договорот и потпишувањето на оваа декларација беа само првиот чекор, по што требаше да се воспостават разни механизми, да се подобри меѓусекторското управување и да се поддржи интеграцијата на зелената транзиција со ниска потрошувачка на јаглерод преку реформирање на јавната администрација, управување со јавните финансии, со програма за економски реформи и мобилизација на сопствени ресурси.
Не може со сигурност да се каже што од горенаведеното досега е имплементирано во Србија.
Зелената агенда тешко се пробива до јавноста и до агендата која ја имаат надлежните органи поради (постојано) актуелните теми како што се избори, Косово, Тито и Дража, рехабилитација на воени злосторници, враќање на задолжителниот воен рок, протести на вработените во просветната дејност и на земјоделците…
Европа води евиденција
Наместо нејасни извештаи од страна на државните органи кои треба да бидат задолжени за оваа работа, како што е Министерството за евроинтеграции, од секој годишен извештај на Европската комисија јасно може да се види дека Србија (не) остварува напредок во овој дел.
Преговарачките поглавја за Србија се распоредени во кластери, а овој кластер (Кластер 4) беше отворен во декември 2021 година откако Србија го исполни акцискиот план за нафтените резерви и акцискиот план за одвојување на дејностите во секторот за гас.
Во најновиот извештај за 2023 година, исто како и во секоја претходна година, се потсетува дека Кластерот за зелена агенда и одржливо поврзување е суштината на Зелената агенда за земјите од Западен Балкан, како и дека истиот е тесно поврзан со Програмата за економски реформи на Србија и со Економско- инвестицискиот план на Европската комисија.
„Постигнат е одреден напредок, особено во делот на трансевропски мрежи, каде што Србија напредуваше во подобрување на инфраструктурата со спроведување на активностите и работите на изградба на гасен интерконектор Србија-Бугарија, како и во делот на климатски промени со усвојување на Стратегијата за развој со ниска потрошувачка на јаглерод 2023-2030 година“, се наведува во извештајот на ЕУ.
Очигледно е дека не се случило значително поместување во овој кластер бидејќи во извештајот за 2022 година е истакнато дека „во принцип е постигнат ограничен напредок“ а Србија беше повикана да се фокусира на подобро приоретизирање во делот на инвестициите, планирањето и управувањето во сите области во периодот кој претстои.
Во 2022 година, ЕУ посочи дека очекува продолжување на реформата во железничкиот сектор и подобрување на стратешката транспортна рамка во согласност со стратегиите на ЕУ и Западен Балкан за одржлива и паметна мобилност; итна имплементација на акцискиот план за одвојување на активностите во секторот за гас и понатамошна диверзификација на рутите за гас и на снабдувањето со гас со цел да се намали зависноста од Русија; усвојувањето на амбициозен национален план за енергетика и клима кој е во согласност со целта за нула емисии предвидено со Европскиот зелен договор за 2050 година како и поголеми напори во имплементацијата и примената на законските регулативи поврзани со животната средина и климатските промени, особено во однос на проценка на влијанието врз животната средина, управувањето со отпад, квалитетот на воздухот и водата, прекуграничната соработка и спроведувањето на законот од страна на инспекциите.
Една година пред тоа, во извештајот за 2021 година, ЕУ оцени дека Србија ги исполнила критериумите за отворање на поглавјето за енергетика:
„Земјата оствари напредок во делот на безбедноста на патиштата и во реформите поврзани со железницата. Донесени се Законот за клима како и пакет на главни закони за енергетика, вклучувајќи и нови закони за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност“.
Состојбата на терен
Освен ЕУ, внимание на Зелената агенда беше посветено и од Коалицијата 27 која е формирана од граѓански организации во 2014 година со цел да ги следи и да придонесе во преговорите поврзани со Поглавјето 27 – животна средина и климатски промени (сега Кластер 4).
Извештаите во сенка на Коалицијата 27 го следат напредокот во овие области, а последниот, десетти извештај од 2023 година има наслов „Зелена агенда без агенда“. Насловот на овој документ исто така претставува и проценка за напредокот на Република Србија во овие области.
Во него се предупредува дека вистинските проблеми на сите граѓани на Србија во делот на заштитата на животната средина се игнорираат, а истото важи и за препораките дадени од Европската комисија.
„Квалитетот на воздухот што го дишеме, (не)достапноста на чиста вода за пиење, загрозувањето на природните живеалишта и видови, ширењето на дивите депонии се последици од пропуштањето на роковите за спроведување на законодавството на ЕУ во поглавјето 27. Државата ни испраќа недвосмислена порака дека не е доволно посветена на промени и тоа е на штета на сите граѓани, при што животната средина сè уште не претставува приоритет“, се вели во споменатиот извештај.
Коалицијата исто така предупредува дека јавноста не ги добива сите потребни информации за да може вистински да учествува во одлучувањето, што ги прави процесите „нетранспарентни и честопати спротивни на потребите на јавноста“, особено тогаш кога јавните расправи се организираат на празници или во период на годишни одмори.
Една од важните забелешки се однесува на непочитување на роковите за донесување на документите, од кои поголем дел се со истечен рок.
„Ние или не знаеме како напредуваме, или знаеме дека доцниме со донесување на документи како што се Интегрираниот национален план за енергетика и клима, Стратегијата за заштита на животната средина со акциски план, Законот за оцена на влијанието врз животната средина. Законот за стратегиска проценка на влијанието врз животната средина, Законот за води и Стратегија за развој на енергетиката. Сè уште го чекаме нивното објавување“, предупредуваат од оваа Коалиција.
Коалицијата 27 предупреди дека со ребалансот на буџетот за 2023 година, вкупниот буџет на Министерството за заштита на животната средина повторно е намален за 4 милијарди динари, поточно од планираните 18,34 милијарди на 14,13 милијарди динари.
Се чини дека тука се констатира барем одредено поместување, бидејќи буџетот на Министерството за заштита на животната средина за оваа година е проектиран на износ од 18,5 милијарди динари, но со ребалансот кој беше усвоен на 30 септември истиот се зголеми на 21,69 милијарди динари. Во тој буџет издвоени се 6,49 милијарди динари во ставката за Зелена агенда. Сепак, нема детали за што, конкретно, се наменети овие средства.
Коалицијата 27 констатира и поголем број на проблеми кои сè уште не се решени, почнувајќи од квалитетот на воздухот до управувањето со отпадот, а другите области, како што се заштита на животната средина од бучава, управување со водите, шумите и природата исто така не се на приоритетната листа на институциите, поради што напредокот е многу бавен.
Коалицијата предупредува дека зголемувањето на средствата наменети за меѓународната изложба EXPO 2027, направено во 2024 година, според сегашните планови, ќе чини 0,4% од БДП, што практично значи дека „таа сума е поголема и од инвестициите кои ги има Србија во делот на заштита на животната средина и од инвестициите во областа на образованието“.
Зелен фонд
Коалицијата процени дека поради немање амбиција за посериозни реформи и одложување на роковите за завршување на реформите, како и поради недостиг на соодветно финансирање, напредокот е бавен и некоординиран.
Еден од главните проблеми е тоа што Владата на Република Србија сè уште нема формирано оперативен Зелен фонд за финансирање на реформите за заштита на животната средина, иако тоа беше една од основните препораки на Европската комисија кои се повторуваат секоја година.
Патем кажано, Зелениот фонд веќе постоеше, но поради наплив на популизам кога на власт дојде Српската напредна странка, тој беше укинат а потоа повторно беше покренат, но само во формална а не и во фактичка смисла.
Законот за важност на Законот за Фонд за заштита на животната средина е донесен во септември 2012 година, само четири месеци откако СНС дојде на власт. Како што може да се види од овој закон кој има четири членови, правата и обврските на Фондот ги презеде Република Србија, додека еколошката такса стана буџетски приход. На крајот од 2016 година, Владата на Србија донесе Одлука за формирање на Зелен фонд на Република Србија кој започна со работа во 2017 година. „Фондот се формира со цел евидентирање на средствата кои се наменети за финансирање на подготовка, реализација и развој на програми, проекти и други активности од областа на зачувување, одржливо користење, заштита и унапредување на животната средина“, се вели во овој документ.
Овој Фонд располагал со пари во периодот од 2017 до 2020 година, а од 2021 година тој повторно е празен. Истата состојба е и со буџетот за оваа година – не постои Зелен фонд.
Суша, депонии, загадување
Сушата и екстремно високите температури, кои сами по себе се голем еколошки проблем, предизвикаа дополнителни проблеми во Србија, како што се пожари на депониите, кои дополнително го загадија воздухот во повеќе градови во државата. Регионалната депонија во Нови Сад гореше во април, а потоа на крајот на август речиси десет дена гореше и просторот во близина на депонијата.
Се случија пожари (двапати) на депониите во Краљево, а потоа и во Ужице, Кикинда, Суботица, Сјеница, Смедерево… За жал, тоа не е последица само на сушата, бидејќи според податоците на МВР, во Србија се евидентирани вкупно 1.760 пожари кои се случиле на депонии во 2022 година!
Во исто време, повеќепати се случуваше возови кои пренесуваат опасни хемикалии да излетуваат од шините – тоа се случи во месец февруари кај Рума кога се работеше за фосфорна киселина, во април и јули кај Зајечар кога од шините излетаа композиции кои пренесуваа сулфурна киселина, потоа во јуни кај Бор кога исто така се работеше за сулфурна киселина, а во месец август кај Шабац се случи истото со празни цистерни.
Студии за влијание врз животната средина се избегнуваат кога станува збор за големи проекти кои потенцијално може да предизвикаат загадување, а надлежните органи не ја санкционираат таквата практика. Деновиве треба да започне и грејната сезона, а според проценките на експертите, во периодот од 2015 година досега во Србија умреле најмалку 70.000 луѓе и тоа како директна последица на загадениот воздух, бидејќи покрај неквалитетниот јаглен, како гориво во приватните домови се користи буквално сè, вклучително и моторно масло и најразличен отпад.
Примери има безброј, а останува да се види дали апелот на невладиниот сектор ќе вроди со плод и дали ситуацијата ќе се промени по министерската средба на 8 октомври. Или, пак, во Србија ќе се случи подобрување дури откако ќе ја решиме дилемата дали треба да му подигнеме споменик на четничкиот војвода и квислинг Драгољуб Дража Михаиловиќ во центарот на Белград и истовремено да го иселиме Тито од Куќата на цвеќето.
*Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Euronews), и Црна Гора (PCNEN), во рамки на проектот „Користи факти“ кој се реализира од ИКС, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.
**Далибор Ступар е новинар на порталите VOICE и Autonomija. Од 2016 година објавува и карикатури на Autonomija. Во ноември 2006 година, за репортажата „Чоколаден рапер и белиот брат“ која е снимена во рамките на проектот „Трипут“ на Новосадската школа за новинарство на натпреварот за ТВ минијатура Press Vitez, ја доби „Повелбата за студентска работа“. Во декември 2007 година ја добива и втората награда за најдобар млад новинар која ја доделуваат ННШ и Фондацијата „Конрад Аденауер“. Добитник е и на годинешнава награда на независното здружение на новинари на Војводина во 2018 година.
***Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
****Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.