Двојните аршини на Европа за бегалците, што повторно излегоа на виделина поради војната во Украина, се морално глуви и геополитичко неми. Најдобриот начин на кој Европа може да се одбрани е да ги убеди другите земји дека може да им понуди подобри опции од оние што Русија или Кина можат да ги понудат.
По рускиот напад на Украина, словенечката влада веднаш прогласи подготвеност да прими илјадници украински бегалци. Како словенечки државјанин, покрај гордоста, чувствував и срам.
Кога Авганистан падна во рацете на талибанците пред шест месеци, истата оваа влада одби да прифати авганистански бегалци, тврдејќи дека тие треба да останат во својата земја и да се борат. И пред неколку месеци, кога илјадници бегалци – претежно ирачки Курди – се обидоа да влезат во Полска од Белорусија, словенечката влада, тврдејќи дека Европа е нападната, понуди воена помош за да ги поддржи злобните напори на Полска да спречи влез на бегалците.
Низ регионот се појавија два вида бегалци. Словенечката влада објави твит на 25 февруари, во кој ја разјасни разликата: „Бегалците од Украина доаѓаат од средина која во својата културна, религиозна и историска смисла е нешто сосема различно од средината од која доаѓаат бегалците од Авганистан“. По острите негативни реакции, твитот брзо беше избришан, но навредливата вистина излезе на виделина: Европа мора да се брани од она што не е европско.
Овој пристап ќе биде катастрофален за Европа во тековната глобална борба за геополитичко влијание. Нашите медиуми и елити ја обликуваат таа борба како конфликт помеѓу западната „либерална“ сфера и руската „евроазиска“ сфера, игнорирајќи ја многу поголемата група земји – во Латинска Америка, Блискиот Исток, Африка и Југоисточна Азија – кои внимателно нè набљудуваат.
Дури и Кина не е подготвена целосно да ја поддржи Русија, иако има свои планови. Во пораката до севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун еден ден откако Русија ја започна својата инвазија на Украина, кинескиот претседател Си Џинпинг рече дека Кина е подготвена да работи на развивање на односите на пријателство и соработка помеѓу Кина и Демократската Народна Република Кореја „во нова ситуација“. Постои страв дека Кина ќе ја искористи „новата ситуација“ за да го „ослободи“ Тајван.
Она што сега треба да нè загрижи е дека радикализацијата што ја гледаме, најјасно кај рускиот претседател Владимир Путин, не е само реторичка. Многумина од либералната левица, убедени дека двете страни знаат дека не можат да си дозволат целосна војна, мислеа дека Путин блефира кога го зголеми бројот војници на границите на Украина. Дури и кога Путин ја опиша владата на украинскиот претседател Володомир Зеленски како „банда наркомани и неонацисти“, повеќето очекуваа дека Русија само ќе ги окупира двете отцепени „народни републики“ контролирани од руски сепаратисти поддржани од Кремљ или, во крајна линија, ќе ја прошири окупацијата на целиот регион Донбас во источна Украина.
И сега некои кои се нарекуваат левичари (јас не би ги нарекол така) го обвинуваат Западот за фактот дека американскиот претседател Џо Бајден бил во право за намерите на Путин. Аргументите се веќе добро познати: НАТО полека ја опкружува Русија, поттикнувајќи шарени револуции во земји блиску до неа и игнорирајќи ги разумните стравови на земјата која била нападната од Западот минатиот век.
Се разбира, има дел што е вистина во тоа. Но ако се задржиме само на тој дел, би било исто како да се оправдува Хитлер со обвинување на неправедниот Версајски договор. Уште полошо, би било признание дека големите сили имаат право на сфери на влијание, на кои сите други мора да им се потчинат заради глобалната стабилност. Претпоставката на Путин дека меѓународните односи се натпревар на големите сили се одразува во неговото постојано тврдење дека немал друг избор освен воена интервенција во Украина.
Дали е тоа вистина? Дали проблемот навистина е украинскиот фашизам? Подобро е да се упати ова прашање кон Путиновата Русија. Интелектуалната ѕвезда-водилка на Путин е Иван Иљин, чии дела се повторно печатат и им се делат на државните службеници кои се лојални партиски членови и на воените регрути. Откако бил протеран од Советскиот Сојуз во раните 20-ти години од 20 век, Иљин се залагал за руска верзија на фашизам: држава како органска заедница предводена од татковски монарх, каде слободата значи да се знае своето место. Според Иљин (и Путин), целта на гласањето е да се изрази колективна поддршка за лидерот, а не да се легитимира или да се избере лидер.
Александар Дугин , дворскиот филозоф на Путин, има многу слична идеологија со онаа на Иљин, додавајќи постмодернистички детаљ на релативизмот што поддржува теорија дека социјалните и културните појави ги одредува историјата:
„[С]екоја таканаречена вистина е прашање на верување. Оттаму, ние веруваме во она што го правиме, веруваме во она што го кажуваме. И тоа е единствениот начин да се дефинира вистината. Значи, ја имаме нашата посебна руска вистина што треба да ја прифатите. Ако Соединетите Држави не сакаат да започнат војна, треба да се признае дека САД повеќе не се единствен господар. И [со] ситуацијата во Сирија и Украина, Русија вели: „Не, вие повеќе не сте главни“. Тоа е прашањето кој владее со светот. Само со војна може навистина да се одлучи“.
А, што станува со луѓето од Сирија и Украина? Дали и тие можат да ја изберат својата вистина или се само бојно поле за претендентите за светски владетели?
Идејата дека секој „начин на живот“ има своја вистина е причината зошто Путин е привлечен за десничарските популисти како поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој ја пофали руската инвазија на Украина како чин на „генијалност“. И чувството е взаемно: кога Путин зборува за „денацификација“ во Украина, треба да ја имаме на ум неговата поддршка за „Националниот собир“ на Марин ле Пен во Франција, „Лигата“ на Матео Салвини во Италија и другите вистински неофашистички движења.
„Руската вистина“ е само мит што служи за да се оправда империјалната визија на Путин, а најдобар начин Европа да се спротивстави на таа визија е да изгради мостови за земјите во развој и земјите чијашто економија е во зачеток, а голем дел од нив имаат долг список на оправдани поплаки против западната колонизација и експлоатација.
Не е доволно само да се „одбрани Европа“. Вистинската задача е да се убедат другите земји дека Западот може да им понуди подобри опции од оние што Русија или Кина можат да ги понудат. А единствениот начин да го постигнеме тоа е да се промениме себеси преку безмилосно искоренување на неоколонијализмот, дури и кога е спакуван како хуманитарна помош.
Дали сме подготвени да докажеме дека, бранејќи ја Европа, се бориме за слобода насекаде? Нашето срамно одбивање да се однесуваме подеднакво со бегалците испраќа до светот многу поинаква порака.
Славој Жижек е професор по филозофија на Европската школа за постдипломски студии и меѓународен директор на Институтот за хуманистички науки „Биркбек“ на Универзитетот во Лондон.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.
Авторски права: Project Syndicate, 2022