Важно да се каже: Не се сите исти. Ако постојат „воени профитери“ и „пијавици“ од трагични настани, не значи дека не постојат и професионални медиуми што деновиве со надчовечки сили се обидуваат да пренесат важни факти и информации до јавноста, а со тоа да ја обават својата основна функција, согласно етичките принципи на Кодексот на новинарите на Македонија.
Ова е текст за нив, бидејќи заслужуваат внимание!
Имено, во деновиве на тага нема одмор и оддишка за поголемиот дел новинари. Огромен број, зависно од широчината на редакцијата, работат и две смени, сабајле и навечер. Забораваат на пријатели и семејства и што-и-да-е. Будно следат што се случува, бркаат изјави, податоци, факти, бројки, подготвуваат извештаи од настани и пресови, дел прават анализи, снимаат, фоткаат, објавуваат… повторно и повторно…
Во поголемите редакции има повеќе луѓе што подготвуваат и пласираат пораки до јавноста. Пораки што моментално информираат, едуцираат и оформуваат мислење на цели генерации! Пораките што бараат ОДГОВОРНОСТ од целата редакција – од преведувачите, лекторите, фото-репортерите, камерманите, новинарите од дескот, па до оние што објавуваат вести на социјалните мрежи. Сите тие имаат функција, важна и нужна.
Кога зборуваме за ОДГОВОРНОСТ, особено во вакво сензитивно време, секое зборче има „домино ефект“ – таму некаде може да направи голема разлика! Да влијае на некој настан, ситуација, на личност, на нечие мислење и расудување. Тоа е на товар и одговорност на известувачот/новинарот и уредникот.
Плус, новинарите се живи луѓе. Мораат да бидат објективни, да не покажуваат многу емоции, во време на можеби најголемата трагедија во поновата македонска историја. Да гледаат и слушаат работи што можеби не сакаат да ги гледаат и слушаат. Да добиваат разочарување. Болка. Немир. Траор. Револт. Тоа го носат дома, со ТОА заспиваат. И, утре – пак, јово на ново.
И, се’ ова го прават за јавен интерес.
За да може граѓаните да ги хранат со точни и навремени информации. За да можат граѓаните да продолжат да си скролаат вести на екранчето, или да си вртат програми со даљинското седнати у дневна.
Затоа, на тие, професионалните – им симнувам капа!
Бојан Шашевски, новинар
*Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.