Време е веќе да ги научиме тие што ги бираме дека гласачите не се нивни слуги, туку дека се избрани да му служат на народот бидејќи тој ги гласа и ги плаќа од своите даноци.
Заврши првиот круг на локалните избори за 2021 година кои донесоа изненадувања и наговестија промени и борби за следниот круг. Според првичните резултати, сигурни, некаде стари, некаде нови градоначалници има во 34 општини, а дури 21 се од ВМРО-ДПМНЕ. Значаен резултат постигна третопласираната партија Левица која со советници влегува во општините Прилеп, Штип, Битола, Велес и Свети Николе, плус со над 50 советници на ниво на држава.
Градскиот совет на град Скопје е под доминација на ВМРО-ДПМНЕ додека битката за мајка или татко на град Скопје ќе се бие во вториот круг помеѓу Петре Шилегов како кандидат на СДСМ и Данела Арсовска од ВМРО-ДПМНЕ. Успех кој радува во врска со град Скопје е успехот на зелената коалиција на Зелен хуман град кои освоија 3.6 проценти од гласовите и ќе имаат 2 советници и независната листа „Шанса за Центар“ во општината Центар со 3 советници. Независните листи од другите градови, „Поинаку“ во Битола, „Подобро за Тетово“ и „Стига е“ во Струмица, Босилево и Ново Село, освоија над 3 проценти во своите општини и ќе имаат свои претставници во општинските совети.
Ова е еден знак дека полека работите се менуваат на локално ниво кога граѓаните се организираат надвор од партискиот тесен ментален и политички склоп. Сепак, за да продолжи „забавата“ понатаму, ќе се погрижат учесниците во изборите во Тетово каде битката за градоначалничката фотеља ќе ја бијат Теута Арифи од ДУИ наспроти Бељал Касами од Беса; во Куманово, актуелниот градоначалник со амбиции за нов мандат Максим Димитириевски како независен кандидат наспроти Оливер Илиевски од СДСМ; и уште во триесетина други општини.
Нефер кампањите не ни пречат, за жал
Нечистите кампањи секогаш насочени кон противникот полни со навреди, омаловажувања и извртени вистини, неретко и со вулгарности станаа општа пракса и комплетно прифатено однесување од страна на учесниците во изборите. Фокусот не беше толку голем на реалните ветувања колку што се настојуваше да се нападне опонентот со најниски удари „под појас“. ВМРО – ДПМНЕ излезе со извртен слоган на СДСМ „Ова не е најдобро, ова не е нормално“, додека СДСМ директно го нападна лидерот на опозицијата со билборд: „Со Мицковски не знаеш на што си“.
Во позиција да се брани беше кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска од нападите на СДСМ дека фирмите кои ги раководела должат милионски суми за сметки за струја, додека партијата Алијанса за албанците ја обвини власта дека делеле памфлети клевети и говор на омраза во неколку албански општини. Премиерот Зоран Заев на митинг во општина Аеродром направи непримерна гестикулација со раката симболизирајќи дека не така лесно ќе се откаже од власта, не размислувајќи како тоа влијае на неговиот углед. Најверојатно мислел дека со таквиот уличен гест ќе привлече уште повеќе гласови. Фокусот на кампањата и ветувањата исто така се насочуваа и во погрешни насоки, мешајќи локални проблеми со меѓународни, како проблемот со Бугарија и закочените евроинтеграции.
Бидејќи следува втор круг за одреден број општини, треба да очекуваме продолжување на вулгарностите и уличното однесување што од една страна е навредливо кон гласачкото тело, а од друга страна, за жал има ефект.
Каде е грешката на СДСМ?
Ако пред четири години медиумите известуваа за убедливата победа на СДСМ на локалните избори, за само еден мандат ситуацијата комплетно се преврте наопаку. Сега ВМРО-ДПМНЕ се тие кои слават и дури најавуваат предвремени парламентарни избори додека СДСМ ги очекува битка во голем број градови од кои се и Скопје, Куманово, Битола, Гевгелија, Охрид.
Иако изборите не се завршени, постои простор за анализа зошто се првичните резултати такви какви што се. Силно влијание има билатералниот проблем со Бугарија кој директно влијае на рејтингот на СДСМ, како и сè уште неприфаќањето на промената на државното име од страна на граѓаните. Од друга страна, неспретното справување со Ковид-19 кризата од страна на владата на СДСМ, високиот број на починати граѓани, трагедијата во тетовската модуларна болница, арогантниот однос на премиерот Заев и изјавата дека прашањата за одговорност за оваа трагедија се банални, дополнително натежнаа на вагата.
Дел од причината за неуспехот од првиот круг на својот грб носат и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов заедно со општинските градоначалници во Скопје од неговата партија кои наместо да го стопираат уништувањето на градот со константно градење и да го решат проблемот со вечно колабираниот сообраќај, тие не застанаа со издавање на градежни дозволи и сечење на дрвореди. Со истиот проблем Социјалдемократите се соочија и во другите општини каде во последните четири години имаа градоначалници. Генералните проблеми кои испливаа на површина се слабите резултати на локално ниво каде СДСМ имаше градоначалници, отсутност на реформи во партијата кои резултираа со повеќе независни листи од нивни членови и декларативни заложби за расчистување на криминалите на ДУИ. Коалициската „љубов“ опстојуваше само поради тоа што се добиваа гласови во албанските општини што сепак се докажа како нешто со краток рок на траење.
Голем сомнеж за самата регуларност на првиот круг од овие избори фрла набавката на апаратите за отпечаток од прст, нивното нетестирање пред употреба и компликациите кои апаратите ги направија во текот на изборниот процес. Како и секогаш, голема е можноста никој да не одговара за фрлените единаесет милиони евра за овие апарати кои се покажале невалидни на избори во Хаити и Авганистан. Граѓаните пријавуваа големи редици пред избирачките места кои дополнително ги обесхрабрувале да гласаат, не само поради долгото чекање туку и поради ризикот од Ковид-19.
Изјавата на претседателот на Државната изборната комисија, Александар Даштевски дека е можно времето за гласање да се продолжи ја збуни јавноста бидејќи Законот за избори точно кажува дека гласањето е одвива од 7 до 19 часот, а за тие кои чекаат во ред и не стигнале да гласаат до 19 часот, членовите на комисиите на избирачките места треба да им овозможат да гласаат. Предизборните калкулации и промените на Изборниот законик само два месеци пред изборите и дозволувањето да се гласа со истечени лични документи докажува дека власта е свесна за својата позиција на локално ниво и се обидува преку брзи и сомнителни промени во „правилата на игра“ да оствари почетна предност, а и да ги оневозможи малите партии и независни листи да ја загрозат.
Независните листи во неколку градови исто така имаат свое влијание на резултатите од првиот круг, а со тоа влијаат на позицијата и на власта и на опозицијата. Дополнителен доказ за внатрешната нестабилност на СДСМ е излегувањето на актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски како независен кандидат, што е удар за општинската организација на оваа партија бидејќи Куманово со години важеше за бастион на СДСМ.
Уште еден круг, но дали е научена лекцијата?
Вториот круг не само што ќе ја даде крајната слика за распределбата на локалната власт туку и ќе каже дали има потреба од вонредни парламентарни избори кои уште сега ги бара ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се бираат градоначалници во 46 општини плус Град Скопје. Во следните две недели ќе гледаме меѓу партиски пазарења, молби за поддршка и разни нови ветувања. Социјалдемократите ќе имаат време да размислат каде згрешиле, но дали ќе се поправат, останува на нив. Независните листи остварија успеси и нивните гласачи имаат право од нив да очекуваат задржување на политичката сцена, па дури и растење во сериозни политички движења кои ќе ги донесат вистинските промени.
Шарената слика на изборните единици на страната на Државната изборна комисија отсликува и еден друг момент кој македонското гласачко тело не го научило како лекција. Ако ја исклучиме поддршката која ја добија независните листи, гласачите пак гласаат за да ги казнат тие што се на власт, бирајќи го помалото зло. На тој начин, политичките партии не ја примаат пораката дека се потребни вистински промени на многу нивоа, а не празни ветувања кои само ќе влезат во долгиот список на неостварени ветувања.
Не сакаме да одиме на месечината и да имаме голф терени, но срамота е да немаме канализациски системи во 21 век, да се тепаме за паркинг место, да го имаме Скопје на вода после секој сериозен дожд и да возиме по искршени патишта. И време е веќе да ги научиме тие што ги бираме дека гласачите не се нивни слуги, туку дека се избрани да му служат на народот бидејќи тој ги гласа и ги плаќа од своите даноци.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.