Политичките лидери мора да водат со личен пример, поставувајќи ја заштитата на новинарите во секоја ситуација како приоритет – дури и тогаш кога сметаат дека се испровоцирани или навредени.
Во земја која до скоро беше окарактеризирана како хибриден режим, притисокот врз новинарите за жал не е новост. Но, од друга страна, факт е дека „Репортери без граници“ во 2023 ја рангираа земјава на 38 место помеѓу 180 држави по степенот на слободата на медиумите, наспроти рангирањето на 118 место во 2016 година.
Во овој период, Северна Македонија направи сериозни нормативни чекори и покажа јасна политичка волја во обезбедувањето на безбедноста на новинарите.
Неодамнешните измени на Кривичниот законик ги препознаваат нападите врз новинарите како напади врз службени лица, што доведува до поцврста правна заштита. Првата пресуда следуваше многу брзо, во основниот суд во Кавадарци. Основното јавно обвинителство во Скопје во 2022 назначи јавен обвинител за контакт за предмети поврзани со безбедноста на новинарите, во насока на побрзо и поефикасно обезбедување на квалитетен пристап до правда за чуварите на слободата.
Сепак, и покрај ваквите напори, напaдите врз новинарите не стивнуваат, особено не во онлајн светот каде тие се изложени на говор на омраза и вербални закани.
Политичката култура, сериозната општествена поларизација и притисокот на антиродовите движења и радикалната десница се предизвици со кои секојдневно се соочуваат новинарите, а со кои инстутуциите помалку или повеќе, до скоро успешно се справуваа.
Истражувачките новинарки на ИРЛ правдата на македонското судство ќе ја преиспитуваат пред Европскиот суд на правдата во Стразбург, а како ќе се одрази драматичното апсење на новинарот Фуркан Салиу кој како новинар и самиот е службено лице (а е обвинет за напад врз службено лице) врз следното рангирање, останува допрва да видиме. Без оглед колку лошо ќе се одрази на рангирањето, уште полошо ќе се одрази на колективната меморија и може да претставува сериозна закана за меѓуетничките односи, кои не толку одамна застанаа обединети пред Влада, позади максимата „Секој ден во шест“ како граѓански заштитен механизам во одбрана од полициската бруталност.
Движењето беше инспирирано од убиството на Мартин Нешковски кое се случи во предвечерието на пировата победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на парламентарните избори 2011.
Заштитата на медиумските слободи е заштита на јавниот интерес
И покрај неопходноста за балансирање помеѓу слободата и безбедноста, однсоно слободата на медиумите и јавниот ред и мир во случајов, факт е дека слободата на медиумите секогаш ќе биде основата на која се балансираат сите други општествени потреби и побарувања.
Практиката на Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права е исклучително богата во оваа насока, а член 10 од конвенцијата и денес важи за „златен стандард“ пресликан во низа светски законодавства.
Извор: pixabay.com
Во своето толкување на Член 10 од Конвенцијата, Судот вели дека „слободата на изразување претставува еден од основните темели на едно [демократско] општество, еден од основните услови за неговиот напредок и за развојот на секој човек“ (Хендисајд против Обединетото Кралство). Од државите се бара да воведат делотворен механизам за заштита на авторите и новинарите за да се создаде поволно опкружување за учество во јавната дискусија на сите засегнати и да им се овозможи да си ги изразат мислењата и идеите без страв, дури и тие да се спротивни на оние што ги бранат државните органи или значителен дел од јавното мислење, или дури и ако тие го иритираат или шокираат ова второто (Динк против Турција; Кадија Исмајилова против Азербејџан).
Кривичното гонење новинари поведено врз основа на кривична пријава европскиот суд го оценува како мешање поради таканаречениот „ефект на ладење“ односно ефектот на обесхрабрување врз новинарите (Јашар Каплан против Турција).
Овозможувачката средина е клучна за медиумските слободи
Oвозможувачката средина за медиумите е повеќеслоен концепт кој опфаќа различни димензии неопходни за медиумите да функционираат ефективно, независно и одржливо. Tука задолжително се вклучени правната рамка, политичкото опкружување и демократската култура, како и можностите за финансирање.
Правната рамка се однесува на националното законодавство и регулатива и начинот на кој истото ги третира новинарите и балансот помеѓу приватноста и слободата на медиумите.
Политичкото опкружување, меѓу другото подразбира дека општеството и институциите го охрабруваат критичкиот пристап, транспарентноста и независноста на новинарската работа. Финансиски овозможувачка околина за медиумите значи независни извори на финансирање, но и достоинствени услови за работа. Позитивна овозможувачка околина е противтеза која го оневозможува таканаречениот „ефект на ладење“ .
Ефектот на ладење во контекст на медиумите се однесува на самоцензурата што се јавува кога новинарите, писателите или медиумските организации се воздржуваат од објавување одредени информации или изразување одредени ставови поради страв од одмазда, правни последици или вознемирување.
Во суштина, тоа е амортизирачкиот ефект врз слободното изразување предизвикан од согледаните ризици поврзани со известувањето за чувствителни или контроверзни теми заради што тие би можеле да изберат да избегнуваат целосно да ја следат приказната. Еклатантен пример за практики кои создаваат „ефект на ладење“ се драматичните апсења на новинари, упад на специјалци и затворање на медиумски куќи како што беше случајот на ТВ А1, како и сомнежите кои се јавија околу трагичната и прерана смрт на Никола Младенов.
Toa се сите практики заради кои новинарите и уредниците два пати би размислиле пред да објават определена информација, заради страв од реперкусии, постапувајќи во име на јавниот интерес.
Оваа самонаметната воздржаност го ограничува пристапот на јавноста до критичните информации и ги поткопува принципите на слободните медиуми. Некогаш не е директно видлив, но неговиот ефект се мери врз основа на овозможувачката околина.
Токму затоа, велиме дека декриминализацијата на клеветата, а уште повеќе-намалувањето на максималните износи кои можат да се исплатат во случај на правосилна судска пресуда како дел од измените кои собранието ги изгласа во 2021, се пример за добри практики во насока на унапредување на слободата на медиумите.
Иако слушнавме различни верзии на приказната, веројатно најнесоодветната во целиот контекст беше изјавата на поранешен уредник кој го релативизираше новинарскиот статус на Фуркан Салиу. Во случајов „вистински“ уредник би знаел дека согласно разбирањето на Европскот суд за човекови права и Советот на Европа (кој во меѓувреме од Владата побара дополнителни информации за истрагата), нема конкретни услови кои подразбираат подобност за вршење на новинарската професија. Заштитата не ги иззема дури и новинарите-фриленсери кои повремено се вклучуваат во медиумски активности.
Политичката волја креира институционална култура
Политичката волја игра клучна улога во обликувањето на институционалната култура околу заштитата на медиумите. Кога лидерите и креаторите на политики покажуваат вистинска посветеност на заштитата на новинарите, слободата на медиумите и независното известување, тоа поставува моќен преседан.
Политичките лидери и ноителите на јавни функции мора да водат со личен пример, поставувајќи ја заштитата на новинарите во секоја ситуација како приоритет-дури и тогаш кога сметаат дека се испровоцирани или навредени, бидејќи провокацијата, критиката, и потрагата по вистината се дел од работниот опис на новинарската професија, особено во истражувачкото новинарство.
Дури и ако новинарите во вршењето на својата работа преминат повеќе „црвени линии“, барањето одговорност од институциите за начинот на кој постапуваат со нив ќе биде неминовност се додека се случуваат напади на новинари, бидејќи секој од нас може да биде Фуркан Салиу.
*Доц. д-р Весна Попоска е универзитетска професорка, независна експертка и долгогодишна активистка. Докторската дисертација под наслов „Меѓународно-правни аспекти за заштита на критичната инфраструктура од современи безбедносни закани“ ја одбранила на Воената академија во Скопје во 2019 година. Магистрирала на катедрата за меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и е авторка на повеќе научни и стручни трудови во нејзината област. Таа е алумни на Школата за политика на Советот на Европа. Работи на Меѓународниот универзитет Визион од неговото основање во 2015 година, каде во март 2021 е избрана за деканка на правниот факултет.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.