Во текот на февруари и почетокот на март 2023 година, во Словачка се одржаа маршеви како повик за мир во Украина. Парадоксално, мировните маршеви им послужија на намерите на Кремљ. Словачките антисистемски политичари во маршевите видоа уште една можност да поттикнат симпатии кон Русија и да освојат политички поени пред претстојните предвремени парламентарни избори во септември.
Актерите за дезинформирање кои дејствуваат во Словачка биле вклучени во планирањето и спроведувањето низа таканаречени „Словачки маршеви за мир“. Маршевите се одржаа во 26 градови низ земјата, почнувајќи од 6 февруари 2023 година. Целта на маршевите беше да се поддржи „борбата за мир“ и да се изрази противење на испораката на оружје за Украина, што, според протагонистите на движењето, само ја пролонгира војната.
Од друга страна, заговорниците на овие идеи, под влијание на проруската пропаганда, се залагаа за мировни преговори под услови што ќе ги постави Кремљ.
Изјавите за наводното продолжување на војната пред сè се реакција на официјалните ставови на словачката влада. Владата долго време ја поддржува Украина во одбраната од рускиот агресор на своја територија. Во јуни 2022 година, како одговор на протерувањето на 35 руски дипломати, Руската Федерација ја стави Словачка на списокот на држави кои спроведуваат непријателски дејствија против руските дипломатско-конзуларни претставништва во странство.
Покрај дипломатската поддршка, форма на помош за Украина е приемот на бегалци или воена поддршка. Воената поддршка, меѓу другото, се состоеше од противракетен систем Ѕ-300 (што ѝ беше предаден на Украина во април 2022 година), борбени авиони Mig-29 или дел од системот за воздушна одбрана KUB (ЅА-6) заедно со резервни делови и муниција.
Неодамна завршеното предавање на 13 борбени авиони Mig-29 беше мета на дезинформациски наративи кои манипулираат со стравот од вмешаноста на Словачка во конфликтот во Украина. Техничкиот премиер Едуард Хегер ги отфрли таквите обвинувања, велејќи дека предавањето било организирано во блиска координација со Полска, Украина и другите сојузници.
Во исто време, Хегер ги отфрли стравувањата од можна закана за безбедноста на Словачка поради предавање на борбените авиони што словачката армија веќе не ги користи. Дополнително, Словачка треба да добие околу 200 милиони евра компензација од Европскиот мировен фонд и воена опрема во вредност од околу 700 милиони евра од САД.
И покрај овие факти, многу актери за дезинформирање ја шират идејата дека словачката влада го поддржува продолжувањето на војната и ги отфрла мировните решенија. Затоа, и организаторите на протестите (прво недржавни организации, подоцна актери за дезинформирање и политичари) и собраните граѓани испраќаа пораки за мир. Меѓутоа, вистинската намера на настаните беше да се шират наративи и ставови во поддршка на Кремљ и индиректно да се поддржи руската агресија, бидејќи „мирното решавање“ на конфликтот во Украина веројатно би значело предавање на окупираните територии на Русија.
Освен „невиниот“ мировен карактер на протестите, се појавија и пароли или транспаренти за поддршка на Руската Федерација или Путин. На протестот во Пјештани на 16 февруари, учесниците донесоа транспаренти со буквата З, симбол на војната на Путин во Украина. Згора на тоа, протестите беа злоупотребени од неколку политичари и партии. Покрај белите гулаби како симболи на мирот, на митингот во Пјештани се појавија и транспаренти на кои пишува дека треба да се запре снабдувањето на Украина со оружје, знамиња и други предмети со логото на екстремно десничарската партија на Котлеба – Народната партија Наша Словачка (ЛСНС).
Главен водач на протестот беше Марсел Урбан, член на ЛСНС и поранешен лидер на Slovenská pospolitosť, ултранационалистичка политичка партија која Врховниот суд ја распушти во 2005 година поради кршење на Уставот. Ова е прилично парадоксално, бидејќи митинзите беа претставени како граѓански, а не поддржани од политички субјекти во фазата на подготовка.
Многу учесници отворено ја поддржаа Русија
Здружението Арка (Spolok Archa) стои зад организацијата на овие маршеви. Тоа е остаток од движењето основано во 2021 година од главниот уредник на веб-страницата посветена на заговори Zem a Vek, Тибор Ростас и неколку други личности кои се поврзуваат со дезинформации. Ростас по некое време се дистанцираше од движењето, но неговото присуство при основањето на Арка е показател за главниот фокус на здружението.
Познатиот словачки извор на дезинформации беше осуден за клевета на расна и националистичка основа во 2021 година за проблематичен напис кој содржи антисемитски тврдења.
Бидејќи политичките и про-Кремљски поттонови на „маршевите на мирот“ се разоткрија прилично брзо, во неколку градови овие собири беа придружени со неорганизирани контрапротести на поддржувачите на Украина. Некои од овие собири беа мирни, но во Лученец, на пример, млад студент со украинско знаме беше соочен со агресивното однесување на насобраната толпа руски поддржувачи.
Протестните акции кулминираа на 3 март во Братислава, каде што околу 5 илјади Словаци дојдоа да ја изразат својата поддршка за руската војна. Луѓето кои се собраа пред Претседателската палата во главниот град носеа портрети на Путин, руски и советски знамиња, слики со буквата З, па дури и знамиња на Народната партија Наша Словачка. Меѓу скандираните пароли имаше и изјави како „Росија, Росија!“ , “Да живее Путин, да живее Путин!” и “Америка, дома!” Демонстрантите пееја и руски песни. Ова беше само неколку дена по навршувањето на една година од почетокот на војната во Украина.
Организаторите и учесниците на мировните маршеви се обидоа да создадат впечаток дека сите оние кои сакаат да ја продолжат воената помош за Украина всушност не сакаат мир. Во исто време, тие се обидуваат да ја убедат јавноста дека политичарите кои имаат таков став не ги бранат интересите на Словаците, туку интересите на странските земји.
Парадоксално, на нивните мирни протести се појавија симболи на Руската Федерација (странска држава) па дури и на Советскиот Сојуз. Од друга страна, поддршката за нападната Украина, суверена држава која се брани од агресор кој работи под лажни изговори, е во согласност со меѓународното право и со интересите на Словаците. Освен тоа, апологетите од Кремљ кои го шират наративот во Словачка за наводните напори на Русија за мир, директно ги копираат наративите на воената пропаганда во Кремљ.
Политичкиот „антисистем“ ги злоупотреби маршевите
Според една анализа на словачката организација MEMO98, помеѓу 04 и 25 февруари мировните маршеви беа промовирани главно од пронационални актери во информативниот простор, кои традиционално шират проруски ставови.
Тоа беа, на пример, профилите на Фејсбук на Павол Слота • DOMOV – Národná strana (син на поранешниот претседател на националистичката Словачка национална партија Јан Слота; неговиот профил го следат 22 илјади корисници), Катарина Бокова (членка на екстремно десничарската партија Словачка преродба; нејзиниот профил го следат 26 илјади корисници), Едуард Kмелар (претседател на партијата Socialists.sk, профилиран како левичарски политичар и мировен активист, но традиционално покажува настроеност кон Кремљ; неговиот профил го следат 74 илјади корисници), или InfoVojna (веб-страница за дезинформации; овој Фејсбук профил го следат 50 илјади корисници).
Мрежната мапа која го прикажува бројот на интеракции добиени на објавите на поединечни актери, исто така, покажа значајна меѓусебна поврзаност на некои профили – првенствено страницата на Едуард Кмелар со профили на веб-страници за дезинформации Slobodný vysielač и Infovojna.
По завршниот протест во главниот град, словачкиот информативен простор беше преплавен со објави од актери за дезинформирање кои зборуваа за единството и заедништвото на Словаците кои легитимно се борат за мир и против „пропагаторите за војна“ во владата.
Едуард Кмелар ја спореди државата со фашистички режим, бидејќи наводно ги скандализира или цензурира напорите за мирни решенија. Според Кмелар, мејнстрим медиумите погрешно го претставиле протестот во Братислава како проруска акција и наводно го минимизирале неговото значење. Според Кмелар, немало ништо проруско во скандирањето на слоганот „Сакаме мир!“ . Тој не го коментираше веењето руски знамиња, ниту пеењето руски песни.
Наративот за наводното минимизирање на обемот на протестот го поддржа и Маријан Котлеба, претседателот на партијата ЛСНС, кој рече: „Најголемите мејнстрим медиуми не напишаа ниту една буква за оваа голема акција. Меѓутоа, кога пет либерали или некаков изопачен лик во здолниште ќе дојде да протестира некаде, тоа веднаш е во сите вести“.
Нападот на медиумите дојде и од Павел Слота, кој критикуваше водителка на јавниот сервис РТВС за опишување на маршевите како алатка за дестабилизација на политичката ситуација и прозападната ориентација на Словачка. Според Слота, ваквите изјави се „лаги, измами и дезинформации“ . Последно, но не и најмалку важно, истиот наратив се појави и во објавата на поранешниот премиер и претседател на СМЕР-СД Роберт Фицо, кој дури им се заблагодари на „алтернативните медиуми и соработниците на социјалните мрежи што им ги отворија очите на луѓето“.
Членови и симпатизери на Словачкото движење за преродба исто така учествуваа на митингот во Братислава со пароли како „Сакаме неутрална Словачка“, „Бараме повлекување од НАТО“ и „Нема оружје за режимот во Киев“. Истата порака ја пренесе братот на Маријан Котлеба и член на ЛСНС, Марек Котлеба, на маршот во Нитра. Тој изјави дека „сè додека сме дел од овие криминални организации [упатувајќи на ЕУ и НАТО] , нема да има мир во Словачка“ .
Покрај нив, корист од токсичната реторика имаа и претставници на екстремно десничарската партија Република (дезертери од ЛСНС и Живот – Народна партија). Членот на партијата Марек Геци зборуваше за маршот во Братислава и за будењето на нацијата, која се бори против „пропагаторите на војна“. Неговата објава ја сподели и европратеникот и лидер на партијата Република Милан Ухрик. Тој ги прозва техничкиот министер за одбрана Над и техничкиот премиер Хегер, кои, според него, спроведуваат „воено-пропагаторска политика“. Објавата доби повеќе од 10 илјади интеракции.
Иако одржувањето на протестите не го промени ставот на владата за помошта за Украина, паролите изнесени на митинзите можеби делумно влијаеја на јавното мислење за конфликтот.
Нагласувањето на нивниот голем обем (некои тврдеа дека најмалку 10.000, ако не и 15.000 луѓе присуствувале на митингот во Братислава) можеби доведе до искривена перцепција за отпорот кон помошта на Украина. Исто така, митинзите може да им послужат на каналите наклонети кон Кремљ како доказ за поддршката на словачката јавност за руската инвазија.
*Михаела Ружичкова е кандидат за докторски науки на Катедрата за политички науки на Универзитетот „Павол Јозеф Шафарик“ во Кошице, Словачка. Нејзиното истражување е посветено на факторите на животната средина во геополитиката. За време на студиите, таа се здоби со искуство како практикант во Одделот за надворешна политика во Кабинетот на претседателот на Република Словачка. Во моментов работи за независен тинк-тенк, Институтот за стратешка политика, за кој објавува анализи во областа на конфликтни подрачја. Таа исто така работи како уредник на содржини во информаторот за дезинформации на Иницијативата за безбедност во дигиталниот простор. Други области од нејзин интерес се когнитивната безбедност, безбедноста на информациите и хибридните закани.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.