[Став] СМИСЛА: Мерсо на новото време. Нихилизам, полн скептицизам.

Започнувам вака:
Животот е полн со смисла.
Смислата е чиста бесмислица.

Парадоксална борба на модерниот интелект, да пресуди според која филозофија ги проживеал досегашните денови и како ќе продолжи да преживува. Модерното време носи како и секој нов ветер, свои бранови на промени, да ги наречеме радикални промени во севкупното функционирање на цивилизацијата. Моментално човекот се наоѓа во еден посебен стадиум на делириум во кој, под страв трепери прангата на нихилизмот. Овој таканаречен полн скептицизам, е сеприсутен во нашето духовно и физичко битие, кое ако се огледаме сите во него, битието е смртник кој заборавил да го спознае неговото издигнато нихилистичко его.

Цитирам: Делириум — синдром кој се состои од конфузност, агитираност, страв, хостилност и прецептивни растројства (халуцинации). Се сретнува кај органскиот психосиндром, особено кај делирантните состојби, како што е делириум тременс (алкохолна психоза).

Иако вистински не може да се дефинира со ваква состојба човекот како дел од цивилизацијата, оваа состојба не може да се земе во буквална смисла на значењето. Можеме да го преземеме соодветниот термин на делириум предизвикан од стравот спрема егзистенцијализмот, постоењето токму сега и токму тука. Од ваквиот страв кој лежи скоро во секој од нас, како единки од системот кои го имаат развиено разумот (поточно мозокот, бидејќи разумот е сосем друга работа, која кај доста од лицата не е во соодветна состојба за да се смета дека е во одредена функција) од самиот страв произлегува однесување поврзано со самото учење на нихилизмот, кој сосема ги негира од постоење сите оние општествени принципи, во кој се негираат сите етички норми и вредности.

Но, погледнете го сега парадоксалното однесување на човековата слабост.

Секоја единка која е подложена на тој полн скептицизам, во ова време тој негира дека такво нешто постои. Тука се согледува и моралната состојба на модерниот човек, каде што бега од секое однесување, каде што негира секаква можна смисла, а со самото тоа негира сѐ. Зарем е до толку сведена моралната совест да се гледа сѐ низ очите на скептицизмот. Зошто самите хулиме по себе? Зошто моралот веќе не постои, а сите вредности ги бришеме од нас?

Алберт Ками го потенцира Мерсо како единка која ги избришала од употреба и од меморијата сите морални вредности на општеството. Но дали? Дали Мерсо ги губи вредностите и смислата на човекот, или пак онаа мнозинство на луѓе кои со денови и часови судеа и зборуваа за Мерсо и неговата душа, а никој не излезе со ставот како тоа да се промени и да се помогне на една единка, па да не доживее едно обемно крахирање човековата цивилизација на моралот?

„Но, сите долги говори, сите бесконечни денови и часови што луѓето ги трошеа да зборуваат за мојата душа, ме оставија со впечаток на безбојна вртечка река што ме зашеметуваше”.
– Албер Ками, Странецот , дел 2, чл. 4

Јас, ти, уредникот, рецезентот – сите ние сме странци кои пропаднале во еден нов нихилизам. Мислиме дека е тоа жртвеник за живеењето, но размислете, зарем и кога ќе проговориме дека нештото е бесмислено, зарем ние самите не ја кажуваме и смислата за постоење на нештото?

Можеби делува збунувачки, но човековата природа е таква што постојано мора да трага по смислата. Се бришеме од постоењето (да ги занемариме мизерните негирања на културата, бедните пресуди, гнасните човекови гадости), го ништиме словото од кое сме. Зарем самото слово кое го изговараме не е сведоштво за смислата на нас, НАС БЕДНИТЕ НИХИЛИСТИ кои со несоодветно право ги поништуваме од ден за ден етичките норми и вредности?

Треба да се разбере дека смислата која што сѐ повеќе исчезнува, ни ја дава душата. Секој оној кој смислата ја погубил некаде во замагленоста од прашината на бедните нас се положува во прашинест нем гроб, за кој ќе стои само едно име БЕСМИСЛЕН.

Ако сакаме да ја дознаеме причината на пореметувањето на цивилизацијата на Модернизмот на живуркањето, тоа по секоја цена би била загубата на смислата со која сме окарактеризирани. Но видете го стариот како се однесува, видете го младиот како се однесува, па ќе осознаете дали ни е поставена ортомата околу вратот.

Луѓе, па ние сме бессмислено проколнати да ја бараме смислата. Но гледајте, ако пред некое време можевме да успееме да ја пронајдеме, таа моментално станува невидлива за нашето око, на тотален скептицизам.

Цитирам: „Во нашето општество секој човек кој не плаче на погребот на мајка си, ризикува да биде осуден на смрт“ – Ками.

Но, зарем не треба да се испита и мнозинството, па можеби и мнозинството е вредно за смртта? Модерниот Мерсо се вселува во секој од нас кој е изложен на бесмислиците кои владеат над нас угнетените живуркачи. Но, бедно е од нас самите да се направиве неми гробови, заробеници на нихилизмот, само поради мнозинството кое гние во погубноста и ништењето на смислата.

Без смислата не можеме ни духот да си го заситиме со воздухот, а не пак да пружиме чекор. Умирам, хм, сеедно е. И јас и ти ќе умреме.
РАДИКАЛНИ ПРОМЕНИ!
РАДИКАЛНО НИШТЕЊЕ НА СКЕПТИЦИЗМОТ!
Но чекај, оваа нема смисла.

Пишува: Андреј Анѓеловиќ