Иронично, мерките против пандемијата што имаат за цел да спасат животи, за првпат предизвикаа трагична смрт на еден млад човек.
На 8 декември, од два истрели згасна животот на 25-годишниот Клодијан Раша. Оружјето било испукано од полицаец, а околностите сè уште не се разјаснети. Во известувањето за конфронтацијата, Државната полиција информираше дека полициска патрола му наредила на младиот човек да сопре, но Раша не ја послушал наредбата. Настанала пресметка во која полицаецот го застрелал, тврдејќи дека животот му бил во опасност, но неговиот колега поинаку го опишал настанот.
Дваесет и пет годишното момче било на само неколку чекори од дома кога го застрелале, во 1.45 часот по полноќ, во време кога движењето било забрането. Единствениот прекршок на Раша било тоа што не ја почитувал забраната за движење. Иронично, мерките што имаат за цел да спасат животи во оваа пандемија, за првпат предизвикаа трагична смрт на еден млад човек.
Мерките за ограничување на движењето во Албанија важат од 9 ноември 2020 година, и сè се затвора по 22.00 часот, и повторно се отвора во 6.00 часот следниот ден. Единствените дејности што можат да работат додека важи забраната за движење се фирмите што вршат достава, а граѓаните прво мора да добијат дозвола на порталот е-Албанија за да можат да излезат додека важи ограничувањето. Дозвола за движење се добива за работа или поради здравствени причини. Истото важи и за бизнисите.
Оставка на министерот по засилувањето на гневот на јавноста
Семафорите на некои од главните улици во главниот град Тирана не работат со денови, на други улици, пак, исчезнаа сообраќајни знаци. Ова се последиците од протестите што започнаа пред повеќе од една недела по убиството на Клодијан Раша. Почетната искра беше револтот од убиството на младиот човек, до кое дошло само поради тоа што бил излезен за време на забраната за движење. Потоа протестите ескалираа и кон нив се приклучија граѓанскиот сектор и граѓаните, изразувајќи го своето незадоволство и бес поради тешката економска ситуација во која се наоѓаат.
Иако протестите се забранети за време на пандемијата, тие се организираат преку социјалните мрежи и дојде до неколку судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили. Првиот ден, најмалку седум лица завршија во болница со сериозни повреди, петмина од редовите на полицијата и двајца демонстранти.
Од ден на ден агресивноста на протестите, а особено полициското насилство се зголемуваше, создавајќи насилни судири што наликуваат на филмски сцени. Се користеше солзавец, водени топови и специјални полициски сили за да се спречи толпата која активно протестираше пред канцеларијата на премиерот, седиштето на Министерството за внатрешни работи и Државната полиција.
Десетици млади лица сè уште се во притворски ќелии, додека други, откако беа притворени, се ослободени со обврска да се јават на суд. Барањата на демонстрантите беа јасни од почетокот: оставка на министерот за внатрешни работи и на генералниот директор на државната полиција.
Во најжестоките моменти на кризата, премиерот Еди Рама беше во посета на САД и објави дека лобира за вакцината против КОВИД-19. Во објава на Твитер, Рама наведе детали од средбата што ја имал со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, во Њујорк, со обид да ја обезбеди вакцината во тешки моменти кога секоја земја вложува напори. Набргу по неговото враќање, имаше две главни вести на денот. Неговата посета на семејството на покојниот Раша и прифаќањето на оставката од министерот за внатрешни работи. Меѓутоа, и после ова тензиите и натаму се високи и демонстрантите инсистираат на тоа дека и Генералниот директор на Државната полиција треба да поднесе оставка и дека е време за целосна реформа на сите нивоа на полицијата.
Профил на демонстрантите – млади и без доверба во лидерите
Најголемиот неполитички протест во Албанија се случи пред неколку години и беше против хемиско оружје. Потоа, следуваа постојани протести организирани од опозицијата или други лоби-групи како студенти, но последните протести се разликуваат ако го погледнеме профилот на луѓето кои се активни. Тие се претежно млади луѓе на возраст од 13-25 години, кои се чини дека ја изгубиле надежта за својата иднина. Тие се елементот што реагира „насилно“ пред владата и полицијата, уништувајќи го фасадниот „сјај“ на украсите на градот и сè што е поврзано со власта. Оган и камења фрлени насекаде, но ниту еден приватен бизнис не бил нападнат за време на протестите.
Ова се млади луѓе од предградијата што се анатематизирани како „гета“, кои немаат многу изгледи за пристоен живот во земја каде социјалната нееднаквост се продлабочува од година во година. Тоа е младината која сè уште остана во земјата, додека некои други ги свртија погледите кон емиграцијата. Од јануари 2019 година до август 2020 година, околу 30,5 илјади Албанци поднеле барање за азил во некоја од земјите на Европската унија и во други земји, според обработените податоците објавени од Евростат.
Повеќето од оние кои ја напуштаат земјата се млади. Податоците на Евростат покажуваат дека 23,8 илјади луѓе или 78% од вкупните барања од овој период биле од лица до 34 години. 15,3 илјади луѓе спаѓаат во возрасна група од 18-34 години. Бројките на малолетници кои бараат излез е исто така многу високо. Во периодот од јануари 2019 година до август 2020 година имало 6 895 барања за азил од малолетни лица на возраст под 14 години, што претставува околу 29% од барањата на лица под 34 години или 23% од вкупниот број. Барања за азил поднеле и 1 615 лица на возраст од 17-18 години.
Медиумите под „напад“ – насилство и манипулација пред изборите
Најмалку двајца новинари биле присилно придружувани од полицијата за време на протестите, додека известувале. Првиот беше главен уредник на весникот „Коха Јоне“ (Koha Jonë) Мили Џани и вториот новинар на РТВ Ора (RTV Ora), Џои Малесиа. Тие изјавија дека телефоните им биле насилно одземени и полицијата ги избришала сите видеа на кои се гледала агресијата на полицијата кон младите демонстранти. Ова е првпат медиумите да бидат директно нападнати додека известувале. Насилството на протестите го истакна и народниот правобранител Еринда Баланца, која за медиумите изјави дека во изминатите неколку дена биле придружени 356 лица, од кои 128 се малолетни лица под 18 години, додека нивната возрасна група започнува од 12 години.
Европската комисија исто така реагираше преку комесарот за човекови права, Дуња Мијатовиќ. Таа изјави дека албанските власти мора да покажат воздржаност во одржувањето ред на протестите и да обезбедат темелни, независни и ефективни истраги за сите обвинувања за прекумерна употреба на сила. Според неа, мерките против ширењето на пандемијата не им даваат на властите целосно одврзани раце да користат сила при одржување ред на собири. Пандемијата беше оправдување за зголеменото ниво на контрола што го спроведува владата, но ова јасно го покажува она што Форбс го нагласи пред извесно време дека КОВИД-19 се заканува на демократијата и слободата низ целиот свет.
Трошење пари и пропаганда, како начин да се одвлече вниманието
Чудно е што, некако волшебно, во деновите на протестите, само добри вести доаѓаа од владата. Прво, премиерот најави дека ќе обезбеди новогодишен бонус за пензионерите. Вкупната вредност што ќе се одвои од буџетот за ова е околу 34 милиони американски долари. Сите пензионери (речиси 680 илјади) ќе добијат по приближно 40 евра. Во саботата, на 12 декември, во невообичаено време – 19.00 часот, медиумите беа поканети да присуствуваат на отворањето на меѓународен конкурс за изградба на многу важен инфраструктурен проект, чија цена е 155 милиони евра.
Телевизиските екрани беа поделени на половина, иронично, едните известуваа за толпа млади луѓе кои протестираат, а другите ја покажуваа владата како зборува за својот успех. И покрај пандемијата, трошоците за инфраструктурниот проект или концесија не се ограничени. Официјалните податоци од Министерството за финансии покажуваат дека, во период од 10 месеци, Владата потрошила 28 милиони евра потрошени на договори за концесија. Од друга страна, 11-месечните фискални показатели покажуваат пад на приходите како резултат на кризата со КОВИД-19 и зголемување на расходите што, исто така, е поврзано со програмата за реконструкција (по земјотресот од 26 ноември 2019 година). Сето ова го зголеми буџетскиот дефицит на околу 73 милијарди леки за периодот јануари-ноември 2020 година, или приближно 590 милиони евра.
Решеноста на владата да избрише сè што може да наштети на нејзиниот углед, е поврзана со претстојните избори, што ќе се одржат на 25 април следната година. Насилството беше најновиот начин за спречување на протестот, иако претходно имаше обиди да се запре вртлогот од самиот почеток. Се вложија напори што побрзо да се подготви посебен закон кој подвлекува дека секое семејство што ќе изгуби лице од случај сличен на оној со Клодијан Раша, ќе добие економска помош. Семејството на Раша доби месечна пензија од приближно 450 евра месечно.
Друг преседан во поглед на пропагандата беше користењето на детската невиност и болката на семејството што изгуби сакана личност. Првично, на социјалните мрежи започна да кружи писмо од 6-годишно дете упатено до премиерот, во кое тоа бара повторно да се постават новогодишни украси (старите беа уништени за време на протестите). Ова писмо веќе го нема на веб-страницата каде што беше објавено, по бројните негативни реакции. Потребата за оправдување пред Албанците се чини дека ги премина сите граници кога започна да кружи друго писмо од семејството на Раша во кое се бара ништо да не биде уништено во името на Клодијан.
Оваа слика не покажува само загриженост на владата за зачувување и одбрана на нештата, туку и страв. Ова се први протести каде реакцијата е во олкав размер. Останатите протести најчесто беа мирни и покрај причините за протестирање. Стравот во овој случај е поврзан со постојаното растење на напнатоста и незадоволството од владата и политичарите воопшто.
Европскиот сон се руши
Според истражување спроведено од „Институтот за демократија и медијација“ на територија на државата открива дека огромното мнозинство Албанци не е задоволно од политичките институции во земјата, додека само еден од тројца Албанци потврдил дека би гласал ако сега се одржат избори. Честите случаи на корупција, селективните закони одобрени само за одредени лобија и економската состојба доведоа до тоа владата да се сомнева и да се прашува дали ќе освои трет мандат, иако неодамна беа прилично сигурни.
Со години, европскиот сон беше компас со чија помош политиката се ориентираше, но на крајот на речиси осум години, Албанија неодамна доби неколку одобренија дека преговорите може да започнат доколку се исполнат одредени услови, но тоа досега не се случи. Продолжува фазата на исчекување на европскиот сон, а владата не успева да ја постигне визијата што ја имаат младите во земјата. Сега се чини дека тие (младите) избрале да ја остварат својата визија преку иселување или насилни протести, со цел да ја примораат владата да преземе одговорност.
*Нертила Махо скоро 14 години работи како новинар во Албанија, покривајќи економски прашања. Во последните 4 години таа работи за Монитор, единствениот економски магазин во Албанија. Нејзините претходни искуства вклучуваат 8 години во Панорама, најголемиот весник во земјата и две години во телевизија. Таа е дипломиран новинар и магистер по маркетинг на Економскиот факултет на Универзитетот во Тирана. Активно пишува написи за различни сектори како што се туризам, енергетика, пазар на осигурување, економија итн.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.