Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.
Вакцина-дипломатијата е познат пристап во меѓународните односи кој се користи за остварување на дипломатски односи и влијание на меѓународната сцена. Еден од првите примери на вакцина-дипломатија е пратката на вакцини против сипаници од страна на Велика Британија до Франција во 1801 година, иако овие две држави биле во војна. Овој вид на дипломатска соработка и ширење на влијание продолжил дури и за време на Студената војна кога САД и Советскиот сојуз соработувале околу вакцината против полио.
Разните видови на медицинска помош и поддршка која на стартот, а и во текот на пандемијата со Ковид-19, ја разменија државите во светот, освен медицинска опрема, подоцна вклучи и вакцини за сè уште присутниот вирус. Системот COVAX кој служи за поврзување на земји со произведувачи на медицинска опрема и вакцини на кој Македонија полагаше најмногу надеж за да обезбеди вакцини, не успеваше да ги исполни барањата одеднаш. Од друга страна, Кина и Русија (посебно Кина), имаат добро опремени лаборатории за производство на вакцини, и почнаа да ја пополнуваат дупката во побарувачката.
Овој простор кој се создаде помеѓу побарувачката и понудата на вакцини во светски рамки, посебно добро го искористи Кина која успеа својата вакцина против Ковид-19 да ја достави во многу земји во светот. Земјите од Првиот свет ги преферираа вакцините произведени од западните земји, како Фајзер, Модерна и АстраЗенека и со голема задршка гледаа(т) кон кинеските вакцини Синофарм и Синовак.
Овој критички пристап кон кинеските вакцини од страна на западниот свет не е само поради разликата во начинот на производство на вакцината, туку и поради недостатокот на објавени клинички испитувања за успехот на вакцината во сузбивање на вирусот. Кинеската вакцина се базира на векторски систем на деактивиран вирус, широко распространет систем на создавање вакцини и кој се користел и сè уште се користи во институтот за вакцини „Торлак“ во Белград (кој произведуваше вакцини и во бивша Југославија).
Иако оваа разлика во технологијата западната јавност сè уште ја користи за да го намали квалитетот на кинеските вакцини и го форсира делумно новиот систем на мРНА вакцини, се заборава дека вакцините на Џонсон и Џонсон и АстраЗенека се произведени по истата технологија и се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА).
Сепак, овој однос не ја спречи кинеската влада преку масовна дистрибуција на своите вакцини да го рашири своето влијание на глобално ниво и вакцините да стигнат до земји како Бразил, Србија, Унгарија, Обединетите Арапски Емирати, Сенегал.
Од друга страна, иако Кина успеа за кратко време да создаде две вакцини, сепак дел од своето масовно производство мораше да го префрли во Индија, бидејќи индискиот Институт за серуми (Serum Institute) е најголем светски производител на вакцини и има услови да ги задоволи побарувањата на кинеските власти. Кина потпиша и договор за производство на своите вакцини со Институтот за вакцини и серуми „Торлак“ од Белград со што го зголеми својот опсег на производство на вакцини.
Сепак, ова оптоварување на индискиот Институт создаде проблем во производство на индиските вакцини против Ковид-19 (Covishield е локална верзија на АстраЗенека и Covaxin развиена од индиската компанија Bharat Biotech International). Масовното производство за надворешни потреби, ја стави Индија во лоша положба бидејќи не можеше да ги снабди сопствените граѓани со вакцини, што придонесе во ширењето на вирусот во државата. Од друга страна, Кина го прошири бројот на земји кориснички на нејзината вакцина.
Вакцините како дел од иницијативата „Појас и пат“
Она што кај нас е познато како дел од кинеската иницијатива „Појас и пат“ (Belt and Road Initiative) спаѓа во изградбата на патот Кичево-Охрид и делницата Миладиновци-Штип, кои се финансирани од кинески капитал. Иако претежно е фокусирана на инфраструктурни инвестиции во патишта, железници и пристаништа, оваа иницијатива покрива и соработка во многу други полиња како медицина, размена на технологии и култура, академска соработка и ширење на кинеската култура и јазик.
Преку оваа иницијатива, Кина дистрибуираше над 350 милиони вакцини до земјите партнери меѓу кои спаѓа и Македонија. Во рамки на иницијативата Појас и пат постои и посебен дел за соработка во областа на здравството, таканаречен „Здравствен пат на свилата“ (Health Silk Road) кој покрива: вклучување на медицински лица во програми за зајакнување на капацитетите за кризи во јавното здравство, тренирање на екипи за помош во кризни ситуации, промовирање на кинеската традиционална медицина и бесплатен третман од кинеските доктори во странство.
Да не заборавиме дека на почетокот на пандемијата кога Италија беше во најголемата криза, медицински материјал испрати Кина, а заедно со Куба испратија и лекарски екипи за помош. Овој гест на поддршка Кина не одлучи да го направи исклучиво од хумани причини, туку и како еден обид да го поправи својот имиџ во светот кој беше оцрнет подари центарот на избивање на епидемијата, Вухан, но и поради фактот што Италија е исто така дел од „Појас и пат“ иницијативата.
Додека членките на ЕУ (заедно со САД) купуваа повеќе од потребните количини на вакцини, а нетранспарентните договори со произведувачите не дозволуваа донација кон други земји, Кина ги прогласи вакцините за глобално јавно добро (global public good). Преку иницијативите за соработка со Африка (FOCAC), соработката со централно источните европски земји 17+1 и здружението на југоисточните азиски нации (ASEAN), Кина успешно ги транспортираше своите вакцини, а преку нив и своето влијание.
Претходницата на оваа „вакцина-дипломатија“ на Кина се појави во облик на „маска дипломатија“, односно донации на медицински материјал (најмногу маски и респиратори) за земјите најзагрозени од пандемијата (Кина е сепак најголемиот произведувач на медицинска опрема). Зависноста од производствениот систем на Кина најмногу се должи на аутсорсингот на производствените системи на многу светски корпорации (електронски и компјутерски делови, мебел, медицинска опрема, текстил) во Кина поради евтината работна рака.
Кина успеа каде што Западот потфрли
Успехот на Кина не се должи само на економскиот раст кој го има во последните дваесет години и на тоа што од „змеј од хартија“ како што ја нарекуваат западните аналитичари, навистина стана моќен азиски змеј. Кина повеќе ги таргетираше земјите надвор од Европа и Северна Америка, поточно земјите во развој кои беа целосно заборавени од западните земји во трката за вакцини. Преку билатерални и мултилатерални договори создаваше цврста соработка и даваше посебно значење на партнерството со секоја држава.
Во Европа, Кина успеа да влезе преку Унгарија која прва ги прифати кинеските вакцини, а на Балканот преку Србија која стана своевиден хаб за производство на вакцините, додека кинескиот премиер Ли Кечианг им даде приоритет на земјите од регионот на ASEAN. Со овие потези Кина ги зацврсти односите со соседите во Азија и доби нови сојузници во Европа. Игнорантскиот однос на западните земји кон останатиот дел од светот во стилот „прво ние па сите останати“ и штитењето на бизнис интересите на производителите на вакцини се една од причините зошто Кина успеа да го исполни просторот во снабдувањето со вакцини и им одржа лекција на западните земји во справување со пандемии.
Зад кинеските милионски донации во вакцини стојат и економски интереси, (повеќе афрички земји вакцините ќе ги платат преку заеми добиени токму од Кина). На крајот, Синофарм и Синовак географски стасаа подалеку и од Фајзер и Модерна. Овој шаховски потег на Кина придонесува во менувањето на позициите на Кина наспроти САД и ЕУ на глобално ниво.
Иако глобалното јавно мнение сè уште е обликувано од западните медиуми и нивното видување на Кина и нејзината експанзија, сепак аналитичарите од САД признаваат дека Кина полека го презема приматот на глобален лидер од САД. Воедно, Кина докажа дека оружјето и војните не се секогаш единствениот начин за глобална доминација.
*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.
**Соња Стојадиновиќ е родена во 1979 година во Велес. Таа е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кадешто магистрирала на отсекот Меѓународна политика на тема „Ненасилната борба во политиката: фактори за успех и неуспех“. Работи како фриленс автор за хрватските регионални портали Lupiga и Bilten и е активист на левичарското движење Солидарност.