Владата може колку сака да држи прес-конференции дека „никој нема да биде оставен сам во оваа криза“, или да ги замрзнува и одмрзнува цените, кога за функционерите овозможи плати за шампањ и кавијар а обичниот човек кого формално го стави на почесно место во нејзината социјалдемократска програма e оставен на маргините на економијата да купува месо и зеленчук на грамови.
„Не ме слушај што зборувам туку гледај ме што правам“, вели познатата поговорка која одлично го отсликува еден од најновите потези на судско – политичката власт со кој себеси се почестија ни помалку ни повеќе туку со 78 проценти повисоки плати. Такво инстант зголемување на плати не е забележано во историјата на Македонија, а ретко се случувало и во некоја друга држава.
Згора на тоа – зголемувањето на платите на функционерите се случува во време на социјалдемократска влада чии принципи треба да бидат социјалната правда и солидарноста, и во време на економска криза поради која Владата со месеци апелираше за колективно штедење.
Овој чин без преседан уследи по Одлуката на Уставниот суд донесена на 21 март годинава за укинување на членовите 1 и 4 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица со кои всушност во изминатите години се одредувал фиксен износ кој служел како основа за определување на платите на функционерите.
Сега, останува во сила член 11 од истиот закон во кој како основа се зема просечната плата исплатена во минатата година според Државниот завод за статистика, а која што е значително повисока од фиксниот износ.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими повисоки плати за 78 проценти добиле 1060 функционери. Самиот тој во изјавата за Радио Слободна Европа потврди дека неговата плата која била 71.145 денари сега е 125.960 денари. Овој медиум, повикувајќи се на податоци од официјални институции, заедно со изјавата на Бесими објави и дека платата на претседателот Пендаровски со новото зголемување изнесува 164.817 денари, на Ковачевски 156.482 денари, на шефот на парламентот Талат Џафери 166.207 денари, на Груби 124.826 денари, на Битиќи 127.111 денари, Грковска 129.396 денари, Оливер Спасовски 153.037 денари, Маричиќ 122.541, и на Славјанка Петровска 124.826 денари.
Платите на функционерите се пресметуваат според коефициент кој зависи од позицијата и се движи од 2,2 до 4,5. Износот на платата се добива кога просечната плата во државата за последната календарска година ќе се помножи со еден од овие коефициенти.
Највисок е коефициентот 4,5 и според него добиваат плата претседателот на Владата, на парламентот и на државата, коефициентот 4 се применува кај претседателот на Уставниот суд (зголемувањето на платите за 78 проценти важи и за креаторот на одлуката Уставниот суд) и за министрите, за пратениците во парламентот е според коефициент 3,5 и нивната плата сега е околу 110.000 денари. За судиите и обвинителите се пресметува според коефициентот 2,8 додека за градоначалниците важи коефициент 2,7.
Интересно е што досега ниту еден од избраните и именувани функционери, освен министерот за финансии Бесими, не го кажа новиот износ на платата што ја добива иако на неколкумина од нив им беше поставено тоа прашање. Платата на министрите и на другите избрани и именувани функционери е јавен податок бидејќи се плаќа од буџетот односно од парите на даночните обврзници, но иако Владата постојано ја истакнува својата транспарентност таквиот податок отсуствува на нејзините веб страници.
Медиумите и јавноста ја дочекаа на нож веста за енормно зголемените плати. Владата одлучи да се брани дека неспроведување на одлуки на Уставен суд е кривично дело и дека зголемувањето на платите нема да биде 78 проценти, како и тоа дека веднаш ќе пристапи кон измена на Законот за плати па дури и дека ќе ја намали висината на коефициентите според кои им се пресметува платата.
Во две последователни изјави среде бурата од негативни емоции во јавноста, премиерот Ковачевски рече дека висината на новите плати е „во најголем дел шпекулации“, додека пак шефот на државата Стево Пендаровски изјави дека доколку им се зголемат толку многу платите „не можат да им излезат пред очи на граѓаните“. Но сето тоа како да се заборави откако новите плати веќе се на сметките на функционерите.
Лажни пораки за социјална правда
Меѓутоа, она што изостана во бурните дискусии е предавството што го направија социјалдемократите на принципите врз кои почива нивната политичка платформа. Имено, една од суштинските разлики меѓу социјалдемократските партии и конзервативците е што социјалдемократите во својата платформа ја имаат солидарноста и еднаквоста и промовирањето на социјална правда во капиталистички ориентираните економии каква што е и нашата. СДСМ ги отфрли овие вредности и принципи со кои со децении ја китеше својата партиска програма.
Иако членуваат во Партијата на европските социјалисти и во Социјалистичката интернационала чие мото е „слобода, правда и солидарност“, со потегот за зголемувањето на платите покажаа дека ова мото веќе не е дел од нивната политика.
Во програмата што ја приложи премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски при неговиот избор за кормилар на владејачката партија, на ударно место се најдоа пораките за борба за достоинство, праведност, солидарност и за еднаквост. „Нашето движење да зајакне прво дома во нашите редови, со граѓаните, со граѓанските организации, со синдикатите, работниците, земјоделците, професорите, наставниците, младите, студентите“, рече Ковачевски при пристапувањето на партискиот трон.
Но сега добивме работници со минимална плата од 20.000 денари и просечна плата од 35.000 денари, просечна плата кај земјоделците (според статистиката) 28.000 денари, во образованието 32.000 денари, а студентите мака мачат да го добијат надоместот за студентски оброк од 120 денари дневно, наспроти 1.500 до 2.600 евра плата на функционерите.
Ароганцијата е дотолку поголема затоа што тоа се случува во предизборен период кога вообичаено политичките партии се внимателни во потезите што ги прават, со цел да не предизвикаат гнев кај избирачите и губење на гласови.
Не помалку зачудува фактот и што Уставниот суд на чии одлуки често се чека и по една година овој предмет го заврши во експресно краток рок: барањето е поднесено во ноември 2022 година од скопскиот адвокат Бојан Стоевски, на 25 јануари 2023 година истото е веќе прифатено а веќе на 21 март е донесена одлуката за укинување.
Некому кавијар а некому грав
На спротивната страна од овој камп на одлично платени функционери се луѓето кои се тешко погодени од економската криза и чиј животен стандард од ден на ден, се повеќе се влошува.
Иако просечната нето плата во март годинава е зголемена и изнесува 34.925 денари, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), синдикатите реагираат дека над 90 проценти од вработените во администрацијата сè уште заемаат пониски плати, кои во просек се помалку од 23.000 денари. Додека пак, примањата на илјадници работници се на ниво на минималната плата.
Во многу држави синдикатите колективно членуваат во социјалдемократските и социјалистичките партии поради нивната декларирана социјална компонента во програмите. Овдешните синдикати пак со право се револтирани и не можеа да изберат доволно остри зборови на осуда за драстично зголемените функционерски плати во време кога владата е во рацете на социјалдемократите.
Околу 110.000 вработени во јавниот сектор земаат плата која е речиси колку минималната во државата, а токму ниските плати се главна причина поради која работниците заминуваат во странство, порача претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски во интервју за Радио Слободна Европа. Тој вели дека токму поради големата инфлација што ја имавме во 2022 година, има пораст од 12,5 проценти на минималната плата, но дека тоа нема да ги подобри состојбите бидејќи од лани до сега имаше огромна инфлација.
Иако Државниот завод за статистика вели дека инфлацијата е само 14 проценти, цените на основните производи за живот во маркетите се зголемени за над 100 процени на одредени производи. Така што, усогласување на минимална плата во износ од 2.107, нема да помогне никому во државата, бидејќи минималната потрошувачка кошничка изнесува над 50.000 денари. Тоа значи дека две и пол минимални плати ќе бидат доволни да се прехрани едно четиричлено семејство, без автомобил, според параметрите по кои се пресметува минималната плата.
Но овие очајни пресметки како да не ги загрижуваат функционерите. Тие можат спокојно да ги пакуваат куферите за луксузни летни одмори, додека работничката класа, и средната класа чие враќање толку помпезно го најавуваа, кои се суштината на социјалдемократската платформа – остана со прстот в уста. А можеме тоа и поинаку да го кажеме: социјалдемократската елита и покажа среден прст на граѓанската класа.
Во меѓувреме многу прашања продолжуваат да ја иритираат јавноста околу оваа политичка ујдурма без преседан. Можно ли е Уставниот суд самостојно да донел таква одлука иако и на врапчињата им е јасно дека ќе предизвика негативни реакции во јавноста? Можно ли е Уставниот суд кој е дел од судската власт чиј углед во општеството е речиси нула поради што меѓународната заедница удира секој ден по една шлаканица на судските органи, во случајот со функционерските плати да донел објективна, непристрасна и стручна одлука?
Одговорите на овие прашања ги знаеме сите, но што би рекле судските инстанци кога „пишат и бришат“ пресуди, не можеме да го изведеме ланецот на докази.
*Соња Крамарска, е новинар, автор на повеќе фељтони и други публикации, поранешен главен уредник на „Утрински весник“ и на порталот НоваТВ. Во моментов работи како новинар и член на редакцискиот колегиум на НоваТВ. Во својата кариера е наградувана со награди новинар на годината и со највисоката награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Има поминато една академска година на универзитетот Оклахома во САД во рамки на програмата за професионален развој. Работела и како советник за политички прашања и комуникации на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.