Грузиската кинематографија, како и самата Грузија, верувам, е непознаница за повеќето луѓе во Македонија. Позаинтересираните за историја и политика меѓу нас знаат дека таму, на Кавказот, има неколку земји излезени од некогашната империја – СССР, кои со нас ја делат сличната современа судбина на долгата и мачна транзиција. Меѓу нив е и Грузија, загадочна, со јазик и писмо сосема непознати и неразбирливи за нас.
Филмовите се ретко убав и ефектен начин за запознавање на културите. Една филмска приказна, водена со такт и умеење, може лесно да ги избрише барикадите меѓу културите и да ни го избистри погледот на светот, фокусирајќи го нашето внимание на работите кои нè поврзуваат со луѓето, наместо на наметнатите нијанси кои нè прават различни.
„Состаноци на слепо“ на младиот грузиски режисер Леван Когуашвили (1973) е ваква филмска приказна – нејзините ликови се обични, секојдневни луѓе, а таа се занимава со теми кои гледачот итро го вовлекуваат во идентификација и сочувство – љубовта, моралот, каењето, несреќата, блискоста и отуѓувањето.
Училишниот наставник Сандро е срамежлив и неодлучен лик од четириесетина години. Живее со остарените родители, кои притискаат тој конечно да се ожени. Сандро е изморен од очекувањата кон него и збунет од минливоста на животот, но сè уште гладен за љубов и разбирање. Таа глад го тера да го прифати предлогот на неговиот другар Ива за двоен состанок „на слепо“ со две жени, во сцената што го отвора филмот. Оттука, режисерот педантно и трпеливо, а во исто време многу спонтано ја гради оваа непретенциозна приказна, покажувајќи попат извонредно чиста слика за амбиентот во Грузија денеска. Во јадрото на приказната се убави и добри, чесни луѓе, кои животот ги измачил и ги претворил во несреќници што се трудат да не го покажат својот јад. Кога ќе се сретнат вакви луѓе, сите обременети од своите маки и комплекси, исходот е донекаде предвидлив – чувствата се силни, но прогнозата за среќа е крајно неизвесна.
Ова е еден од оние филмови што се развиваат многу бавно, но тоа нам како гледачи не ни пречи – сфаќаме дека бавноста е дел од доживувањето, дека режисерот точно знае што сака да направи, во секој потег, до самиот неочекуван крај. Всушност, за да го направи овој филм „сварлив“, Когуашвили, кој е истовремено и косценарист и копродуцент, мајсторски прибегнал кон многу трикови на занаетот. Најпрвин, му помогнала спонтаната духовитост – хуморот се појавува во прецизно одмерени, квалитетни дози – не бидејќи е потребен, туку затоа што неизбежно произлегува од апсурдот на ситуациите. Далеку од тоа дека овој филм е комедија – тој сепак е длабока, трогателна драма која ни зборува не толку за скршените соништа и изневерените сопствени очекувања, колку за задушувачкиот безизлез на едно опкружување, на еден менталитет. Еден твит на којшто налетав деновиве гласи: „Тие што се смеат кога им е најтешко. Тие се луѓе“. Оваа реченица, која личи како да е нечија рециклирана мисла, добро го сублимира сочувството на гледачот со ликовите во филмот и нивните судбини.
Се чини дека актерите (предничи главниот актер Андро Сахварелидзе, како и ветеранот Кахи Кавсадзе, во епизодната улога на неговиот татко) добро го „сфатиле“ филмот, па и тие го даваат својот максимум без трунка претенциозност и поза.
Гледаме чести и долги, навидум непотребно долги кадри со беспрекорна композиција, кои сепак имаат своја цврста оправданост – со нив режисерот свесно ја нагласува атмосферата на мачнина и очај што лебди во филмот , но тие и ни даваат време да ги забележиме деталите, кои го прават филмот впечатлив. Деталите се клучни, во дијалогот и во драматуршките димензии на „Состаноци на слепо“, но и во неговиот визуелен идентитет. Следејќи ги трендовите во многу денешни независни продукции, извонредната фотографија на Тато Котетишвили гради концепт во кој владее сивилото. Ова сивило, доследно со приказната и ликовите, го разбиваат ефектни, вкусно изложени контрасти и нагласено складни детали во боите.
Сè на сè, „Состаноци на слепо“ успева да ги достигне своите цели – да ги отслика дилемите и внатрешните бури на неговите секојдневни ликови, да ни покаже каков е амбиентот и животот во Грузија денеска, да биде визуелно солиден филм и да предизвика размислување и дискусија кај оние што го гледаат. Учеството и наградите на повеќе угледни фестивали се само потврда на добрата работа што Когуашвили и неговата екипа ја направиле со ова остварување.
Верувам дека има многу љубители на филмската уметност во Македонија кои го чекаат денот кога и кај нас ќе се сними ваков филм – ненаметлив и искрен во својата основа, а допадлив и успешен во она што го постигнува.
За просечниот гледач, кој ретко има можност да погледне европски филм, „Состаноци на слепо“ може да биде извонредно освежување. За многуте затруени од баналноста на холивудските шаблонски приказни и мегаломанските инстант-хитови, гледањето нешто вакво сигурно би било возбудливо враќање кон подзаборавените доблести на „старомодната“ (некој би рекол и „вистинската“) кинематографија. Има многу вакви „вистински“ филмови кои деновиве можат да се погледнат на фестивалот „Синедејс“.
Жарко Настоски