Невработеноста и работничките права имаат причинско-последична врска, односно теоријата вели дека колку е поголема стапката на невработеност, толку се помали правата на вработените.
Во претходните шест месеци, лесно можеше да се забележи триумфалистичкиот тон со кој владините претставници известуваа за падот на невработеноста и за успешноста на мерките на Владата. За држава како нашата, која од нејзиното осамостојување до денес се соочува со голема стапка на невработеност, оваа бројка е неизбежно еден од главните социјални фактори што ги диктира односите, културата и функционирањето на институциите. Токму поради тоа, особено е важно да се анализира вистинското значење на процентот на (не)вработени луѓе како показател за состојбата со трудот во државата.
Аналитичка слика на пазарот на трудот
Невработеноста и работничките права имаат причинско-последична врска, односно теоријата вели дека колку е поголема стапката на невработеност, толку се помали правата на вработените. Аналитичката слика на државата тврди дека во првото тримесечје од 2019 година вкупниот број на вработени изнесувал 789.414 лица (45,1 отсто), додека вкупниот број на невработени изнесувал 171.329 лица (17,8 отсто). Споредбено со земјите-членки на ОЕЦД, македонската стапка на вработеност е исклучително ниска, додека просечната стапка на невработеност е значително повисока од просекот на државите. Од соопштението на Државниот завод за статистикапроизлегува дека секторот на преработувачката индустрија вработува најмногу луѓе – 155.914 лица, додека најмал број на вработени има во секторот на рударство и вадење на камен – 6.523 лица. Дополнително, најголем дел од невработените (75,7 отсто) се со завршено основно, тригодишно или четиригодишно средно образование, но значителна е и стапката на невработени со високо образование (20,8 отсто).
Од родов аспект, забележително е тоа што само 40,5 отсто од вработените и 37,7 отсто од невработените кои бараат работа се жени. Слично со тоа, стапката на неактивни лица, која се состои од луѓе што не можат или не сакаат да работат, ја сочинуваат 36,9 отсто мажи и 63,1 отсто жени. Ваквата поставеност очигледно посочува кон помала вклученост на жените и се надоврзува на истражувањето на Светската банка за нееднаквостите на македонскиот пазар на трудот. Со оглед на тоа што податоците од истражувањето тврдат дека генерално помеѓу жените, стапката на неактивност изнесува околу 48 отсто споредбено со приближно 23 отсто помеѓу мажите, станува јасно дека првиот проблем на кој треба одделно да се работи е родовиот аспект.
Според возрасни групи, најголем дел од невработените (62,9 отсто) се на возраст од 25 до 49 години, додека 17,3 отсто се во старосната група од 15 до 24 години и 19,9 отсто се во групата помеѓу 50 и 64 години. Невработеноста кај младите (15-29 години) во државата останува најголем проблем и стапката на младинска невработеност од 45,4 отсто сè уште е една од највисоките во Европа. Ова укажува дека намалувањето на младинската невработеност мора да се постави како приоритет и основа за соработка помеѓу клучните чинители, како што се владините тела, образовните институции и бизнисите/работодавачите.
Вреднување на трудот
Во однос на платите, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во април оваа година, изнесувала 24.785 денари. Во тој период, највисоката просечна нето плата е исплатена во одделот „Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности“ во износ од 60.991 денари месечно, додека најниската исплатена нето-плата е во одделот „Заштитни и истражни дејности“ во износ од 14.674 денари месечно. Значајно е да се напомене дека најголем дел од луѓето заработуваат плата под просечната, односно дека вработените во 45 оддели, од регистрирани 82, заработуваат просечна нето-плата пониска од 24.785 денари. Висината на минималната плата во нето износ од април 2019 година изнесува 12.507 денари.
Компаративно, просечната вредност на трудот на македонскиот работник е најслабо ценета во регионот и до единаесет пати помалку платена од водечкиот Европски просек. Притоа, државата се соочува и со огромна стапка на класна раслоеност со џини индекс од 35,6 (од можни 100), а според податоците на Светската банка, Северна Македонија во 2014 година била држава со најголема класна раслоеност во Европа. Џини индексот ја мери нееднаквоста на распределбата на приходите или богатството и често се смета за индекс на сиромаштијата.
Наведените податоци даваат една кратка слика за трудовата мапа во државата, односно доловуваат каква е структуралната поставеност на македонската економија. Оваа структурална поставеност ја диктира рамката за работата на институциите и механизмите за заштита на работничките права. Сè уште високата стапка на невработеност од 17,8 отсто, фундаменталните проблеми на економијата, како и општата недоверба во институциите и владеењето на правото, ги ставаат работниците во позиција каде што ретко ги користат правните лекови достапни во случаи на кршење на нивните права на работното место. Истражувањето на Хелсиншкиот комитет за човекови права покажува дека 82,6 отсто од испитаниците изјавиле дека нивните работнички права или правата на нивен близок биле загрозени во одреден момент, но само 22,3 отсто изјавиле дека го пријавиле прекршувањето.
Поставеноста на државата кон трудот
Работничките права се дел од економските, социјалните и културните права и претставуваат темелна вредност на нашиот уставен поредок. Сместувајќи ги работничките права во категоријата на човекови права, Уставот го гарантира правото на работа и пропишува дека секој има право на слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.
Од друга страна, Законот за работните односи, како системски закон кој ја поставува општата рамка за сите прашања поврзани со работната сила, има претрпено вкупно 23 измени и дополнувања и 13 касаторни одлуки на Уставниот суд на Република Северна Македонија. Тоа директно укажува на лесната „менливост“ на овој закон во согласност со потребите на владеачката структура и резултира со многу двосмислени и нејасни одредби кои ја зголемуваат несигурноста на заштитата на работниците. Покрај тоа што Владата вети нов Закон за работните односи најдоцна за шест месеци од нејзиниот избор, работната група што беше формирана во август 2018 година сè уште нема изготвено финална верзија и динамиката и квалитетот на работа досега воопшто не се ветувачки.
Во таква ситуација, може да се каже дека ни претстои уште многу работа за да воспоставиме функционално трудово законодавство, кое ги штити правата на работниците и последователно создава простор за зголемување на продуктивноста на работното место.
*Вилдан Дрпљанин е активист за човекови права, правен советник во Хелсиншкиот комитет и член на Управниот одбор на Младински образовен форум. Дипломира на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и магистрира во областа на правото на интелектуална сопственост во програма за двојна диплома организирана од Универзитетот во Стразбур, каде пишува за конфликтот помеѓу спроведувањето на авторското право и слободата на изразување. Се специјализира во областа на човековите права, како дел од магистерската програма за меѓународно јавно право на Универзитетот во Утрехт, Холандија, каде магистрира со одликување cum laude.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава на македонски и албански јазик можете да ја прочитате ОВДЕ.