Пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет, не само што има огромно влијание врз јавното здравство, општеството и економијата како целина, туку предизвика пустош и во спортот.
Пандемијата на коронавирусот (COVID-19) која го зафати целиот свет во последните неколку недели и месеци, не само што има огромно влијание врз јавното здравство, општеството и економијата како целина, туку предизвика пустош во спортот. Од тие причини, во овие моменти е коректно луѓето кои се занимаваат со проблемите во спортот да дадат свои насоки и препораки за изнаоѓање начини за стабилизирање на спортот во овие тешки времиња, се со цел да може потоа и државата да го трасира патот кон воздигнување на истиот. Во обид да го спречат ширењето на вирусот, многу професионални и аматерски лиги на сите континенти и од сите спортови презедоа одговорен чекор за одложување или суспендирање на своите натпреварувачки сезони за да ги избегнат масовните собирања на спортските настани, како и понатамошното ширење на вирусот.
Спортот во светот за време на пандемија
На тоа, претходеше мечот од Лигата на шампионите меѓу фудбалскиот клуб Аталанта од Италија и фудбалскиот клуб Валенсија од Шпанија, кој, се чини, и според толкувањето на италијанскиот епидемиолог Франческо ле Фоке, е клучот за масовното ширење на коронавирусот во Бергамо, а потоа и низ Италија и Шпанија. Според него „Има неколку големи катализатори за огромното ширење на вирусот, но натпреварот меѓу Аталанта и Валенсија е еден од клучните. Точно еден месец по тој натпревар сите факти комплетно се поклопуваат. Илјадници луѓе беа само неколку сантиметри еден од друг, се гушкаа и покажуваа емоции, што доведе до широка распространетост на вирусот. Дозволата за натпревари со публика во тоа време беше една од клучните грешки.
Сериозноста на настаните ја потврдуваат и од Меѓународниот Олимпски комитет кои поради пандемијата, официјално го одложија стартот на Летните Олимписки Игри, за прв пат во својата модерна историја. Претходно, три Олимпијади беа откажани поради Првата и Втората светска вовојна во 1916 и 1940 година. Исто така, УЕФА донесе одлука за одложување на најпрестижното натпреварување помеѓу државите на Европскиот континент – ЕУРО 2020 за една година.
Во меѓувреме, бројни спортски клубови и спортисти се вклучија да помогнат во борбата против пандемијата. Можат да се наведат повеќе примери за тоа, но еве само неколку. Сарас, компанијата на поранешниот претседател на фудбалскиот клуб Интер од Милан, Масимо Морати, донирал 1 милион евра за болниците во регионот Ломбардија. Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ донираше финансиски средства за словенечката болница со цел да се купат средства кои се потребни во борбата против корона вирусот. Фудбалските звезди на фудбалскиот клуб Баерн Минхен (Горецка и Кимих) донираа 1 милион евра за борба против коронавирусот, како и нивниот соиграч Левандовски и неговата сопруга под мотото „денес сме сите еден тим“ кои донираа 1 милион евра директно во здравствениот систем на Баварија, Република Германија. Сопственикот на фудбалскиот клуб Челси од Лондон, Роман Абрамович, ги отстапи хотелските капацитети на клубот Челси за заболените од корона вирусот. Фудбалерот Леонел Меси и тенисерот Роџер Федерер исто така, донираа по 1 милион евра за болници во Каталонија, односно Швајцарија. Ова се сосема логични чекори кај секој одговорен спортист и спортски работник, оти самите тие заработуваат огромни финасиски средства од стопанските капацитети кои денес се сериозно погодени од пандемијата на коронавирусот.
Неколку насоки за развој на спортот во иднина во нашата држава
Улогата на нашата држава за помош на спортот е дефинирана во самиот Устав на Република Северна Македонија (член 47) каде се вели дека „Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот“ и преку Законот за спорт. Впрочем, теоријата говори дека има два вида на помош на спортот, и тоа:
1. Директна (буџет, субвенции, фондови, стипендии); и
2. Индиректна (даночни олеснувања, поттикнување на соработка помеѓу стопанството и спортот, носење на системски рамки за финансирање и развој на спортот).
Се чини дека најповикана во идниот период за помош на секторот спорт ќе биде државата. Но сепак, пред да почнат сите спортски колективи да се обраќаат кон државните институции, би било коректно да се запрашаме дали (и колку) државата сега е подготвена финасиски да им излезе во пресрет. Факт е дека нашата економија беше кревка и пред пандемијата на коронавирусот, кој само ја продлабочи таа агонија до степен на колапс. Но сепак, да се обидеме да гледаме малку оптимистички. Државната помош не треба да биде единственото решение. Спортот отсекогаш бил способен да ја одржува сопствената популарност кај масите. Од тие причини можат да се наведат неколку насоки кои би можеле да бидат од корист во периодот кој претстои:
Првата и најлогична насока е тоа дека самите спортисти најдобро би можеле да помогнат за воздигнување на спортот на потребното ниво. Тоа може да се оствари преку директна финансиска помош од нивна страна (особено влијателните спортски професионалци) или пак со откажување на дел од финансиските средства за кои биле анагажирани, сѐ до моментот кој треба да претставува стабилизација на спортот во нашата држава.
Втората насока упатува на тоа нашиот спорт, односно спортските клубови, поради новонастанатата состојба со пандемијата на коронавирус, да стават поголем акцент на спортистите од младинските погони, при што тие би требало да бидат правилно третирани и воспитувани на соодветен начин за идни спортски звезди. Од една страна, ова би требало драстично да ги редуцира годишните буџети на спортските клубови, особено во делот на давачките кон спортисти со повисоки месечни примања, но од друга страна, ќе биде сериозен стимул за промовирање на нови спортски таленти и ѕвезди, како од спортски, така и од економски аспект (трансфер маркет).
Третата насока, која би требало да ја поткрепи предходната, е спортските клубови во своите идни планирања да се засноваат врз ангажман на професионални, високообразовани и стручни лица од областа на спортот. Нашата држава има такви кадри, само треба спортските клубови, особено оние кои се финансираат од наши пари (државна или општинска интервенција) да поведат ред за тоа дали ќе активираат партиски или роднински спортски работници или вистински професионалци со изграден интегритет и потребни знаења и вештини за спортот од секој негов аспект.
Четвртата насока (за жал ќе биде и најзначајна) оди кон тоа дека е потребна државна интервенција во спортот. Иако тоа ќе има последници врз државниот буџет во иднина, сепак државата ќе мора во еден временски период да го промени ваучер-системот во насока на ослободување на стопанските субјекти кои се веќе спонзори (или евентуално нови потенцијални спонзори) за оној процент колку што и самите ќе му помогнат на спортот, а не како досега со дефинирање на проценти според важноста на спортот (без градација според популарност на одреден спорт). Преку овие давачки има логика повторно да се полни државниот буџет, со што ослободувањето од данокот на добивка би било во ист процент за кој субјектот го помогнал спортскиот клуб.
Петтата насока е насочена кон подигање на самосвеста за спортот во нашата држава кај секој од нас. Во овие мигови на изолација и карантин секој од нас ја согледува значајноста од следење на спортски натпревари, кои реално многу ни недостасуваат. Поради тоа, во иднина секој кој ќе сака да посетува спортски натпревари, би било пожелно да размисли кои се начини постојат за да се придонесе кон спортот во нашата држава. Само како потсетување на некои, а тоа е пред сѐ купување на билети за посета на спортски настани (дневни, сезонски, поединечни или семејни билети), купување на спортски производи од спортскиот клуб, купување на сувенири од спортскиот клуб итн. Се разбира, тоа не е доволно, но сепак од некаде мора да се тргне.
Пандемијата на COVID-19 носи промени во нашата свест, на нашите работни места и во нашата заедница. Се откажуваат сите спортски настани, сите спортски и научни конференции, доаѓа период на далечинско работење и учење, и настапува загриженост за финансирањето и развојот на спортот кој минува низ еден мошне предизвикувачки период. Но, уверен сум дека ќе го надминеме и ова, а до тогаш не останува ништо друго освен да се грижиме за себе и своите најблиски. Од сето ова треба да излеземе посилни. Впрочем, тоа е улогата на спортот. Засега, продолжуваме на дистанца.
*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.