[Став] Стефан Видиков: околу Студентскиот пленум – мотиви, проблеми и идни перспективи

Она што е најкарактеристично за Студентскиот пленум е тоа што тој промовира една револуција – еден пресврт на нештата, но не онаа насилна револуција, туку револуција на умот, вели Стефан Видиков од Пленумот, во текст објавен на веб-страницата Критика.

. Ние решително се спротивставуваме на сите делби, предрасуди и стереотипи кои досега постоеле меѓу нас, и одлучно преминуваме на страната во која владеат вредности како: човечноста, разумноста, солидарноста, толеранцијата и праведноста. Нам ни е повеќе од јасно дека сите делби и раслојувања меѓу нас се всушност насилно наметнати калапирања, кои за цел го имаат само разединувањето на студентското единство, а со тоа и ослабувањето и пригушувањето на студентскиот активизам во општеството. Поради овие нешта ние одлучивме да се порамниме меѓу себе, зашто меѓу нас нема некој што е најдобар, најумен и најхрабар, туку само кога сме обединети сме такви. Со револуцијата на умот се исцртува еден од основните принципи на движењето, а тоа е дезалиенацијата на македонскиот студент, што всушност претставува и основна подлога за едно здраво студентско движење.

Проблемите со кои што ние како генерација се соочуваме се многубројни. Имено и ние како и претходните генерации сме смрзнати и изгладнети по студентските домови, искрадени сме преку разни пусулчиња како ИКСА (од кои патем немаме видено ништо), потвдри за редовен студент, разни таксени марки, немањето на бесплатен (барем) градски превоз, немањето никаква привилегија и олеснувања во општеството (бесплатни билети за театар, кино, спортски натпревари) итн. Тоа што ја прелеа чашата беше најавената реформа во високото образование – воведувањето на државниот испит (претходно најавувана како екстерно тестирање кое имаше дискфалификациски карактер за студентите). Оваа реформа создаде голем револт кај нас студентите, нѐ натера да се мобилизираме и да застанеме во одбрана на нашите уставно загарантирани права. На почетокот се обидовме со сите институционални методи, односно инсистиравме на дијалог со надлежните, но не наидовме на слух од нивна страна (под изговор дека реформата е сѐ уште само најавена и нема облик на предлог-закон).

[Став] Стефан Видиков: околу Студентскиот пленум - мотиви, проблеми и идни перспективи

 

По ова излеговме на првиот студентски марш со кој демонстриравме дека сме спремни да ги браниме нашите права и вонинституционално. Со првиот марш предизвикавме ретерирање во ставот на МОН со тоа што тие го сменија обликот на реформата во неколку точки. Во интерес на обликот во кој се изразувам би ги потенцирал само проблематичните точки во најавената реформа. Пред сѐ МОН воопшто не излезе со направени стручни анализи за тоа во кој сегмент високото образование во Македонија потрфрлува (што патем на секоја сериозна институција ѝ се обврска да ги направи), со што останува нејасно врз кои проблеми оваа реформа ќе интервенира. Како  еден од главните аргументи на МОН, во поглед на зачувувањето на автономијата на универзитетите, се истакнува и променетиот состав на Одборот за акредитација и евалуација. Меѓутоа, независно од предложените измени во поглед на составот на овој Одбор, доколку тој спроведува државен испит, автономијата на универзитетите повторно грубо би се нарушила. Фактот што членовите на Одборот сега би биле универзитетски професори не го неутрализира навлегувањето во универзитетската автономија, поради едноставната причина што членовите на Одборот ќе бидат именувани од страна на Владата на РМ, по јавен оглас. Со одбирањето на членовите на Одборот директно од страна на Владата на РМ се отвора простор за директно влијание од страна на Владата во рамките на високото образование, независно од тоа што именуваните лица ќе бидат од редот на универзитетските професори. Сѐ додека членовите на Одборот не се директно именувани од универзитетските тела (сенат или други тела со слични овластувања), автономијата на универзитетите ќе биде нарушена. Потоа, проблематично е и тоа што Министерот ќе одлучува за посебните услови за начинот и постапката на изведување на државниот испит за студентите. Покрај овие има и низа други проблематични точки поради кои ние инсистиравме на дијалог со Министерството, но повторно бевме изигнорирани од нивна страна.

Затоа се решивме повторно да излеземе на улица и го покажавме нашето незадоволство на вториот студентски марш. По маршот се произнесоа и поголемиот дел од факултетите во Македонија со негативен став околу државниот испит. И покрај сите приговори и напори од наша страна и од страна на факултетите, Владата без да спроведе соодветна дебата во која транспарентно би биле претставени ставовите на студентите, на професорите и на Министерството, го изгласа предлог-законот на владина седница. Овој гест го зголеми нашиот револт, и нѐ натера да се посомневаме во демократскиот капацитет на нашите институции.

Поради ваквите одлуки на владата, и поради игнорирањето на нашите барања, ние, Студентскиот пленум, одлучивме повторно да излеземе на протест. Протестот е закажан за 26 декември (петок), во 14 ч. пред Владата на Република Македонија. Преку овој протест ние сакаме да ја најавиме нашата одлучност дека не планираме послушно да го премолчиме кршењето на уставно загарантираните права, туку напротив, ќе продолжиме да се бориме сѐ додека стоиме на страната на правдата. Овој пат се надеваме дека нашата бројност ќе предизвика повлекување на предлог-законот за високото образование.

Студентскиот пленум како студентско движење нема да застане со државниот испит, ние нашите енергии ќе ги вложиме во понатамошна борба за подигнување на студентскиот стандард во Македонија. Студентската свест мора дополнително да се активира, секој студент треба да биде свесен за својата состојба (правата и обрвските) во текот на своето студирање, но и понатаму да е свесен за својата општествената положба, па и како важен сегмент во општеството да се грижи за добросостојбата на општеството. Сметаме дека едно општество може да го оствари својот демократски капацитет само со заеднички напор и труд на сите негови сегменти. Бидејќи демократијата не е нешто што само власта треба да го спроведува, туку таа треба да биде почитувана и спроведувана во сите пори на едно општество. Студентскиот пленум во иднина ќе се залага за студентските права и ќе се грижи да ги оствари вредностите врз кои е основан помеѓу студентите.