Во последните дваесет и пет години, ако не и подолго, спроведени се многубројни медиумски истражувања на Балканот, но и на меѓународно ниво, кои упатуваат на една иста појава, а тоа е дека медиумите сметаат дека жените не се веродостоен извор на информации.
Во последните дваесет и пет години, ако не и подолго, спроведени се многубројни медиумски истражувања на Балканот, но и на меѓународно ниво, кои упатуваат на една иста појава, а тоа е дека медиумите сметаат дека жените не се веродостоен извор на информации. Во исто време, од втората половина на дваесеттиот век жените станаа доминантни производители на содржини во сферата на масовни медиуми, иако почесто во улога на презентерки и известувачки, а поретко како уреднички и менаџерки. Сепак, за жал, влегувањето на жените во медиумската професија не значеше автоматска промена на уредувачката политика кон поголема видливост на жените во медиумите, туку само придонесе за намалување на надоместокот за работа во медиумската индустрија.
Сите досегашни акции на Глобалниот проект за следење на медиумите (GMMP), кои, како потсетник, се спроведуваат на секои пет години, почнувајќи од 1995 година, а последата беше спроведена во 2015 година, кога 114 земји од целиот свет учествуваа во истражувањето „покажуваат дека светот на вестите главно е свет на мажите. Дваесет години по првиот GMMP, излегува дека предизвиците на сексизмот, родовите стереотипи и предрасудите во информативниот свет му пркосат на времето, просторот и платформите. Но, постојат и примери за напредок кај медиумите во контекст на родовата еднаквост (…) Жените во 2015 година донекаде почесто ги правеа вестите, но и понатамутие ретко беа предмет во вестите“ (Снежана Миливојевиќ).
Следењето на јавните сервиси во Србија од страна на новосадската школа за новинарство (2016 г.) на корпус од 2000 часа анализирана програма во текот на шестмесечно истражување, покажа дека во целокупниот корпус (односно во информативните, културните, образовните, забавните и спортските програми), жените се субјекти на информациите на Радио-телевизија Србија (РТС) во 21 процент, а на Радио-телевизија Војводина 20 проценти, земајќи предвид дека според сегашниот попис на населението (2014), 51,3 проценти од населението се жени.
За време на предизборната кампања истата година (2016), и покрај квотите според кои на изборните листи секое четврто лице треба да биде жена, во медиумите кандидатките беа присутни само во 15 проценти од дневните емисии на РТС и 14 проценти во РТВ. Ако ги погледнете резултатите од вкупната должина на тонските инсерти објавени за време на кампањата во двата јавни сервиса, тој процент е 18 наспроти 82 проценти од времето посветено на директни кандидатски говори. Многу слични резултати беа добиени во изборната 2017 година, но и на претходните изборни циклуси од 1996 година, па наваму, откога ННШ систематски го следи медиумското покривање на сите предизборни кампањи (локални, покраински, парламентарни, претседателски и за членовите на националните совети на националните малцинства) на денот на изборите и настаните по изборите.
И кога зборуваат во медиумите, жените не се осврнуваат на прашањата за родова рамноправност. На пример, во примерокот за истражување на уредувачката политика при следењето на предизборната кампања од 2008 година во електронските и печатените медиуми, не беше идентификуван ниту еден пример во кој кандидатка зборувала за овие прашања. Ова целосно одговара со резултатите на GMMP од 2015 година, според кои жените на планетарно ниво зборуваат за прашања поврзани со родова еднаквост во само 3 проценти од случаите (Снежана Миливојевиќ, 2015 г.).
Извор: pexels.com
Родов дисбаланс е забележан во Србија, а слично е и во други земји, и во сферата на образованието. Жените почесто завршуваат студии (58 проценти), но тие обично се определуваат за општествено-хуманистички науки (71 процент), а мажите за техничките науки (65 проценти). Овој родов аспект на образованието се отсликува и во медиумите, оттаму мажите зборуваат за т.н. значајни прашања како што се економијата, политиката, инвестициите, развојот, а жените за образованието, социјалната заштита и културата. Па така, во емисиите за култура на РТВ и на РТС во 2016 година, жени биле предмет дури во 45 отсто од случаите (Метрополис РТС, РТВ папка култура), а мажите биле предмет во информативни емисии и прилози за политиката на РТВ во 85 проценти, 84 проценти на Пинк, 76 проценти на РТС и 75 проценти на Н1 (ННШ 2017 година). Значи без оглед дали станува збор за јавни сервиси или комерцијални медиуми, па дури и оние кои се сметаат за високо професионални и модерни и со уредувачка политика која води сметка за избалансиран и недискриминаторен однос кон маргинализираните групи (Н1) во овие програми, жените како извори на информации, како цитирани лица, се целосно занемарени.
Покрај активистките од женските невладини организации, и истражувачките на академско и новинарско ниво на целиот Балкан се борат за видливоста на жените во медиумите и за родово почувствителна уредувачка политика. Тамара Скроца, Јована Глигорјевиќ и други се многу активни во Србија. За „Данес“ Јована Глигоријевиќ истакнува, „Жена може да се најде во медиумите ако е гола или високо сексуализирана или е претепана или мртва. Тоа се двата основни типа на приказина жените во медиумите“ (2017 г.).
Истражувањето на „Матица хрватска“ покажа дека во 2009 година на ХТВ, при покривање на некои теми, изјавите дадени од жени сочинувале само 16,5 проценти од вкупниот број, додека на Нова ТВ тој процент бил на 21,8, а на РТЛ за 21,4 проценти.
Во црногорските медиуми според филозофката и феминистка Кристина Бојановиќ „Жените најчесто имаат прилика да зборуваат за нивните лични искуства, за семејни прашања и слично, во рубриките во некои списанија, го заземаат местото на „експертки“ за козметика, исхрана/диети, рецепти, уредување на домот, одгледување и воспитување на децата. Најчесто за тоа што нема никакво јавно значење, или што би можело да влијае на промената на социо-политичката клима во општеството (2015 г.).“
Истражувањата на невладината организација „ЦУРЕ“ од БиХ истакнуваат: „Во медиумите, рекламите, весниците, билбордите, учебниците, ТВ емисиите, ТВ сериите, филмовите, цртаните филмови, во соседството, на улица, во театрите, кината, во семејството, жените речиси секогаш се покажуваат заедно со своето семејство. Во медиумите во БиХ не се прикажуваат маргинализирани жени. Во стриповите, видео игрите, бајките, цртаните филмови речиси сите активни ликови се мажи, додека женските ликови се оние на кои им треба помош и се пасивни. ”
Една од најважните области на видливост и недискриминаторен однос кон жените е употребата на родово сензитивен јазик во јавната сфера, особено во медиумите. На Западниот Балкан, поточно на територијата на таканаречениот БиХ/ЦГ/ХР/СРБ јазичен регион има поинаков однос на лингвистите/лингвистките/законодавците/образовниот систем и медиумите во однос на спроведување на родово чувствителен јазик. Во Хрватска, тоа отсекогаш било дел од вообичаената секојдневна јазична пракса, а родово сензитивниот јазик воопшто не е прашање кое се поставува во јазичната норма. Во Црна Гора, прашањето на родово сензитивен јазик е регулирано со Законот за родова рамноправност и непочитувањето на родово чувствителен јазик е признато како дискриминација и е казниво. Сепак, во црногорските медиуми, систематска употреба на родово чувствителен јазик сè уште не е присутна. Претседателката на Комисијата за родова еднаквост на Црна Гора Нада Дробњак, во интервју за portalanalitika.me (4.11.2018 г.), изјавила:
„Ако го познаваме нашиот јазик, на жените ќе им се обраќаме во женски род и за нив ќе се зборува во тој ист јазичен род. Меѓутоа сведоци сме дека практиката не е таква. Мора да ги срушиме стереотипите и начините на кои се користат овие термини. Засега нема официјална обврска да се користи родово чувствителен јазик, но дури ни институциите или пак медиумите не го користат доследно“,…, „зачестеноста на употребата на женскиот род се зголеми, но тоа не е доволно“.
Во Србија, не постои консензус за тоа дали јазикот треба или не треба да биде родово сензитивен, или граматичкиот пристап во кој машкиот род истовремено го претставува и женскиот род е норма што треба безрезервно да се почитува и да се користи. Медиумите се однесуваат поинаку, некои се доследни или во употребата (оние подемократските) или во игнорирањето на родово сензитивниот јазик (поконзервативните) или сè се препушта на личните преференции на самите новинари и новинарки. Во секој случај, да потсетиме дека полемиката за родово чувствителна јазична употреба на српскиот јазик ја отвори почесната професорка д-р Свенка Савиќ од Универзитетот во Нови Сад, уште во осумдесеттите години од дваесеттиот век и еве, и повеќе од триесет години подоцна, таа полемика не е завршена, ниту пак е постигнат професионален и научен консензус за ова прашање. За жал, мора да напоменеме дека тука повеќе станува збор за национално и политичко отколку за прашање на јазикот и родот.
Што е заедничкиот именител на сите истражувачки резултати во последната четвртина век, со мал процентуален напредок, но не доволен за да се смени сликата на родовиот дисбаланс во медиумите на Западниот Балкан? Во сите медиумски рубрики, темите често се гледаат од машки перспектива; мажите зборуваат во свое име и во името на жените; за успехот на мажите се известува со поголемо внимание; жената како предмет на информации најчесто ја квалификува нејзината репродуктивна улога или моментална позиција во јавната власт, која сама по себе е носител на вестите; мажите го користат успехот на жените за нивна сопствена промоција; жените и кога се политичарки неретко се прикажани на медиумските фотографии на сексистички начин, не само во таблоидите, туку и во угледните медиуми. Ве потсетуваме на примерот кога вршителката на должноста Претседател на Србија Наташа Мичиќ (од 29.12.2002), чии фотографии како излегува од службен автомобил во кратко здолниште (колената и нозете се во крупен план на фотографиите кои ги сликал фоторепортер Милош Цветковиќ) се објавени од страна на многу медиуми во Србија, вклучувајќи го угледните „НИН“ и „Политика“. Значи, во тој момент било поважно какви нозе има таа политичарка отколку нејзината политичка ориентација во кризниот период на тогашната нова влада која го собори Слободан Милошевиќ во 2000 година.
На крајот од овој основен преглед на темите, податоците од истражувањата, преовладувачките ставови и мислењата во однос на видливоста на жените во медиумите од Западен Балкан, знаејќи дека прегледот има работи што воопшто не се земени предвид и дека значајни прашања останаа надвор од текстот, односно темата „Жените и медиумите“ ни одблиску не е обработена, а камоли да е исцрпена, сепак на крајот еве неколку основни препораки за подобрување на уредувачката практика:
Важно е да се постигне консензус за потребата од поголема видливост на жените како предмет и извор на информации, директно цитирани лица во сите медиуми, како печатените и електронските медиуми, така и новите дигитални медиуми, особено за време на предизборни кампањи да се даде шанса кандидатките да зборуваат за своите ставови и политиките што ги застапуваат. Ако новинарите имаат на располагање два еднакво веродостојни извори на информации секогаш прво да ја одберат жената, и само ако тоа е невозможно да се обратат до машкиот извор. Во земјите каде што јазикот не е родово чувствителен, таков јазик треба систематски да се воведува. Да се прифатат сите препораки на меѓународниот проект GMMP според кои треба значително да се зголеми бројот на теми поврзани со родовата рамноправност и човековите права во сите медиуми, а особено на информативно-политичките, исто така, многу е важно во вестите значително да се зголеми бројот на субјекти жени, а новинарките повеќе да се занимаваат со известување и уредување, а помалку да работат само како презентерки. При објавување снимки и фотографии да се обрне соодветно внимание на негувањето на добар вкус, на што упатуваат и сите новинарски кодекси.
проф. д-р Дубравка Валиќ Недељковиќ
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава на македонски и албански јазик можете да ја прочитате ОВДЕ.